Lex est quod populus jubet atque constituit

Wednesday, December 30, 2015

ЗА ФИКЦИЈАТА И ВРАЌАЊЕТО

Има една интересна симболика меѓу пропаста на Римската Res Publica и политичко – правната неизвесност која во овие 25 години независност, од нејзиниот почеток во 1991-та, во оваа 2015 година веќе го достигнува својот зенит.

Би било премногу тенденциозно доколку буквално се протолкува тезата, но сепак, нели се слични околностите и случувањата при последните денови на Римската Република, и политичко – правната криза, денес и овде, во Република Македонија?

И обете политички партии ( СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), се длабоко конфликтни една кон друга. Како такви само ја продлабочуваат правната несигурност и придонесуваат кон очигледното безизлезие. Сопствената партиска волја ја издигнуваат на ниво на државен интерес, а при тоа истата ја преточуваат во право, како единствена релевантна политичко - правна волја.

И обете страни, надвор од институциите, а сепак фактички во нив, истите правно ги злоупотребуваат за да си нафрлаат правни и вербални лекции по политичка коректност и неподобност. Едните од позиција на Власт, а другите од позиција на „опозиција“, иако во суштина и обете учествуваат на еден или на друг начин во политичкиот термин „Власт“, примарната позиција на делување е „правото на Партијата за Демократија“. Така, без оглед на тоа што едните не го признаваат, а другите го прифаќаат легитимитетот и легалитетот на изборниот исход од 2014 година, реторички, и обете вешто го употребуваат во веќе настанатиот општествен вакуум.
Секако, тука е неодминливата реторика на прогласување на државен непријатели и предавници на Републиката („модерно“ Hostis Indicatio, но во простачка форма).

Додека СДСМ бара враќање на слободата и демократијата, ВМРО – ДПМНЕ, пак бараат враќање на состојбите пред целата оваа бркотница, според нив, настаната од СДСМ. Тие бараат враќање на нивниот ексклузивен пат за прогрес, оспорен од овие „првиве“ како криминален и диктаторски. Од друга страна пак, токму овие вредности, веќе подолго време нафрлани од обете страни, прераснуваат и добиваат сосема поинаква артикулација, небаре евтина ТВ реклама. Секако, тоа е така, бидејќи и обете страни, на за себе прифатлив начин истите ги толкуваат и продаваат. 

Како и да е, во неколкуте редови историско – правно надоврзување, ќе забележиме дека, суштински, денес по ништо не се разликуваме од турбулентната пресвртница во Римската Res Publica, т.е. од правниот вакуум настанат од противречностите во истата.

Распаќе



Во претходната расправа, за сликовито ја објасниме суштината на Македонската демократска политичко-правна трансформација и реформација, се послуживме со т.н. правен и политички вакуум во последните денови на Римската Република (Res Publica). Како што видовме, тој вакуум не настанал сам од себе, туку е продукт на низа настани кои биле предодредени, пред се од нивната внатрешна општествена противречност, стотици години пред истите да доживеат кулминација. Кулминацијата била во рацете на Јулиј Цезар, кој не симнувајќи се од позицијата „диктатор“, ги презел сите функции од Римските институции, и на тој начин воспоставил тотална контрола врз Републиката. Конфликтот меѓу реликтите наречени optimates и populares, како движечки конфронтирачки сили за реформи во Републиката, некако бил ставен во втор план, и покрај нивната политичка спротивност. Преку делувањата на Римскиот Сенат, т.е. конспираторите против Цезар (Каска, Кај Касиј, Требониј и др.), а особено Маркус Брут, како специфичен фактор во целата таа политичка драма, во суштина се барало „враќање на Републиката“ во старите процеси.

Тоа е така, бидејќи, претходно, и самиот Сенат, изнел hostis indicatio. Кога Сенатот ќе изразел hostis indicatio, во суштина прогласувал Римски граѓанин за „државен/јавен“ непријател. Тоа се случувало единствено кога тој Римски граѓанин ја загрозувал безбедноста на Res Publica, преку заговор или предавство. Цезар бил прогласен за hostis, но истиот не ја вратил Res Publica назад во институциите.

Ова било причина за создавање на вториот триумвират, на чело со Лепид, Марко Антоние и Октавијан.

Imperator Caesar Divi Filius Augustus


По победата на „новиот Цезар“ кај Актиум, во Рим почнало „да се зборува“ дека синот на еден од триумвриите, на третиот триумвиратор Лепид, имал план да го убие Октавијан. Причината за заговорот, најверојатно, била поврзана со фактот дека еден долгорочен проблем надвиснал над Рим – состојбата со нараснатиот број и нерешениот статус воени ветерани. Поради тоа Октавијан морал кратко да се врати во Рим.

Меѓутоа, овде има нешто клучно.
Октавијан, од овој случај, сфатил дека мора да делува брзо, ако сака да обезбеди одредена контрола врз дејствијата на неговите освојувања во Египет, и истовремено, да обезбеди сигурност врз случувањата во Рим. Впочем, како „новиот Цезар“ би владеел? Најпрво, за него, било премногу ризично да го остави Египет на обичен Сенатор, поради тоа, тој одбрал еквестор за гувернер; го избрал еквессторот Корнелиј Галус. Еквестрите (или Квесторите) биле воени лица од родот на коњаницата – Equestrii. Овие одлуки биле ратификувани во Рим, веројатно околу 30, односно 29 година п.н.е.
Преку овој потег, Октавијан практично им „забранил“ на Сенаторите да го посетат Египет. Богатството од Египет масовно го зголемило капацитетот на Октавијан за „дарување на Римската јавност“.
И второ, веднаш штом се вратил во Рим, посегнал по најочигледното – прослава за победата и освојувањата. Во средината на Август, 29 година п.н.е., Октавијан прославил величенствен троен триумф, претходни два во Египет (35-33 година п.н.е.), и секако оној во Актиум. Понатаму, голем храм во чест на Обожуваниот Јулиј Цезар бил завршен 29 година п.н.е., и уште еден нов голем храм бил завршен на ридот Палатин, веднаш до неговата куќа.
Лицето на Рим било тотално променето благодарение на неговата деспотска кариера, но Октавијан, свесно знаел дека тој веќе не смее, и не може да продолжи по стапките на својот адоптивен татко. Октавијан знаел дека уште едно пролонгирано диктаторство, уште еден божествен култ во Рим, во оваа ситуација би бил фатален. Иако добар дел од познатите Римски фамилии од Републиката исчезнале во текот на Граѓанската војна, сепак тие не биле „изумрени“. Членови на фие фамилии биле меѓу сенаторите во тие моменти, а подоцна ќе постанат команданти во Провинциите, а некои од нив, кои биле истомисленици на Цицерон, сеуште се надевале за враќање на Републиката.

Тие морале да се помират со „новиот поредок“.

Во 28 година п.н.е. Октавијан и лојалниот Агрипа, почнале процес на држење на местото Конзул. Процесот го започнале заеднички. Тој период е попознат како Диархија, односно владеење на двајца конзули. Со тоа Триумвиратот бил прогласен за нелегален, па судовите и изборот на чиновниците и претставниците, имплицирало дека можеле да функционираат нормално. Бројот на сенатори бил намален, Јавните финансии биле покачени, била воведена позицијата Урбан Претор (Praetor urbana) со цел да се регулира правдата во Рим, и до крајот на годината, сите илегални акти на триумвриите биле суспендирани.

Во секој случај, „реставрацијата“ продолжила и во следната година. Октавијан повторно бил конзул и на 13-ти јануари 27 година пр.н.е. покренал прашање во Сенатот кое се однесувало на распределба на провинциите на конзулите. Еден од одговорите, кој несомнено бил однапред подготвен, бил да му се понудат на Октавијан сите провинции. Неколку дена подоцна Октавијан учтиво ја прифатил контролата врз повеќето провинции, секако не на сите, но во оние кои ги прифатил била најважната тројка, Галија, Шпанија и Сирија, заедно со други, на кои најмногу била концентрирана армијата. Тој требало да владее со нив „до десет години“. Исто така му било понудено ново, свечено, име „Август“ (се вели дека му било понудено името Romulus како титула, но самото име имало многу мрачна позадина, вклучувајќи го убиството на братот на Romulus, и смртта на Romulus од страна на сенаторите). Почесен венец од дабови лисја биле изгласани да го украсуваат влезот на новата резиденција на Августот, а истовремено бил дефиниран и почесен штит (симбол), кој според тоа ги дефинирале неговите „специјални доблести“.

Безмалку дваесетина години порано, Цицерон избрал слични такви „доблести“ кога се изјаснувал и аргументирал за Јулиј Цезар: „храброст, милосрдие, правда и благочестие.“ Оттука, не случајно и Октавијан како неопходност го читал говорот на Цицерон, и покрај тоа што Атикус претходно му го „позајмил“.

Со други зборови, овие „доблести“ веќе влегле во „климата на мислење“. 

Клима на мислење


Но, и покрај сменетата презентација, моќта на Августот останала непроменета. Кога милионските Римски поданици однадвор гледале на него како кон „крал“, а многумина па дури и не можеле да го изговорат комплицираниот збор како „imperium“, зошто тогаш сета таа внимателна ре-презентација на неговата моќ во Рим, воопшто имала значење?
За римските водечки фамилии од Италијанските градови сето тоа и немало некое големо значење. Треба да се има в предвид дека „Римскиот устав“ никогаш порано не бил толку високо на листата на грижи на Рим, а истовремено многумина од Римските лидери, кои сега биле „нови момци“ кои мошне силно профитирале од бројните убиства и проскрипции (забрани) од доцните 40-ти, нешто што по суштина било во тотална спротивност со вистинската „републиканска слобода“.
Од друга страна пак, што се однесува до Народот на Рим, нивна главна грижа била дека некој нив ќе ги храни, и ќе се грижи за нивната безбедност, што историски гледано, Сенатот повеќе не можел тоа да го прави. Безбедност, меѓу другото, во суштина, не е исто што и слобода. Напротив, мошне важен конституенс за „реставрацијата“ било мислењето на Сенатот, врз кого почивала легитимната одлука за снабдување на армиските команданти, личната безбедност на Августот, како и неговиот легитимитет.

До 28 година п.н.е. Октавијан веќе бил поставен за Принцепс (Прв член на Сенатот – Princeps senatus), а како веќе од 12 година п.н.е. му била дадена должноста pontifex maximus (Прв свештеник на Рим; интересно, но една од титулите кои Папата во Рим и ден денес ја има е во суштина токму оваа – Pontifex Maximus, наследена и пренесена токму од Октавијан) Октавијан бил лично ослободен од прописите за забрана на кумулација и литерација на магистратурата, па со тоа постанал и стварен владетел на Римската држава, иако по форма тој бил само Магистрат на Републиката.

Хронолошки се уште нејасно утврдено, но околу 1 јули 23 година пр.н.е. Август церемонијално поднел оставка од своето место како Конзул. Наместо тоа, тој извлекол нова карта, ги зел моќите на трибун, но бил ослободен од популарната функција „Трибун“, како таква. Сега, позицијата Конзул била отворена за Сенаторските натпреварувања, на нивно сестрано задоволство.

Во тие неколку месеци, имало голема опасност Август да биде убиен, а Републиката да биде искрено и сериозно обновена. Нештата се уште биле премногу кревки. Како и да е, новиот пакет на овластувања и моќи на Августот секако не го повлекле од неговата претходна позиција. Наместо тоа, во неговата база на моќ, различните сили само постанале по изразени. Моќите од Трибунот само ги евоцирале неговите „специјални“ врски со Римскиот плебс (вклучувајќи ги неговите моќи да предложува закони), додека неговата моќ како Проконзул го задржало поврзан со распоредените војски во неговите бројни провинции. Моќта била поголема од оние на другите Проконзули, каква што била моќта изгласана и дадена на Гнеј Помпеј за да се справи со кризата од недостаток на жито во 57-та година пр.н.е.: иронично, но Ослободителите (Либераторите) од 43 година пр.н.е. би гласале идентично.

Во 21 година пр.н.е., во моментите кога Август го напуштил Рим за да го реши „прашањето“ со Партија на исток, народот одбил да избере двајца Конзули. Се заканувал уставен ќор-сокак. До 19 година пр.н.е., сеуште во негово отсуство, нов „шампион“ изникнал од интересот на Народот, Егнациј Руфус, кој во Рим се заканувал директно и непосредно да биде избран за Конзул преку „Senatun ultimatum“, кој би бил донесен од Сенатот и да стапел во сила како единствен Конзул на таа функција. До таа година, постоеле константни кризи во градот, кои, очигледно од политичката и општествената состојба, како единствен човек кој можел да ги реши бил самиот Август, кој како Помпеј во 52-рата, постанал незаменлив и неопходен. 

Октавијан 2 (Втори) Македонски - Десниот


Во истата година, од Рим биле испратени двајца пратеници за да го најдат во Грција и да го убедат да номинира нов Конзул (секако, тој одбрал Благородник). Треба да се има во предвид овде позицијата на Август, дека сепак тој за сето ова време не бил така наивен дека токму нему нема да му се обратат во овие кризни моменти. Со други зборови, позицијата која ја имал, иако не бил Конзул, ниту пак Трибун, ниту пак бил во таква функција, тој во себе ги имал таквите овластувања, сепак бил свесен за моќта која ја имал, па сето тоа веќе било прашање на игра на која времето само отчукувало за него. Интересно, но Август не сакал триумф, ниту пак дневен пречек, така што пред повторно да влезе во Рим, детаљи и церемонии околу неговите формални права не ни требало да бидат однапред подредени, со оглед на тоа дека токму поради веќе воспоставените формални права, тој веќе можел да управува со Рим од внатре.

Очигледно, тој веќе ги комбинирал, сврзал и практикувал народните моќи на Трибунот со своите веќе дадена моќ на командување, која била поголема од сите моментални и поранешни Конзули. Двосмисленоста меѓу „Сенатот“ и „Народот“ во долгогодишната историја на Републиката, сега била спектаторски дадена на разрешување во рацете на еден човек, и тоа по барање на двете страни.

Август немилосрдно ги убил своите противници, не освоил никаква во битките и ги измамил и надмудрил најгорделивите луѓе преостанати во Рим. 

Октавијан 2 (Втори) Македонски - Левиот


Оттука, треба да бидеме внимателни, но не и наивни кога ќе кажеме дека смислата на терминот „Враќање“, односно потребата за „Враќање“ сама по себе е производ на фикција. Тоа е недостатокот на реализација, односно недостатокот на согледување на вистинскиот потенцијал во моментот кога треба да се дејствува, па самата пропуштена шанса го одложува дејството на реализација, кое во суштина веќе ја губи својата примарна форма и потреба. Така, таа наместо да постане реализирана потреба, веќе е трансформирана во нереален приказ, за сметка на општествената стварност која веќе е променета. Секој понатамошен труд за враќање на изгубеното, кое во моментот на барањето за враќање претставува несвесно, уште повеќе го поткопува потенцијалот за разрешување на драмата и избегнување на непосакуваниот и неконтролираниот хорор кој следи.

Впрочем, и самиот Роџер Вотерс, односно Пинк во филмот, т.е. албумот „The Wall“ и покрај се, се свесни за таквиот исход. Оттаму и лудилото во Пинк; во амбиваленцијата да се најде солуција за натрупаните цигли во „Ѕидот“. Навидум изолацијата и враќањето кон инстинктот за заштита, од една страна, и страста за контрола и моќ се чинат премногу лесни методи за враќање на изгубеното (во овој случај „желбата за функционален модел на безгрижност и сигурност“), но на долг рок се јалови. Истовремено, и екстерната одлука да се урне „Ѕидот“ е непосакувана, иако на прв поглед ни се чини сосема оправдана. Разголувањето и откривањето на проблемот не се случува со рушењето на „Ѕидот“, Outside the Wall, напротив, пред Судијата и Поротата на „The Trial“. Тоа е вистинската драма на амбиваленцијата меѓу враќањето и фикцијата – соочување со постапките.

Слично и во Шекспировата „Јулиј Цезар“, преку ликот на Брут. Брут не се соочува со постапките, т.е. не осознава за јаловоста во „враќањето“ во сцените пред да го убие Цезар, ниту во моментот кога се самоубива, туку преку покажување на „прљавиот веш“ во воениот шатор со Кај Касиј. Токму тука е вистинската трагедија на внатрешниот суд – реалноста за пропуштената шанса да се погледне реалноста на фикцијата, односно фикцијата во враќањето.

Денес, повеќе од било кога, во ова предворје на интензивирање на нашата, Македонска, неизбежна и трауматска неизвесност, овие прашања се повеќе го достигнуваат својот зенит. 

Бесполезно е да се говори за некакво си враќање на нештата во некаква претходна стабилна рамка. Особено е бесполезно кога таквата рамка уште од самото создавање е стриктно формалистичка, па како таква, таа и придонесува кон сопствената криза и хипокризија.

Не може да се сруши нешто што самото константно живее од фазите на рушење и создавање кризи. Истовремено, парадоксално, тоа „Нешто“ создава уште поголема контрола како го одржало сопствениот формално – правен концепт.

Како што разговорот меѓу Брут и Кај Касиј, односно соголувањето на Пинк пред Судот (оној внатрешниот), го соголува јадрото на кризата, корупцијата и расипаноста позади желбата за промена и т.н. враќање (на Res Publica), така и „Бомбите на Заев“ ја соголуваат оваа наша 25 годишна демократско – правна амбивалентност. Истовремено, тие, во овие последни денови од македонската демократија, наместо да го искористат својот вистински потенцијал, да ја до уништат формално-правната фикција меѓу демократијата и правото, т.е. животот и правото, и ја разголат „вистината за враќањето“ (дека такво нешто воопшто не постои), тие го чинат сосема спротивното. 

Тие чинат формално-правното да биде поформално регулирано, надодавајќи уште поголема контрола над веќе воспоставената, а врз веќе воспоставената фикција на „правно враќање“. Небаре овде се работи за Restituto ad integrum, па е подизгубен некаков рок, потрошено е некакво време за нешто, па одеднаш ќе бараме да го надокнадиме. 

Секако, не можеме во ниту еден случај така лесно да направиме споредба дека трагедијата на Римската Република е идентична со оваа денешната, но контекстот на околностите, кои ги предизвикуваат противречностите на она што претставува денес „јавно“ и „приватно“, добиваат на значење. Проблемите на авторитетот, контролата, сигурноста и слободата, кои од ден на ден се повеќе заземаат невидени правни рамки, само за да влезат во еден потесен контекст на пошироката смисла на она што претставува општествен живот ја загадуваат сета релација помеѓу потребата за „јавно“ и „приватно“.

Во правна смисла на зборот „јавното“ не е ексклузивитет на колективот, ништо помалку од фактот дека „приватното“ е ексклузивитет на авторитетот. Но истовремено, ниту едното ниту другото не се ексклузиви на авторитетите како желба на колективите, и обратно, желба на колективите за авторитет.

Треба да ни биде јасно, дека ваквиот непредвидлив и нејасен резултат во суштина е реализација на желбата за „јавното“ и „приватното“ во Република Македонија, но не и последица на готов производ.  Од тие причини и предводниците на Македонската Левица, како и предводниците на Македонската Десница, декларативно се најостри бранители на „за секого своја верзија“ на „јавното“ и „приватното“. Како резултат на ваквиот однос, токму сега, во овие најблиски моменти во суштина е креирано она што е претставува „јавно“ и „приватно“ во Република Македонија. Ексклузивитетот да се толкува, создаде и учествува во тој однос, денес ја подрива дури и самата желба за креирање на нов јавен и приватен простор, во зародишот на Нашата независност. Причините за потребата од контрола врз тој нејасен и нереализиран простор, односно желбата да се протолкува и воспостави истиот, од позиција на Власт, ја создало потребата за влегување во приватноста преку прислушување. Истовремено, причините за објава на овој претходен акт, не се ништо друго туку уште една желба за вовлекување на ексклузивно поимање на односот меѓу јавното и приватното, меѓу животот и правото.
Резултатот е договор кој сета оваа рамка треба правно да го регулира. И токму тука лежи двосмисленоста на овој проблем. Од една страна се говори за недостаток на правда, а од друга за формата на истата. Обете страни говорат за правда, но и обете ја ставаат од различна формална рамка и процедура. И обете страни ја гледаат, но различно ја поимаат. 

шизофрени дилеми


 Оттука и фикцијата дека „нештата треба да се вратат од самиот почеток, онакви какви што биле“.

Договорот, во овој момент, е веќе постанат формално право, процедура, кој сам по себе има императивен карактер. Во таква ситуација, да се говори за правда, односно да се толкува, или во најмала рака, да се гледа на правото низ призма на правда и живо право, т.е. за она што претставува гол општествен живот, е дополнителна илузија.

Трасата за нов „Imperium“ е веќе поставена и неизбежна на 24 април 2016 година. Во моменти кога гледаме како да ја надоместиме огромната штета од Десничарскиот тоталитет, резултатите на овој тоталитет, веќе добиваат поинаква форма, без оглед каков ќе биде исходот од 24 април.

Резултатот е ново право, нова формално-правна рамка за состојбата која е предизвикана од конфликтот меѓу правно - политичкото поимање на ексклузивни авторитети во односот меѓу јавното и приватното.

Во моменти кога правото станува императив, а правдата и голиот живот имагинарни, тогаш тоталитетот, правно гледано, претставува res iudicata – веќе пресудена работа.

Постои само една опција, а тоа е правдата да стане Imperium; правдата, т.е. животот да биде толкуван од правото, но не и да бидат подјармени во рамка. Само тогаш ќе можеме да говориме за живо право, нешто што произлегува, циркулира и ре-креира, но не и да доминира. 

Според тоа, многу поважен е политичкиот исход од целата оваа мешаница, отколку правниот.


На тој начин, ќе се даде шанса на потребата за живот, наместо на Imperium на право, кој веќе ја загадил секоја пора од нашето општество. 

Прашање за „слепата“ Правда - „Дали Правдата е instrumentum vocale за оние што ниту слушаат ниту зборуваат?“

No comments:

Post a Comment