Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, April 15, 2016

Кон освојување на Аномијата

Изминативе неколку дена сведоци сме на уште еден непредвидлив врв во политичко/правната агонија во Република Македонија. Се чини дека ова нема крај. Од ден на ден неизвесноста во оваа година и половина расте како загадена меурична циста, на која не е возможно да се предвиди нејзиното пукање. Она што е најинтересно, дури и самиот исход е толку недофатлив што во микросекундите од нашето секојдневно живеење е невозможно да замисли било каква иднина, освен ова континуирано општествено малтретирање.

Како нов врв кој произлезе од ова малтретирање е т.н. „аболиција“ т.е. помилување што Претседателот на Република Македонија го приреди на ова Општество. Групно, незаконско, неуставно, а над се, ништовно помилување на криминална банда, а во името на Нашата и Вашата безбедност и помирување.

Се правдаше „Самостојниот Фикус“ дека самостојно и одлучно ја донел таа срамна правничка одлука. Но, како што веќе знаете, таа одлука е најмалку правно издржана и најмалку праведна. Таа не е ни политичка, затоа што политички подразбира употреба на моќта дадена со Законот и Уставот. Ова е злоупотреба на моќта! Злоупотреба заради наметнат, измислен и патетичен изговор!



А сето ова е резултат на континуирано самоволно малтретирање и масирање на правото и правдата во оваа Држава.

Џорџио Агамбен ќе констатира дека:
„... Состојбата на исклучок е аномичен простор во кој она што е ставено под опасност од настанување е „Сила на правото без правото“ (Тоа би било запишано како: Сила – на – правото). Таков вид на „Силата – на – правото“ во кој можностите и делувањето (чинот) се радикално одвоени, создава еден вид на мистичен елемент околу себе, или подобро речено, фикција, преку која Правото бара да ја анексира аномијата за себе.“

И токму ова ни се случува!

На Правниот факултет, во време на студиите, не учеа дека треба Силата на правото преку Владеење на правото, а не Правото на Силата. Нам, преку овој заклучок на Агамбен, ни се случува сосема спротивното.

Некој таму, во Наше име, си зел за Право да си го анексирал Правото како лична сопственост и предизвикал аномија, па преку таа аномија делува како сопственик на Правото во оваа Држава. Го претворил Правото во Безправо, во Аномија, и со истото Владее.

Да ни биде јасно, ова не е диктатура. Ова е многу посурово од диктатурата. Сите ние имаме права и слободи, формално-правно загарантирани и обезбедени со највисокиот државен акт Уставот. Со нив слободно располагаме и ги уживаме, но во моментот кога Некој таму во Наше ја злоупотребува нивната Уставна моќ за искористување на своите тесни, лични Правни илузии и Потреби, тогаш и нашите слободи и права стануваат Илузија сама по себе. Во тој случај, Уставот ни постанува приватна Бланкетна норма.

И токму тоа е суштината на оваа наша Агамбеновска „Состојба на исклучок“.

Оваа состојба на исклучок не е диктатура (без оглед дали истата е Уставна, Неуставна, Комесаријатска, Партиска или Суверена). Таа е просторот одвоен од Правото, зона на Аномија (безправие, т.е. недостаток од Право), во која сите правни детерминанти, и над се, самата дистинкција меѓу приватното и јавното, се деактивирани.

Со Скопје 2014-та го узурпираа Јавното. Со Прислушувањето го узурпираа приватното. А со Помилувањето ги отпишаа приватното и јавното.

Ова е состојба без право во која што насилието дејствува без никаква јуристичка норма.

Со насилие Ни го земаа Уставот, со Насилие си го присвоија Правото за себе!

Во чл. 1 ст. 2 од Уставот на Република Македонија стои дека: „Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.“
Во чл. 2 ст. 1 пак од Уставот е појаснето дека: „Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.“



Но некој нам ни го отуѓил суверенитетот. Ни го отуѓил правото да општествуваме, правото да преку ова општество манифестираме комуникација, општествен живот, делување и менување на општествениот живот. Тој суверенитет нам ни дава обврска и должност да живееме во оваа заедница, да ја споделуваме, делуваме заедно, бунтуваме заедно, да ја менуваме заедно!

Некој тоа нам ни го узурпирал!

Некој си ставил и си самопрогласил за себе, неповикано, ексклузивитет. Некој се самопоставил за ексклузивитет, па го злоупотребува Нашиот, сечивиот, суверенитет, за да во свое име и своја сметка бара од нас да избираме невозможен и неправеден избор, при веќе договорени резултати. Резултати кои не водат никаде, и само го продлабочуваат нивниот, а го стеснуваат нашиот џеб, нашата моќ, нашите права и онака веќе интелектуално еродирани и изманипулирани животи.

Тие договорници и аболиционисти го суспендираа суверенитетот, превземајќи си го за себе, а за да го сторат тоа ги искористија правото и правдата како инструменти на нивен личен ексклузивитет.

Го преобратија Уставот и правото што извира од Уставот во една Уставна новотарија на својот личен Принципат. Во тој т.н. Принципат оваа новотарија ја инкорпорираа оваа Аномија директно во рацете на оние кои се приграбиле до Власта и се ослободиле од правните рамки кои ги ограничуваат, кои се субординирани под Правото подеднакво, па се претвориле во „Неврзани со Правото“.

Тие постанаа суверени и за себе си создале живо право. Тоа т.н. живо право нив не ги врзува ниту обврзува, туку тоа произлегува од нив, како извор на создавање и менување на правото. Нивниот живот, нивните потреби се Правото. Во нив животот на правото коинцидира и се вклопува во таа Аномија.

И сега, истите тие Узурпатори на нашиот суверенитет, не форсираат да потпишеме договор „на кој не можеме да му одолееме“; избори во кои ќе им го зацврстиме украдениот суверенитет! И се тоа во име на народот.

Не во мое име!

На избори ние не го отуѓуваме нашиот суверенитет, не го делиме, не го пренесуваме. Сите тие фотељаши од Собранието, сеедно од опозиција или позиција, и од Извршната власт, се само претставници и ништо повеќе! Ним, ниту нешто сме им дале, ниту им должиме, ниту сме им отуѓиле, ниту пренеле.

И погледнете, сега, денес, најголемата владеачка партија дава предлог да се преиспита иницијативата на Претседателот на Република Македонија. Тој предлог го доставува писмено до сите преостанати 3 најголеми политички партии. Значи, оние што си го зеле ексклузивитетот да го креираат Правото по своја лика и прилика, се незадоволни од самите себе, па дополнително делуваат во оваа, од нив, создадена Аномичност.

Затоа, кога Узурпаторот го претвора и создава правото во узурпација, време е да си го земеме назад. Оти тоа ни припаѓа на сите нас. Правото не е жива желба на узурпатори и манипулатори.

Правото е жива потреба на секој граѓанин, на целата заедница. Тоа е волја на целата заедница за општествен живот, за живот во заедница, за менување и креирање на живот.
Живот, во својата генеричка, општествена смисла, е живот во заедница, меѓу луѓе, креирање на правила за сите, не противречувајќи на друг, не лишувајќи друг од право и правда. Со други зборови, создавајќи право.



Да го освоиме овој нов живот заедно! Стариот е веќе го силуваат! Оваа состојба е шанса, да ја приграбиме Аномијата за нас, за сите, и ние да ги создадеме новите правила од неправдата која на целото ова општество му е причинета!

Долу за властодршците!
Долу за узурпаторите!
Долу за корумпираноста!
Долу за клиентелизмот!
Долу за манипулациите!
Долу за аболиционираните криминалци!

Да го земеме Суверенитетот во свои раце!


„Смрт на Узурпацијата, Сувренитет за Народот!