Lex est quod populus jubet atque constituit

Saturday, December 13, 2014

Не е екстерно, државен испит е! – Шо мајка ти?!



Токму овој наслов, уште на самиот почеток, задира во с`ржта на граѓанската одговорност и општествената корисност. Брутално, го разголува константното ебење во здрав мозок од страна на „Оние“ кои ја остваруваат Власта врз „Оние“ кои нив ги гласаат - избираат. Тоа е остар брич потсетник кој сече долж линијата каде се раздвојуваат општествено - правните дефиниции за „Нас“ и „Нив“. Меѓутоа, тоа е истовремено и брич кој сече врз старите рани, како потсетник за граѓанските и општествени функции на „Нас“ и „Нив“. 

Транспарент 1 - „За разлика од ВАС, НИЕ знаеме што значи граѓанска одговорност и општествена корист“


Има една мошне интересна Зен приказна, која верувам дека уште подлабоко и поинтересно ќе ја осветли противречноста на оваа општествена фарса, разоткриена на 17.11.2014 година, со првиот автентичен студентски марш, а разобличена и демистифицирана со вториот од 10.12.2014 година.

Тоа е приказна за едно момче, стариот Зен учител и селаните од селото, во која што на 14-тиот роденден на момчето, му било подарено коњ. Селаните од селото воздивнале, „О колку прекрасно!“. Но Зен учителот, кој живеел во селото, рекол, „Ќе видиме.“ Еден ден, момчето паднало од коњот и го скршило стапалото. Сите во селото извикнале „Оф колку страшно!“. Зен учителот рекол, „Ќе видиме“. Во меѓувреме селото било вовлечено во војна и сите млади момчиња отишле да војуваат. Но, поради скршеното стапало, момчето со коњот, останало во селото. Сите воздивнале, „Колку прекрасно!“. Зен учителот рекол, „Ќе видиме!“.

Лекцијата на која, во нашиов случај, не учи стариот Зен учител е лекција на политичка коректност. Не е доволно само да се даде воздишка или инстант емотивен импулс кон општествените промени и случувања околу нас, туку уште покоректно е да се држи едното око отворено кон значењето на истите. Со други зборови, многу е лесно да се падне во замката на политичко милосрдие, на пример, „О погледнете како Власта гради!“, „Колку убаво, само се нижат странски инвестиции!“, „Конечно ќе добиеме наш македонски грб!“, или онаа критичката „Па Власта пере пари“, „Нема странски инвестиции“, „Уф, страшно, па тоа е партиски грб!“. Мошне актуелна е онаа поновата, „А па видете, студентите протестираат – се гордееме со вакви деца!“ – „Студентите се партиски диригирани!“; и сл. 

Транспарент 2 - „Здраво Курир!“


Замката на политичка коректност, пресликана преку оваа Зен мудрост, лежи токму во нашиот општествено - политички однос, од позиција на граѓани и граѓанство, vis-a-vis состојбите во општеството, и нашата поединечна или групна функција во истото. Меѓутоа, овде, не е доволна само некоректноста на селаните, туку и пасивноста на Зен учителот. Тој ги предупредува за нивниот „навидум коректен и искрен избор – восклик“, меѓутоа останува „деловно индиферентен“. Јас Ве предупредувам на Вашите реакции, за тоа што тие можат да придонесат како целосен исход за целата ситуација, меѓутоа тоа во суштина е мојата граница до каде можам да делувам. И во суштина тука е проблемот во целата Зен приказна – учителот неколку пати ги предупредува селаните, но без успех, болеста се повторува; лекот само ги влошува состојбите – тој е дел од симптомот.

Ако се сеќавате во текстот „Паркот на Жената Борец – За правното во јавниот интерес како креација на демократското фетиширање“, мошне конкретно го споменавме францускиот хроничар на американскиот казнен систем Алексис Де Токвил. Низ своето искуство поминато во САД во првата половина на XIX-иот век, ќе заклучи дека американците од сите слоеви и возрасти, зависно од своите локални општествени потреби и тенденции секојдневно се здружуваат во различни форми на здружување. Таквото здружување е со единствена цел – учество во општествениот – правен и економски живот во сите пори на американското општество.

Во тој текст директно ја пренесовме фасцинацијата на Токвил, за тоа „како е можно толку независни луѓе, кои заради причината на промовирање на некаков политички принцип или заради издигнување на определена индивидуа на чело на политичките збиднувања, или при взаемна политичка борба, констатно да не запаѓаат во злоупотреба на слободата?“ Тоа го опишавме преку неговата фасцинација од здруженоста на луѓето да искажат протест за „воздржаност од консумирање на алкохол“, поради зголемени социјални проблеми како последица на пијанство.

Токвил, од позиција на набљудувач на Зен приказната, овде сосема умешно и директно посочил на суштината на нашата замка. Тој со право заклучил границата помеѓу искажаниот протест заради конкретен општествен проблем, како израз на волја – право на одредена група на граѓани засегнати со тој проблем, е мошне тенка со злоупотреба на причините од истата. Односно, дали нужно сето тоа би предизвикало сосема поинакви, негативни последици? Проблемот овде, секако лежи во неговата констатација дека: „...љубовта кон независноста (чувството на независност), е знак дека токму таа прва ќе удри  кон пасивните набљудувачи и ќе биде аларм за уплашените; а така, ниту може да се каже дека ваквото алармирање е целосно неоправдано ...“. Со други зборови, како што понатаму ќе констатира Токвил – анархијата сепак не е толку страшна како што изгледа во прв поглед.

Суштината лежи во простиот факт дека сепак не е доволно само да се каже со блажена леснотија „Ох колку прекрасно!“, односно со вознемиреност „Уф колку страшно“, исто како што не е доволно Зен - резигнирано, да се каже „Ќе видиме!“. И едното и другото во суштина се дел од проблемот, како што Токвил ќе го констатира како „константно уживање во однос на рамноправните ближни како акт на израз на сакање на слободата“.

Да појасниме – не е политички доволно и коректно да граѓаните во Република Македонија кажат „браво“ или „ги поддржувам/не се согласувам со студентските протести“, дотолку повеќе што и не е политички доволно и коректно да Власта изгубено и резигнирано го практикува она „Ќе видиме“ (преку нивната вербално изгубена реплика на органите на државната Власт „Не е екстерно – државен испит е; Кога ќе имаме предлог ќе разговараме; Кога ќе дојде премиерот ќе се изјасниме; Нека протестираат за што сакаат и како сакаат, тоа нам не ни е важно“ и сл.). Политичката коректност т.е. доволност лежи токму во противречноста на овој взаемен општествен однос – не да се заземе страна per se туку да се оди против тој однос, да се види противречноста, и да се биде анархичен – безвластен во тој однос. Заземањето на страна, без да се види противречноста на тој однос, причината заради која се излезени Студентите да протестираат, е сугерирање на чувството за љубовта кон политичката слобода. При таква ситуација граѓаните, очигледно, немаат директно влијание еден кон друг за причините и последиците на нивната т.н. политичко – правна граѓанска и демократска, еве ќе додадеме и уставна, слобода. Тие не се свесни за противречноста која што вака поставениот, уставно – правен, граѓански концепт на политичко слободарско делување за нив ја поставил. Токму овој систем на парцијално граѓанско политичко делување, е во суштина однапред утврдено во демократски – хиерархиски позиции; Ние сме граѓаните, ќе искажеме солидарност т.е. не се солидаризираме со протестите поради несогласување со истите, а вие сте Власта па одлучете; односно ние сме органот на Власт, избран од народот (позиција и опозиција; без оглед на тоа што овие вториве бегаат од политичка одговорност), па следствено на тоа „ќе видиме што ќе одлучиме и како ќе одлучиме“, бидејќи постои однапред пропишана процедура – причина и последица.

Меѓутоа, причините и последиците веќе настануваат, независно од она што Власта, т.е. „заземачите на страни“ го велат. Тоа е она на кое Токвил, а и Студентите предупредуваат.

Транспарент 3 - „За кого работат? Не работат за нас! Кого работат? Секој еден од нас!“


Овде, за да ги приближиме нештата кон нашава општествена реалност, би направиле една кратка дигресија кон Уставот на Република Македонија, кој упатува на ваквите процедурални противречности, но и истовремено истите ги посочува како можност за надминување.

Концепцијата на Уставот на РМ од 1991 година се базира врз неколку постулати. Првиот постулат се состои во тоа дека тој претставува устав на самостојност и сувереност. Вториот на граѓанство и демократија, третиот на правен и социјален концепт и четвртиот на сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија. Овие постулати, предвидени во првата Преамбула од Уставот од 1991 година, во суштина го градат карактерот на државата т.е. нејзините основни Уставни карактеристики.
Со Амандманот IV, донесен во 2001 година, старата преамбула се менува со нова, која воведува нови концепти. Можеби една од најважните новини е тоа што на почетокот на текстот од Преамбулата се споменуваат „граѓаните“. Тоа значи дека „Граѓаните“ се творци на македонската држава. Пошироко гледано, тоа значи дека како примарен прерогатив за последователниот текст во новата преамбула, односно и за самата содржина на текстот претставува волјата на граѓаните за заедничка држава (овде во смисла на Преамбулата се мисли на сите етнички заедници т.е. народи, кои се составен дел од „граѓанството“ на Република Македонија, како творци на истата заедничка држава). При тоа, не е грешка ваквата тенденција да се спореди со она Русовото „volonte generale“ и „volonte de tous“, каде првото претставува општ интерес за сите индивидуи, а второто е збир на поединечните волји. Така, збирот на поединечните волји е она што ја креира општата волја т.е. тенденцијата за истото. Според тоа, општата волја е онаа колективната волја, во која се потиснуваат општествените противречности што настануваат од судирот на индивидуалните (Русо ќе каже „себични“) интереси. На тој начин функционира т.е. се креира „заедничкото ЈАС“ – во овој случај тенденцијата за Држава.

Според тоа, во смисла, но и во продолжение на Преамбулата, сосема јасно е искажана таа граѓанска волја т.е. творба каде истата се објаснува – „... одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, ....., преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори, ... “. Овде мошне сликовито, но конкретно, се објаснува токму тој општествен, во уставна смисла – граѓански, однос во самата Држава – општество. Прво, овде се објаснува заедничката недвосмислена одлука, како највисок израз на индивидуална и колективна општествено - граѓанска волја, за воспоставување на Уредувањето – Република Македонија.
Второ, тука е намерата, како директен недвосмислен акт – дејство за тоа да се причини. Намерата овде зазема и еден поширок сегмент, а тоа е начинот како таа намера да се оствари – зацврстување на владеењето на правото, гаранцијата на човековите права и сл. При тоа, начинот овде не подразбира финална формална формула сведена на хартија, туку една движечка жива сила, која што константно се става себе си на тест и константно се менува.
И трето, тука е односот меѓу граѓанинот и Власта – „преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори“. Имено, овде во суштина се разбива хиерархиската субординираност меѓу граѓанинот и оној што е на Власт – нема однос на „Ние и Вие“, „Јас и Тој“, „Нас и Ним“. Не постои недостапност и недопирливост меѓу оној што е на Власт и Граѓанинот. Но исто така не постои ни ексклузивитет за тоа „кој да биде на Власт“, како и „кон кого Власта да притежне со својата милост“. Како што и самиот Русо во „Општествениот договор“ појаснува дека „народните пратеници се повереници (во смисла на Нашиот Устав – претставници), а не застапници на народот.

Токму во ваквата поставеност на односите лежи суштината на нашата мала реална секојдневна Зен приказна. Она што во суштина Студентите ни го порачаа не е само како вистински да ја согледаме македонската општествена реалност, туку и дека сме активен дел од неа; нешто кое сме го оставиле во заборав од 08.09.1991 година.

Тие го урнаа она „Не е екстерно, државен испит е“, демократска процедура која ние сите здраво за готово, и премолчено акламативно ја прифаќавме како највисока Демократска и граѓанска Зен мудрост – „Ох колку прекрасно!“ и „Уф колку страшноvis-a-vis навидум мудрото репетитивно ебење „Ќе видиме!“ на Зен Власта. Простото и едноставно „Шо мајка ти?!“ е анархо ебење на тој досаден репетитивен однос.
Во смисла на ова, а во ситуација кога секој човек веќе се повлекува во различна насока од онаа „пропишаната“, а која што насока по својата суштина е дел од таа т.н. граѓанска процедура (однос на општење меѓу Власта и Граѓаните), практиката на безредие мора нужно и веднаш да ја достигне теренската превласт. Овде при тоа не се мисли на она често вулгаризирано безредие и хаос, туку на безредие кое што е проникнато од шизофрената и психотична состојба на државен ред и поредок кои Државата преку Органите на Власт ги заразија порите на граѓанинот и човекот. Ткивото на ваквото општество мора нужно и одеднаш да се урне. 

Транспарент 4 - „Не е екстгерно. Државен испит е. Шо мајка ти?!“


Студентите ова го покажаа и демонстрираа за точки од интерес што нив и нивната фела ги засегаат. На нас останува да ја научиме, никогаш не научената и несфатената лекција по граѓанско образование.


Тие не ни дадоа лекција, иако на прв поглед на 10.12.2014 година тоа така изгледаше. Лекцијата секогаш фаќала прашина во полиците од нашите општествено - граѓански мозоци. Тие ни удрија добар воспитен интелектуален ќотек, а сега на нас останува да ја научиме лекцијата и ја ставиме пред свршен чин дихотомната општествено – политичка структура создадена од 1991 година, сексуално повторувана цели 24 години.

No comments:

Post a Comment