Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, December 31, 2019

The Mandalorian (еп.8 Искупување) предвесник на The Rise of Skywalker: Носталгија, смрт, идентитет


Во последната епизода од серијата „Мандалориецот“ има една сцена каде што го разголува главниот лик – Мандалориецот. Тоа е сцената кога дружината на Мандалориецот е заробена во веќе разурнатата кантина на планетата Неваро и се наоѓа под опсада од страна на Империјалните одметници предводени од Моф Гидеон.

За да влијае врз нивниот морал, Гидеон ги напаѓа од внатре – идентитетски. За сите присутни во разурнатата кантина симболички го вади „прљавиот веш“. Екс-специјалецот на сега веќе поранешните „Бунтовници“, Кара Дјун, се дознава дека е од Алдеран, планетата разурната од првата Ѕвезда на Смртта. Карга бил деградиран и обесчестен магистрат-судија. Но, за Мандалориецот, го слушаме неговото вистинско име, Дин Џарин, и го дознаваме вистинскиот идентитет. Дин Џарин дури и не е Мандалориец, туку е спасен од Мандалоријци во време на Војната на Клоновите, прифатен и одгледан како таков. Да се биде Мандалориец не е припадност кон одреден народ, каста, или род, тоа е воспитување.

Педро Паскал


Во континуитет на таа сцена, империјалниот одметник Гидеон го напаѓа упориштето на Мандалориецот, со цел да го земе Детето, и во тој напад Мандалориецот е тешко повреден. Ако не го извади шлемот (маската) тој ќе умре. Свесен за таа состојба, Мандалориецот им наредува на неговите придружници да го земат Детето со себе и да го остават сам да доживее херојска смрт бранејќи го нивниот излез. Меѓутоа, еден од нив, дроидот IG-11 останува покрај него и се спротивставува на наредбата, бидејќи, според него наредбата е нелогична.
Најпрво, ако не го извади шлемот и не му дозволи да го оперира, Мандалориецот ќе умре. Потоа, IG-11 е дроид кој нема свест, туку само програма, па кодот на Мандалор не важи за него.
Сфаќајќи ја баналноста на неговата непромислена одлука, Мандалориецот – Дин Џарин, се согласува на предлогот од дроидот IG-11. На овој начин персоната во Мандалориецот е демистифицирана и делегитимирана. Тој е лишен од својата претпоставена персона и го гледаме за прв пат кој е, каков е, што претставува, ја гледаме неговата вистинска маска. Таа маска (неговиот вистински лик) е со насобран гнев, закрвавена глава и исплашен израз на ликот.

Реката Styx и IG-11


Кога завршува краткиот оперативен зафат од Дроидот, Дин Џарин повторно ја презема ратифицираната припадност кон воспитувањето – Мандалориец.

Кон крајот на епизодата, Мандалориецот сфаќа дека е врзан со Детето иако нивната судбина во определена точка од нивните животи неминовно ќе биде раскината. За да го сфати тоа, Мандалориецот мора да помине низ реката од лава во подземјето и излезе кон новата светлина од тунелот, која и не е баш нова, туку пуст и осветлен релјеф. Тука режисерот и Креаторот на оваа серија навистина симболички ја претставуваат оваа тензична сцена, па има доста симболика со старо-грчкиот митос на подземјето, пеколната река Стикс, бродарот Карон (овде претставен како комбинација на делови од дроид) и жртвата која треба да ја принесат (IG-11) за да поминат низ пеколот, од другата страна, кон светлината.

Сега, иднината, т.е. новиот бран (Детето) е на сигурно и во очекување на новиот наратив што треба да следи. Сепак, опасноста дебне, империјалниот одметник Гидеон е жив.

Разговор среде новата зора

***
Носталгијата значи смрт.

Кога зборуваме за минатото, секогаш зборауваме за нешто кое што го нема – неприсутно. Меморијата за тоа значи забележување и запишување на тие минати настани. Носталгијата сама по себе подразбира навраќање кон нешто минато, кое и не мора да значи дека е мртво, но ритуализирањето, трансцеденталноста на самата суштина околу носталгијата подразбира соочување со минати искуства, желби и стравови. 
Минатото е секогаш трауматско, ние сме тие кои придодаваме романтицизам за да го ублажиме ефектот што траумата го предизвикала. Романтизирањето и обожувањето на нешто изминато (мртво) секогаш доведува до заблуда за вистинските факти. Соочувањето со траумата го демистифицира тој ефект.

Среде справувањето со носталгичното минато примарен проблем претставува пропагандното лудило без кое не може да опстои носталгијата која ја коруптирала стварноста. Тоа лудило го повикува времето, и најчесто се повикува како да е заборавено или премолчено. Ваквата ненадмината траума го приморува субјектот неконтролирано да придодава константни наративи кон истата, интерпретирајќи ги како жртви кон кои има „историска“ одговорност. При ваква ситуација, од страв, кукавичлук, но најчесто и од лицемерие, сите стануваат фанатици.
Така, патот кон помирувањето при овој однос започнува преку соочување со минатото, со траумите кои тоа ги предизвикало и предизвикува. 

Потрага и соочување


Во таа смисла, носталгијата е трансгенерациска и наследна. Таа непомирливо го продолжува животот на траумата и како неконзизтентно предание го труе вокабуларниот и културниот простор на генерациите кои доаѓаат.
Таа е како војна, конфликт – една духовна и ментална противречност која што ги растргнува емоциите. Има намера да те натера дека минатото не е засекогаш оставено и дека не е само минато, туку дека тоа претставува некое сениште со човечко, хумано лице кое се потсмева и заведува. Оттука, таа т.н. „војна“ (помеѓу/на Ѕвездите) се чини дека никогаш и не завршила. Една генерација ја пренесува приказната на друга, па таа друга генерација, придодава свои сфаќања и наратив во приказната, и ја предава на трета. Тоа предавање (предание) најчесто е исфилувано и не ја содржи реалната слика, туку содржински е збир на сфаќања, гледишта и субјективни толкувања, отколку фактицизирање на вистинитоста на вистнската – реална приказна.
Со други зборови, детето произлезено од „Војната на Ѕвездите“ рано учи дека токму таа „војна“ не дозволува целосно да се избега од неа. Траумата и носталгијата не дозволуваат да се одигра ритуалот на крајот на војната – преговорите за мир, помирувањето меѓу тие што дотогаш стоеле на спротивставените страни. Тие го замрзнуваат воениот конфлит и го третираат како политички. Го истиснуваат паметењето, предизвикуваат траума и политизираат. Секоја од засегнатите страни е затворена во сопственото сфаќање за паметењето, за траумата. Сите оние чувства кои се случиле во минатото и биле реални/вистински, сега се само еден призрак во прераскажувањето.

***
Животот е паметење.

Реј не памети кои се нејзините родители. Кајло Рен не сака да памети дека е Бен Соло. Реј и покрај очигледниот идентитет, таа во Епизода 9 сѐ уште се бори со трауматското минато, кое очигледно е дел од нејзиниот идентитет. Таа се бори да се соочи со заборавеното минато.
Бен Соло, од друга страна, крпејќи ја својата маска, симболички ја прифаќа персоната на Врховен водач Кајло Рен како дефинитивна. Она што тој свесно го прикрива е вистинското лице на Бен Соло – дека Бен е вистинскиот натрапник тука, а не Кајло Рен. Бен делува како Кајло Рен многу повеќе кога е без залепениот шлем, отколку кога го носи него. Шлемот служи за да го прикрие сето тоа.
Ако Бен Соло/Кало Рен (без маската) претходно беше решителен да го остави минатото да умре, дури и по цена да го убие, сега самиот тој го „закрпува“ минатото, за да го покрие минатото. Се чини дека постои конфликт и во двата главни лика, па и покрај дефинитивната одлука во претходниот филм кај обајцата, лузната од минатото (траумата) сѐ уште создава дополнителни проблеми.  

Таа траума е потисната и за обајцата станува автодеструктивна; не само за нив, туку и за луѓето околу нив.

Сложувалка

Нивните идентитетски проблеми се дотолку поголеми кога на сцена „воскреснува“ Императорот Палпатин. Иако на прв поглед бесцелно ставен во последниот филм, неговата улога и не е така бесцелна. Симболички, бегањето од минатото, практично го враќа минатото на голема врата. Автодеструктивноста на потиснатите трауми само ги влече кон сигурна смрт и обата ликови, нешто што на самиот крај на филмот и се случува.
Но, кога дури и ваквите сомнителни идентитети се под закана, единствен начин за да се спаси самиот концепт кој треба да ги сфати конфликтите во идентитетите, е истите да се жртвуваат. Бен Соло т.е. Кајло Рен го прави тоа во два наврати. Првиот пат е кога се одрекува од претпоставениот идентитет – Кајло Рен, фрлајќи го светлосниот меч во бурното море на една од месечините на Ендор, а вториот пат е кога и го дава својот живот на Реј, за таа да преживее и ја продолжи приказната.

И Реј чекори по истата патека.

Откако дознава дека е Палпатин, па речиси и прифаќа да седне на тронот на Смртта, но се спротивставува во нееднаква борба против „воскреснатиот“ Император, таа успева да го убие, но по цена на својот живот исто така. Нејзиниот несигурен и лабилен идентитет умира заедно со Палпатин. Жртвувајќи се Бен Соло како би ја спасил Реј, сега таа на самиот крај исто така уште еднаш се одрекува од „себството“. Најпрво таа ги закопува светлосните мачеви на близнаците на Анакин – Лук и Леа, во домот на фамилијата Ларс на Татуин.
Да не заборавиме Скајвокер никогаш и немале вистински дом, преку кој би се идентификувале и би го докажале своето потекло и припадност, а со тоа и идентитет.
На тој начин Реј симболички го закопува и ги смирува духовите од минатото, за потоа да го преземе името Скајвокер, како ратификација за чинот, и истовремено го запалува новиот, жолт, светлосен меч, преку кој пак симболички се отцепува од успокоеното минато, преземајќи симбол за нова, идна, идентификација.

Призрак

***
Со епизодата 8 (Искупување) од Мандалориецот и Издигнувањето на Скајвокер симболично дојде крајот на Војната на Ѕвездите.
Мандалориецот, сериите на Лукасфилм кои во иднина ќе следат (за Касијан Андор од „Одметник Еден“ и Оби Ван Кеноби), а се дел од веќе познатиот универзум, ќе ја користат само тематиката, но во суштина само ќе бидат идентитетски експеримент. Дополнително, тие ќе расчистат со сѐ она што нам ни е познато од досегашниот Star Wars универзум.
Тоа ќе се случи на ист начин на кој што Мандалориецот го третира овој Универзум – преполнет со артефакти кои се убави за гледање, но не за реинтерпретирање.

Тоа е вистинското искупување што треба да им се случи на фановите, но и на самата франшиза, ако се има желба таа да опстане, прерасне и издигне над се она што е оставено во минатото.

Епизода 9 – Издигнувањето на Скајвокер не е препознатлив ниту совршен филм, ниту пак е филм кој е храбар и креативен да излезе надвор од рамките кои се претходно воспоставени. Последниот Џедај даде огромен придонес и простор токму тоа да се причини, излегувајќи од матрицата на повторливост, предвидливост и посакувано размислување. За жал, со Епизода 9 тоа не е случај. Во сево ова најголема „заслуга“ имаат и фановите на овие филмови кои придонесоа тонот на приказната да стане онаков каков што е. Треба да се ракоплеска со погребен тон и оддаде почит за нивната фанатична егоцентричност. 

Со други зборови, Издигнувањето на Скајвокер/The Rise of Skywalker е капитулација на франшизата пред фановите, оние најверните, најзакоравените, и оние најрасплаканите и најнесфатените егоцентрици. Тие добија секојдневна статија на Вукипедија, на која што можат да и се радуваат, или да ја плукаат. 

Меѓутоа, како и да е, Издигнувањето на Скајвокер е доволно храбар и креативен филм колку што самиот си дозволува за да ги смири духовите од минатото, ги закопа траумата и носталгијата и да ја заврши сагата еднаш засекогаш.

Тронот на траумата од минатото

Последниот дел е филм за зачувување, меморирање и опстанок на Star Wars како таква. Тој е филм кој не се обидува да придонесе кон некое покомплексно сфаќање на нарацијата што ја нуди (нешто што беше случај со Епизода 8-Последниот Џедај), туку само фактографски изнесува приказна врз приказна, за да ги спои во една рамка сите претходни осум филмови во една наративна целина. Преполн е со заплети, кои не ги решава туку само ги нафрла како настани за да можат вечно да бидат запомнети дека некогаш постоеле. The Rise of Skywalker се занимава со причината и последицата, и со ништо повеќе. Режисерот Абрамс секако има удел во ваквиот одраз на овој филм, бидејќи ако се гледа овој филм како целина, дури се добива впечаток дека Абрамс не знае како да раскаже приказна, па затоа само нафрла заплети. Но, за тоа во некој следен текст. 

Оттука, тој има за цел да ги задоволи најлуцидните и највлажните соништа на фановите со тоа што им го дава токму она што го посакувале – трепкачки снимки, брзи кадри, џедајски моќи и носталгија по нешто што тие го замислиле, а никогаш и го немало. Истовремено таа носталгија им ја одзема најелегантно, но најбрутално на самиот крај на филмот.

Како конфликтен филм, за Епизода 9 сето ова претставува негов најголем недостаток, колку што е и најсилен аргумент за неговото опстојување и единствено логично завршување на Сагата започната во далечната 1977 година.

Нова надеж


Tuesday, December 24, 2019

The Mandalorian, или како да се убие носталгијата и продолжи понатаму


Помина подолг период како нешто сме запишале на овој блог.
Причините се многубројни. Најпрво поради презаситеноста од нашето баналното секојдневие кое константно продуцира нови „ментални кризи“. Тоа е така и поради фактот што токму тие „ментални кризи“ не се ништо поразлични од оние претходните, туку само завземале една поинаква форма.
Летаргијата што ја создава повторувањето е веќе исцрпувачка, па како студенти кои неколкукратно паѓале на испит, не само што не нѐ фаќа страв дали ќе положиме или не, туку самото учење и повторување на знаењето станува досадно. Во оваа ситуација, не е најтрагичен фактот дали ќе се откажете од испитот, или од факултетот нели, туку што едноставно ја одржувате таа т.н. status quo ситуација.
Го имате чувството дека „нешто учите“, нешто сте научиле, меѓутоа она што е најприсутно е во суштина книгата т.е. материјалот (есенцијата). Сѐ друго го нема.



***
Во средината на Ноември 2019 година на новата видео платформа на Корпорацијата „Дизни“, Disney+, беше пуштена новата телевизиска мини серија од осум епизоди The Mandalorian.

Непосредно помеѓу петата и шестата епизода Lucasfilm и Disney започнаа со масовна кампања и маркетинг за да го најават последното и финално продолжение на Сагата за Скајвокер од филмскиот серијал Star Wars, Episode 9: The Rise of Skywalker.
Деветтата епизода именувана „Издигнувањето на Скајвокер“ треба да ја заокружи целата приказна која што ја започнал Џорџ Лукас уште во далечната 1977 година со Star Wars (некоја година подоцна Episode IV: A new hope). Вкупно девет филма за состојбата на една фамилија, едно (дисфункционално) семејство и нивната (не)среќа во некоја далечна турбулентна и корумпирана галаксија, многу многу одамна.

Ако барем малку се пребара по интернетот, очекувањата за овој последен 9-ти филм се огромни. Прво тоа е поради дефинитивниот крај на оваа приказна, а второ поради огромната поделеност помеѓу обожавателите на оваа франшиза кога станува збор за осмиот дел Последниот Џедај (The Last Jedi), режиран од Рајан Џонсон.
И тука нема да навлегуваме во оправдувања или напаѓања на осмиот дел од оваа приказна, најпрво затоа што тоа веќе го направивме пред повеќе од една година, а и поради тоа што веќе е зборувано за тоа што од филмски критичари, што од закоравената фан-база. Од една страна очекувањата се на високо ниво поради тоа што Рајан Џонсон дефинитивно расчисти со предвидливоста во Star Wars нарацијата и отвори простор за креирање на нов стандард, на нова појдовна точка за раскажување. Од друга страна пак очекувањата на еден друг дел од гледачите е сведен на т.н. „поправање на грешките и неправдите од минатото“ (Епизода 8 и Епизодите 1, 2 и 3 за кои оваа група на гледачи од гадост не сакаат ниту да зборуваат).

Парадоксално, но токму филмот на Рајан Џонсон го поттикна ова размислување – да се поттикне универзалноста во заедничките судбини и приказни раскажани низ наративен модел и свет на Star Wars, на начин што ќе се прикажат недостатоците во менталниот напор наречен „очекување“, со што ќе се натера гледачот да се стави во активна позиција и ќе се лиши од предвидливиот конформизам.
Ако се погледнат резултатите, се чини дека во тој поглед Џонсон успешно ја завршил работата. 

Но кога станува збор за ова второто, оваа група на гледачи дури сакаат да се заборави сиот тој т.н. „кошмар“, па беа забележани дури и online петиции да се забрани осмиот филм, повторно да се сними и слично. Генерално, ваквите мотиви се сведуваат на истовалентни чувства гледано од аспект на група едни кон други, но амбивалентни во поглед на личното доживување.
Сосема е во ред да се купува секаква најбанална роба и продукти поврзани со франшизата Star Wars (од игри, до фигури, компјутерски платформи, облека, тоалетна хартија, портокали спакувани во амбалажа на BB-8, машки гаќи со ликот и делото на Kylo Ren, или Darth Vader, вибратори со дроидот C-3P0 и сл.). Но кога некој ќе го уништи токму ваквото уживање, ваквата претстава за она што ние сме го добиле претходно од таа франшиза, е тогаш „Дизни знаеле дека ако залепиш Star Warsна тоалетна хартија ќе има луѓе што ќе кампуваат за да купат неколку ролни.
Токму тоа го правела истата оваа група, која сега некако нерадо гледа кон оваа франшиза, па се повторно со истото очекување дека последниот деветти дел, конечно ќе успее да ги задоволи нивните ненаситни инфантилни страсти.

Аџии

Со други зборови, оваа група на луѓе се чувствува излажано и изневерено.
За нив не е доволно чувството што некој нешто не сторил, туку преку несторувањето, некој нешто одзел т.е. украл. Идентификацијата со ликовите, персонифицирањето на нивните секојдневни потреби, замисли, желби и очекувања од секојдневието преку ликовите од Star Wars, дури и преку оние најневажните ликови (Боба Фет, Лендо Калризијан, Бигз, Веџ Антилис и сл.) е она што е одземено и украдено. Години, месеци и денови се потрошени на вечно фантазирање и замислување за тоа како и што овие ликови после Епизодата 6: Враќањето на Џедајот (Return of the Jedi) правеле во замислениот свет на Лукас.
Зборуваме овде за еден статичен и интровертен свет кој функционира исклучиво во рамките на тие замисли, индивидуално и колективно во мали групи. Мешањето на други групи кои не се со истоветни размислувања и погледи, предизвикува негодување и одбивање.

***
Мандалориецот (The Mandalorian) говори за човек кој во пост-империалниот свет на Галаксијата од Војна на Ѕвездите живее како ловец на уцени. Тој е немилосрден и ладнокрвен кога се однесува на „прибирање“ на пленот што е ставен на листата за „уценети глави“ од страна на т.н. Еснаф на ловци (Bounty hunters guild). Главниот лик, чие име се уште никој не го знае, а сите го нарекуваат според името од неговиот плантарен род – Мандалориец (Mandalorian), наводно потекнува од планетата Mandalore, чиј кодекс на чест и воинственост е изразен преку блексавиот оклоп – бескар, и каректеристичниот шлем за кој што е заколнат дека никогаш пред други нема да го извади, освен во момент на самотија („This is the way – Ова е патот/начинот“).
Меѓутоа, неговиот живот и кодекс комплетно се менува кога ќе преземе „уценета глава“ од страна на еден мистериозен Клиент кој е поранешен гувернер на веќе пропаднатата Империја (Вернер Херцог). Како што приказната прогресира, прифатената уцена ќе произлезе дека е мало бебе од непознат вид од Галаксијата.
На сеопштата гледачка јавност од Војна на Ѕвездите тој вид им е познат преку ликот на Јода, познатиот Мајстор на сега веќе изумрените Џедаи.

Силуета со маска

Иако станува збор за бебе, Клиентот ќе му посочи на Мандалориецот дека станува збор за мета која е на возраст од 50 години. Секако, тоа е замка за да оваа т.н. мета не предизвика двоумење кај Мандалориецот, туку да постапи директно по насоките од Клиентот – да го донесе жив, со што ќе биде екстремно богато награден, или мртов, по половина цена од реалната.

Она што ќе предизвика пресврт во карактерот на Мандалориецот не е само бебето како такво, туку тоа што не му е јасно како нешто може да има 50 години, а да е се уште бебе, како прво, и тоа што оваа мала мета е премногу јака со т.н. Сила (The Force), факт кој не само на главниот лик, туку и на подоцнежните ликови им е тотално непознат. Како да никој после дејствијата од Епизода 6 од Војна на Ѕвездите не е воопшто свесен дека постои некаков мистичен мовенс во Галаксијата наречен „Сила – The Force“.
На крај од оваа сезона, секако, тоа ќе се смени, затоа што лицата кои што стојат позади Клиентот, исто така поранешни Империјални офицери (Moff Gideon), се длабоко запознаени со Силата во овој непознат Галактички вид. За кои цели, тоа се уште не го знаеме.

Меѓутоа, она што е карактеристично е што позади сите овие манифестации во оваа серија, начинот на кој што таа се развива, постои отсуство на оние карактеристични белези кои го носат чувството дека станува збор за некаква едиција од универзумот Star Wars. Се користат теми и мотиви, но тоа е само да ја оправдаат нарацијата позади дејствијата, како би предизвикале чувство на припадност. Речиси ништо во оваа серија не потсетува на Star Wars емоција, динамика или пак наивност, што се најсилен трејд марк за овој обожуван универзум.

И тоа во оваа Серија е нејзина најсилна и најпозитивна страна. 

Она што е карактеристично за Мандалориецот се камерата, осветлувањето, сценографијата, музиката и дијалозите. Сите овие особини го градат ова остварување навистина да биде надвор од Star Wars универзумот, но вешто да ги искористи мотивите за да си даде сопствена насока.
Постојат низа на кадри и мотиви кои практично претставуваат денунцијација од Star Wars универзумот. Тие не претставуваат ниту носталгија, иако на прв поглед имаат за цел да поттикнат такви чувства. Нема да се осврнеме на сите, меѓутоа ќе се задржиме на оние што се најкарактеристични.
Најпрво тука се „јуришниците“ од Империјата попознати како stormtroopers. Нив ги гледаме, но позади нив нема никаква организирана форма која што ги раководи. Тие се гнасни, неорганизирани и лесно поткупливи. На себе го имаат само оклопот и ништо друго. Дури и самиот карактер на нивниот воен ред е поткопан. Не претставуваат автоматизирани живи битија со бел оклоп, со механичко устројство и кодекс кој произлегува од една огромна воено-политичка машинерија. Сега, тие се само валкан оклоп, нестрплива и некоординирана наредба на човекот позади оклопот, кој не го гледаме, а кој е спремен да пука заради ситен интерес. На моменти тие се дури и празни шлемови набиени на колец чии глави се уште се таму некаде внатре, чиј идентитет е незнаен, но е во распаѓање внатре во шлемот.
Дури и оние отпадници на екс-империјалниот Moff, Gideon, и покрај сјајниот и исчистен оклоп, гротесктното симнување на TIE ловецот во малото селце, сепак делуваат повеќе како одметници без некоја јасна цел, отколку како онаа политичко-воена машинерија наречена „Империја“, која сите толку ја сакаа и очајно ја посакуваат. 

Скулптури - пејсаж

Дури и блиската средба на Мандалориецот во Татуин со Песочните луѓе, краткиот престој во Кантината каде што расплаканите Star Wars гледачи се уште се караат дали Хан Соло пукал прв, или пак Гридо, е поставена само колку да ја прикаже сцената, но не и да предизвика носталгија, оти носталгија воопшто и нема. Таа е само привид.
Мандалориецот се приближува и зборува со Песочните луѓе, Кантината ја раководи дроид, а на местото каде што седел Хан, сега седи размазено и разлигавено детиште, кое што има пуста желба да стане „ловец на уцени“. 

Иронично, но дури и кога режисерот и сценаристот се навраќаат кон овие мотиви, музиката воопшто не соодветствува со мотивот. Во кантината има сивило, ги нема честите гости, го нема бендот кој ќе не воведе во една наивност, а во суштина да ни пружи договор и смрт како во A New Hope.
Го нема звукот на Силата (The Force) кога зеленото бебе ќе ја демонстрира и употреби многу пати на дело.

Сценаристите, но и режисерот толку вешто си поигруваат со гледачите, и тоа оние најрасплаканите од Star Wars франшизата, на начин што упорно не му даваат ниту име на бебето, ниту пак даваат било каква информација за видот и потеклото на „малиот“. Гледачот, како спонтана реакција го занемаруваат сето тоа, па ја прифаќаат ретилната меморија дека тоа е нешто слично на Јода, па го нарекуваат „малиот Јода“ или „бебето Јода“, иако воопшто и не станува збор за таков лик, историјатот позади тој лик, или било што поврзано со сето тоа.

Со други зборови, она што сценаристот и режисерите го покажуваат во овие изминати неколку епизоди е ништо друго освен очигледна смрт на еден свет кој веќе одамна го нема. И тоа не е поради тоа што некој направил лоши почетни приказни или продолженија, ги занемарил желбите на гледачите,  ниту пак поради тоа што има премногу од франшизата снимено или напишано.
Напротив, она што режисерите и сценаристот т.е. креаторот на овој серијал го прикажуваат е мртвилото само по себе. Во самиот почеток на целиот овој универзум, дали снимен или пишан, постои една реченица која што на памет ја знае секо тврдокорен гледач – A long time ago in a galaxy far far away. Токму овие зборови брутално го опишуваат значењето на кое што креаторот на овој серијал сака да не потсети, а тоа е дека: нешто многу одамна, некаде многу далеку, постоело и веќе го нема – дека е мртво.
Она што креаторот во суштина не потсетува е дека дури и меморијата за сето тоа е повеќе од исчезната, дека не постои. Тоа што постои е само приказ, а се друго е плод на фантазија.

Овој однос најдиректно е прикажан преку ликот на Клиентот, глумен од Вернер Херцог, кој на неколку наврати му се обраќа на Мандалориецот, најпрво за да му ласка во гордост, потоа за да го награди, а на крај за да го испровоцира и навреди. Но, повторно, од Мандалориецот нема никаква реакција, најпрво поради тоа што изразот му е скриен позади маската, а потоа поради тоа што говорот на телото на Мандалориецот едноставно не покажува никаква реакција дека тој е поласкан, горедлив, или навреден.

Клиентот

Еве што вели Клиентот при последната средба: „Навистна е штета што твоите луѓе толку многу патеа. Како и во оваа ситуација, сето тоа беше неизбежно. Зошто Мандалор толку се спротивстави на нашите експанзии? Империјата го унапредуваше секој систем што ќе го допреше. Судено според секое мерило. Безбедност, просперитет, трговија, можност, мир. Спореди го владеењето на Империјата со ова што се случува сега. Погледни надвор. Помирен ли е светот од револуцијата до денес? Не гледам ништо освен смрт и хаос.

Оваа порака не е насочена кон Мандалориецот, иако Клиентот нему му се обраќа. Таа е насочена кон гледачот. Мандалориецот е само човек во маска кого тоа не го засега – пасивен набљудувач.
Пораката е подеднакво политичка, колку и брутално филмофилско разголување и разобличување на луцидните страсти на секој хард кор Star Wars фан. На некој начин таа треба да претставува една брутална акламација на крајното незадоволство кај оваа група на гледачи со неостварување на нивните желби во новите филмови. Пораката е дури и едно иронизирање на желбите на овие групи луѓе за „враќање на старите добри денови“ кога се чувствувала безбдност дека никој нема да ја уништи светоста на обожуваното филмско слово на Лукас.
Сега, наводно, ништо не е свето – просперитетот, можностите и безбедноста се одземени. Желбите и посакувањата се одземени, детството е одземено.

Сето ова е само еден црн хумор, приреден од креаторот на овој серијал. Иронично, оние кон кои пораката е насочена, очигледното неприсуство на обожуваното филмско слово, како и безобразниот црн хумор, истата не ја перцепираат како таква. Овој серијал е сега славен, иако е лишен од она посакуваното, наводно одземеното, од просперитетот, можностите и безбедноста.
Фетишистички и мазохистички се создава нов модел онаму каде што не постои.

За политичкото во пораката, но и во серијалот, кусо ќе се осврнеме на самиот крај од овој текст.

***
Што е тогаш „Мандалориецот“? Дали е тоа личност, или е модел?

Мандалориецот не е ниту едното, ниту другото. Мандалориецот е маска. Таа маска е наменета за гледачот, кој се крие под површината на ликот, кој е пасивен набљудувач. Но маската е наменета и за самата тематика која ја користи оваа серија.
Оваа маска има за цел да прикаже дека Star Wars универзумот е веќе готов, дека е веќе мртов. И тоа не е нешто трагично претставено во овој нов серијал, затоа што токму тоа и го прикажува – отсуството на трагедија позади непостоењето. Нема тензија кога серијалот се навраќа на слики од минатото. Нема ниту носталгија за да предизвика било каква тензија, иако навидум, како што рековме, тоа така е претставено.

Она што е готово т.е. мртво со Star Wars е она што нам ни е познато. Просто и едноставно затоа што е исцрпено. Не му треба реинвентирање.
Потребна му е нова појдовна точка, нови идеи, свежи и храбри чекори за да се создаден нов свет, лишен и растоварен од оној познатиот. Никој не го убил овој свет намерно, тенденциозно, лукративно или од пакост, туку едноставно нема доволно простор во преубавиот, на моменти и кичест, меур од сапуница.

Носењето маска, во таа смисла, може да биде навистина чудно дејствие. Понекогаш, можеби и почесто отколку што и самите веруваме, постои повеќе вистина во маската, отколку во она во кое што ние мислиме дека е „нашето реално вистинско себе“.  Нашето јавно лице не е нашата маска, туку нашата приватна интимна вистина е вистинската маска. Нашата внатрешна вистина е лагата која ја конструираме за да бидеме способни да живееме со мизеријата во нашите секојдневни животи.

Кога маската, која што е објект од мртва природа, ќе оживее на начин што ќе не запоседне, таа се држи за нас со ефект на „жив мртовец“, на монструозен автомат кој ни се претставува пред нас. Ова е примарна лекција која што ја добиваме од маската, а не дека фундаменталната фантазија, јадрото на нашето битие, е нешто монструозно, некаква машина на веселост.  Така, маската е парцијален објект, нагон за смрт во својата чиста форма: нешто кое го презема нашиот субјект со своето идиотско суперего забрана кое што го присилува да дејствува против своите свесни стандарди, и на непристоен начин да го посрамоти. Попрецизно, тоа не е нешто што ја презема темата (Star Wars), бидејќи го назначува самото појавување на субјектот (Mandalorian): пред да ја облече маската, херојот е индивидуа, личност, духовна корелација со своето тело; но откако ја облече, телото е колонизирано од маската, индивидуалното лице се преобразува во соодветно лице. 

Маска бр.1

Од тие причини Мандалориецот е гледачот, но не оној со маската, туку оној под шлемот. Вистинската маска на гледачот е вистинскиот лик на Мандалориецот, т.е. природата на новиот серијал.

Мандалориецот, во овој случај, се чини како да ги документира настаните и дејствијата околу себе, за сметка на истите да се случуваат врз него. Тоа секако наскоро и се случува, преку појавувањето на „малото бебе“, па оттука постои и една амбивалентност помеѓу раскажувањето. Креаторот на оваа серија како да предизвикал еден намерен пасаж од филмско документирање (настани, секвенци и мотиви од Star Wars) се до појавување на фикциско наративно раскажување олицетворено преку бебето кое е носител на дејствијата, а не Мандалориецот како примарен лик.
Овој модел на наративно раскажување во оваа серија е очигледен, намерен и има за цел да се отцепи од носталгијата наречена Star Wars, иако истата е елегантно и естетски претставена преку целата серија. Според тоа, овде не постојат два вида на филм, на кинематографија – документарец и фикција, бидејќи фикцијата произлегува од инхерентното ограничување на документирањето – документарецот. Креаторот сака да ја документира смртта на она што претставува Star Wars, но од неа црпи нова инспирација која е претставена во фикција – малого бебе. Таа треба да е носител на она што би претставувало ново во Star Wars, она што е потребно на франшизата да опстане, не ослонувајќи се на носталгија и романтика.
Тоа е така затоа што документирањето не може во целост адекватно да навлезе во социјалната реалност, па единствениот начин да се стори тоа е да се предаде т.е. пренесе ново значење, нова нарација – повеќе Star Wars отколку самиот Star Wars.

Меѓутоа, токму во оваа „нарација“ предизвикува проблеми во самата франшиза. Токму оние најтврди следбеници на оваа франшиза оваа паралела ја сведуваат на „моето себство и сфаќање за Star Wars е поголемо од било кое друго“ – This is the way; I have spoken. Тоа е сведено на една религиозна ревносност и фанатизам, па истите групи наликуваат на навидум големи социо-идеолошки групи.
Состојбата на универзалност која е внесена во оваа франшиза е сведена на фанатичен фетиш чие сфаќање е исклучиво, а не инклузивно. Универзалноста, сфатена од овие групи, не е лоцирана во привлечноста/преклопувањето на особеностите што ги носи нарацијата на Star Wars, туку е сфатена како сама за себе, лишена од согледаните особености од другите.
И тука, повторно Креаторот си поигрува со гледачот. Вселенската опера која е прикажана во Star Wars универзумот претставува ништо повеќе од вестерн до нивото на неговиот поим, и токму поради таа причина не е повеќе вестерн, туку нешто сосема друго, кое што е лишено и од жанрот вестерн, колку што е подеднакво лишено и од темата Star Wars.

Според тоа, универзалноста што Star Wars ја предизвикала во далечната 1977 година повеќе ја нема, и таа завршува со најавената и снимена Епизода 9 – Издигувањето на Скајвокер. Универзалноста во Star Wars, во таа смисла е токму она движење по кое видот на нарацијата создава нова нарација (како свој подвид) која го негира својот основен вид.

Токму на ова укажа и Рајан Џонсон со The Last Jedi, преку кој овозможи пат да се раскине оваа практика и воспостави нова. Се чини дека Мандалориецот ја следи токму оваа наративна линија.

Од тие причини Мандалориецот цврсто се држи до маската. Преку неа тој е претставен како фигура на говор која е присутна и зборува, но отсутна од израз, па треба се позанимаваме со нашата имагинација за да го видиме ликот под маската. Во суштина, ликот позади маската сме сите ние – гледачите.

Но, дали овој субјект, Мандалориецот, во таа смисла претставува субјект на енунцијација, или субјект на енунцираното?
Кога Мандалориецот зборува, дали тој директно зборува за себе, или зборува за нас? Дали кога Мандалориецот зборува „This is the way“ зборува за себе, за кодот на Мандалор, или за нас како гледачи vis-a-vis нашето гледање и страст за Star Wars во серијата или препознавање на лишеност од Star Wars во серијата?
Првата ситуација е состојбата на „себе-алиенација“ преку која идеално се укинува ликот од екранот и целосно се презема мојот личен говор преку ликот, како да е мој.
Спротивноста на оваа состојба е кога ќе се издигне „она преку кое јас зборувам“ во автентично тло за вистина, на начин што „нешто во мене подлабоко од себе, самата вистина, зборува преку мене“. Кон оваа верзија треба да се истакне дека она што говори преку мене е фундаментално лага.
Постои и трета ситуација кон овие прашања, а таа лежи во тврдењето дека не постои тло на вистина, туку дека постојат само интерпретации. Сите тие интерпретации се маски за себе.  Сликовито речено, тоа изгледа како лушпи од кромид – секоја од нив е лута за себе,и изглеа различно за себе, ама е дел од зеленчукот наречен кромид. Оваа верзија е најопасна.

Секако, искушението овде, низ кое не води Креаторот на Мандалориецот е да се каже дека не е тој другиот преку кој јас зборувам (Star Wars, Mandalorian, etc.) туку дека тој другиот зборува преку мене. Тоа, секако, не се случува.

Носталгија бр.1

Меѓутоа, искушението овде е да се каже дека она што погоре го заклучивме, а тоа е дека Star Wars прерасна во парцијален објект, нагон за смрт во своја најчиста форма. Тоа се случува секогаш кога постои брутален обид „да се врати кон реалното“ (она што во суштина најзакоравените љубители на Star Wars го бараат) и да се потсети гледачот дека она што го гледа е фикција, да се разбуди од слаткиот сон (она што во голема мера режисерите го исполнуваат).

***
При пишување на текстовите кои се објавуваат на овој блог ретко се обраќам во прво лице еднина. Тоа е така затоа што стилот кој тенденциозно го наметнувам имплицира најпрво да деперсонализира, и второ да делува инклузивно вклучување во конкретната т.н. расправа. Колкав успех и дали има некакво влијание сето тоа, не знам.

Заради тоа сметам дека во оваа ретка прилика нивото на обраќање треба да се спушти како едно лично обраќање, наместо групна инклузија во дискутирање по определена тема. Како што забележувате, и во овој текст, како и во претходните, се прави обид да се амалгамираат повеќе аспекти од едно прашање, кое најчесто е или правно или политичко, или обете. Истото се разгледува низ призма на филм, музичка творба, конкретен настан или појава, литературно дело и слично. Се врши и правна аналогија на тој настан, и преку истата се прави едно поврзување на смислата на правото со појавата во општеството, но и со појавата и манифестацијата кај личноста која е дел од општеството. Не говорам за индивидуа, оти личноста како поим е подлабок и покомплексен термин. Тој термин е поврзан со најдлабоките и најинтимните ставови и гледишта на индивидуата во општеството и општеството во целина како збир од индивидуи. Личноста е себство на индивидуата, негова најинтимна и најмрачна страна. Истовремено и најборбена. Внатрешната борба со сфаќањата за себе и сопствената природа, со другите личности, со авторитетот, внатрешен и надворешен (од другите личности и од општеството) е највисока карактеристика, но и најкомплексна.

Оттука, исцрпив и нова инспирација за текст по подолго пишување.
Таа инспирација немаше да биде возможна без секојдневните случувања во правно политичката сфера од нашето секојдневие. Нема да ги коментирам нив овде, иако на почетокот запишав дека на овој крај кусо ќе се осврнеме на политичкото во пораката на Клиентот од серијата Мандалориецот.
Тоа нема да го сторам бидејќи, ако се следи суштественото во самиот монолог на Клиентот, ќе се забележи еден летаргичен гнев. Контрадикторен заклучок, но тоа не е воопшто случајно.

Не е случајно затоа што тоа е проклетство кое носталгијата го носи. 

Носталгија бр.2

Од една страна таа не навраќа на некакви минати времиња, за кои имаме определено сеќавање, но доживувањето е веќе исчезанато. Сеќавањето дури може да биде и наметнато, некој друг да ни дал сеќавање за негово лично доживување, па ние спонтано го прифаќаме како наше, сопствено, иако тоа суштински е лажно и ние немаме никаква врска со тоа. Но во суштина и едното и другото чувство е лажно. Првото затоа што веќе одминало и го нема, а второто затоа што е наследено наметнатно и никогаш и не постоело.
Од друга страна, таа носталгија знае да предизвика гнев поради лажната претстава за нештата. Ние мислиме, поточно речено, веруваме дека „доколку нешто или некако било направено поинаку“ нештата не би биле толку мизерни денес.

Но вистината е дека носталгијата е мизерна, лажното чувство на сеќавање, на потребата за наследување на тие емоции е мизерна. Тоа е нашето вистинско лице – мизерното.
Заблудата во времето, дека времето е лек, дека ако некогаш во определена точка во времето нештата барем малку би биле поразлични, работите денес би биле посветли.

Како што Бог не си игра со коцки, така и дијалектиката е лишена од факторот време. Постмодернистичкото равенство дека среќата за еден е мизерија за друг, т.е. мизеријата за едни е среќа за други, е ништо повеќе од илузија сама по себе.

Но она што Креаторот на Мандалориецот преку Клиентот не потсетува е дека ниту светот денес е помирен после т.н. Револуција (патот на Железната завеса и социјалистичкиот блок), ниту пак Империјата донела просперитет. Онолку колку што Социјалистичкиот блок не успеал да донесе просперитет поради внатрешни антагонизми, толку Фукујамистите потфрлија дека живееме во поправеден свет.
Тоа е маската која ја носиме секојдневно од 1991 година до денес и во нашето независно општество. Од тие причини и креираме и наследуваме нови измислени носталгични наративи дека „нештата би биле подобри само ако...“. Дури и по сеопштото разочарување на оние кои требаа да обезбедат правда (СЈО во нашиот случај) повторно се занимаваме со илузии дека еден чекор назад, ќе ни ја смири совеста дека утре се ќе биде подобро.

Не ни требаат духови од минатото. Тие веќе се мртви. Во овој момент се случува „постмодерен ритуал“ за смирување на нескротливите духови. Ритуалот започна со Мандалориецот, а ќе заврши во Епизода 9 – Издигнувањето на Скајвокер. 

Духовите од минатото

Својата предпремиера Star Wars Episode 9: The Rise of Skywalker ја доживеа на 18 декември 2019 година. Премиерата на 20 декември 2019 година. Како вљубеник во овој серијал на филмови, пред се на неговиот живописен, отворен, но пред се универзален свет за раскажување и нарација, јас се уште не сум го гледал, па наскоро и тоа ќе го сторам.

Епизода девет ќе се осврне токму на овие прашања кои се поставени во овој текст. Таа ќе се соочи со духовите од минатото, идентитетските проблеми со двата главни лика, и соочување со смртта која произлегува и надоаѓа за самата франшиза – Star Wars. Ова последното секако не е по нечија вина, туку тоа е неизбежен факт и околност. Впрочем, како поинаку да се соочи реалноста во маската, освен преку погледнување на смртоносното во неа. Ние не можеме да го исправиме минатото со тоа што ќе го залепиме, туку со тоа што ќе се соочиме со траумата, со нејзината погубност која нѐ присилува да дејствуваме спротивно од нашите свесни стандарди.

Прв контакт со непознатото