Fearless Meddler

Lex est quod populus jubet atque constituit

Monday, July 5, 2021

Една година (и нешто) подоцна ...

 

I'm worse at what I do best
And for this gift I feel blessed
Our little group has always been
And always will until the end
...

 

... With the lights out, it's less dangerous
Here we are now, entertain us
I feel stupid and contagious
Here we are now, entertain us
A mulatto, an albino, a mosquito, my libido
A denial, a denial, a denial, a denial, a denial
A denial, a denial, a denial, a denial
... 

Smells like a teen spirit - Nirvana

 



Последниот пост што беше напишан на овој блог беше објавен точно на 31.12.2019 година.

И не, SarsCOV-19 не е причина за тоа.

Всушност, токму SarsCOV-19 прерасна во симбол за истовремено и најнепосакуваниот пријател и очајно бараниот благослов да се пишува и твори, односно да се прави буквално сѐ во име на самиот себе без било каков контакт со досадната, напорна и одвратна заедница.

Меѓутоа, на толку слободни денови, толку време поминато во изолација и наметната фрустрација што да се прави со изгубеното/вишокот време, секако ќе се одвоеа барем неколку часа да се напише минимум еден текст. Оправдано, тоа воопшто не се случи, иако постоеа идеи што да се напише и во која насока да се поврзе последниот пост со примарната идеја на овој блог.

Парадоксално, добро е што тоа воопшто не се случи во тој период, и за тоа сум особено благодарен. 

Навистина е изненадувачки колку во такви моменти токму тој „благослов“ е мотиватор за сѐ друго освен за споделување на личните фрустрации со баналното во заедницата. Мотиватор да не се пребегне кон безполезната упорност до бескрај да се повторува мантрата на „(не)посебноста на посебниот Џедај“.

Какво интелектуално самоубиство е среде глобална трагедија сѐ уште да се дискутира за (не)посебноста на некој имагинарен објект што во определена точка во минатото, пред трагедијата наречена SarsCOV-19, имал и сѐ уште има резонантен губиток на либидото кај индивидуите.

Нема да биде воопшто погрешна паралелата со една неодамнешна случка, каде што извесен професор, а воедно и актуелен пратеник, при еден личен хроничен изблик на гадење кон „џандарството“, ја демонстрирал својата нереализирана сила за да покаже колку навистина бил (не)посебен во трлото на (не)посебните, а колку тие (не)посебни се одвратно досадни и упорни во спречување и реализација на (не)посебноста на дотичниов Профа. 

Божем токму ваквите интелектуални мантри како со магично стапче ќе ги решат нашите најтемни либидални конфликти, и одеднаш ќе се пробудиме во свет каде што желбите и молитвите ни се услишани. Се ќе биде променето, Лукас нема да се продаде на Дизни, а со тоа нашите очи нема предвреме да зафатат старечко перде од ужасиите што мегаломанската глувчешка корпорација така неправедно и безочно му ги приреди на кревкиот и невин свет. Нема дури ни џандарот дебитант со почетна плата од едвај 400 евра да биде толку настојчив да дуваме на Дрегер, иако тоа е редовна процедура при брзо возење.

Но ете, реалноста е проклета. Проклет да си и ти Дизни што ни ги зема парите, а и ти ЛукасАртс, и семето Лукасово што се продаде и предаде за четири сома! И ти Кејтлин, козо една низаедна!

Па така, ако некој бил, или во најмала рака се чувствувал, (не)посебен и пред трагедијата наречена SarsCOV-19, сигурно нема ни да се чувствува посебен ако биде заразен со овој смртоносен вирус, нели? Особено пак ако го прележи или пак се спаси од долгата рака на вирусот.

Смртта и животот се неизбежни факти – мантрањето околу (не)посебноста не е.  Матрањето е само една типична политичка механика, не гледајќи дека токму таквите (не)политички изблици и маалски левичарња на сила пред џандари се ебана политичка коректност.

Предизвика ли некаква промена состојбата на „отсуство“ од социјално-политичкиот живот во време SarsCOV-19 или во време на заминување на оваа трагедија? Колку и во која насока е променет тој социјално-политички живот?

Пред неколку недели дури и разбрав дека сето ова е некој вид на намерен социјално-политички експеримент и инженеринг за контрола на масите.

Ќе застанам овде со ова „контрола на масите“ оти освен празната пустина кај Ново Мексико – Розвел, не гледам никакви траги на инфекција од некаква вонземна зараза, а најмалку пак „договорена работа од елитите таму некаде“, небаре „the truth is out there.. somewhere.. but we don’t know it ... yet...“фазон.

Дали ние овде во денешна Република Северна Македонија знаејќи ја целата потешкотија и товар што беа накалемени при промоција и спроведување на т.н. проект Скопје 2014 во еден момент и го нарековме истиот тој проект налудничав социјален експеримент? Колку навистина го прифативме тој проект како социјален експеримент и дали воопшто го сметавме за социјален експеримент?

Тука треба да бидеме свесни дека постоеше, и се уште постои, група на луѓе кои што гледаат исклучиво позитивно на тој проект и покрај неговите очигледни намери и негативни економски, социјални и политички ефекти. 

Што нам ни чини да определени дејствија ги квалификуваме како „социјален експеримент“, како некаква (не)посебност? Што нам не чини (не)посебни во таквите дејствија на (за нас или за друг) туѓа (не)посебност? 

Затоа сметам дека треба да се обрне некое пошироко внимание е да се даде едно заокружување на расправата која што на овој блог е започната во далечната 2012 година.

Таа расправа започна скромно и беше директно инспирирана и предизвикана токму од една (не)посебност на еден веќе подзаборавен проект „Скопје 2014“ кој ги обликуваше нашите животи на еден, до ден денес, незамислив начин.  Низ сите овие години на пишување, и поврзување на тој проект со најразлични теми, како од тогашното секојдневие, така и од поп културата (претежно Star Wars), се чини дека терминот „проект“ и го оправда неговото дејствие.

Затоа и кога се говори за налудничавата идеја за „социо-политички инженеринг“ во неговата пејоративна смисла, односно во смисла на една бурлеска наречена „светски заговор“, можеби и најсоодветно е да се запрашаме која е нашата моментална улога во секојдневните општествени процеси. Каква е дијалектиката во тие процеси низ призма на време.

Таму и лежи одговорот на прашањето за нашата улога во „Скопје 2014“, како што лежи и одговорот на прашањето за нашата улога и однос во трагедијата наречена SarsCOV-19 која, за жал, сѐ уште трае.   

Одговорот на овие дилеми веќе го знам, па оттаму и не сум во целост убеден дека станува збор за некаков сеопшт заговор, особено не во време на масовно информирање. Во ситуација кога определена информација може и мора најпрво да се прочита па дури потоа да се квалификува како (дез)информација, тасовите на вагата на читателот и примателот на информацијата се секогаш и секогаш ќе бидат на негова страна. 

Се надевам овој пат дека нема да бидат така долги текстовите кои би следеле, но исто така и се надевам дека за краток период би дал едно заокружување на овој домашен проблем наречен „Скопје 2014“.

Сепак, за текстовите од ваков формат неопходно е време и обемна литература да се состават, затоа и се толку долги, но и малку на број во текот на една година. Тие започнаа во ваков формат во ноември 2012, а до година би доживеале десет годишен јубулеј. 


I laughed and shook hand
And made my way back home
I searched for form and land
For years and years I roamed
I gazed a gazeless stare
We walked a million hills
I must have died alone
A long, long time ago

Who knows?
Not me
I never lost control
You're face to face
With the man who sold the world

David Bowie