Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, August 18, 2017

Оправданоста на смртната казна – приказна за нужната смрт на смртта при крајна нужда - дел 2


„Гиљотина“


Меѓутоа, можеби најголемиот противник на смртната казна е впрочем и самиот кривичен законик, т.е. одредбите содржани во него, и тоа во одредбите кои се однесуваат на „Нужната одбрана“ и „Крајната нужда“.

Проблемот со смртната казна, во кривично-правна смисла на зборот, е односот кон делото, т.е. волјата за извршување на некое дело кое е само по себе противправно и кое е насочено кон уништување на конкретни добра или вредности, заштитени со закон. Во таа смисла, целта на смртната казна, во најтежок случај на сторени дела, да се одговори со смрт. Дури и кога не е причинета смрт, но се предизвикани тешки последици, предвидено е да се одговори со смрт.
Но, проблемот и со казната, воопшто, е фактот што одлучува за нечиј човечки живот, чие поведение во моментот е противправно, па правниот систем, Државата, нужно се поставува над него, за да го превоспита. Таа се однесува рестриктивно и ретрибутивно кон тој човечки живот, принудувајќи го на одредено поведени, или одземајќи му го или ограничувајќи му го животот.

При нужна одбрана, каде, се манифестира одбрана која е неопходно потребна како сторителот би можел одбие од себе или од друг истовремен противправен напад. Оној кој ги пречекорува границите на нужната одбрана, може да се казни и поблаго, а ако пречекорувањето го сторил поради силна раздразнетост или уплав, предизвикан со нападот, може и да се ослободи од казна. (чл.9 од КЗ на РМ, чл.11 од КЗ на НРМ, чл. 9 КЗ н СФРЈ)
Во контекст на смртната казна, ако се земе во предвид фактот дека државата, а не некој друг одлучува за животот и смртта на конкретно лице, кое е сторител на тешко дело, тогаш како и кај поединецот, така и кај Власта (државата), и припаѓа правото да во случај на превенција, можат да го убијат напаѓачот (Густав Радбрух – Филозофија на правото ; Смртна Казна, стр.219). Напаѓачот, при тоа, дури и нужно немал ниту пак морал да има намера да убие. Затоа, прашањето е следно, а тоа е „ зошто тогаш тоа да им биде забрането како репресија против лица за кои е докажано дека се убијци т.е. тешки престапници?“. Правото на нужна одбрана има за цел да го одбие нападот, во дадена ситуација да го онеспособи напаѓачот, како што фактичка последица и може да допринесе до смрт на напаѓачот, но целта не е исклучиво убиство на напаѓачот, бидејќи целта на тоа право не е уништување, туку само загрозување на животот.
Од ова, се гледа дека постои поимна разлика помеѓу убиство и нужна одбрана, односно, актот на државата да преку казнениот систем ја употребува „смртната казна“ како превенција т.е. нужна одбрана, од т.н. „напади врз правниот систем со предизвикување и прекршување на тешки дела.

И тука лежи иронијата во смислата на смртната казна, а тоа е дека, до последниот момент, тоа лице, осуденикот, мора да го преживува ужасното чувство дека сепак не може да ја избегне временски точно одредената смрт, додека овој првиот, може во последниот момент и да ја избегне истата, оти целта сепак, не е нужна смрт.
Слична е смислата и при крајната нужда, каде сторителот оди со цел да отстрани од себе или од друг, истовремена нескриена опасност, што на друг начин и не можела да се отстрани, а при тоа стореното зло не е поголемо од злото што се заканувало (чл.10. КЗ на РМ, чл.12 КЗ на НРМ, чл.10 КЗ на СФРЈ).

Токму во овие неколку реда се кршат копјата на она што претставува полемика „за или против“ смртната казна, а тоа е правото на живот и смртната казна. Кога велиме „правото на живот“, во контекст на оние кои се поборници на смртната казна, мислиме на правото да се одлучува во конкретни, строго утврдени, рестриктивни и ретрибутивни моменти и процедури каде се одзема нечиј живот.

Значи проблемот е како да постапиме кон туѓ живот, кога тој се однесува и практикува не-дело. Но истовремено, проблемот е и како тој живот да биде принуден да се однесува според конкретни пишани правила, односно, за друг да биде пример нечија смрт, како не би се однесувал противправно.

Од редот на аргументи против смртната казна, како и оние кои сеуште ја бранат, може да се забележи дека постои едно пропорционално преклопување. Кај првите секогаш се брани правото на живот, неморалноста, суровоста, делувањето како криминоген фактор, предизвикување на чувство на сожалување, поттикнувањето и развивањето на нагонот за убивање кај нејзиниот егзекутор во толкава мера што меѓу него и убиецот исчезнуваат содржинските разлики, и сл.( Пенелогија – Д-р Зоран Сулејманов книга 1 (1996 година), стр.217). Вторите пак, се истоветно спротивни на првите. Тие заговараат дека, човековиот живот има врховна вредност, но без оглед на тоа, државата има право да се брани од најтешките кривични дела со одземање на животот на нивните сторители. Смртната казна не е мерка која во целост е лишена од својата правна и морална основа доколку е последно средство за заштита на највисоките добра и вредност. Понатаму,дека смртната казна е наполно праведна доколку се применува спрема сторители на особено тешки кривични дела, како и тоа дека, тешко е да се најде нејзина адекватна замена, како метод за одвраќање и превенција на ист или сличен криминалитет, и слично. (исто, стр.222).

„Смрт со бркање кон провалија од страна на голи жени - Монти Пајтон“


Кај нас интересни се аргументите на филозофот Дејан Ничевски, кој во својата „Шест филозофски есеи за смртната казна“, ќе запише еден ваков ироничен став: „Смело и чесно е да се признае дека смртната казна е укината поради евидентната несигурност на правните органи. Обидите со кои утврдената неспособност се прикажува како хуманизам претставуваат проѕирни досетки за чување на разнишаниот углед на правниот поредок.
Или на пример, кога сака да навлезе во правото и смислата за правичност и праведност при изрекување на смртната казна, па шеговито се обидува да ги разголи казнено-правните проблеми, за на крај да понуди свои: „Одмерувањето на казната начелно треба да се одвива според jus restutionis; но постојат случаи кога наведеново право имплицира бескрајно ужасна казна. Нејзиното правно ублажување или сведување на таканаречена нормална егзекуција не е последица на респектот кон злосторникот, ниту треба да е компромис со општествените движења кои се слепи за конфликтот помеѓу нивната дистанцирана хуманистика и праведноста. Неправедни се сите општествени лимитирања кои ја нарушуваат пенелошката ретрибуција на сметка на жртвите од злосторството.

Очигледно авторот се залага за смртната казна, и на неа не гледа само како дел од казнениот систем, туку како единствена можна опција за извршениот противправен акт, чија што тежина соодветно би му одговарала. Интересно, но за разлика од претходните и најчести критики во корист на смртната казна, тој отстапува од правилото, со тоа што воопшто не навлегува во криминалната психологија, пенелогијата, казненоправната теорија и практика, туку од едно модерно макијавелистичко стојалиште дека „целта ги оправдува средствата“.

Дали тој став го базира чисто како свое гледиште, тоа не можеме овде да го кажеме, ниту пак да тврдиме во неговото, знаење, т.е. незнаење на посочената материја. Единствено што може да се заклучи е дека, како што ќе видиме подолу, постои едно чувство на прифаќање на одземањето живот заради правда. Нешто кое што е исто така чувство кај одредена група на престапници, кои во одземањето живот гледаат како кон чувство за правичност и правда.

При ситуација каде постои еден безизлез во прашањето кој тоа треба да одлучи при нечиј живот, не е само одговорот судот, т.е. Државата, туку и дали моралните и правните принципи врз кои почива државата, т.е. модерната држава и право, го одговараат прашањето за „животот и смртта“ на поединецот?

Во своето дело „За злосторствата и казните“, Бекарија, прилично успешно врши една синтеза на своите ставови во погледна смртната казна. Тој вели дека ниту еден човек т.е. поединец не се согласил со „општествениот договор“ да се откаже од своето право на живот и да и го пренесе на државата. Тој докажувал дека смртната казна е неспоива со индивидуалистичкото сфаќање на државата, бидејќи таа, сама по себе противречи со она што се нарекува „општествен договор“.Меѓутоа, таквото сфаќање на Бекарија, таквата аргументација, единствено би вредела само во случај кога теоријата за договорот и оправдувањето на смртната казна би биле зависни од тоа да истата осуденикот навистина ја посакува, но не и во случајот кога таа теорија, сфатена правилно и рационално, смртната казна ја оправдува дури тогаш ако се може да се мисли дека неа осуденикот ја посакува, т.е. ако тој логички не може да ја посакува кога тоа го бара неговиот сопствен интерес.
Во тој поглед, доаѓа интересниот Бизмарков говор од 01 март 1870 година каде вели:„Човечката сила која во себе не чувствува оправдување одозгора, не е доволно силна да пресече како што џелатот (егзекуторот) го прави тоа.(Густав Радбрух – Филозофија на правото (Глава 23 – Смртна казна) – 1973, стр.215). И веднаш тука ќе се појават „трагачи“, кои контра Бекарија, а за да го поддржат ставот на Бизмарк, ќе посведочат дека Русо, самиот тој кој што го напишал „Општествениот договор“, ќе посведочи дека „прифаќањето на смртната казна во општествениот договор е правовалидна затоа што тоа е само можност, само случај никако не би можел да се очекува, дека човекот ќе причини некое убиство, па затоа, нели, прифаќањето не и се препишува на смртта, туку на подалечната опасност од смртта, и затоа што тоа не е спротивно на добрите обичаи кога човек би се изложил на опасност од смрт, како би го сочувал својот живот.“ (исто – стр.216)

Но по се изгледа дека неподносливото чекање на судниот момент на изрекување на смртна казна, како да е обусловен со самото сторување на кривичното дело за кое е предвидена оваа казна. Ако сторителот знаел дека таквото дело, т.е. дека правниот систем во кој што живее предвидел смртна казна за тоа дело, тогаш зошто би ризикувал да стори, или во крајна линија, како да го контролира нагонот и волјата да го стори тоа дело, кое може да му се стави на товар?
Од друга страна, ценејќи ги модерните текови на сторители (Брејвик, терористите од ИСИС, Ердоган во Турција, како сосема спротивна тенденција на овие две, и сл.) дали можеби истите го посакуваат делото, т.е. ја посакуваат смртната казна, или во случајот со Брејвик, казната затвор, како еден вид себератификација за делото кое го причиниле, а за кое дело сметаат дека треба да испрати одредена порака? Како таа порака, т.е. како неможноста на системот да се справи со ваквиот агресивен фундаментализам ќе биде применета од страна на кривично-правниот систем?
Сосема спротивна тенденција е Ердогановата Турција, каде од позиција на авторитет (авторитарност), се подгрева посакувањето за одмазда преку системско одземање на живот на сите државни непријатели, сегашни и идни.

„Електрика“


Нештата не изгледаат така едноставни, па при овие незгодни прашања, често посегнуваме по лесниот одговор (па да воведеме смртна казна?!), кој можеби и не е најочигледен.

Се чини дека овие претпоставки се во суштина сврзани и за конкретни права кои се бараат да се исполнат. Како да, во смисла на „општествениот договор“ на Бекарија и Русо, се поставува одредено правно барање за исполнување на одредена задача, од една страна од Државата, но најповеќе во смисла на сторителот кон Државата. Впрочем, секое правно барање може да постои во таа смисла да единствено обврзникот сам себе да си пречи; па оттука и смртната казна, може да се отфрли исклучиво од претпоставката дека осуденикот не ја прифаќа неа не затоа што не смее да ја прифати, туку затоа што, тој немајќи никаков интерес во неа, не може и да ја прифати истата дури и при ситуација да тој отворено посакува да биде осуден на смртна казна, онаму каде што тоа е допуштено.
Едноставно, од пенелошка смисла на зборот, физички е невозможно тој да ја посведочи последицата која произлегува од неа – никаква.

Дури и ако се погледне смртната казна од позиција на теоријата на согласност (Фоербах), блед е заклучокот дека сторителот на најтешко кривично дело, за кое е предвидена смртна казна, се согласува на таквиот вид на казна. Причинителот го сакал она што со своето дела логички и доследно морал да го сака, сторителот се цени како разумно битие, а казната се смета како негово сопствено право содржано во неговото делување.

Во контекст на претходното, би навеле еден интересен пример, преку кој би и дале заклучок на ова кратка расправа.

Примо Леви, еден од многуте преживеани непосредни сведоци на Холокаустот, во својата книга „Зарем тоа е човек“, ќе го пренесе своето искуство од логорите на смртта. Тој не потсетува дека преживувањето на Холокаустот е една интимна реакција на тоа што го преживеале и е обележена со длабок расцеп. Тие биле наполно свесни дека нивното преживување била безначајна случајност, дека на никој начин не се виновни за тоа, па единствени виновници се нивните мачители нацисти. Во исто време биле (и повеќе од тоа) прогонети од „ирационалното чувство“ на вина: како да преживеале на сметка на другите кои таму умреле, па поради тоа на некој начин се одговорни за нивната смрт. Неподносливото чувство на вина, многумина од нив довело до самоубиство. Еве како Примо Леви ја опишува страшната „селекција“ или преживувањето на контролниот преглед во логорот: „Секој од нас откако од tagesraumot ќе излезе гол на студениот октомвриски воздух, мора да помине неколку чекори низ тие врати, да му ја даде картичката на СС-овецот и да помине низ вратата на спалната. СС-овецот со кус преглед врз нечија судбина па ја дава картичката на лицето од неговата десна или лева страна, а тоа е живот или смрт за секој од нас. Десно значи преживување, а лево комора.“ (Славој Жижек – Исламот, атеизмот и модерноста (2015), Божествениот нагон на смртта – стр.102))

Не постои ли нешто комично во тоа – апсурдниот спектакл – да се изгледа силно и здраво, за на момент да го привлечеш рамнодушниот поглед на нацистичкиот администратор кој пресудува за животот и смртта?

„Неподнослив спектакл“


Дополнителен апсурден спектакл е и фактот што токму за смртната казна, кога треба да се даде судот на оправдување, се доаѓа до онаа, погоре речена „Бизмаркова констатација“, дека човечката сила не чувствува оправдување одозгора.

И впрочем тука лежи и баналноста на сиот овој проблем.
Ако правото денес еволуирало до степен да извира од животот на човекот, од животот во заедница, а не од Бога, т.е. од некаков надворешен невидлив фактор кој одлучува за човековата судбина, зошто тогаш расправата за оправдувањето на „смртната казна“ се сведе на прашањето за живот, кога токму тоа прашање веќе е решено – „животот на човекот е неприкосновен. Во Република Македонија не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ (чл.10 од Уставот на РМ)“.
Или, како што е запишано во Декларацијата на независност на САД од 04 јули 1776 (како што е впрочем основен постулат во најголемиот дел на правни документи во Светот; Декларацијата за човековите права на ООН, и Европската конвенција за човековите права), па каде се вели: „...We hold these truths to be self-evident, that all men are created equal, that they are endowed by their Creator with certain unalienable Rights, that among these are, Life, Liberty, and the pursuit of Happiness.

Според тоа, констатацијата дека дебатата за оправданоста во смртната казна во казнено-правните системи, „за или против“, е теоретска вербална грешка, е сосема оправдана. 

Наклонот на оправдувањето треба да се насочи не кон дали таа казна треба да постои во казнено правиот систем или не, туку прашањата кои следат се: 1. Како да причиниме казнено правен систем, каде методите на ресоцијализација и превоспитување ќе бидат успешни, не само во системот на казни, туку и внатре во општеството?; 2.Како да направиме поправеден правен систем, каде криминалот е сведен на невозможен?; и 3.Како да го отфрлиме овој облик на „секуларизам во безгрешноста на општеството“, а при тоа истото да важи и за казната како таква?

Иако смртната казна не постои во повеќето правни системи, поконкретно кај нас, таа сепак екс-зистира. Таа екс-зистенција, се разбира, може да се разбере на различни начини, како имагинарна, симболичка, стварна. Како што и за Бог, како надворешен фактор, Лакан го нагласил неговото значење (Seminar XX Encore) – Бог е невозможна/ стварна чисто виртуелна референтна точка која опстојува пред симболизацијата налик на неподносливиот интензитет на jouissance feminine. Религиозниот човек го доживува Бог како претпоставка на својот целокупен живот, а таа претпоставка е поставена со неговото служење на Бога, и нема никакво значење надвор од тој однос.
Така и кога станува збор за казните, конкретно за смртната казна. Таа и во суштина не постои, но е посакувана и во секоја клетка на нашето општество, при изблик на неправда, се претпоставува и посакува.

Така и во контекст на вицевите кажани погоре кои ја карикираат смртната казна. Таа можеби и нема да му биде изречена на осуденикот, но тука постои, бидејќи е дел од целокупниот процес, таа преегзистира во него. Оттаму и стравот од неа, а и нејзиниот бизарен однос.
Смртната казна е памукчето со алкохол кое ја навлажнува вената, пред да биде вбризган отровот во осуденикот на смрт.

Но, тоа важи и за казната како генерички поим кој ја претпоставува и смртната казна како метод.

Таа денес, видно од модерните светски случувања, е прифатена како религија – дека таа мора да се случи, за да го оттргне и скроти оној неподнослив страв од некакво причинето надворешно зло.
Задачата е, како што вели Маркс, да го отфрлиме тој облик на религија, кој истрајува во т.н. секуларен хуманизам – но со неочекуван обрт: што ако истото важи и за атеизмот? (Славој Жижек – Исламот, атеизмот и модерноста (2015), Божествениот нагон на смртта – стр.127))

Што ако истото важи и за системот на казни, поконкретно, и за процесот и системот на казнување и реституција во општеството?

Можеби токму тоа треба да претрпи одредена и постепена похумана измена.

„Распетието е заебанција - Монти Пајтон“



Dear Will,
Here we are, you and I, languishing in our hospitals. You have your pain and I am without my books—the learned Dr. Chilton has seen to that.
We live in a primitive time—don’t we, Will?—neither savage nor wise. Half measures are the curse of it. Any rational society would either kill me or give me my books.
I wish you a speedy convalescence and hope you won’t be very ugly.

I think of you often.
Hannibal Lecter
                                Ханибал Лектер – „Црвениот Змеј“ од Томас Харис


Оправданоста на смртната казна – приказна за нужната смрт на смртта при крајна нужда - дел 1

.. но ако постои момент на милосрдие, пред смртоносната инјекција тие те мачкаат со алкохол, што е многу убаво.
(се трие на раката) ... Што правиш ебате?!
Па, не сакаме да се инфицираш во последен момент...“
                                                                  Робин Вилијамс, комичар (за смртната казна во Тексас)


„последно мачкање пред инјекција“


Кога зборуваме за казнувањето и системот на казни, најпрво треба да знаеме дека изречената казна, а и казната воопшто, има свое онтолошко и телеолошко значење, покрај нејзиното формално-правно и материјално-правно значење во системот на казненото право. Оттука, и нејзиниот, т.е. и нашиот, однос во контекст на смислата на казнувањето, како и казната per-se. Смислата на казнувањето не е само спречување од чинење на неправо, доколку тоа неправо е пропишано преку системот казнено-правни норми, туку и превоспитување на сторителот, како и воспитно да се влијае врз другите да не вршат исти или слични, или други дела, кои се спротивни на пишаниот законски текст.

Меѓутоа, кога говориме за поимот казна, не говориме за еден општ генерички поим, туку говориме само за еден составен дел од она што претставува заштитен елемент на едно општество кое преку правните норми, пропишува определени санкции за да спречи конкретно неправо. Значи, казната, иако сама по себе, од својата телеолошка и онтолошка смисла, е генерички поим, таа сепак е дел од еден далеку погломазен систем на санкции. На пример, не можеме да кажеме дека алтернативните мерки на осуда, претставуваат казнени мерки. Тоа не важи исто така и за мерките за безбедност или пак за усните опомени како вид на санкции.

Впрочем, токму во ова се согледа целесообразноста и суштественоста на казната како дел од правилата на однесување воспоставени од општеството. Од една страна, казната претставува еден составен сегмент на општеството, кое преку воспоставените норми, наложува што е право, а што е неправо, па како дел од апаратот за принуда, таа и не би постоела како таква. Додека пак од друга страна, целисходноста на казната е нејзината суштина. Казната е само механизам кој застанува позади последниот степен на заштита на субјективните права на титуларите, кои го активираат државниот принуден апарат, а се со цел да ги заштитат своите права од било каква узурпација.

Токму ваквата смисла на она што претставува казна, во делот од системот на санкции, е суштествена за разграничување на она што е дозволено, а што не во едно општество, но истовремено и колку таквата санкција го оправдува своето дејство. Целта и дејството на санкцијата, секако, се правопропорционални со степенот на вина на сторителот. Токму степенот на вина, како директен однос на сторителот кон причинетото дело, особено тежината на стореното дело, претставува битен елемент при одредување на истата. Без степенот на вина, не можат да бидат постигнати ниту целите на казнувањето, ниту видот на казната.

Од овие почетни претпоставки, можеме да се осврнеме и кон проблематиката на тоа „што претставува оправданост при постоење и изрекување на смртната казна“, но и на казната (видот на казната) воопшто.

Често, системот на казни, знае да биде потценет или преценет од страна на целокупниот правосуден систем. Гледано од аспект на правосудна номенклатура и хиерархија, тоа е така во сите негови фази, започнувајќи од предистражните постапки, па се до самиот крај на кривичната постапка. Олеснителните т.е. отежнителните околности често се преценуваат, т.е. се потценуваат, од сите чинители во тој процес, па често и смислата на казнувањето не ја исполнува својата примарна цел – превоспитување, ресоцијализација и реституција. Меѓутоа, кога веќе зборуваме за овие цели, треба да знаеме дека и самата улога на казнено-поправните институции е заборавена категорија, па се сведува на чиста формалност во кривично-правниот процес.

Меѓутоа, постои една бизарна смисла во психолошкиот елемент при казнувањето во казнено-правна и пенелошка смисла на зборот. Бизарноста не се однесува само на смртната казна per se, туку и на казнениот систем воопшто, кривично-правниот апарат за принуда кога е во ситуација во која тоа претставува нужно за спречување на општествено-штетни дејствија, и истите претставуваат основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции. Од една страна, тоа е стравот од казната, кој de facto е наметнат, и кој и покрај искрената општествена тенденција за превоспитување, реституција и ресоцијализација на сторителот во општеството, тој страв е објективен. И како второ, проблемот со потфрлањето на споменатата општествена тенденција, кој е исто така реален и објективен, каде и покрај искрените намери, осуденикот станува повратник на кривичното дело, истоветно или слично.
Секако, обете ситуации се сосема оправдани, бидејќи тоа се реални општествени појави.

Најпростата произволна дефиниција за казната, која и не мора да е директно преземена од казненоправната и пенелошката проблематика, е дека тоа е вид на санкција која има за цел да го казни сторителот на некое дело кое е спротивно на конкретни пишани или непишани правила за поведение. Самиот овој однос, имплицира на одредена причина и последица, та според тоа, претставува еден реципроцитет кој сам по себе бара оправдување во не-делото, т.е. во делото.

Се поставува прашањето, како да ја оправдаме оправданоста, односно, во кое оправдување би лежела оправданоста од било какви преземени или непреземени мерки?
Етимолошки, зборот „оправдување“ подразбира акција на покажување на нешто да биде праведно, точно, право. Кога велиме „право“, не мислиме на пишаниот систем на правила, туку нешто кое е вистинито, потврдено како такво. Според тоа, оправданоста може и да се спори.

Бидејќи насловот имплицира на прерогатив на одредена акција која по својата содржина е мошне сурова, за цел нам ни е дадено да дадеме праведно, точно и вистинито образложение пред тврдењето. И впрочем, како што на почетокот рековме, во тоа се содржи и бизарниот елемент при казнувањето на суровост со суровост. При тоа, треба да имаме во предвид дека не секогаш т.е. не секое сторено кривично дело, дури и денес, по дефиниција е сурово, како би оправдано, или не, му се возврати со суровост.

Еве еден пример кој во најдиректна смисла ја објаснува таа бизарност.

Во балканската стрип култура, мошне познат е еден грчки стрип артист под псевдонимот Аркас. Никој не знае точно кој се крие под псевдонимот Arkas, но се шпекулира дека станува збор за поранешен политички затвореник, а сега новинар во грчкиот Катимерини, Антонис Евдемон. Други, пак шпекулираат, дека станува збор за незнаен грчки психијатар, кој е и универзитетски професор. Токму овој, Аркас, е познат по стрипот „Доживотен“, кој зборува за еден политички затвореник во времето на диктатурата на Мектаксас, осуден на казна затвор од 650 години, и кој, заедно со својот најдобар другар, стаорецот Мотекристо, ги поминува своите денови во изолација и хумор.
Во една сцена, еден од затворениците, треба да оди на стрелање, бидејќи му е изречена смртна казна, па кога ќе дојде пред стрелачкиот вод, офицерот кој раководи со изрекувањето на казната, го прашува, што му е последна желба. Тој вели дека сака да помине една ноќ со неговата сопруга. Офицерот му вели дека тоа не е возможно, ниту пак дека може да се слушне по телефон со неа. Офицерот се повлекува, дава наредба за пукање. Затвореникот се поти од страв, за на крај, целиот вод пред него да извикне „Априлилили!“.
Друга ситуација е кога на истиот тој затвореник му упаѓаат чуварите, заедно со поп за последна причест, во ќелијата, а тој уште спие, па ќе овој ќе им се изнавика: „Па добро, какви будали сте вие, не оставате човек во мир да се отспие пред да го стрелаат.“ Или, кога повторно е пред стрелачки вод, па телефонот ќе заѕвони, се јавува офицерот за стрелба ќе го праша стрелачкиот вод: „Да, имаат шунка, прашуваат дали сакате и сланина во пицата!“

Можеби нај бизарната шега е кога осуденикот се наоѓа пред стрелачкиот вод, па кога во моментот на пукање, телефонот ќе заѕвони, офицерот ќе се јави, а на прашање на затвореникот, кој се јавил, овој ќе рече:„Абе, глупости, телефонска анкета. Прашуваат дали си за или против смртната казна.“

„Будење пред изрекување и чекање на телефонска анкета - Аркас“


Има две клучни поенти во овој виц. Првата е психолошката, а втората правната. Психолошката шега во вицот е исчекувањето на осуденикот и вербата дека ќе преживее, и ноншалантното однесување на офицерот за извршување на смртната казна. Правната шега е практично нејзиното извршување – процедурата околу извршувањето на казната. Не е воопшто важно дали постои оправдан страв, каење, ниту пак како воопшто ликовите гледаат рационално кон прашањето „за или против“ смртната казна. Напротив, осуденикот гледа да спаси жива глава, независно дали тој утре ќе изврши можен поврат на дело, додека стрелачкиот вод, да го изврши стрелањето – оти тоа така треба.

Како би дошле до суштината која е содржена во овој заклучок, предлагам да дадеме еден краток осврт најпрво на казнената нормативна политика и практика.

Во нашиот правен систем, вклучувајќи го и оној од 1945 до 1991 година, смртната казна во системот на санкции, се јавува токму во повоениот период период, па се до осамостојувањето на Република Македонија. Во Кривичниот законик кој бил донесен во повоена Македонија (пречистен текст од 1959 година), смртната казна (чл.27) била предвидена да се извршува со стрелање, и истата не можела да се изрече на лице што во времето на извршувањето на кривичното дело било малолетно ниту на бремена жена. Лицето кое во време на извршувањето на кривичното дело не наполнило дваесет и една година, смртната казна може да му се изрече само за најтешки случаи на кривични дела против народот и државата, и оружените сили за кои е пропишана смртна казна. Смртната казна може со акт на амнестија или помилување (чл.29) да се замени и со строг затвор во траење од дваесет години, но може судот истото да го стори и доколку постојат оправдани причини за тоа.
Смртната казна била предвидена да се изрече за кривичните дела против народот и државата, против човечноста и меѓународното право, и против животот и телото, поконкретно за кривичното дело Убиство (чл.135 ст.2)

Според Кривичниот законик на СФРЈ од 1976, односно КЗ на СР Македонија од 1977 година, смртната казна била предвидена во кривичните дела против основите на социјалистичкото самоуправно општествено уредување и безбедноста на СФРЈ, како и во главата за кривични дела против животот и телото. Првата група се дела кои во себе содржат политичка природа т.е. се дела од политичко-правен карактер. Тие претставуваат прва и најелементарна форма на криминалитет. Овие дела се постојан придружник на класно поделеното општество, организирано во каква и да е државна форма. Објектот на заштита на овие дела се основите на социјалистичкото самоуправно општествено уредување, основите на општествено-економското уредување, општествено-политичкиот систем, слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот, уставноста и законитоста, заштитните и одбрамбените механизми, Националната слобода и независност, мирољубивата коегзистенција и активната меѓународна соработка, братството и единството и рамноправноста; и Безбедноста на СФРЈ. (Владо Камбовски – Кривично право – посебен дел, стр.21 студентски збор 1982г.)
По однос на пропишаните казни, изразена е поради посебната општествена опасност на делата, поголема строгост во пенализацијата. За разлика од наклонетоста кон пропишување на смртната казна, за овие дела во современото кривично право, оваа казна може да се изрече за основни облици на делата само во два случаи (Признавање на окупација и капитулација, чл.115/2 и Убиство од непријателски побуди спрема СФРЈ, чл.122); тука е пропишана алтернативно со казната затвор од најмалку десет години. Смртната казна е пропишана, алтернативно со казната завор од најмалку десет години, за најтешките форми на некои од овие дела. Со тоа е доследно реализирано уставното ограничување за примената на смртната казна, според кое, оваа казна може да се пропише и изрече само за најтешки случаи на тешки кривични дела. Во таа смисла, според чл.37 од КЗ на СФРЈ, за разлика од претходно цитираниот кривичен законик, оваа казна содржи битно и многу по концизно ограничување. Во ст.1 вели дека „смртната казна не може да се пропише како единствена главна казна за определено кривично дело“.
Смртната казна, пак, во кривичниот законик на СР Македонија од 1977 година е пропишана во Главата каде се наоѓаат кривичните дела против животот и телото, поточно во чл.37 – Убиство. Интересно, но овој член терминот на повеќето убиства извршени во стек судот треба да ги третира како посебни дела. Казната требало да ја изедначува без претходно утврдување на казните за секое дело одделно. Исто така, осудата за умислено убиство во поврат, треба да го содржи фактот на осудуваност за убиство (поранешната пресуда и квалификација на поранешното дело). Така, основа за изрекување на тука пропишаната казна, во овој случај смртната казна, односно казната строг затвор, е и осуда за убиство што е веќе бришана. Би требало да се земе дека и по однос на стекот и по однос на повратот доаѓаат предвид чл.37 ст.2 КЗ на СФРЈ, според која смртната казна може да се изрече само на најтешки случаи на тешки кривични дела. Обидот за убиство по претходна осуда за убиство не е таков најтежок случај. (Владо Камбовски – Кривично право – посебен дел, стр.149 студентски збор 1982г.)

„Стрелање“


Во новиот КЗ, оној од 1996 година, од осамостојувањето на Република Македонија, смртната казна како санкција во кривичното законодавство, не е предвидена.

Видно од погоре споменатото, може да се забележи дека во минатиот период, повеќе постоела тенденција за основана строгост по однос на конкретни кривични дела, отколку изрекување на максималистички казни. Значи, смртната казна повеќе делувала како метод на заплашување дека таква казна е возможна да се примени отколку воопшто да се примени. Не можеме конкретно да оцениме дали воопшто се работи за одреден хуманистички пристап во поглед на изрекувањето и извршувањето на санкциите, но ако се спореди КЗ од 1945/6 (со пречистен текст од 1959 година), во однос на оној од 1976/77, самата уставна рестриктивност на изрекување на смртната казна, во однос на изрекување на други казни, е евидентен доказ само по себе. Од друга страна, ако се земе општествено-правниот систем во тоа време, во целина, vis-a-vis казнено-правната политика, сосема е јасно дека она за што тогаш се сметало за „хуманистички пристап“ е во суштина зачувување на општествениот поредок, впишан и втемелен во уставните одредби. Впрочем од тие причини се и наведените кривични дела како примарни дела, и чиј објект на заштита претставува највисок дострел.
Тоа е особено видливо од статистичките податоци кои ни ги нуди Д-р Љупчо Арнаудовски и Виолета Чачева.

Во својата статистичко – аналитичка книга, „Примарниот криминалитет“, Др.Љупчо Арнаудовски, помеѓу другото ги разгледува и основните карактеристики на криминалната политика спрема примарните деликвенти. Примарните деликвенти, претставуваат онаа група на деликвенти, кои се лица кои за прв пат сториле конкретно кривично дело, односно сториле дела од примарен криминалитет. Најстрога казна, според тогашното законодавство, секако, претставувала смртната казна. Др.Арнаудовски, преку своите статистички податоци, утврдува и констатира дека оваа казна остава печат на едно револуционерно време, и само тогаш, кога се работи за примарни деликвенти. Најчесто е применувана непосредно по војната, во периодот, т.н. „пресметка со класниот непријател“. (стр.285 , Примарниот криминалитет – Др.Љупчо Арнаудовски (1978). Во 1946 година, таа учествува со 0,2%, и е на најминимално ниво од вкупниот процент на изречени санкции. Потоа постои тенденција на зголемување за следните две години до 0,3 %, за потоа и постепено да опаѓа. Тоа е така бидејќи ваквиот број на деликвенти драстично опаѓа, од една страна, но од друга, имајќи ја во предвид законската одредба каде е предвидено истата казна да се замени со казна строг затвор, односно, судот, ценејќи ги отежнителните и олеснителните околности, не прибегнува кон изрекување на овој вид на казна. Во тој контекст, оваа казна и воопшто не се јавува во овој вид на дела, како и кај други дела за кои е пропишана истата.
Структурно гледано (Примарниот криминалитет – Др.Љупчо Арнаудовски (1978), стр.271), смртната казна спаѓа редот на ретко применувани казни, со учество од 3,3% во однос на вкупната маса применети кривични санкции за дела од главата на дела против народот и државата. Во главата каде се предвидени кривични дела против животот и телото (глава 12), смртната казна во рамките на своето минимално учество во вкупната структура на применетите кривични санкции, има најчеста примена кај овие кривични дела, конкретно кај кривичното дело – Убиство, и тоа со 0,1%.

Интересна е практиката на оваа санкција кога станува збор за кривични дела сторени во повтор.
Според статистичките податоци кои ни се на располагање, интензитетот на повторот кај оние дела каде се изрекува смртната казна е поделен. Најпрво, треба да забележиме дека делата против народот и државата, оние од примарниот криминалитет, воопшто и не се содржани процентуално во делата од повтор, бидејќи ниту еден сторител не го повторил тоа дело. Секако, за овие дела, не е изречена смртна казна. Во Главата 12, каде се предвидени делата против животот и телото, повторниците се застапени со 19,4%, и најчести се тепачките, клеветите и навредите (стр.89, Повторот и повторниците – Др.Љупчо Арнаудовски и Виолета Чачева – 1979). Структурално гледано, по одделни кривични дела, најзначаен интензитет имаат кривичните дела лесна телесна повреда (чл.142) и навредата (чл.170). Тие покажуваат учество од 34,4% од вкупната маса на повторниците. Кривичните дела тешка телесна повреда, како и убиствата имаат сосема незначајно учество, од 1,0%. Ниското учество на најтешкото кривично дело – убиство, се должи на менување на социјалниот и општествениот однос кон практиката на „крвна одмазда“.
Меѓутоа, тука спаѓа и двократниот повтор, па вреди да се напомене дека од истата оваа глава, за истите дела, каде повторот е наголем, највисоко учество покажуваат двократните повторници, и тоа 77,2%, додека трократните со 15,0%.

Интересно, но кај повторниците, Арнаудивски и Чачева, забележуваат дека, смртната казна има две карактеристики. Прво, повторно, таа се јавувала само во периодот по војната, и тоа се применувала кај примарните деликвенти, отколку кај повторниците. Кај повторниците таа се јавува исклучително. Тоа е така, заклучуваат обајцата, бидејќи објективните општествени услови и односи, кои се поврзани со природата на криминалитетот, како и криминалитетот за таквите дела, и тежината кај секој вид криминалитет, е изменета. (Стр. 238 – Исто).

Имајќи ги овие податоци, интересен е ставот на дел од тогашната правна фела, која говорела во корист на смртната казна.
Проф.Др. Милан Милутиновиќ, во својата „Пенелогија“, не дава конкретна рационална причина зошто смртната казна треба да се практикува, кое е нејзиното место во казнено – правната номенклатура и во системот на санкции. Тој се обидува да го хуманизира нејзиното изрекување и извршување, со тоа што се повикува на ставот 2 од чл.37 од КЗ на СФРЈ, каде евидентно е забележана рестриктивност; „Рестриктивноста на оваа казна доаѓа до израз и кога станува збор за малолетничката популација, бремените женски лица, и младите полнолетници, извршители на кривични дела.“ (стр. 314) Така наречениот хуманистички пристап, во суштина е бирократска правна формулација, која ја користи, за да прикаже дека преку конкретните институти предвидени во кривичното процесно право на СФРЈ, овозможуваат и таа да се избегне. Како некои од нив, ги напоменува вонредните правни лекови, судењето во три степени, можноста за нејзина замена веднаш по нејзиното изрекување, со казна затвор во траење од дваесет години, можноста за помилување и слично; па дури откако тие услови ќе бидат исполнети, ако се утврди дека смртната казна, во меѓувреме не е укината или заменета со акт на амнестија, тогаш може да се пристапи кон нејзино извршување.
Токму овој став го става во одбрана, кога вели дека:„..постојат судски заблуди, кои се бележат во аналите на казнените политики во многу земји. Овие, и бројни други причини, служат како критика за оваа казна и за барање на нејзино укинување, кое е присутно во современата литература.(стр.314)“


Интересно, но овој негов став, во суштина е контрадикторен со самата судска пракса од тоа време, која е видно очигледна од статистичките податоци прикажани од Др.Арнаудовски и Чачева. Статистичките податоци од практиката покажуваат, судска практика, која не е сведена на гола бирократија при изрекување на оваа казна, туку примена и изрекување на санкција во корист на сторителот, отколку на негова штета, и тоа во случаи кога тоа било соодветно воочено. Оттаму и намалување на процентот на нејзиното извршување по однос на кривично дело, и по однос на поврат.

„Исчекување“