Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, July 4, 2017

За кривичната одговорност кај здруженијата на граѓани како правни лица - 2/2


„Наци мантри: Нео-македонско ZIEG HEIL


Во кривичниот законик, постои и посебен оддел во Глава 2 кој се однесува на кривичната одговорност кај правните лица.

Кривичниот законик вели дека само во случаи определени со закон, правното лице е одговорно за кривичното дело сторено од одговорно лице во правното лице, во име, за сметка или во корист на правното лице. Правното лице пак, е одговорно и за кривично дело сторено од него вработен или застапник на правното лице со кое е остварена значителна имотна корист или на друг му е нанесена значителна штета (чл.28-а).
Овде можат да се забележат неколку правни претпоставки. Првата е дека правното лице одговара за стореното дело кое мора да биде пропишано во кривичниот законик, т.е. таквата одговорност да биде пропишана за правното лице. Потоа, таквото дело, да е сторено од одговорно лице во правното лице. Казненото дело да е сторено во име, за сметка и во корист на правното лице, и најнакрај, правното лице одговара за делото извршено со дејство на одговорното лице кое постапува во рамките на неговото овластување.

Во казненото право постои едно начело, а тоа е nemo iudex sua causa, според кое, никој не може да биде судија на самиот себе. Ова, во смисла на одговорноста на правното лице, се однесува на тоа дека државните органи, кои исто така претставуваат правни лица (чл.122 ст.6 од КЗ), не можат да подлегнат под кривична одговорност. Но, со оглед да постојат вакви исклучоци, никој не ја исклучува одговорноста на физичкото лице, одговорно во правното лице (државниот орган). Ова дотолку повеќе што законодавецот во чл.28-б предвидел дека одговорноста на правното лице (за сите други правни лица, вклучувајќи ги и здруженијата), не ја исклучува кривичната одговорност на физичкото лице како сторител на делото. Во состојба пак кога постои фактичка или правна пречка за утврдување на кривична одговорност на физичко лице, како сторител на конкретно кривично дело, тогаш, правното лице е одговорно за тоа конкретно дело.
Овде мошне пластично се согледува дека законодавецот практично предвидел и паралелна одговорност на правното и физичкото лице. Ако кај физичкото лице, условот за да одговара за сторено кривично дело е начелото на вина, тогаш кај правното лице постои нешто што се нарекува „претпоставена вина“. Кај физичкото лице, условите за неговата одговорност се пресметливоста, умислата, небрежноста, свест или должна свест за забранетост на делото (правна заблуда). Така, бидејќи волјата на правното лице ја претставуваат одговорните лица во него, тогаш претпоставената вина се заснова врз противправно постапување на тие лице кои се дел од одговорните – колективни органи кои ја претставуваат неговата волја.
Така на пример, ако постојат конкретни акти, како пишани документи, кои претставуваат дејствија на правното лице, и кои се одобрени од органите т.е. одговорните лица во органите на конкретното правно лице, тогаш тоа е еден од условите за утврдување на одговорност на правното лице. Но, доколку постојат такви акти, кои се само израз на одредени одговорни лица, или едно одговорно лице во правното лице, но неговите органи во целост, не го одобриле, т.е. не дале налог за извршување на делото, а со тоа и не влијаеле врз извршителот, тогаш не можеме да кажеме дека постои одговорност и кај правното лице.

Доколку се утврди одговорност кај правното лице, односно ако правното лице со пресуда биде огласено за виновно, како главна казна која што може да се изрече е паричната казна. Паричната казна, како главна казна, се изрекува во износ кој не може да биде помал од 100.000,00 денари, ниту поголем од 30 милиони денари (чл.96-а од КЗ).

„Попови, градоначалници, пеачи.... и ред други“


Меѓутоа, покрај главната казна, кривичниот законик предвидува и изрекување една или повеќе споредни казни (чл.96-б од КЗ). Тоа се случува во ситуација кога судот ќе оцени дека правното лице ја злоупотребило својата дејност, и дека постои опасност во иднина да го повтори делото. На пример, судот, на правното лице, може да му изрече забрана за добивање дозвола, лиценца, концесија, овластување или друго право утврдено со посебен закон. Може да му изрече забрана за основање на нови правни лица, потоа, привремена забрана за вршење на одделна дејност, трајна забрана за вршење на одделна дејност, па дури и престанок на правното лице. Секако, се ова не би било можно доколку судот оцени, при изрекување на една или повеќе од споредните казни, кои одговараат на тежината на стореното дело. Од тие причини, во чл.96-в од кривичниот законик, предвидени се условите за изрекување на споредни казни.
Така, на пример, во став 9 од посочениот член казната привремена или трајна забрана за вршење одделна дејност и престанок на правното лице, не може да се изрече на правно лице, основано со закон, како и на политичка партија. Во став 10 пак, врз основ на правосилна пресуда, со која е изречена казната престанок на правното лице, судот покренува со закон утврдена постапка за ликвидација на правното лице во рок од 30 дена од денот на правосилноста на пресудата.

Член 96-в исто така определува и ако при вршење на дејноста на правното лице, е извршено кривично дело кое за физичко лице е пропишана парична казна или казна затвор до три години, а оттаму пак произлегува опасност од повторување на делото, судот, ќе изрече привремена забрана за вршење одделна дејност во траење од една до три години.
Доколку пак е извршено дело за кое за физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку три години, а пак од начинот на извршување на делото произлегува дека можно е повторување на делото, судот може да изрече трајна забрана за вршење одделна дејност.

Овие две одредби се однесуваат на можноста од поврат кон сторување на конкретен вид на кривично дело, како кај физичкото лице, кое е пак може и да е одговорно лице во правното лице. Ова дотолку се однесува и на правното лице пред се, кое преку вршење на дела, како на пример, нелојална конкуренција, пуштање во промет штетни продукти и слично.

Доколку пак, ако е извршено кривично дело, за кое кај физичко лице е пропишана казна затвор од најмалку пет години, а од начинот на извршување на делото, постои опасност од поврат на извршување на исто или слично дело/а, судот може да изрече и казна престанок на правното лице.

Значи, од ова може да се заклучи дека правното лице, како специфичен вид на „лице“ во правниот промет, има и доживува посебен однос и третман кога станува збор за кривичната одговорност. Видно од третманот кој го добива правното лице во нашиот Кривичен законик, може да се констатира дека сепак постојат одредени граници до каде правното лице може да ја изрази својата врска со причинетото неправо, односно до кои граници се смета дека односот кон конкретно дело е причинет од страна на правно, а до кои граници од страна на физичко лице.
Според тоа, правното лице, е еден вид alter-ego на физичкото лице, и обратно, доколку физичкото лице, се јавува како одговорно лице, или пак е вработено во правното лице, па преку дејствијата на правното лице, делува противправно. Од една страна, правното лице се идентификува преку физичкото лице, односно преку своите раководни органи, па преку чие делување – не делување, т.е. пропуштање, се сторува кривично дело. Додека пак од друга страна, секој оној кој што е вработен, т.е. е член во правното лице (во овој случај Здружение на граѓани), користејќи го системот на функционирање на тоа правно лице, преку вршење на дејноста на тоа правно лице, во име и за негова сметка (принцип на застапништво), може да се смета дека и правното лице е одговорно за сторено кривично дело.
Да сумираме, нашиот кривичен законик за конкретни кривични дела, го прифаќа мислењето дека правното лице е еден вид alter-ego на физичкото, додека за други дела на правното лице му дава третман на „застапништво“. Според тоа, на правно лице и не може да му се суди, на пример, за кривично дело убиство, по чл.123 од КЗ, силување (чл.186), насилство (чл.386) итн.
Меѓутоа, правното лице, може да одговара доколку во рамките на своето дејствување, одговорно лице, или раководни органи во истото, на било каков начин прикријат сторено дело од страна на физичко лице, член, раководно лице, или вработено лице во тоа правно лице.
Такви се случаите каде што, на пример, ќе се повреди правото на поднесување правно средство (чл.153 од КЗ), поткуп при избори и гласање (чл.162), злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања (чл.165-а), прикривање (чл.261), недозволена трговија (чл.277), криумчарење (чл.278), даночно затајување (чл.279), фалсификување или уништување на деловни книги (чл.280), предизвикување општа опасност (чл.288), тешки дела против општата опасност (чл.292), давање поткуп (чл.358), изигрување на забрани од изречените казни и од правните последици на осудата (чл.376), тероризам (чл.394-б), финансирање на тероризам (чл.394-в)

„...и професори по историја...“


Како во материјалниот закон, така и во процесниот законик, е прифатено мислењето за alter-ego/то на правното лице.
Оттука, ако е поднесена кривична пријава против одговорно лице во правното лице, или претставник на правното лице, и ако постојат основи на сомневање дека се исполнети условите за кривична одговорност кај правното лице, определено во Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител може да покрене кривична постапка по службена должност, за истото кривично дело и кај правното лице. Така, за правното лице и за физичкото лице се води единствена постапка, но ако за тоа постојат оправдани услови, постапката може и да се раздвои.
Дека тоа е така, потврдува и чл.519 од Законот за кривична постапка, каде може да запре постапката доколку во нејзиниот тек, правното лице престанало да постои, а не постојат услови за изрекување на казна или мерка на конфискација на имот или имотна корист или одземање на предмети.

Тоа значи дека сепак, во утврдување на кривичната одговорност, предност се дава на физичкото лице, т.е. кривичната одговорност и казната да бидат индивидуализирани.

Со ова практично произлегува дека дејствијата на индивидуата, на физичкото лице, практично се манифестираат преку дејствијата на правното лице. Волјата за сторување на кривичното дело не може да биде колективна, туку строго индивидуална, па така правното лице може да се смета дека при сторување на конкретно/конкретни кривични дела е само еден вид на „правно средство“ за остварување на битните елементи кон стореното кривично дело. Тоа е уште еден нераскинлив психички однос и придонес кон сторување на казнивото дело.

***
На 27.04.2017 година во Собранието на Република Македонија, беше извршен насилен упад, кој од страна на Основното јавно обвинителство од Скопје, во т.н. прва група на обвинети, тој ист упад доби правосилна пресуда за дело учество во толпа која ќе изврши кривично дело и учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие.

Во меѓувреме, пред тие неколку предмети да бидат процесуирани во Судот, излегоа информации дека конкретни лица, кои се најдени во кривичните пријави поднесени од страна на МВР кон ОЈО-Скопје, се членови на истите тие сомнителни, печуркести, правни лица – Здруженија на граѓани.
Веќе изминаа без малку 2 месеци, и се чини дека освен деветмината осудени на условни осуди, за сега ќе бидат и единствените кои добиле завршница во суровата приказна од 27.04.2017 година. Остатокот од истражниот и предистражниот материјал, веројатно сработен целосно или делумно, е предаден на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. За сега од нив нема јасни чекори за било каков дополнителен исход за насилните случувања.

Да потсетиме, сите деветмина обвинети, врз основ на предлог-спогодба со јавниот обвинител, судот донесе пресуда во која осуммина од групата беа осудени за кривично дело „учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“, на условна осуда каде што ќе им биде изречена казна затвор во времетраење од 6 месеци доколку во следните 18 месеци не сторат ново кривично дело. Само еден од обвинетите беше осуден, исто така на условна осуда, на казна затвор од 1 година, доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело.

Предлог – спогодбата, односно пресудата, беше донесена со признание на вината од страна на обвинетите.

Во зградата на Парламентот, влегоа членови на здруженијата на граѓани кои ги споменавме погоре. Не можеме со сигурност да кажеме кои се точно од здруженијата влегле во Собранието. Видно од истрагата од страна на МВР, како и од податоците од јавните медиуми може да се види дека членови од МПЗ Андон Ќосето, Тодор Александров, Тврдокорни и Владо Черноземски, извршиле насилен упад, односно учествувале или дале придонес во извршување на кривичните дела во Собранието.
Сигурно имало и други членови, но тоа за сега не го знаеме.

Она што е важно е дека прогласите за насилни дејствија од страна на здруженијата на граѓани во почетокот на месец април 2017 година, се покажа на терен дека се сериозни во своите намери, и дека делата кои се причинети се посакувани и планирани. Оттука, треба сериозно да се преземат мерки и против Здруженијата на граѓани како правни лица при вршењето на кривичните дела. Тоа ги комплицира нештата околу изнаоѓање на правна разрешница на настаните од април 2017, но истовремено тоа и навлегува подлабоко во динамиката на настаните, како и нивниот каузалитет.

Видно од погоре изнесеното, постојат два начини преку кои може да се најде правна разврска со учеството на Патриотските здруженија на граѓани, како правни лица, во причинување на конкретни кривични дела во настаните во Собранието од 27.04.2017 година.

Прво, јавното обвинителство може да бара од финансиската полиција да изврши увид во финансиското работење на овие здруженија на граѓани, за да провери од каде, која висина, дали, и за која намена се префрлани финансиски средства на сметките на овие здруженија. Треба да утврди и дали за нивното краткотрајно финансиско работење, имајќи во предвид дека од денот кога се создадени, до денот кога се случени настаните во Собранието, периодот е мошне краток, а скоро еден месец пред самите настани тогашната Влада објави дека со 800.000 евра ќе финансира невладини здруженија (http://fokus.mk/vladata-so-800-000-evra-ke-finansira-nevladini-zdruzhenija/ ). Јасно е дека тие финансиски средства не се наменети за погоре споменатите здруженија, туку за други здруженија, но финансиската полиција би требало да го испита и нивното работење, односно намената на средствата што им се дадени. Тоа, секако, во смисла на законот за здруженија и фондации, не подразбира финансирање на политички партии, туку во смисла на Кривичниот законик, подразбира финансирање на дејствија кои доведуваат до вршење на кривични дела.
Следствено на наодите, треба соодветно да реагира и да покрене кривична одговорност против истите.
Истовремено, треба да се има на ум дека дејствијата на членовите, односно одговорните лица, на овие здруженија и не значат директна одговорност и на самото здружение како правно лице. Туку, треба да се тргне од индивидуализација на делото, и уделот на самото здружение, преку неговото работење, како придонес кон вршење на кривични дела, или вршење на кривични дела воопшто.
Интересно, но за споменување е дека во Охрид е формирана нова партија, која произлегла од овие здруженија на граѓани. Истата се вика „Единствена Македонија“, а патриотските здруженија отворено ја поддржаа (http://www.ohrid1.com/vest-statija/48666/ekskluzivno-se-formira-nova-partija-edinstvena-makedonija ).

„Фотографирање на писменото ифицијализирање на насилството кое следи“


И второ, со оглед да скоро еден месец пред настаните во Собранието, јасно е дека токму тие здруженија, преку формирањето на т.н. Сојуз на македонските патриотски здруженија (Македонски Национален Фронт) повикаа на насилни средства за т.н. Одбрана на државата. Како што споменавме, многу од нив имаат сомнителни програми и статути.
Повикот за насилна одбрана на државата од страна на здруженија на граѓани, кои како правни лица, не се ни воопшто овластени да го бранат територијалниот и уставниот суверенитет и интегритет, подразбира не само што тие се поставуваат како пара-воени структури, туку и само придонесуваат за нивно правно затворање и забрана на дејствијата.
Со тоа, нивните дејствија се насочени спротивно од чл.20 ст.3 од Уставот на РМ, а тоа е дека се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Оттука, врз основ на чл.110 ал.7 од Уставот на РМ, Уставниот суд може да одлучува за уставноста на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Врз основ на чл.112 пак, Уставниот суд може да укине или поништи друг пропис или општ акт, колективен договор, статут или програма на политичка партија или здружение, ако утврди дека не се во согласност со Уставот или со закон. Според тоа, треба да се покрене постапка пред Уставниот суд, и со тоа не само што може да ги поништи нивните статути или програми, туку и да го сопре нивното делување во целост, со оглед дека нивното делување е насочено против Уставот и уставниот поредок.

Најнакрај, треба да имаме во предвид дека постапката пред Уставниот суд не е врзана со онаа која би се водела во правосудните органи на Обвинителството и Кривичниот суд. Тоа е така, бидејќи природата на Уставниот суд е да ги штити уставноста и законитоста, а не да ги гони сторителите на кривични дела.
Истовремено, одлуката на Уставниот суд, еднаш воспоставена, има посилно правно дејство од пресудата на кривичниот суд, доколку дојде до таква, па таа може само да влијае врз кривичната постапка, бидејќи одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, и истите претставуваат извор на правото во Република Македонија кое што пониските органи, во овој случај обвинителството и судовите, мораат да ги почитуваат.

„Наместо епилог“



No comments:

Post a Comment