Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, December 25, 2012

Неугодното во бедата на Македонската интелегенција – Беличанец, Миленко и Амди /Прв дел/

Хауард Бил, лудиот пророк на „етерот“, главниот протагонист од филмот Network – Мрежа, на Сидни Ламе, во еден свој настап ќе каже:
Добра вечер. Денес е среда. 24 септември и ова е моето последно емитување. Вчера јас објавив дека на овој програм, на оваа емисија, ќе извршам јавно самоубиство; несомнено акт на лудило. Е, поради тоа, ќе ви кажам што навистина се случи: „Едноставно останав без срања.“ Срањето е збир од сите причини кои ги даваме на животот. А кога нема да можеме да смислиме други причини, секогаш го имаме Божјото срање.
На 27.11.2012 година на ТВ Алфа, на емисијата Пресинг, како гости учествуваа „почитуваните“ Роберто Беличанец и Миленко Неделковски, кои во својство на „новинари“ и интелектуалци дебатираа за уставното загарантирано право на слободен говор, јавно искажување на мислење, изразување, совеста и јавното изразување на мислата. Во емисијата беа изнесени голем број на лични ставови, со особена жестина од обете страни, па така од една страна, додека г.Миленко Неделковски аргументирано ги бранеше и величеше сопствените изјави на слобода на говор, г.Роберто Беличанец, аргументирано и морално, еклетично и се смееше на комплетниот настап.
Увертира на целата емисија беше што произлезе дека главниот заклучок од целата дебата се состои, не во взаемно упатените навреди, односно во простачките зборови и еклектичното смеење, туку во фактот дека, ограничувањето на одредени примарни чувства, ја ограничува и слободата на правото за искажување на истите, а кој дискурс ја посочува правната и моралната празнина во секојдневието.  Последица на овој настан, несвесно и несомнено е појавата на пратеникот Амди Бајрам каде пред насобраните толпи на 24.12.2012 година, пред македонското Собрание, истовремено гестикулираше агресија, навреда и омраза, додека пред другата задоволство.
Роберто Беличанец


Миленко Неделковски


Да почнеме од почеток.
Во Кривичниот законик на Народна Република Македонија од 1956 година, во пречистениот текст од 1959 година, во главата XV во Кривичните дела против честа и угледот, во чл.170, за кривично дело Навреда стои дека:
Тој што ќе навреди другего, ќе се казни со парична казна или со затвор до 3 месеци.
Ако делото од ст.1 на овој член е сторено преку печат, радио и телевизија или со слични средства, или на јавен собир, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор од 6 месеци.
Во чл.174 за кривичното дело, Повреда на угледот на државата и нејзините органи и претставници, пак, стои дека:
Тој што ќе ја изложи на потсмев Федеративна Народна Република Југославија, народната република, нивното знаме или грб, нивните највисоки органи на власта или претставници на највисоките органи на власта, Оружените сили или Врховниот командант, ќе се казни со затвор најмалку три месеци.
Во Кривичниот законик на Република Македонија од 1996 година, пред донесените измени и дополнувања од 13.11.2012 година, во чл.137, во кривичното дело – Повреда на рамноправноста на граѓаните стои:
„ (1) Тој што врз основа на разлика на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, јазикот или друго лично својство или околност, ќе му одземе или ограничи права на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, закон или со ратификуван меѓународен договор или кој врз основа на овие разлики им дава на граѓаните повластици спротивни на Уставот, закон или ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(2) Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
(3) Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.
Во чл.172, за кривичното дело – Клевета, стои:
„ (1) Тој што за друг изнесува или пронесува нешто невистинито што е штетно за неговата чест и углед, ќе се казни со парична казна.
(2) Ако она што невистинито се изнесува или се пронесува е од такво значење што довело до тешки последици по животот и здравјето на оштетениот или нему блиско лице, сторителот ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
(3) Нема да се казни за клевета обвинетиот ако ја докаже  вистинитоста на своето тврдење или ако докаже дека имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или пронесувал.
(4) Тој што за друг лажно изнесува или пронесува дека сторил кривично дело за кое се гони по службена должност ќе се казни за клевета иако имал основана причина да поверува во вистинитоста на она што го изнесувал или го пронесувал, доколку изнесувањето или пронесувањето не е сторено под условите од член 176 став 2. Вистинитоста на фактот дека некој сторил кривично дело за кое се гони по службена должност може да се докажува само со правосилна пресуда, а со други доказни средства само ако гонењето или судењето не е можно или не е дозволено.
Кривичното дело – Навреда, по чл.173, предвидува дека:
(1) Тој што ќе навреди друг, ќе се казни со парична казна.
(2) Тој што друг јавно ќе изложи на подбив по пат на компјутерски систем поради неговата припадност на група која се разликува според расата, бојата на кожата, национална припадност или етничко потекло, или ќе ја изложи на подбив групата на лица која се одликува со некоја од тие особености, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Повреда на угледот на Република Македонија, според чл.178 од Кривичниот законик на РМ, предвидува дека:
Тој што со намера за исмејување јавно ќе ја изложи на подбив Република Македонија, нејзиното знаме, грб или химна, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Кривичното дело – Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците по член 179 од Кривичниот Законик на РМ, вели дека:
Тој што со намера за исмејување јавно ќе ги изложи на подбив македонскиот народ и припадниците на заедниците кои живеат во Република Македонија,ќе се казни со затвор од три месеци до три години.
Собранието на Р.Македонија со изгласаните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 1996 година, на 13.11.2012 година, а по долготрајна јавна дебата, кривичните дела „клевета“ и „навреда“ ги декриминализираше (Сл.весник на Р.Македонија, бр.142 од 13.11.2012 година). Во чл.1 од Измените и дополнувањата беа избришани т.е. декриминализирани и следните преостанати кривични дела: „ членот 173, насловот на членот 174 „Изнесување лични и семејни прилики“ и членот 174, насловот на членот 175 „Омаловажување со префрлање за кривично дело“ и членот 175, насловот на членот 176 „Неказнување за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 176, насловот на членот 177 „Изрекување судска опомена или ослободување од казна за кривичните дела од членовите 172 до 175“ и членот 177, насловот на членот 180 „Повреда на угледот на судот“ и членот 180, насловот на членот 183 „Гонење за кривични дела против угледот на странска држава и меѓународна организација“ и членот 183, насловот на членот 184 „Гонење за кривичните дела против честа и угледот“ и членот 184 и насловот на членот 185 „Објавување на судска пресуда“ и членот 185 се бришат.
Беше додаден и нов член во Кривичниот законик, чл.182-а, кој гласи: „За кривичните дела од членовите 178, 179, 181 и 182 исклучена е одговорноста за новинар во вршење на новинарска професија, како и за други лица доколку изнесеното понижувачко мислење е дадено во одбрана на слободата за јавно изразување на мислата или на други права или при заштита на јавен интерес или други оправдани интереси, или со искрена намера или увереност во добронамерноста на неговото мислење.
Овие измени, од 13.11.2012 година, со денот на влегувањето во сила на овој закон се запираат од извршување правосилно изречените казни или надоместоци на штетата за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик, додека пак, кривичните или граѓанските постапки за сторени кривични дела од Главата осумнаесетта „Кривични дела против честа и угледот“ од Кривичниот законик кои се започнати пред влегувањето во сила на овој закон и не се правосилно завршени се запираат, а тужителот во рок од еден месец од приемот на решението за запирање на постапката може да поведе постапка за утврдување на одговорност за навреда или клевета и надоместување на штета согласно со закон.
Она што е интересно е дека, овие законски измени допуштаат да, за навреда или клевета сторена пред влегувањето во сила на овој закон, постапката против извршителот на делото може да се поведе со поднесување на тужба за утврдување на одговорноста и надоместување на штетата од оштетениот во рок од три месеци од денот кога дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот на сторувањето на навредата или клеветата, согласно со закон.
Човековите слободи и права, особено овие за кои напоменавме, слободата на говорот, мислата, совеста уверувањето и јавното изразување на мислата, како дел од политичките слободи и права, не би биле во функција без нивна примарна заштита. Со оглед да јуснатурализмот и јуспозитивизмот имаат непосредно влијание врз концепциското и содржинското определување на слободите и правата на човекот, овие две клучни теории се судруваат во денешницата, и ја предопределуваат правдата како основна суштина на природното право и клучна претпоставка за стабилноста на позитивното право. Но, Уставот, во суштина, не е само строг позитивистичко-јуриспрудентски акт, тој е сложен правно-политички акт. Тој е истовремено и основен закон, и највисок општ правен акт, идеолошко-политички акт, и програмско-деклараторен акт. Впрочем, Уставот не може да наложи некому како и дали да ги почитува човековите слободи и права, тој само ги декларира и објавува дека како такви постојат. Затоа, тука е Кривичниот законик, кој ја обезбедува и дефинира заштитата на човековите слободи и права.
Еве што вели Уставот на Р.Македонија во поглед на споменатите политичките слободи и права:
Чл.16 ст.1 и 2
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање
и слободното основање на институции за јавно информирање. 
Овде, многу јасно уставотворецот ја одредил суштината на овој член, односно на ст.1 и 2. Имено, слободата на мислата, односно слободата на говорот, подразбира да граѓанинот има право слободно јавно да зборува или да ги искажува своите мисли на јавни собири. Слободата на мислата, овде не е сама по себе апстрактно-евидентна дека „човекот има право да мисли“, туку она што го мисли, да може слободно јавно да го изнесе. Така, оваа слобода ја сочинуваат два елемента: слободата на говорот, во најширока смисла на зборот и слободата на користење на говорот во јавниот живот. Според тоа,  граѓаните правно регулирано вршат отворена размена на идеи и мислења, го критикуваат однесувањето на органите на државната власт и полесно се справуваат со јавно изречените невистини и дезинформации. Ваквата отворена расправа во суштина претставува ефикасен метод за доаѓање до вистината, отколку пак преку репресивната активност на државните органи. Со тоа, овие права, уставотворецот тенденциозно наметнува дека истите не претставуваат само бланкетно запишан текст, туку и ја изразува идеолошката надградба да истите понекогаш, мора да се бранат, истите во името на демократијата, од правата на единките и групите што се залагаат за попречување на говорот.
Во смисла на погорекажаното, Џон Стјуард Мил, во своето дело „За слободата“ (Загреб 1918 стр.20), ќе каже: „Кога сите луѓе би имале исто мислење, а само еден човек би мислел поинаку, човештвото не би имало посилно право да го замолчи таквиот човек, од правото на тој човек да го замолче човештвото кога би имал власт.“
Човековите слободи и права се продукт и на желбата на човекот за дистинкција на општото од индивидуалното (јавното од приватното). Еве што вели Сигмунд Фројд во Неугодното во културата: „Индивидуалната слобода не е производ на културата. Најголема била пред појавата на културата, иако тогаш немала никаква вредност, зошто поединецот тогаш одвај бил во состојба да ја брани. Со развојот на културата, таа доживува ограничувања, а правдата бара никој да не биде поштеден од ограничувањата.
Но, овде постои еден проблем, кој видно од горната ситуација меѓу двајцата интелектуалци, ни ја усложнува целата оваа полемика.
Имено, да земеме го земеме в предвид фактот дека многу Устави ширум светот, во минатото, но и денес, децидно ги предвидуваат овие, погоре наведени човекови права, но и дека истите тие човекови права флагрантно се прекршени. На пример, Уставот на СССР од 1936 година, уште попознат и како „Сталинов Устав“, во чл.125 ст.1 т.1-4 ги предвидува истите тие права, но со оглед да неговата „фиктивна природа“ испливала на површина, историски е познато колку граѓани на тогашниот Советски Сојуз биле посетители на сибирските гулази, само поради децидно и јасно изнесените слободи и права предвидени со наведениот член.
Првиот амандман (Article One) од Уставот на САД од 1789 година вели: „Congress shall make no law respecting and establishment of religions or prohibiting the free exercise of thereof; or abriding the freedom of speech, or of the press: or the right of the people peaceably to assemble, and to petition the Government for a redress of grievances. “ Во овој пример не смееме да заборавиме на Џозеф Макарти, анти-херојот на 50-тите години од минатиот век.
Оттука, зарем нели е наметлива онаа релација, како што вели нашиот Миленко: „Највлијателните американски ток шоуа, Глен Бек, Бил О`Рајли, кого сакате, се полни со цврсти изрази. Кај нив е многу по изразено тоа, затоа што таму има црнци и белци; кај нас сите сме бели овде. Кај нив има, изразен протестантизам, изразени католици, изразени, овие, кои ја бранат црната кауза…Емисиите им се јаки, супер гледани, почитувани, и не видов ни една држава, ниту претседател на држава нешто да им замериле.“; алудирајќи подоцна на фактот дека токму таквата ширина на зборови, каква што тој ја употребува е здрава за развој на демократијата, а како што понатаму вели, народот се поистоветува со таквиот речник, со оглед да тој употребува изрази и зборови што народот секојдневно ги користи и употребува.
И токму овде лежи целиот проблем во нашава ситуација.
Многу е лесно да се каже дека „демократијата не постои“ т.е. Уставно загарантираните човекови слободи и права не се почитуваат, па со тоа Уставот преку нив е сведен на чиста правна фикција, дотолку повеќе што е исто така лесно да се каже дека има одредени правила кои што ги штитат, заштитуваат и наложуваат како слободите и правата да се практикуваат, т.е. макар и дрското вербално искажување на „искрените чувства на омраза“ подразбираат слобода на говор по секоја цена, во име на демократијата.
Овде, секако не станува збор за фиктивност на Уставот. Фиктивноста се појавува оној момент кога е прегазена политичко-идеолошката карактеристика на Уставот. Во нашиов случај фиктивноста е надмината. Проблемот, за кој што зборуваме овде се состои токму во фактот дека постои еден празен простор меѓу она што знаеме како треба да биде, како навистина е и како го перцепираме она што се случува. Ние ги знаеме кои се нашите човекови права, знаеме дека се кршат, но ја перцепираме таа ситуација со морално-идеолошка надградба „така треба да биде“ т.е. „така не треба да биде“. Празнината (нормативно-правна и морална) е помеѓу она што се бара од нас, а е запишано како правно-политичка норма (Суперегото – апаратот на државната принуда и општоприфатениот морал) и личната морална перцепцја за недостатокот.
Како резултат на оваа празнина нашата реакција кон истата е сведена на импулсивна (неусловена) моторичка реакција. Можеби најинтересен пример за тоа е судењето на Чико Маркс (Чичолини) во филмот „Duck Soup“ од 1933 година, каде:
„Обвинителот:„Чичолини, Вие сте обвинети за веле-предавство, и сте огласен за виновен, ќе бидете стрелани.“
Чико Маркс:„Приговарам.“
Обвинителот:„Приговарате!? Врз основ на што?“
Чико Маркс:„Не можев да смислам било што друго да кажам.“
Руфус Т.Фајерфлај:„Приговорот се прифаќа!“
Обвинителот:„Ваша Висост, го прифаќате приговорот?“
Руфус Т.Фајерфлај:„Секако, ни јас не можев да се сетам на било што друго да кажам. Зошто ти не приговараш?“
На говорот на Чико во судницата, обвинителот, Руфус Т.Фајерфлај (Граучо Маркс)подоцна одговара:„Господо, Чичолини овде можеби зборува како идиот, и личи на идиот, но не дозволувајте тоа да Ве измами: тој навистина е идиот!
Ова за момент не враќа на почетокот, на Хауард Бил, лудиот пророк на медиумите, каде немањето причина за приговарање е чиста истрошеност од срања. Во нашиот случај срањата се правните норми за заштита на човековите слободи и права. Да немаме никакво сомневање, овде веќе не постои никаков страв дали слободите и правата ќе бидат прекршени, односно каква би била реакцијата при нивното прекршување, овде веќе се наметнува тензија поради недостатокот од перцепција кон целиот овој дискурс меѓу „пишаните норми“ и што значи таквото прекршување.
Правната норма, т.е. пишаната и предвидена Уставна слобода и право не е само пишан збор, туку тој е и пред мислата и потребата за тој пишан збор преточен во правило, во заповед. На некој начин тој е и забраната што го предодредува табуто. Сигмунд Фројд на тоа ќе напомене дека секоја забрана содржана во навиките и обичаите, или во децидно формулираните закони (правата и нормите), со која што се забранува допирање на некој предмет, негово користење или изговарање на извесни зборови, тогаш не постои народ или степен на култура кои што избегнале оштетување предизвикано од табуто.
Фројд во Тотем и Табу ќе забележи:
Разбирањето на табуто, фрла светлина и врз карактерот и врз потеклото на совеста … Совеста е внатрешна перцепција за одбивање на определени, сакани поттици кои што постојат во нас; акцентот е, меѓутоа, врз тоа дека ова одбивање не мора да се повикува на нешто друго, бидејќи е сигурно самото во себе… Табуто е заповед на совеста..
Значи, веројатно и совеста настанува врз почвата на емотивната амбиваленција, од сосема определени човечки односи, за кои што е врзана амбиваленцијата, а меѓу нив за табуто и за присилната нервоза, од карактеристични услови каде што еден член на спротивноста е несвесен и е потиснат со друг, кој што е присилно доминантен.
Така, лесно е да фрлиме светлина дека двајца „новинари интелектуалци“ се простаци и примитивци, односно истите да накалемат за себе товар на поистоветување на себството со вербалното маниефстирање на масата. Со оглед да за примитивниот човек желбите и импулсите имаат потполна вредност на факти, тогаш нам ни преостанува да ги следиме таквите сфаќања со многу разбирање, наместо да ги користиме според нашите мерила.  Денешните присилни примитивци, невротично, не се бранат само од искушенијата на психичката (нормативната) реалност, па следствено на тоа, под притисок на казнуваат и судат според доживеаните импулси. Она што е навистина факт е дека примитивните луѓе навистина го правеле она, кое што според сите уверувања имале намера да го направат.
Се чини дека денешното приговарање кон суперморалот, е еквивалент на приговарањето на Чико Маркс во судницата – немање да се каже на попаметна работа; во пежоративна смисла – недостаток од срања.
Токму недостатокот на тие „срања“ допринесува за она неугодно чувство да веруваме дека понекогаш и не е само општеството она кое што врши притисок, туку дека има нешто посуштинско во самата функција што ни го оневозможува целосното задоволување (слободното искажување на чувства) и не упатува во други правци. Така, стремежот кон слободата, воопшто, е насочен против одредени форми и барања на културата, па оттука тој секогаш и ќе ги брани своите барања за индивидуална слобода против волјата на масата. Единствената разлика денес, кај нас, е во тоа што индивидуалнат аволја е сведена на колективна волја, онаа на масата, па поистоветувањето е сосема природно. Говорниот речник да се каже, на пример „Шиптар“, „Комуњар“, „ВМРО-вец“ или „Македонски предавник“ е не само вулгаризација на слободата на правото на говор, тоа е слободата на правото на говор, но не онаа лична, со оглед да кај нас дистинкцијата меѓу индивидуалното и колективното е веќе нарушена (правно и суштински). Тие сами по себе не значат ништо. Примитивецот веќе не е оној индивидуалецот, кој не е во состојба да го брани она што за него сеуште нема вредност (правото), примитивецот е масата, кој сведен на импулсивна реакција на „приговор“ (Чико Маркс) не знае што треба и дали треба да брани или евентуално да бара одредена поставена вредност. Овде, „нагонот за омраза“ т.е. јавното искажување на омразата не е причинител на ограничување на тој нагон, туку неспособноста и неможноста да се препознае дискурсот на меѓусебна идентификација на општествените учесници внатре меѓу нив, и со наметнатите правила, однадвор.
Токму оваа неспособност, т.е. ограничување, веќе ни создало „психолошка беда на масата“, со оглед да вистинските интелектуални индивидуалитети немаат никакво значење пред насобраните маси.
Се чини дека ваквата „беда“ веќе подолго време (од нашето осамостојување како самостојна и суверена држава, до денес), како што би рекол Маркс во „Беда на Философијата“ (Response a la philosophie de la misere de M.Proudhon/ „Едно научно откритие“-Спротивноста меѓу употребната и разменската вредност“) „амбивалентно си поигрува со апстрактни поими кои пред нашите очи создаваат една синтетична, или конструирана вредност“.
Во своето писмо до весникот „Социјалдемократ“ од 24.01.1865 година, искажувајќи го својот став за францускиот економист Пјер Жозеф Прудон, Карл Маркс, нотира: „По својата природа г.Прудон наклонуваше кон дијалектиката. Но бидејќи никогаш не ја сфати вистинската научна дијалектика, тој дотера само до софистиката. Всушност тоа е во хармонија со неговото ситнобуржоаско становиште. Ситниот буржуј, како и нашиот историчар Раумер, секогаш вели, од една страна, и од друга страна.Таков е тој во своите економски интереси, па таков е и во својата политика, во своите религиозни, стопански и уметнички сфаќања. Таков е и во моралот, таков е и во целото свое битие. Тој е жива противречност. Ако е, како Прудон, уште и духовит човек, набрзо ќе научи да си игра со своите сопсрвени противречности и според околностите, да ги изработи во допадливи, вревливи, понекогаш скандалозни, понекогаш блескави парадокси. Научното шарлатанство и политичкото акомодирање се нераздели од таквото становиште. И од се останува уште само една побуда: суетата на субјектот, а тогаш, како и кај сите суетни луѓе, во прашање е само миментот на успех и дневната сензација..
Таква, ситнобуржоаска, беше и дебатата меѓу интелектуалците Беличанец и Миленко, а таква беше реакционерната гестикуларно-вербална манифестација на пратеникот Амди Бајрам кон насобранитегрупи пред Собранието на Р.Македонија на 24.12.2012 година.
Амди Бајрам - 24.12.2012

Се чини дека македонската интелегенција е онаква каква што е народот и обратно. 
Македонска урбана сила

Sunday, December 9, 2012

„Red Lights“ – 2012 или, Скопје 2014 и национализмот vis a vis реалното со илузијата (втор дел)

Hysteria

Трајановиот столб - детаљ при покорувањето на Дакија

Како знаеме кој е лажливецот – манипулаторот, односно што е реално, а што илузија во секојдневието, гледано од призма на филмот „Red Lights“?
Во светло на горното прашње, а со цел да се разгледаат и разјаснат Црвените светла од секојдневниот живот, ќе се послужиме со следниот пример.
Минатата година во продажба излезе книгата „Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“ од имагинарниот „голем Магистер Филон“, каде неговата потрага ги „разоткрива“ окултното и митолошкото во идолатријата на проектот, позади кој стојат тајните друштва уште од времето на Александар Велики. Во контекст на ова, Анастас Вангели во својата „Античка Сегашност“, ќе запише дека: „За митот да функционира и да биде прифатен од одредена јавност, освен митотвори, тој треба да има и свои застапници и адвокати, особено во повисоките рангови на политичката и академска елита. Оваа категорија на луѓе го поддржува митот не само преку промовирање на неговата содржина, туку и преку потенцирање на потребата од неговото постоење – отприлика, нивниот дискурс „нам ни треба овој мит“. При тоа, една запоставена компонента на јавната дебата е академската неутралност и особено потрагата по факти (заб. Видно од филмот „Red Lights“ таков лик е Др.Шакелтон), па во одредена мера, колку и да звучи излитено – историската вистина.“
Жижек, во својата „Како да го читате Лакан“, на тоа ќе даде интересен заклучок: „ Има некоја вистина во играта на зборови помеѓу „хистерија“ и „(х)историја“: симболичкиот идентитет на субјектот секогаш е историски детерминиран и зависи од конкретниот идеолошки контекст. Овде станува збор за она што Луј Алтисер го нарече „идеолошка интерпелација“: симболичкиот идентитет што ни е доделен е резултат на начините на коишто владеачката идеологија нè „интерпелира“ – како граѓани, демократи, христијани. Хистеријата се јавува кога субјектот ќе почне да го испитува својот симболички идентитет или кога ќе почне во однос на него да се чувствува неугодно: „Велиш дека ме сакаш – што е тоа во мене што ме прави таква? Што тоа гледаш во мене што те тера така да ме посакуваш?“
Овде, евидентноста  на реалното/вистината не е во потрагата т.е. лоцирањето на митот/манипулацијата заради самиот мит (дека нешто невидливо го движи – паранормално), туку дека самата евидентност е постаната празна и манипулативна доколку не постои сомнежи заради нејзино разоткривање. Оттука и Жижековото трагање по вистинитоста меѓу зборовите „хистерија“ и „(х)историја“. И обата ја имаат својата релевантност со оглед да хистеријата како симптом има своја патолошка историја, а историјата е патолошки хистерична.
Со други зборови, не е доволно да видам дека јаболкото паднало од гранката на земја, треба да знам „зошто“!
Се чини дека пред шлаканицата на реалноста секогаш закаснуваме, па така наместо една, истовремено добиваме повеќе. За тоа мошне илустративен пример претставува „прокетот Скопје 2014“.
На почетокот и речиси никој да не расправаше за тоа дали и зошто воопшто ќе се гради таков грандиозен проект, за подоцна да излезат група на студенти од архитектонскиот факултет, кои се побунија против градењето на црква на градскот плоштад (првенствено тие не знаеја за целокупноста на проектот). Интересно е да се каже дека за сметка на самиот проект, студентите мораа да го „окркаат“ подебелиот стап (покрај тоа што беа истепани на плоштад), заработија прекршочни пријави, а подоцна и беа окарактеризирани од пошироката верска и останата заедница како политички обоени и верско неподобни. За целата збрка да биде уште поголема, на плоштадот до денес не никна црква (сеуште се прибираат парични средства – Премиерот на РМ, заедно со поглаварато на МПЦ, со здружени сили се обидуваат да соберат доволен фонд на парични средства, најчесто преку донации, за да се изгради објектот), но затоа никна се друго освен најавуваниот верски објект. Иронијата е дотолку поголема што самите критики „против“ проектот не само што спласнаа, туку денес веќе речиси ги нема, па секоја критика е излишна и контра-продуктивна. Се чини дека единствена критика е намерата за истите градниозни градби се срушат т.е. релоцираат.
Овој пример, кај нас, претставува врв на интелектуалниот дискурс што се случува веќе подолго време. Овој дискурс е огледало на тоа каква е нашата перцепција на реалноста и нејзината трансформација и разбирање.
Гледајќи го овој проблем, постојат три точки околу кои треба да се обрне подетално внимание. Тие се реакцијата, манипулацијата и акцијата. Овој триаголник е од непсихолошка природа. Како и во „Red Lights“, неговата основна цел е да ги осветли односите меѓу двигателите во него.
Имено, преземањето акција во никој случај не е само обичен свесен – несвесен акт, тоа е и волево настапување кон одредена цел.
Во светло на оваа теза, Стивен Пинкер (The stuff of thaught – Language as a window into human nature), ќе запише дека при искажаните зборови и мисли, метафоризирани, се толку широко распространети во еден јазик, така што е навистина тешко да се позиционира изразувањето на апстрактните идеи метафорично. Дотолку повеќе, што, како што вели Пинкер, токму таквата метафора, т.е. можноста да се доведе  во прашање судбината на институцијата претседател на САД (како што вели тој:„Лажењето е прекршок на ниво на импичмент за еден претседател, особено кога станува збор за casus belli, односно оправдување на ужасна војна“.) само поради одреден искажан/напишан глагол.
Да земеме за пример, ситуација помеѓу импликативен возач на автомобил и сообраќаец. Возачот знае дека сообраќаецот ќе ја примети импликацијата/подметнувањето, и ќе го препознае намерното планирано подметнување, и тој истовремено знае дека сообраќаецот знае дека сообраќаецот нема да прими мито, само заради фактот дека двосмисленоста на зборовите не би имале шанса за докажување на вината кај возачот дури и при разумен сомнеж.
Во нашава ситуација, се чини, дека при ваква импликативна подмитливост, сообраќаецот во недоглед би ја барал возачката дозвола од возачот се до моментот на лоша проценка (од обете страни). „Red Lights“, како што рековме претходно, мошне илустративно го објаснува овој однос преку врската Др.Матесон и Сајмон Силвер, каде што вториот очигледно успева да предизвика разумен сомнеж.
Оттука, ако се земе односот од нашето секојдневие, поконкретно „Проектот Скопје 2014“, се чини дека акцијата на преземање на проектот во себе ја носи смислата за возможност од манипулација. Со други зборови, Нарачателот знаел дека одредена група на граѓани (да ги наречеме манипуланти) знаат дека нарачателот знае за можната манипулација. Но како што велат, alea iachta est, па Нарачателот со своите дела свесно ја поттикнал истата, као што Др.Матесон свесно го поттикнала Силвер „да го види“ наводниот дух на нејзиниот син како стои на нејзиното раме. Разумниот сомнеж овде не е сосоти во фактот дали одлуката за „Скопје 2014“ е правилна, туку во добивањето кредибилитет на манипулацијата како дел од реално направениот избор.
Како што би рекол Чико Маркс во филмот „Duck Soup“ од 1933, кога ќе се најде во небрано пред аргументите на девојката: „Ќе им веруваш на твоите очи или на моите зборови?“
Но, најмногу во заблуда се оние кои не допуштаат да бидат измамени од симболичката фикција, оние кои продолжуваат да им веруваат на сопствените очи. Она што циникот кој им верува исклучиво на своите очи не го забележува е дејството на симболичката фикција, начинот на кој таа фикција ја структурира нашата стварност. Сајмон Силвер пред толпата следбеници се прикажува дека е слеп, иако никој навистина не знае, се до крајот на филмот, дека тој во суштина може да гледа. Вистинските слепци не се следбениците на Силвер, затоа што тие не знаат дека тој е слеп, туку во онаа група на научници предводени од Др.Шакелтон, кои продолжуваат да им веруваат на сопствените очи, т.е. во измамамата што им е понудена.
Несомнено, во целава ситуацијата, Реакционерството е она што штрчи во овој триаголник. Би било погрешно да се каже дека Реакцијата е осакатена, со оглед на фактот што таа сеуште не го направила својот чекор кон Манипулацијата, па потоа кон Нарачателот. Како за споредба, Том Бакли е движечката сила во „Red Lights“. На прекорот од Др.Матесон да не се конфронтира со Силвер, со оглед да Силер е опасен, Том истовремено го сфаќа значењето на прекорот, но и на волјата за конфронтација. Причината за тоа е откриена, повторно, на крајот од филмот, Том знае дека позади Силвер не постои ништо реално освен илузијата што ја претставува за реална, па така неговата самопотврда на дговорот на прашањето „Зошто да се идентификувам со она што го бараш од мене?“, следи одговор, „Мене не ми треба твојата претстава за реалност, ја знам вистинската реалност!“ Во филмот „Red Lights“ Том доста пластично го објаснува тој однос преку реторичкото прашање „Зошто се одрекувате/негирате од себе си?“
Во својата „Како да го читате Лакан“, Жижек ќе запише: „Кога креирам лажна слика на себе која ме олицетворува во некоја виртуелна заедница во која учествувам (на пример, при сексуалните игри, срамежливиот маж често избира неговиот лик во виртуелниот свет да биде привлечна промискуитетна жена), емоциите што ги чувствувам и симулирам како дел од својот компјутеризиран лик не се просто лажни: иако моето вистинско себство (она што сметам дека тоа е) не ги чувствува, тие сепак во некоја смисла се вистински.“
Оттука, масата што би требало да го означи поимот „Реакција“ е заглавена во сопствената реалности при прифаќање на Манипулацијата како вистинска. Реакцијата не е оформена, бидејќи масата лута помеѓу тезите „нам ни треба ова“ и сомничавото несигурно „не знам, можеби, но што можам јас со тоа“, за на крај се парцијализира или во група која е закрчена во статус-кво ситуација, или во група на потполно прифаќање на Манипулацијата.
Во истата книга, Жижек додава: „Парадоксално е што токму фактот дека сум свесен дека, во кибернетичкиот простор, се движам во рамките на фикцијата ми овозможува да го изразам своето вистинско себство – тоа е она што Лакан, меѓу другото, го подразбира кога тврди дека „вистината има структура на фикција“. Тој фикционален статус на вистината воедно ни допушта накусо да опишеме што е она лажното во телевизиските reality програми: животот кој таму го затекнуваме вистински е како и декофеинизираното кафе. Накусо, иако тие програми се „навистински“, луѓето и понатаму во нив глумат – тие едноставно се глумат самите себе.“
Со други зборови, вистинскиот Реакционер (Револуционер) ги прифаќа за свои спротивностите на љубовта и омразата, како либидна сублимација меѓу нагонот за создавање и уништување. Чувството на очај предизвикано од скратеното, или поточно речено одземеното, право да се манифестира таквиот нагон на либидото, се чини дека сеуште не го достигнало сопственото дно кај нашите Реакционери.
Тие, во овој случај, се како жената во примерот со Чико Маркс – збунети пред фактот, дали да им веруваат на сопствените очи или на зборовите од Нарачателот/Манипулантот дека очите лажат!
Вистински Реакционери сеуште нема, оти денес веќе секој верува на сопствените очи. Потребно е малку црвена светлина од Аловиот Бајрак, и целата ситуација ќе се помати.
Француската револуција - детаљ


Bane