Lex est quod populus jubet atque constituit

Thursday, May 29, 2014

„За сликичките Панини и природните катастрофи“

„Водиштето, ебаната течност, уништи се што изградивме изминатите дваесет години. Ги избриша границите, дури и омразата во која опуштено се тркалавме, се удави во неа. ... Колењето не раздели, давењето не состави. ...“

                                                                                       Ведрана Рудан


Во преамбулата на нашиот Устав, прогласен на седница на Собранието на Република Македонија бр.08-4642/1 од 17.11.1991 година, стои дека: „Тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање на своја држава, а посебно од државно-правните традиции на Крушевската република и историските одлуки на АСНОМ иуставно-правниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија, од слободно изразената волја на граѓаните на Република Македонија на референдумот од 8 септември 1991 година, како и од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на макеонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности кои живеат во Република Македонија, а со цел:
-          Република Македонија да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава;
-          Да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта;
-          Да се гарантираат човековите права, граѓански слободи и националната рамноправност;
-          Да обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и
-           Да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот...“

Со Одлука за прогласување на амандманите IV до XVIII, усвоени на седница на Собранието на Република Македонија бр.07-3695/1 од 16.11.2001 година, со Амандманот IV е донесена нова Преамбула во нашиот Устав, која гласи: „Граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро на Република Македонија во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба, и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесуваат овој Устав.“

Тенденцијата на оваа, втора по ред Преамбула, произлезе од немилиот и крвав конфликт кој се случи во 2001 година, а кој неминовно како политичко-правно решение имаше за цел да ги појасни националните и граѓанските односи внатре во државата меѓу двете доминантни општествено-граѓански, национални, заедници – македнската и албанската. Меѓутоа, видно од содржината на оваа преамбула, правно гледано, таа уште подлабоко го потенцира граѓанскиот карактер на Уставот („граѓаните како конституенс“– Види пошироко - С.Шкариќ „Споредбено и македонско уставно право, стр.183), како и улогата и стремежот на сите граѓани во Република Македонија делови од сите национални групи кои ја конституираат, за граѓански концепт во заедничката држава. Од друга страна, се чини дека ваквиот граѓански концепт зазема една национална тенденција, односно произлегува од потребата за дефинирање и истакнување на националната премиса како составен дел од граѓанската. Таа, истовремено е и потесно толкување на граѓанскиот концепт на Преамбулата и Уставот на Република Македонија.

Преамбулата, како таква, е вовед во Уставот, како највисок пишан текст. Таа не е правна норма, ниту пак проста декларација која е без одредено значење за нормативниот текст што следи. Во некои Устави, таа е посилна од било која уставна норма, бидејќи се наметнува како основа за толкување на смислата на уставните норми и уставниот поредок во државата. На пример таква е Преамбулата на Уставот на Франција од 1958 година која е составена од два става, и еден член од нормативен карактер. Таква е и онаа во Уставот на САД, која ги удира темелите на смислата за американскиот сон и потребата за слобода и потрага по среќа.

Граѓански сервис - „Еден мал чекор за солидарноста, еден голем чекор за мојата судбина“

Интересно, но фактот дека најголемиот број на држави во светот имаат Устави кои содржат Преамбули, го наметнува прашањето за философската и идеолошката премиса на поредокот во државата. Поредокот во државата, нејзините односи, не се исклучиво нормативна категорија, проста традиција на правни правила, туку една емпириска и епистемолошка потреба на човекот. Потреба која е истовремено индивидуална и колективна.

Во смисла на нашата преамбула, односно нејзините индивидуални и колективни епистемолошки основи за потрага по клучот на „граѓанството“ како највисок идеал, се поставуваат прашањата „Дали ваквите реални основи во Преамбулата го одразуваат реалниот купен продукт од истата, дали ваквите основи се само реално декларативно искупување за нивната практична идеолошка нефункционалност, или пак самите тие основи се куповна идеолошка функционалност за практичното декларативно искупување од неподносливата реалност?“

На интернет порталот You Tube, покрај мноштвото други видео клипови, постои една група на видеа постирани од социјалната група RSA Animate. Истите видеа можат да се најдат и на нивната веб страница www.thersa.org со поголема содржина и пишани коментари за нивната дејност и улога. Интересен факт во овие видео клипови се анимациите кои одат истовремено со текстот презентиран од говорникот, а кои се прикажани како еден човек со забрзано темпо, со маркер, ги црта на метална бела табла.

Во еден од тие видео клипови, „Прво како трагедија, потоа како фарса“, словенечкиот филозоф Славој Жижек, користејќи ја оваа Марксова позната изрека, цели да прикаже одговор на прашањето „Зошто во нашата економија актите на милосрдие не се повеќе начин на размислување на неколку добри момци „од таму некаде“, туку тие се составен дел од нашата економија?“ Како поткрепа на овој став Жижек преку пластичен и секојдневен пример појаснува дека, денес, кога нешто купувате, вашата анти-конзумеристичка должност да причините нешто за другите, за животната средина и слично, веќе е вклучена во процесот на купување.

Тоа, во смисла дека практиката на Сорос, на „грабање пари наутро, а попладне половина од парите да се вратат назад во добротворни организации, групи за поддршка и слично“, најпрво била тенденција, а денес оваа парадигма, која е вообичаено секојдневие, е да ги спои двете дваесет и четири часовни практики во едно.

Таков пример Жижек наведува за кафетеријата „Старбакс“, кои преку нивната кампања „It’s not just what you are buying, it’s what you are buying into“. (Во слободен превод тоа би значело: „Тоа не е само она што го купувате, туку во што се вклучувате“.) Со други зборови, кога купувате Старбакс кафе, вие купувате нешто поголемо од шољата кафе, Вие купувате „кафе етика“. Ако одите на веб страницата на Стгарбакс, www.starbucks.com, тие велат дека: „преку „Планетарната програма“ на Старбакс ние купуваме „фер-трејд“ кафе отколку било која земја во светот, а со тоа се гижиме фармерите кои го купуваат кафето да добијат фер цена за нивната тешка работа, инвестирајќи и подобрувајќи ги практиките на одгледување на кафе и на грижа за заедниците ширум светот. На нивната веб страница во одделот „Responsibility“ (Одговорност), ќе најдете заглавја кои се однесуваат на заедницата, етиката, животната средина, како и извештаи за прогресот и целите на нивната „глобална одговорност“.

Како што и самиот Хауард Шулц вели, „Ние не сме дел од бизнисот со кафе, ние сме дел од бизнисот со искуство“. Односно, во буквална смисла на зборот, повторно, цитирајќи го Шулц: „Ако не ти ја сфаќаат идејата, преземи им ја компанијата“.

Жижек тоа го дефинира како „културолошки капитализам“, односно, „Вие не купувате само кафе, туку вие се вовлекувате во самиот конзумеристички акт (чин); купувате искупување (еден вид на нео-спасение) поради тоа што сте конзумерист. Правите нешто за животната средина, нешто за децата што гладуваат во Гватемала и слично“.

Сличен пример наведува и со т.н. компанија за обувки „Toms Shoes“, кои преку идејата „Едно за едно“, како што тие велат, со еден пар купени чевли, тие даваат еден пар на некоја загрозена афричка нација. На нивната веб страница www.toms.com, во делот One for one, ќе наидете не само на акција за давање на еден пар чевли во Африка, туку постои и програма наречена, Gift of shoes, Gift of sight и Gift of water. „Томс“, до сега има дадено повеќе од 10 милиони пара чевли на деца на кои тие им се потребни и помогнале да им се врати видот на повеќе од 200,000 луѓе. Интересно, но покрај чевли тие продаваат и кафе, па така, на нивната веб страница наведуваат дека, „за секоја купена вреќичка од нивното кафе, тие се грижат да до лица на кои тоа им е неопходно спроведат една недела чиста вода“.

Не е воопшто тешко да е забележи дека во ова ситуација, која Жижек ја наметнува, постојат два сегменти, првиот е актот на „солидарност“, и „еманципацијата“, како движечка сила за спроведување на солидарноста.

Солидарноста, од француската „романтичарска мисла, од 1820-тите, претставува унија или општење издигнато од заедничките одговорности и интереси, како помеѓу членовите на одредена група, така помеѓу класи и луѓе воопшто. Таа исто така подразбира и заедништво на чувства и цели. Сенсот на солидарноста, како што сака Жижек да каже погоре, е произлезен од чувството за блискост односно на изразување на блискоста, како човекова особина во потребата за заедништво. Интересно, но французите, под терминот „cloture“, задништво, ја подразбираат акцијата на „затворање на дебата, како волја на мнозинството“. Така, овде, во поширока смисла на тој збор, „зедништво“, не е затворањето per se, туку изразот на заедничката волја на мнозинството како манифестација на општата волја.

Жан Жак Русо, во својот Општествен Договор, го наведува поимот „Volonte Generale“, каде „Волјата на народот (Општата волја)“ го воспоставува легитимитетот на политичката моќ. „Силите на државата можат единствено да бидат раководени од „Општата волја“, за да работат кон создавање на општото добро. Сувереноста на народот може да биде делегирана преку привремена согласност со волјата на човекот, но истата да не биде покорна на волјата на еден човек“, вели Русо. Треба да се напомене дека општата волја, според Русо, не е волја на мнозинството, туку збир на разликите во волјата, т.е. подготвеноста за се. Така, Русо, разликувал дека општата волја (volonte generale) претставува општ интерес за сите индивидуи, а волјата на сите (volonte de tous) е збир на поединечните волји. Општата волја е онаа колективната волја, во која се потиснуват општествените противречности што настануваат од судирот на себичните интереси. Таа е смислата за „заедничкото Јас“.

Жан Жак Русо - „Трпението е горчливо, но овошјето е слатко.“

Во „Општествениот договор“ Русо очигледно бил свесен за противречностите и во самата Општа волја, па така, како заложник на идејата за легитимна власт, тој тврдел дека силата не може да биде нејзин извор, туку правото што произлегува од спогодбите т.е. договорите меѓу луѓето. Цитирајќи го Маркизот Аргнесон, во истоимената книга, кој тврдел дека „секој интерес има различни принципи, и дека спогодбата меѓу двата различни е формирана од страна на еден трет спротивставен интерес“, Русо додал дека во суштина спогодбата меѓу сите интереси е формирана како спротивставеност меѓу сите нив, за да додаде дека: „Освен ако не постојат различни интереси, општиот интерес едвај да би се почувствувал и никогаш не би пресретнал било каква пречка; се би се придвижувало само на себе, а политиката би престанала да биде уметност.“

При ваквиот автархичен став, Русо дури на крај се помирува со фактот суштината на ваквите интересни спротивставености кои ја дефинираат волјата на заедницата и на поединецот се во суштина ништо друго туку само желба и тежнеење за една „Општа волја“ во која секој граѓанин ќе  го изрази своето лично мислење („...but take away from these same wills the pluses and minuses which cancel one another, and the general will remains the sum of the differences; ... in order to have a clear declaration of the general will, that there should be no partial association in the state, and that every citizen should express only his own will.“) .

Меѓутоа, дилемите кои Русо ги расправал за легитимитетот и истиот кој произлегува како израз на договорот за општа волја за заедница т.е. граѓаните, се во суштина и самиот проблем. Имено, Русо кога расправа за „Неуништливоста на Општата волја“, предупредува дека кога општествената врска почнува да биде „опуштена“ и државата заслабена, кога личните интереси започнуваат да се чувствуваат, а малите здруженија да остваруваат влијание врз државата, на општиот интерес му е нанесена штета и е приморан да бара противници. Според тоа, општата волја иако според Русо е стриктно врзана за потребата за Држава, како таква, односно за легитимитетот на остварување на власта, кое е произлезено од правото на меѓусебните договори на луѓето, историјата го негирала токму во најжестоките моменти на Француската револуција, кога токму истите оние кои биле опиени од неговата реч, неминовно морале да применат сила како би ги направиле сопствените договори правно легитимни. Во суштина, општата волја претставува единствено израз на човекова потреба за заедница која бара да биде легитимна т.е. правно признаена како таква.

Така, во смисла на нашиов поставен проблем, механизмот кој погоре го опишавме, во својата цикличност, не претставува ништо друго туку замена на една волја за друга, легално наметнувајќи се како составен, еманципаторски, дел од заедницата.

Еманципацијата, од друга страна, (lat. emancipatus) во Римското право претставува ослободувањето на синот или жената (сопругата) од легалната, правата, власт (patria potestas) на Pater Familias, а се со цел сами да си го најдат „правецот во светот“. Emancipatus произлегува од ex- надвор од и mancipare – да испорача, пренесе, предаде; кое пак произлегува од mancipum – сопственост (manus – рака и capеre – земе).

Во кратки црти, она што се обидувам овде да појаснам е дека, преку таквиот, консумеристички чин на изкупување, т.е. купување на искупување (Жижек), кој циклично не вовлекува во сопствената „солидарна“ моторика има одреден еманципаторски карактер, кој во неговата суштина креира одредено лицемерие.

Тенденцијата да се покаже солидарност, е во суштина процесот на искупувањето. Луѓето, ние, секојдневно сме окружени со страдање, глад, ужасна смрт, општествена и социјална грдотија, па погодени од емотивна потешкотија, која произлегува од моралните карактеристики за нив, изразуваме тенденција на предавање на дел од нашата фактичка власт како чин на милосрдие спрема оној што пропатил, со цел истиот тој „да го најде својот пат“. Денес, индивидуалниот чин на „солидарност“ и „милосрдие“, како морален израз на индивидуалната волја, веќе не е индивидуална исклучивост, туку и акт на Русовото Volonte Generale. Тенденцијата на Државата, преку нејзиниот механизам да го „воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба, и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Парламентот“ е врвен израз на она Русовото погоре кажано.

Во смисла, оние таму некаде, не кои неопходно им требаат средства за да преживеат, ние солидарно им предаваме дел од нашата власт врз одредени средства, за да ги „ослободиме“ од патењето и неправдата која им е предизвикана. На ист принцип е воспоставен и осмислен системот на владеење на правото, кој во суштина подразбира владеење на мнозинството за сметка на малцинството; пренесување на одредени права, овластувања, т.н. легитимитет на помала група на луѓе да го најдат својот пат, како би не искупиле нас и себе си од општествените патења и проблеми.

Токму на ова наведува Жижек, кога понатаму го цитира делото на Оскар Вајлд „Душата на човекот под социјализам“, и каде вели, „Многу е полесно да се има симпатија со страдањето, отколку симпатија со мислата“. Трогнати и потресени од минатонеделните поплави во нашето Балканско соседство, од ужасното страдање, изгубените домови, поплавените села, илјадниците раселени и оставени без некоја јасна иднина дали тие луѓе понатаму ќе успеат цврсто да се кренат на нозе пред дополнителните горки предизвици на животот, сите наши граѓани, ширум нашата Држава, под паролата „Скопје се сеќава“, се кренаа да изразат помош. И веднаш, во жарот на сета таа помош, на интернетот и социјалните мрежи, никнаа фотографии кои го прикажуваат страдањето, солидарноста и симпатиите и апелите за помош кон настраданите. Меѓу нив изобилуваа и фотографии до текст за една носталгија кон едни изминати времиња, кои за нас помладата генерација се тотално непознати, а во кои „се живеело поубаво“. Интересно, но од тие „славни“ времиња изминале повеќе од 20 години, години во кои плукањето по „изминатата удобност и слава“ беше пречекувано како најдобар гостин при локалните куќни слави.

Мапа на поплавите

Но чекајте малку, нели при најголемата трагедија што неделава го зафати Балканскиот регион, „луѓето одеднаш повторно го почуствуваа она заборавено, исплукано и исвиркано заедништво? Од една страна, како што рековме погоре, изобилуваа фотографии за „таа поранешна заедница“, а од друга страна, осамнаа транспаренти од локални спортски навивачки групу од Р.Косово и кај нас, на кои пишува: „Молете се за Босна -  Смрт за Србија.“

Прелесното „заљубување во самите себе“, и пружање на ваквата солидарност и нејзиниот еманципаторски карактер се во суштина грдата лицемерна страна на оваа анти-консумеристичка одлика на искупување. Ваквата амбивалентност на „да се биде секој свој на своето“, а при тоа да се купува солидарност, заради искупување од нашите секојдневни „свирканици“ ја подрива целата правно-морална приказна.

Да го појасниме овој феномен малку попластично.

Секој викенд, во последните месец ипол дена кај нас, на неколку точки во Главниот Град, најглавно во Градскиот Парк, родители со своите деца, баби и дедовци со своите внуци, и млади брачни парови, солидарно – консумеристички и егалитарно, менуваат сликички од албумот на Панини за Светското фудбалско првенство 2014 година во Бразил.
Луѓе од најразлични возрасти и националности, собрани на куп менуваат сликички 1 за 10, 10 за 1. Разликата е што оваа практика е бесплатна. Тоа е неостварен рај за секој злокобен дилер на дрога, цигари и алкохол. И така не е само во Скопје, така е насекаде во Светот. Една пријателка која учествувала на маратонот во Белград, Р.Србија, ми посведочи дека на едно зборно место каде што „дилериве“ се менувале по ул.„Кнез Михајлова“, а каде било предвидено да трчаат маратонците, морало да се премести од другата страна на улицата. Но „дилерите“, упорни во својата практика, и покрај маратонот и врнежливото време, останале „свои на своето“, на маратонските барикади, продолжувајќи да менуваат сликички.

Не би сакал да звучам лицемерно, но еден од тие консимеристи сум и јас. Така, минатиот викенд, менувајќи и претопувајќи се со огромната толпа на луѓе во Градскиот парк, една постара жена ми пријде и ми вели: „Погледнете колку е мирно и убаво. Замислете вака да е секој ден. Светот би бил поубав“.

Слична таква логика преовладива и во време на ужасните поплави кои го зафатија регионот на Подунавјето. Како што напоменавме, неретки се сликите и написите по социјалните мрежи со повици за помош каде се прикажани „Бившите републики заедно“, кои сега, во улога на екс-плукачи, носталгично се враќаат по она исплуканото и лепрозното. Осамнуваат слики на покриви и тераси од „некогаш раскараните браќа“, од тенисери и други јавни личности кои ги припојуваат некогашните граници. Изобилуваат изјави од стилот, „Повторно се обединивме“, и слично.

Хармоникаш

Интересно, но ваквата вербална реторика оди до тој степен каде што ваквата зомби носталгија ги напаѓа Американците дека тие со нивниот т.н. HAARP систем се виновни за поплавите, за високите температури на Балканот, а некои одат и до таму што токму овој систем е виновен за распадот на Поранешната држава, оти, наводно, влијаел врз расположението на луѓето.

Во својот текст објавен во Британскиот весник „Гардијан“, новинарот Сречко Хорват наведува дека луѓето ширум просторите на поранешна Југославија, во време на поплавите, иако си помагале едни со други, но дека сепак нивните Влади се оние кои што ја овозможиле трагедијата. Тој појаснува: „.. Холанскиот крал, Вилијам-Александар, беше во право кога минатата година декларативно изјави „социјалната држава (државата на благосостојба) на 20-тиот век е завршена.“ Во годишното обраќање на националната телевизија, Кралот рече дека „партиципативното општество“ ќе го заземе нејзиното место, во кое луѓето мора да заштедат и да инвестираат за да ја создадат својата општествена т.е. социјална сигурносна мрежа со помалку помош од државата. Обилните поплави на Балканот покажаа дека Кралот беше во право.

Понатаму, во смисла на изминатите поплави на Балканот, тој додава: „Од една страна, како што водата се смирува, на површината станува се појасно како Хрватската, Босанската и Српската држава не само што не успеаа да ги пердупредат луѓето, или да ги спасат, туку исто така беа и соучесници во трагедијата. Во овие времиња, не постои такво нешто како „природна катастрофа“. „Природната катастрофа“ секогаш е овозможена од социјален фактор.

Како паралела, интересен е еден текст од авторката Ведрана Рудан, која актуелно со поплавите ќе запише: „Омразата која нас во војната не претвори во крвава топла, ни помогна да во мирот, истрајни, ги градиме дворците на нашите господари. Ме повика една пријателка, ужасната од она што Хрватска ја чека во идната „петолетка“. Ана тврди дека ќе ни ја украдат водата, единственото што ние Хрватите сеуште го имаме. Америте ќе ни го избушат Јадранот и ќе го претворат во бара“.

Во меѓувреме кај нас се случија четири убиства за помалку од една недела. Во првото, средновечен човек беше застрелан седум пати, во второто 19-годиник убил 18 годишник, затоа што бил фатен во кражба на велосипед, во третото мајка извршила чедоморство, а во четвртото љубовен пар си го одзел животот.

Препрека - сврти во десно!

Она што е клучно овде се токму оние акти на милосрдие кои паралелно ги чиниме и на кои се повикуваме, како израз на нашата добробит, оние изливи на купување на искупувањето од проблемите, во суштина ја олицетворуваат грдата страна на моралот во нашето секојдневие.

„О, судбо клета! Едвај чекам да помине потопот. Да се обноват граничните премини. Повторно да бидеме свои на своето. Ние Хрватите, лижејќи Ледо сладоледи, да им ебеме матер на Србите кои го произведуваат“.

Актот на милосрдие овде е мошне едноставно прикажан. Како што наведовме погоре, таа еманципација – егалитерство, функционира само за викенди, кога треба да се менуваат сликички без пари од 10 – 22 часот, на секои четири години додека трае Светското Првенство во фудбал. После тој групен акт, сите ние се враќаме спокојно дома, и спокојно ги впиваме гомнениците кои претходно сме ги подзаборавиле дека треба да ги консумираме. Како што вели Жижек, анти-консумеризмот е во суштина конзумеризам, оти тој само претставува купено време за искупување од срањата. Оттука, грдата страна на ова потполно миросрдие не е рецидивот кон она „исплуканото“ братство и единство, туку покажувањето на братството и единството како нов продукт, бесплатно понуден на пазарот, за сметка и по цена на плуканиците што во домашниот двор веќе почнале да фаќаат мувла и шират одвратна реа. Тие не го решаваат проблемот на она „некогаш исплукано“, а ниту ги решаваат новонастантите смрдеи, напротив, тие ја одложиваат и ја продлабочуваат заразата.

Навистина, милосрдието деградира и деморализира.

Вистинската цел за добивање т.н. братство и единство (ако ништо друго барем во неговата потесна смисла, а не во онаа митологизираната), би било да амбивалентноста која е предизвикана во практиката, која вели „наутро да одам и се менува сликички без пари, мирно, егалитарно и групно, а навечер да палам контејнери и урлам националистички пароли“, биде сведено на невозможно.

Жижек, цитирајќи го Оскар Вајлд, оваа дилема ја наметнува како проблем врза од призмана приватната сопственост, сиромаштијата и богатството, но да не се залажуваме, ваквата амбивалентна практика е консумирана во секоја пра на нашето секојдневие. Да погледнеме само што се случува кај нас изминатава недела, од една страна стојат нашите хумани гестови кон настраданите од поплавите во Босна, Хрватска и Србија, кои се чинат повеќе како лигав и непристоен гест, vis-à-vis домашните проблеми кои се вистинското лице на хуманоста.

Самиот чин на купување на искупување од грдата слика на секодевниот национализам, интелектуалното насилство, нетолеранцијата и слично, се вистинското име на хуманоста.

Секако, ова не значи дека треба да се биде против ваквите несебични акти на милосрдие и хуманост, ниту пак дека истите не треба воопшто да се преземаат, но ако веќе сакаме да ги сочуваме,како би ги практикувале, тогаш, истите да ги согледаме во нивната чиста форма, без моралната куповна т.е. пазарна вредност, во една поширока смисла. Во спротивно, како што веќе Жижек вели, лековите се дел од болеста, а таквата ситуација го продлабочува хаосот, но не го решава проблемот.

Како потврда за погоре изнесеното, новинарката Милица Јовановиќ за „Пешчаник“, ќе запише:
„...сајтовите на најтиражнтие таблоиди објавуваа призори од минатогодишните поплави, од места кои оваа година осанаа суви; „ексклузивни“ вести и фотографии кои беа превземани од социјалните мрежи, не знаејќи кој и од каде се објавувани; трачеви за лешеви кои пливаат по вода во Белград и хавариско исклучување на струја ширум земјата...“. Јовановиќ понатаму ќе заклучи дека, српскиот Премиер Вучиќ глумел главен командат на оружените сили, врвен експерт за хидроградба и слично, а сето тоа поттикнално за поголема паника меѓу луѓето, а истовремено и ги попречувало стручните служби да ја вршат својата работа.

Во нашава ситуација овде, логиката е сосема иста. Додека самата Власт и луѓето околу неа, од „хумани“, „морални“ и „доблесни“ причиниго продаваат митот за искупување на „македонската нација“, толеранција и разбирање меѓу етничките групи, истовремено на барикадите во нас.Ѓорче Петров, тоа се оние истите групи кои сеуште пеколно ги бранат паролите „Чиста Македонија“, „Македонија на Македонците“, „Голема Албанија“, како и претходно споменатите „Помош за Босна – Смрт за Србија“.

Ѓорче Петров 2014 - повторно воспоставување на добрососедски односи

Така, во смисла на цитираните преамбули во почетокот на текстот, онаа од 1991 година, каде определувањето на Република Македонија, како национална држава, која имаше повеќе политичко, а не правно значење, односно онаа од 2001 година, каде граѓанскиот концепт е издигнат на ниво на „конституенс“ на македонската држава (израз највисоко заедничко добро – Volonte Generale), се чини дека првиот служеше единствено како купување на искупување за  исплуканиот социјализам. Оваа втората пак, искупување за национализмот за сметка на граѓанство.

Интересно, но делењето на орални секрети сеуште е актуелно, а речиси никој нема идеја дали и како тоа ќе успееме да купиме искупување за „граѓанството“.

Не ме сфаќајте погрешно, сите овие демократски придобивки навистина звучат одлично, но неразбирливата потреба да се манифестира чин на „Ајде сите да се вклучиме во демократијата; ајде што повеќе луѓе да внесеме во демократијата!“, небаре е селфи фотографија на видеокамера, ми звучи премногу еклектично, несериозно и инфантилно. Ми се чини дека најголем процент на уставно декларирани конституенси – граѓани, не ги разбира прекрасните демократски придобивски. Однадвор сето тоа изгледа како да една мала група на луѓе да им го продава таквиот продукт како искупување за општата волја на деморкатска летаргичност на мнозинскиот конституенс.

Оттука, се додека не се сфати дека кривичното дело – Убиство по чл.123 ст.1 од КЗ на РМ, е причинето додека сторителот е фатен при завршување кривично дело – Тешка кражба по чл.236 ст.1 од КЗ на РМ, односно дека актот на сторителот на вакво дело има исклучиво своја субјективна и објективна врска т.е. однос кон причинетото дело, недопуштено ни е да говориме за било какво искупување. Се до тогаш, дури и уставните начела запишани во Преамбулата од Уставот на РМ, и Темелните вредности предвидени во истиот претставуваат само добар консумеристички продукт за купување на искупување пратенички мандати на т.н. Volonte Generale, а сето тоа во име и за сметка на граѓанскиот конституенс.  


Во спротивно, како што вели Рудан „Ако водата не се повлече, ќе не убие ова Братство и единство“.

No comments:

Post a Comment