Lex est quod populus jubet atque constituit

Saturday, November 22, 2014

Општествениот виц





„...There were these two guys in a lunatic asylum - Си биле двајца типци во лудница...“


Во стрипот на Алан Мур, „Бетмен – Убиствениот Виц“, при конечната пресметка меѓу Бетмен и Џокерот во Забавниот парк, Бетмен му подава рака на Џокерот велејќи му дека нивната борба не мора да заврши со смрт на обајцата. Му објаснува на Џокерот дека тој не знае што точно го изобличило неговиот живот, и дека можеби нешто слично и нему му се случило. На тоа Џокерот одговара дека се е веќе прекасно, па почнувајќи да се смее, му кажува дека сета таа ситуација го потсетувала на еден виц. Еве како „звучи“ вицот на Џокерот:

Си биле двајца  во лудница, и една ноќ... една ноќ, двајцата одлучуваат дека повеќе не сакаат да бидат во лудницата. Одлучат да побегнат. И така двајцата се качуваат на кровот, кога таму, преку тесниот јаз, ги гледаат крововите кои се протегаат под месечината; кои се протегаат кон слободата.
Е сега, првиот тип прескокнува без проблеми. Ама оној другиот не се осудувал да скокне. Видиш, се плашел да скокне.
И така, овој првиот добива идеја. Тој вели: „Хеј, абе понесов батериска ламба! Ќе ја вклучам преку јазот помеѓу зградата. Можеш да поминеш преку снопот светлина! И да ми се придружиш!“
Ама овој другиот одмавнува со главата и вели:„Што мислиш бе дека сум јас? Луд? Па ќе ја изгаснеш ламбата кога ќе бидам на пола пат!

Џокерот и Бетмен се „убиваат“ од смеа. Стрипот завршува.

Џорџ Буш - Помладиот


Во нашата претходна расправа се обидовме хронолошки да ги сврземе причините и последиците за студентските протести од 17.11.2014 година. Заклучивме дека причините поради кои е настанат конкретниот протест се продукт на идеолошко фантазирање настанато уште во 1997-та. Како последица на таквото фантазирање, односно истото демистифицира и соочи со „суровоста на реалноста“, Студентите денес, автентично го прикажаа токму тој конфликт, преку автентичен израз на соочување со горката и одвратна реалност.
Ако Студентите од 1997 како појдовна точка ја земаа идеолошката фантазија која што веќе почнуваше да се креира, тие не тргнаа против разоткривање на истата, како суштествена и реална потреба на тогашната општествената реалност. Напротив, тие ја продлабочиле уште повеќе, па поради тоа и нивниот протест е неуспех, а нивните дела од тогаш, па до денес се неуспешни последици на тој неуспех, кои на жалост се доживуваат како „врвен дострел и сеопшта општествена каписла за успехот што треба да следи“ (Како што наведовме во претходниот текст, тогашниот „бунтовник“, младиот Влатко Ѓорчев ќе забележи: „Мислам дека на тие протести македонската младина ја манифестираше својата љубов спрема татковината, манифестираше солидарност помеѓу себе и изграден став за темите што не засегаат сите.“).

Но во ако се погледнат настаните, чинењата и изјавите подетално, тогаш пред очи ни се појавува една мошне интересна околност – во секој протест, во секој акт на конфронтација и соочување со одредена спротивност, без оглед на неговата идеолошка реалност т.е. автентичност, нужен е актот на верување.

Претходно, во смисла на барањето за автентичност на протестот, односно кои се причините и последиците за протестот, како акти на волја за одговор на горливата реалност, се запрашавме „Што, во суштина се надградува во образованието?“. Оттука, одговорот на тоа прашање се продлабочува, и е особено важно да се запрашаме „Од каде произлегува тој акт на верување?“, односно, „Дали верувањето ги предодредува причините и последиците за идеолошката фантазија и автентичното?“.

Запознавање


За почеток, повторно ќе се навратиме на една изјава на Премиерот Никола Груевски, која чинам, дека навистина едноставно и пластично го објаснува овој проблем, како и ја решава дилемата околу прашањето поставено во вицот погоре: „Дали да скокам или не?“.

Еве ја изјавата на Премиерот, искажана за протестите на студентите од Архитектонскиот факултет:„...за оваа страна, за која што претпоставувам сметате дека е од нас политички мотивирана можам да ви потврдам дека не е. Јас лично мислам дека се работи за проект на Мирослав Грчев, кој е директно против сите проекти на Владата. Тој е член на СДСМ, беше градоначалник на Центар во време на СДСМ и се спротивставува на секој проект кој што го прави Владата. ... Тоа е мое лично мислење не мора да е така, но јас сум длабоко убеден во тоа.“.

И покрај тоа што длабоко во себе, верувањето, е чиста психичка состојба, тоа е секогаш материјализирано во нашата општествена активност. Верувањето ја поддржува фантазијата кој ја регулира општествената реалност. Маркс ќе заклучи дека: „... нештата (добрата/стоките) сами по себе веруваат во нивната поставеност, наместо на субјектите. ...“ Тоа е како да сите нивни верувања, суеверија и метафизички мистификации, наводно повикани од страна на рационалната, утилитарна личност, се отелотворени во општествените односи помеѓу нештата. Тие, луѓето, повеќе не веруваат, туку нештата, сами по себе, веруваат за нив.

Не е проблемот што кажува Премиерот, туку во што верува. Значи, ако во неговата изјава, непосредно по протестите на студентите од 17.11.2014 година, а по повод на екстерното тестирање/државниот испит, каже: „... секој што ќе положи ќе има знаење кое ќе го користи цел живот, ќе заработува со тоа знаење, ќе живее и ќе го храни своето семејство со тоа знаење. А не да биде на маргините на општеството, да живее во сиромаштија заради немање на знаење. Тоа се вредностите кои треба да ги браниме. Затоа подготвуваме вакво нешто, не за да некому му ја одземеме слободата, некого да притиснеме или да имаме некаква контрола. “, тогаш, уште поважно е неговото верување да биде сфатено од оние кои го слушаат, за вистинито и реално: „ да имаме нови генерации со посилно знаење. ... Нам целта ни е ако некој дошол до преодна оценка без знаење, да биде натеран да научи. Тоа е единствената цел. ...“

Сите ние многу добро знаеме дека бирократијата „не е семоќна“, дека грешките се возможни секојдневно. Меѓутоа, преку секојдневните општествени односи, нашето ефективно однесување во присуство на бирократската машинерија е веќе регулирано со верувањето за нејзината семоќ. Така, во нашиов случај, кога сакаме да ја разграничиме општествената реалност, онаа претставена како таква од страна на Бирократијата, и онаа која ја разголуваат денес студентите, произлегува дека, она што го нарекуваме „општествена реалност“ е поддржано од одредено „како да“. Со други зборови, ние делуваме „како да“ веруваме во семоќта на бирократијата, „како да“ Претседателот на државата ја инкарнира „Волјата на народот“, „како да“ Партијата ги изразува објективните интереси на работничката класа/народот и слично.
Ако Министерот за образование не уверува во исправноста на идејата дека:„... Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука. Сакаме испитот да биде двапати за студентот ако не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари.; не е овде проблемот во тоа што тој кажува и не уверува, туку она во што Премиерот верува дека е онака како што тој ќе каже, односно во име на целата Влада: „Студентите секако имаат право на различно мислење, секако имаат право на протест, и јас тоа го респектирам. ...Она што е значајно е дека се појавија шпекулации дека при полагање во втора година на државниот испит, дека немало да се предвиди можност за повеќекратно полагање. Тоа не е точно, значи ќе има. Секој да полага повеќе пати, односно онолку пати додека не положи. ...“.

„Низок“ удар


Овде веќе имаме ситуација каде што надворешниот фактор – Предлагачот на закони, веќе верувањето го трансферира како израз на неопходност, а не како нешто што суштествено треба да увиди неговата општествено – реална подобност. Неопходноста оди до тој степен што веќе не е важно што навистина се мисли за целисходноста, туку е повеќе важно кој верува во таа неопходност и истото верување за тоа да го пренесе на друг – како посакување за истото.

Следејќи ја логиката на убиствениот виц, не е важно дали ти мене ме повикуваш да преминам преку јазот меѓу двете згради, односно дали ти ќе ми го светиш патот преку јазот – јас веќе верувам дека ти веруваш во можноста да го изгаснеш светлото на пола пат. Сепак, ти си луд колку што сум и јас, па е сосема вистинито да ме излажеш.

Се до оној момент кога верувањето е загубено, самата текстура на општественото поле се распаѓа. Како да самата бирократија, овде, самиот тој механички апаратус се прикажува како семоќна со справување на сите непредвидливи ситуации. Тука лежи верувањето во нејзиниот авторитет (за себе и другите за неа)– во демонстрација на способноста дека преку неа се манифестира авторитетот на Законот-правото што веќе постои, и оној кој таа го предлага како нов. Авторитетот на законот, од друга страна пак, лежи токму во неговиот процес на енунцијација – изразување.

Оттука, следствено важи дека не е важно дали ние веруваме во законот, во тоа колку е тој добар, мудар или полезен, многу е поважно да таквото верување доаѓа од некаков друг, надворешен фактор, кој се наметнува како авторитарен. Вистинската послушност е онаа надворешната. Ние реално не се покоруваме на авторитет, туку на расудувањето. Тоа ни вели дека „на авторитетот заслужува да се биде покорен доколку тој е добар, мудар и полезен.“ Надворешната покорност кон Законот, не е потклекнување пред тој т.н. надворешен притисок, односно пред т.н. „неидеолошка – брутална сила“. Тоа е покорност пред Командата – до оној степен до кој таа е несфатлива и неразбирлива (во нашиов случај суштината на мерките во високото образование, т.е. можностите за тоа дали ќе има или не повеќекратно полагање и сл.), до тој степен го одржува трауматичниот, ирационалниот карактер на самиот Закон.

Според тоа, она што во суштина е „репресирано“, не е некое нејасно и матно потекло на Законот, туку самиот факт дека Законот т.е. Правото, не треба да биде прифатено како вистина. Тоа треба да биде прифатено како неопходност. Неопходната структурна илузија која ги води луѓето да веруваат дека вистината ќе биде најдена во законите, многу прецизно го објаснува механизмот на преносот, на оној трансфер што претходно го појаснивме. Преносот е претпоставката за Вистина, за Значење, позади глупавиот, трауматичен, недоследен факт на Законот!

Значи, како што вели Премиерот во Тетово: „...Намерите се добри, но секако тие намери нема да се споредат се додека не се направи една широка дебата, во која што, секако, ќе бидат вклучени и студентите...“

Токму тогаш веќе станува јасно дека длабоко се покоруваме пред идеолошкиот ритуал, за сметка на кој ја напуштаме рационалната аргументација.

И навистина, рационалната аргументација не само што е заборавена, се чини дека воопшто и ја немало. Идејата за врвниот дострел на оние протести од 1997 година, бремето кое наводно било нереализирано, е лајтмотив за се она што следи до денес. Како еден ритуал кој со години се повторува – ритуал кој претпочита да се покори пред законите и обичаите е одлика на токму таа идеолошка фантазија која што ја формирала општествената реалност низ годините до денес. Така, произлегува дека, за нас, добра работа е да се покориме пред Законите и обичаите. Така ние ќе веруваме дека вистината може да се најде и дека таа е задржана во истите, да веруваме и да ја искористиме нејзината „долговечност“. Таквата долговечност е израз за вистинитост во Законите.

Филип Петровски, во интервју за „Утрински Весник“ од 19.11.2014 ќе каже: „... сметам дека секоја проверка на знаењето е добредојдена. Секој студент треба да се труди да биде што поподготвен, поедуциран. Дури и треба да посакуваат што повеќе проверки и што повеќе усвоени знаења да им се лесни за располагање ...“. За од друга страна, истиот тој, а и во изјава на Владата на РМ, да постои амбивалентност при делегирање на верувањето: „(Петровски)... ми се чини дека некој се обидува да ги злоупотреби моменталните политички констелации и од тоа да извлече бенефит... Има одредени индикации дека структури кои се надвор од образовниот процес се трудат да го политизираат прашањето за „екстерното“ и од него да извлечат корист за СДСМ. ...(МРТ).. Државната агенција МИА повикувајќи се на владини извори оценува дека студентите биле манипулирани од невладините на СОРОС и универзитетските професори блиски до опозицијата. ...“

Со други зборови, во духот на нашиот виц, „...не ми е јасно зошто не ми веруваш кога ти велам дека ќе ти го светам јазот за скокот меѓу зградите?...тоа е чекор до нашата слобода, нели?...“; односно, во смисла на истовремено амбивалентниот став, како што завршува вицот:„ Што мислиш бе дека сум јас? Луд? Па ќе ја изгаснеш ламбата кога ќе бидам на пола пат! “. 

„Don`t get even.. get mad!“


За да биде ситуацијата уште по патетична, токму оние критикуваните опозиционери и соросоиди само ја повторуваат, механички секако, вербалната реторика на овие погоре, но во обратна насока. Тие се однесуваат како вториот лудак, оној плашливиот, кој не сака да скокне преку се уште неосветлениот јаз.

Ваквата дихотомна реторика е веќе одамна вкоренета во нашето длабоко идеолошки фантазирано општество. Веќе неколку пати улогите се сменети, па секогаш кога двајцата актери ќе стасаат пред одлучна точка, да го прескокнат длабокиот и темен јаз, верувањето во неопходната покорност пред она што самите го создале како Закон станува излишна моторика. Токму таа моторика ги уништи сите можности за било каков протест против истата. Реален протест никогаш немало, она што во `97-та било наречено протест е само реакција на веќе создадената фантастична општествена реалност која со тек на времето измисли нови наративи.

Денешните студенти ја согледаа противречноста на овој наш долгогодишен општествен проблем. Ја согледаа во сопственото бреме.

Студентите мора и треба да продолжат во своите настојувања и напори. Тие ја сфатија суштината на веќе досадно повторуваниот Виц на Бирократијата. Тој е продукт на оној стар идеолошки ритуал, наследен и вкоренет во 1997 година, сосема ревносно и објективно прикажан преку изјавите на „ветераните“ Филип Петровски и Влатко Ѓорчев. Веќе не е важно што тие ќе кажат, како ќе го кажат, и колку пати ќе го кажат, важно е дека вицот веќе станува банален, досаден и патетичен. Она што е смешно, лежи во упорноста истиот да се повторува и наметнува.


„Fool me once – shame on you. Fool me twice – you can`t get fooled again…“ George W. Bush Jr. – Поранешен Претседател на САД





No comments:

Post a Comment