Lex est quod populus jubet atque constituit

Wednesday, November 19, 2014

За автентичното во протестот



Sie wissen das nicht, aber sie tun es – Тие не го знаат тоа, но тие тоа го прават“ – Карл Маркс
„Тие многу добро знаат што прават, но сепак, тие тоа го прават“ – Питер Слотердајк


На 17.11.2014 година, пред платото на Универзитетскиот Комплекс, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во Скопје, во 12:00 часот преку илјада студенти, организирано, го изразија својот револт против Владините мерки за воведување на екстерно тестирање и во високото образование.



За оние неупатените и неинформираните, од особена важност е да се потенцираат неколку клучни точки околу овој проблем.

Идејата за екстерно тестирање во високото образование јавно беше објавена во медиумите од страна на Министерот за образование и наука, г-дин Абдулаќим Адеми, кој на прес конференција одржана на 03.10.2014 година појасни дека две клучни новини во високото образование се државен испит по втора и четврта година на студиите и приемен испит за странски студенти. Понатаму тој, во одбрана на оваа мерка, додаде:

„...Испитот ќе се спроведува двапати, односно првиот кога ќе завршат втора година и ќе имаат прашања од сите предмети кои дотогаш ги полагале, и по четврта година со базен прашања од трета и четврта година.

Со ова сакаме да изградиме механизми за следење на квалитетот на високото образование и механизми, со кои диплома ќе добиваат само оние кои заслужиле и високото образование да не се сфаќа како бизнис, туку како наука. Сакаме испитот да биде двапати за студентот ако не положи по втора година да знае дека не може да продолжи понатаму, да не троши време, ниту пари. ...“

Во интервју за веб порталот „Курир“, објавено на 07.10.2014 година, поранешниот Министер за образование и наука, а сега за Здравство, г-дин Никола Тодоров, во едно штуро, неугледно и нецелосно интервју, а во одбрана на ваквата идеја и предлог мерка на ресорното Министерство, појасни:

„...На медицинскиот факултет студентите веќе полагаат екстерни тестови на крајот од втора и четврта година високо образование. ...

Медицината не е исклучок, да го земеме пример и градежништвото. Дали некој би сакал да живее во зграда каде статичарот завршил на некој факултет за кој не може да се гарантира нивото на квалитет? Државата мора да најде механизми да обезбеди релативно идентичен квалитет и релативно идентично ниво на знаење и вештини на сите универзитети во Македонија. ...“

Во интервју, кое го пренесува телевизијата Канал 5, објавено на 07.10.2014 година, министерот Тодоров, потенцира дека:

„... Никој не би сакал да биде во ситуација да добие ваква здравствена услуга од некој кој што, условно кажано, завршил на факултет кој што не ги исполнувал сите квалитативни стандарди. ...“

На веб порталот „Курир“, на 21.10.2014 година, а во целост пренесувајќи ја изјавата на Премиерот Никола Груевски, истиот, во одбрана на ваквата мерка изјави:

„... Решението не е конечно, но она што е дефинитивно е дека нешто мора да се промени затоа што имаме цели универзитети каде проодноста на студентите е без доволно знаење. Каде што се ставаат 9-ки и 10-ки на секој, независно кој колку научил. Тоа е нездраво за едно општество. Тоа е правење штета на самите студенти. Тие на некој начин стануваат инвалиди во своето знаење. Добиваат диплома без знаење и тие понатаму не можат да просперираат. Каде и да отидат да работат, можеби првиот впечаток дека имаат диплома ќе им помогне, но веднаш потоа ќе имаат пречки. .. “

Ваквиот став, Премиерот, го брани со колективното чувство на одговорност што го има Владата во промена на таквите состојби.

„...Ние сме повеќе години на власт и не можеме да дозволиме пред очи да поминува нешто што сите го знаат. Јавна тајна е дека во Македонија значаен дел на универзитети и факултети го прават тоа. Особено приватните, не сите, но кај дел од нив владее девизата „ако плати, не смее да падне на испит и треба да има висока оценка“. Кај дел од студентите владее девизата „сум платил и не треба да учам“. Тоа е многу нездрава работа. ...

... секој што ќе положи ќе има знаење кое ќе го користи цел живот, ќе заработува со тоа знаење, ќе живее и ќе го храни своето семејство со тоа знаење. А не да биде на маргините на општеството, да живее во сиромаштија заради немање на знаење. Тоа се вредностите кои треба да ги браниме. Затоа подготвуваме вакво нешто, не за да некому му ја одземеме слободата, некого да притиснеме или да имаме некаква контрола. Не ни треба никаква контрола ни треба знаење. ...“



Колку за потсетување, идејата за екстерно тестирање во образовниот процес, е резултат произлезен од идејата за дисперзирани студии на државните универзитети и факултети во Република Македонија, воведени од страна на Владата на Република Македонија. Поранешниот министер за образование и наука, а сегашен заменик министер во ресорното министерство, г-дин Спиро Ристовски, во одговорот на пратеничко прашање во Собранието на РМ, на 30.10.2014 година изјави:

„...Не би се согласил со констатацијата дека во последните денови излегла информација дека имаме шкарт дипломи во високото образование. Ние јасно укажавме на фактот дека по неколку години имплементација на голем број реформи во делот на високото образование констатирани се потреби од негово надградување..... тоа не е воопшто екстерно тестирање во високото образование. Станува збор за предлог со којшто ние понудивме државен испит по примерот на дел од земјите во централна Европа. ... “

Се поставува прашањето: „Што, во суштина се надградува во образованието?“ Одговорот на истото лежи во протестот на студентите од 17.11.2014 година.

Малкумина се сеќаваат на студентските протести во 1997 година, а малкумина од оние што се сеќаваат и зборуваат за тоа. Оние од мојата генерација, кои тогаш беа основци во петто одделение, немаат никаква допирна суштинска и идеолошка точка со тие протести. Оние другите, што тогаш протестираа, во годините што следеа, до денес, дел од нив ротираа како конзули, директори, а сега дел од нив се министри и пратеници. Но она што обете генерациски различни групи ги приближува е последицата од овие протести.

Интересно, но уште помалку граѓани се сеќаваат на симболичниот протест на студентите од архитектонскиот факултет во 2009 година, иако токму овој протест временски е поблизок.

Постои нешто идеолошко автентично во секој протест. Отсуството на автентично во идеолошкото пак, е резултат на неуспехот на автентичното за согледување на придобивките од идеолошкото. Идеологијата, т.е. идеолошкото, често се испреплетува со општествената реалност, односно со реалноста воопшто, па е навистина тешко да се воочи автентичноста во него, и идеолошкото во автентичното. Дали автентичното е навистина она реално кое го согледуваме, или е лажна свест која ја воспримаме како реална. Најнакрај, дали идеолошкото е она реалното, а автентичното е лажната свест кое е илузорен продукт?
Во суштина, идеологијата не е „лажна свест“, илузорна претстава за реалноста, туку таа е реалноста сама по себе која понатаму треба да биде воспримена како идеолошка. Оттука, „идеолошка“ е социјалната реалност чие само постоење имплицира на не-знаењето на учесниците за нејзината суштина – со други зборови, општествената ефикасност, самото репродуцирање кое имплицира дека индивидуите не знаат што прават. „Идеолошки/идеолошкото“, не е „лажна свест“ на (општественото) битието, туку доколку е тоа само по себе поддржано од лажна свест.

Да почнеме со ред.

Во почетокот на 1997 година, тогашната министерка за образование, Софија Тодорова, подготви предлог-закон за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија (Факултет). Во истиот се предвидувало да студентите од албанска националност на академијата да посетуваат настава на својот мајчин јазик. Така, студентите Македонци на Педагошкиот Факултет, предводени од претседателката на студентската организација, Мирјана Китановска, бараат повлекување на законот и донесување закон за високо образование, неотповиклива оставка на министерката и на претседателот на ССУКМ. Интересно, но во 1998 година на едно интервју дадено за емисијата „Профил“ на ТВ Сител, една година по одржаните протести, еден од водачите на протестите, г-динот Филип Петровски ќе изјави дека, парафразирам: „..Понатаму ги видов албанските студенти, десетина од нив, пред Собрание... Почнаа први тие... Албанците...Албанци, јас би рекол, дека тоа е веќе проблематична категорија, но сите така се изразуваат. Студентите- Албанци... Тоа се сепак студенти-Македонци, веројатно со албанско потекло, но еве ако се обидам некако да лоцирам од каде се тргна, тоа веројатно некои медиуми, како синтагма, како израз, го употребија, и оттогаш се одомаќини во Македонија, што е многу проблематично. ... Фактички тој израз доведе до поделба. ...Тие беа пред Собрание, мислам дека беше крајот на декември 1996 година, и она што го бараа го добија, а беа десетина луѓе, можеби петнаесет, да се сложиме и на дваесет. ... Бараат да учат на албански, спротивно на она што го предвидува Уставот на Македонија и членот 48, да се школуваат и имаат високо образование на албански јазик. И го добија тоа...“

Во меѓувреме и студентите – Албанци, кои веќе неколку месеци ја бојкотираат наставата на ПФ, бараат да учат на нивниот мајчин јазик, не се согласуваат со предлогот. На 14 јануари, започнуваат протестите под мотото „За заштита на Уставот“. Протестите траат од 14 до 17 јануари, и главно се слабо посетени, а кулминацијата ја доживуваат, последниот ден кога пред зградата на Владата на РМ, една група на студенти јавно палат копии на весникот „Дневник“, во знак на незадоволство од начинот на известување. 

Во таа група на студенти биле повеќе членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кои подоцна ќе заземат битни функции во идните Влади во Република Македонија, а меѓу кои е и Антонио Милошоски, тогаш студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“. 



Полека нештата веќе од самиот старт се губат од контрола. Засегнатите страни заземаат позиции, па така студентите Албанци од Скопскиот универзитет ги осудуваат протестите на нивните колеги како неразбирливи и бесчувствителни, додека во Мала Речица никнуваат контрапротести. Подоцна, на 27 јануари, два дена пред почетокот на собраниската расправа за законот, во јавноста е објавено писмо потпишано од 460 професори и асистенти на Скопскиот универзитет во кое се предупредува дека со конкретниот предлог-закон се прави „ чекор напред во промоција на мултијазичноста во Македонија, измена на нејзиниот Устав, поделба и федерализација на државата“. Собранието го усвојува предлог законот. Подоцна, се најавува и одржува мирен протест и бојкот на наставата од 17 до 21 февруари, во кој околу илјада средношколци и стотина студенти протестирале пред Министерството за образование, Владата, Уставниот суд, Ректоратот и Собранието на РМ. Увертира на сиот овој протест беше неколкудневниот штрајк со глад.

Во текот на протестите, покрај проширувањето на барањата на студентите и средношколците, се зголеми и обемот на луѓе кои им се придружија, но и изразот на пароли кои бил користен од страна на насобраната толпа. На пример, според видео изјава во емисија на А1 телевизија организаторката Мирјана Китановска појаснува дека „инволвираноста на средношколците во протестите е изразена според нивната свест и совест, односно, според нив, дека и нив ги засегал овој проблем.“ Според видео снимките и репортажите направени тогаш од телевизиите А1 и Сител, на студентите подоцна им се приклучуваат и „група жени со нерешено станбено прашање“, како и Работниците на печатницата „Гоце Делчев“. Во истите тие видео снимки, од страна на организаторот Филип Петровски е прочитана и порака за поддршка од „Организацијата Обединети Македонци од Торонто“, во која, со молба да се прекине штрајкот, а поради кревките млади животи, со „благодарност за големиот историски час што под отворено небо го одржувале на македонската јавност.“ На истиот видео клип, што може да се најде на Јутјуб, се појавуваат и градоначалниците на Св.Николе, Прилеп, како и од скопските општини Чаир, Кисела Вода и Гази Баба, кои меѓу другото се членови и активисти на ВМРО-ДПМНЕ. Овие настани добиваат дури и една комична нота каде пред главните актери со критика се упатува тогашниот поглавар на МПЦ, г.г. Михаил. „На една ваша парола прочитав дека барате гасни комори за сите Албанци. Тоа е страшно. Со векови сме живееле со Албанците и мислиме и понатаму да живееме со нив и да градиме иста куќа. Оној што го напишал тоа, ви направил многу лоша услуга“. Тој, меѓу другото, го одбива барањето на Петровски да им даде благослов на студентите. Благословот од поглаварот, сепак, ќе се случи подоцна за време на штрајкот со глад. Токму овој чин ја доловува реалната општествена стварност, која е засенета од илузијата за претставената општествена функционалност на битието.

Како и да е, од кои причини сите овие групи (особено овие од Торонто – Канада) се појавуваат на овој протест, до ден денес не е јасно, но она што подоцна станува јасно е дека во суштина, целиот овој протест, од самиот старт, од самото негово иницирање за започнување е длабоко политизиран. Овде при тоа не се однесува на директната инволвираност на политичките партии, туку на идеологијата во не-знаењето на учесниците за нејзината суштина – каде сето тоа води. Во ставот кај дел од оние кои застанале зад протестот, но и оние кои не застанаа позади него, а кои биле членови на УМС на ВМРО-ДПМНЕ и СДММ, изјавата пред телевизиските камери т.е. емисии, дека :„Прво сум граѓанин и студент во РМ, а потоа и член на УМС на ВМРО-ДПМНЕ. ... Тоа што се поистоветуваат протестите со ВМРО-ДПМНЕ (односно поистоветување на воздржувањето од протести со СДСМ) е комплимент...“, во суштина ја објаснува лажната свест која го креира идеолошкото на битието и самото тоа врши репродуцирање кое имплицира дека индивидуите не знаат што прават.

Во изјавите на обете страни, од една страна има воздржување на актерите од политичка реплика, за потоа таа да добие интензитет на дихотомија во ставовите – „ние“ и „вие“, па потоа како општествена реалност да се претставува дека „сепак сите се студенти“. Интересно, а воедно и исто така амбивалентно, е што дури по толку години од случувањето на протестите, се уште кај главните актери преовладува мислењето дека „некој таму невидлив“ политички го исконструирал и подметнал сето тоа, па од тие причини и протестите биле неуспешни и минирани. Ваквиот став во суштина е дел од таа „лажна свест“ која веќе постанала дел од целокупната идеолошка матрица.

Тоа го докажува и самото чинење на протестите. Имено, тогаш, според весникот „Дневник“: „ Најголем дел од времето, демонстрантите поминаа пред Собранието каде што ја извикуваа македонската азбука и ја пееја химната. Се слушнаа и скандирањата: ’За Шиптари гасни комори‘, ’Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине‘, ’Софија Шиптарка‘... “, за потоа да осамнат и транспаренти на кои пишувало:„ ... „Со свинско ве поткупија комунисти“, „Денес еден факултет, утре цел универзитет“, „Ние не сакаме туѓо, своето си го браниме“, „Софија се продаде на сечените“, „Сите во школо, Софија во џамија“... “.  



Се чини како да и покрај „јавните оградувања на организаторите“, сепак тие транспаренти и извици постанале дел од насобраната толпа. Со други зборови, иако нашата визија за реалноста е јасна и децидна, како што вели тогаш младиот Милошески дека: „Овој закон е наменет за едуцирање на кадри за оспособување  на предавачи во основно и средно образование на јазик на националностите.. Значи тој закон им беше наметнат на националностите.“, сепак ние, „некако спонтано“, допуштаме да меѓу нас се појават оние кои ќе ни ја поматат „нашата визија за реалноста“, со онаа нивната. Во суштина, онаа „нивната“ е онаа вистинската реалност.

Така, за да се оправда онаа „нивна“ загубена илузорна реалност, со текот на времето, таа добива фантастични придавки. Десет години подоцна, во 2007 година, во интервју за Утрински Весник, Филип Петровски ќе каже:„Се заборава една димензија дека ние како студенти се боревме против Сојузот на студентите на Универзитетот „Кирил и Методиј“, односно против нелегитимниот избор на студентски лидер, потоа се боревме против некоректната политика на министерката за образование, трето се боревме против премиерот кој ги излажа студентите дека законот што беше во процедура нема да се донесе, се боревме против тоталитарниот режим во Македонија.“ Во истото тоа интервју, тогашниот средношколец, а сегашен пратеник, Влатко Ѓорчев, пак, ќе изјави:„ Студентско-средношколските протести од 1997 година беа силен индикатор, силен лакмус дека нешто не чини во нашата држава. Тоа беа најголемите протести во последните 15 години. Причината беше незадоволството од општите состојби во државата, а поводите се познати и бројни. Мислам дека на тие протести македонската младина ја манифестираше својата љубов спрема татковината, манифестираше солидарност помеѓу себе и изграден став за темите што не засегаат сите.“

На крајот, се чини дека овде илузијата во идеолошкото не е во „знаењето“, според изреката на Маркс, во почетокот на текстот, туку во „правењето“. Всушност, тие, сепак, многу добро знаеле што прават.

За да дојдеме до објаснување на овој клучен заклучок, а се со цел да се објасни суштината на потребата за протест на студентите од 17.11.2014 година, потребно е да разгледаме уште еден клучен настан.

На 28 март 2009 година на Плоштадот „Македонија“, група студенти од Архитектонскиот факултет, организирани под името „Прва Архитектонска Бригада“, поддржани од група граѓани,  јавно го изразија нивното незадоволство од неконтролираното разобличување на градот, и при кој обид беа спречени од „спонтано“ собрана илјадна група на контра-протестанти.  Под мотото „Не силувајте го Скопје“, на истиот ден, напладне на плоштадот „Македонија“, нивната идеја била да, симболично го покажат револтот против било каквото градење на објекти на тој регион, и тоа со жив ѕид од студенти кој ќе биде оформен на периметарот на локацијата, а идејата е означениот простор да го пополнат сите поддржувачи на протестот. Во печатените медиуми тие изјавија: „Целта на востанието е да ја кренеме јавната свест за несоодветната, нелогична и произволна поставеност на градежната парцела предвидена за верски објект“, велат од „Прва архи бригада“, потенцирајќи дека плоштадот во главниот град е јавен простор кој подеднакво му припаѓа на секој граѓанин. Тие нагласуваат дека ова е мирен протест, без никаква политичка заднина, и ги повикуваат сите учесници да не носат партиски обележја.



Она што следеше на посочениот датум било надоаѓање на огромна толпа од граѓани и верски лица со верски симболи, државни и партиски знамиња, верски и вулгарни транспаренити и пароли кои го попречија малубројниот протест на студентите од архитектонскиот факултет. Она што следеше од побројната група беше нешто слично како она во 1997-та. Извици од типот „Шиптари, Шиптари, Шиптари!“, преку скандирања „Исус, Исус, Исус!“, до „Предавници, богохуљи“ и слично, па се преку физичка пресметка со малубројните студенти. Краен твист на целата оваа приказна е неочкуваното и од никаде ненадајно појавување на членови од разни НВО организации кои воопшто и на почетокот не биле ниту повикани, ниту дел од идејата и групата на студенти од Архитектонскиот факултет од Скопје. Меѓу нив беа Владимир Милчин, Соња Исмаил и Ирена Цветковиќ.

Нивните барања не беа слушнати, а јавната дебата која следеше се сведе на партиски препукувања, про-контра верски објекти, дисквалификации, етикетирања и прекршочни пријави нив, организаторите на мирниот протест. За весникот „Вест“ од 31.03.2009 година, Богдан Илиевски, од Првата Архи Бригада, изјави: „Ние излеговме да се бориме за скопската архитектура, за Скопје, за подобро утре, и да го спречиме уништувањето на градскиот плоштад, кој треба да го чуваме и да им го оставиме на наредните поколенија. Никој од нас не протестираше против изградба на црква. Сметаме дека избраната локација за тој објект не соодветствува со архитектонско-урбанистичките услови на просторот “. Истиот став, и ден денес на нивниот симболичен простор, на веб порталот Фејсбук, на симболичен начин се повторува како тенденција за која тогашните студенти, а сега дипломирани архитекти, сметаат дека е нужна да остане во меморијата.



Јалово, но заштитнички позади студентите застанаа единствено Деканот на Архитектонскиот Факултет, како и асистент од истиот, г-ѓа Дивна Пенчиќ, кои појаснија: „...Факултетот мора да стои зад своите студенти, особено зад нивното право на мирен начин да изразат свој став, и да не бидат физички малтретирани. Не е точно дека во саботата на протестот немало студенти од нашиот факултет. Бев информиран дека ќе протестираат. ... На што ќе личи ако секој граѓанин одлучува како ќе се полни и празни буџетот на Република Македонија, како што сега секој е архитект и кажува каде и што да се гради. Такви работи не смее да се случуваат. Ова беше мирен собир и сe она што го искористија другите, не сме ние. Немојте да нe обвинувате дека сме политички ориентирани. ...“

Овде би сакал да направам едно кратко објаснување, бидејќи секаква споредба на неуспехот на оваа, втора група на разбунтувани студенти не е идентичен со оној од 1997-та. Имено, идеолошката фантазија која е зачната во 1997 година, од тогашните студенти, а сега пратеници и министри, беше својствена како општествена фантазија, а спроведена како реалност, тогаш, и таа до ден денес е дел од објективната општествена реалност на просечниот македонски граѓанин. Во спротивно, каков инаку би бил мотивот на далеку побројната група во 2009 година ако не со погоре посочените вербални изјави и мотиви?! Сето тоа го појаснува и изјавата на премиерот Никола Груевски уште истиот ден: „...за оваа страна, за која што претпоставувам сметате дека е од нас политички мотивирана можам да ви потврдам дека не е. Јас лично мислам дека се работи за проект на Мирослав Грчев, кој е директно против сите проекти на Владата. Тој е член на СДСМ, беше градоначалник на Центар во време на СДСМ и се спротивставува на секој проект кој што го прави Владата. ... Тоа е мое лично мислење не мора да е така, но јас сум длабоко убеден во тоа.“. Со слични изјави излегоа и претставници од опозиционата СДСМ, кои, во суштина го повторија ставот на Премиерот, само насочен во обратна насока, а се со цел за божемна заштита на студентите.

Интересно, но не е ни чудо што токму Филип Петровски, бунтовникот од 1997 година, во изјава за весникот „Дневник“ од 18 март 2006 година, а по повод легализацијата на универзитетот во Мала Речица, ќе изјави: „Во 1997 година протестиравме против Педагошката академија. Сега студентите протестираат против универзитетот во Мала Речица. Како што тргнале работите, во 2010 година ќе протестираме против тоа скопскиот универзитет да се вика "Скендер-бег" .“ Него го немаше на протестите во 2009 година, го немаше ни после оваа изјава од 2006, во 2010-та, кога навистина се изгради споменик на „Скендер-бег“, а го немаше ни на 17.11.2014 година.

И токму овде лежи нашата расправа. Ако како основа ги земеме двете тези од почетокот на текстот, тогаш на прв поглед, идеолошката илузија лежи во „знаењето“. Секако, станува збор за дисхармонија меѓу она што луѓето ефективно го прават и она што мислат дека го прават – идеологијата се состои во голиот факт луѓето не знаат што навистина прават, дека тие имаат лажна претстава за општествената реалност во која и припаѓаат (дисторзија, секако, продуцирана од самата таа реалност). Според тоа, ние мораме овде, позади сите нешта, односот меѓу сите нешта, да ги воочиме општествените односи, релациите меѓу човечките субјекти. Но токму таквото читање, кое што во овој текст го демонстриравме преку конкретни појави и изјави, во поглед на нашата погоре цитирана Марксова формула остава една илузија – грешка. Оваа дисторзија, која што веќе е во функција на нашата општествена реалност, е во суштина на ниво на тоа што индивидуите прават, но не она што тие мислат или знаат дека прават. Во Марксовата формула „Тие не знаат, но тие сепак тоа го прават“, илузијата не е на страна на знаењето, туку е веќе на страна на реалноста сама по себе – на она што луѓето веќе го прават. 



Според тоа, фундаменталното ниво на идеологијата, не е она на илузијата која ја замаглува вистинската состојба на нештата, туку на (несвесната) фантазија која ја структурира нашата општествена реалност, сама по себе. Најнакрај, дури и на ова ниво, ние во Република Македонија, сметајќи не само од 1997 година, туку од 1991 –та, сме далеку од пост-идеолошко општество.
Како што забележува Жижек во неговата „Возвишениот објект во идеологијата“:„Циничката дистанца е само еден начин од многуте за да се заслепиме самите себе пред структурната моќ на идеолошката фантазија, па дури и да не ги сфатиме нештата за сериозни, и дури да се држиме на иронична дистанца, ние сепак нештата ги правиме“.

Според тоа, бегањето од она „пост-идеолошко“ пред 1991 година, само создаде простор за создавање на ново, од 1991-та, а кое го доживеа својот зародиш со студентските протести од 1997-та. И оттука, не е ни чудо што истите се веќе заборавени, но не е тоа проблем на знаењето за самите протести, туку што тие предизвикале, односно што направиле за денес сите ние да живееме во идеолошката фантазија, која е длабок дел од нашата општествена реалност.

Токму од овие причини, студентскиот протест од 17.11.2014 година треба да се смета за единствен идеолошки автентичен глас од нашата општествена реалност од 1991 година до денес. Идеолошки, бидејќи во себе не го содржи фантастичното за општествената реалност, туку го содржи исклучиво разоткривањето и разголувањето на фантазијата креирана од 1997 година пред суровата реалност. Токму таквата илузорна поставка е причина и последица на долгогодишните експерименти во високото образование, кои денешните студенти објективно ги препознаа. И автентична бидејќи се произлезени како резултат на противречноста помеѓу „знаењето“ и „чинењето“ и проблемите кои тоа ги создало.

Со ваквиот чин тие само ја разоткриваат вистинската суштина на проблемот, а таа лежи во Слотердајк – „ Тие многу добро знаат што прават, но сепак, тие тоа го прават “.

Така, не е ни чудо што за сега никој не се појавил на контра протест, а истовремено и изјавите на Министерот за образование и наука дека протестите се политички монтирани, односно закаснетата поддршка на Претседателот на РМ кон студентите, се јалови. Ваквата практика не води кон ништо, истата е очигледна, лесно предвидлива и бесцелна. Тие знаат дека студентите се во право, и дека се автентични. Од друга страна, народот кој се уште ја поддржува ваквата политика, нема реален мотив за да излезе против нив. Народот се уште манипулира со фантастичните пароли „Ја поддржувам Владата, но ги поддржувам студентите – Не е во ред да си ставен во ќош и треба да се поддржат студентите, но не треба да се бунтува и дивее, треба да се почека Владата“.

Проблемот со студентите протестанти од 1997 година лежи во фактот што тие како појдовна точка ја земаа идеолошката фантазија која што веќе почнуваше да се креира, а не против разоткривање на истата, како суштествена и реална потреба на општествената реалност. Поради тоа и нивниот протест е неуспех, а нивните дела од тогаш, па до денес се неуспешни последици на тој неуспех.

Жижек во погоре споменатото дело ќе запише:„...Тие знаат дека нивната идеја за слобода ја маскира конкретната форма на експлоатација, но тие понатаму продолжуваат да ја следат оваа идеја за слобода. ...“

Студентите од 2009 година пак, иако беа во право, но кај нив ситуацијата беше сосема обратна. Тие не беа подготвени за противречностите што општествената реалност ги создало, иако задреа во болна точка произведена од таквата реалност. И во обете ситуации општеството го покажало својот конфликт, болната точка – потребата на студентите vis-a-vis креираната општествена реалност на побројната маса. И овде, не само што победи бројката, туку победи начинот на разбирање на креираната реалност – начинот на разбирање креиран и воспримен од поголемата маса беше нарушен, а истите не беа подготвени да ја предадат „својата верзија за реалноста“ така лесно.

Денес, кај оваа бројна група на студенти, реалноста е на нивна страна, без оглед на очигледниот факт кој сите ние го знаеме, но сепак го правиме онака како што наложува. Најпрво, овој проблем ги засега само нив, иако суштински тој има подлабока основа, која ја опишавме погоре. Истиот, за сега нема основа ниту мотив да продолжи, оти сепак односите не се подлабоко нарушени да би предизвикале дисторзија, од една страна, но и да ги мобилизираат преостанатите болни точки во општеството. Сепак, премногу е наивно и фантастично да „некој таму некаде очекува и посакува, од некој друг кој презел одреден чекор во свои раце.“ Тоа само би довело до општествени дисторзии како оние од 1997 година, а такви денес најмалку ни се потребни.

Професорката Билјана Ванковска, во својата колумна во дневниот весник „Нова Македонија“, се користи со изразите „Окупирај го Волстрит“, „Окупирај ја Демократијата“, па вешто избегнувајќи ги тие пароли, како да го наметнува она „Окупирај“ врз погодената институција и образование. Впрочем, ниту такви увезени пароли не им се потребни на младите студенти, тие немаат никаква врска со нивната реалност, која е дел од нашата општествена. 



Она што нашата општествена реалност, односно онаа студентската грчевито се обидува да го наметне како метод за решавање на настанатиот проблем е жестокото „NO PASSARAN“, кое е неодминлива лекција за секој реален идеолошки автентичен протест.

Дали некој ќе помине преку тоа „NO PASSARAN“, односно, дали лекцијата ќе биде научена, останува да видиме.

No comments:

Post a Comment