Lex est quod populus jubet atque constituit

Sunday, July 2, 2017

За кривичната одговорност кај здруженијата на граѓани како правни лица - 1/2

Во периодот од крајот на февруари 2017 година, па некаде до крајот на март истата година, во нашата држава, никнаа извесен број на т.н. „македонски патриотски здруженија (МПЗ)“. Тие се околу дваесет и две на број (http://mn.mk/aktuelno/13096-OBEDINUVANjE-NA-MAKEDONSKITE-PATRIOTSKI-ZDRUZENIJA ). Овие здруженија, кои за краток период постанаа навистина сомнителни по вршењето на својата дејност и остварувањето на своите цели и задачи, можат да бидат предмет на повеќе точки на интерес. 
Нивна општа цел, како што впрочем тие постојано нагласуваат, е „зачувување на виталните националните и државни интереси на Република Македонија“. Меѓутоа, приказната за нивната целисходност е сосема подруга.


„Сите топтан“


Многу од нив, во своите статути (кои патем се без малку идентични) имаат мошне сомнителни одредби. Во статутот на т.н. МПЗ „Тврдокорни“, во одредбите за цели и задачи, на пример, се наоѓаат ваков вид на одредби:
-          да се разобличува секоја форма на лажен патриотизам кој е поттикнат од лични интереси и од интереси на помала група на луѓе кои не водат грижа за Македонците во државата.
-          да врши следење на појавите на анти-македонско делување во секое населено место во државата и за тоа навремено да ги информира институциите, новинарските куќи, информативните портали, странските амбасади, како и да врши силен притисок за покренување на силна осуда и санционирање на истите.
-          да поттикнува иницијативи за обединување на сите патриотски организации и индивидуи кои се пронаоѓаат во статутот на ТВРДОКОРНИ, а со цел одбрана на националните интереси на Македонците и Македонија и спротиставување на секаков вид на уцени и притисоци на Македонците и Македонија како наша татковина;

Содржината на статутот, на нивната веб страница, е нецелосна, https://tvrdokorni.wordpress.com/dokumenti/ , и не постојат одредби за други органи, кои го претставуваат здружението во правниот живот, ниту пак одредби  за начини на финансирање и финансиско работење, како и други одредби утврдени со Законот за здруженија на граѓани и фондации, како и со друг закон. 
Што се однесува до нивната Програма, и таа може да биде предмет на расправа, исто така поради нејзината содржина. На пример во делот каде се бара амнестија за сите оние „лица во Македонија кои бранејќи ја Македонија под знамето на Македонија, се санкционирани од страна на институциите, доколку во тие дејства не направиле потешки престапи (грабежи, убиство и нанесување тешки телесни повреди). Или, на пример, давањето на бесплатна земја на сите Македонци по род, не прифаќање на Рамковниот договор и Уставните измени од 2001 година преку нивно укинување, и слично.

Но, овие одредби и заложби, по својата суштина можеби и да не значат ништо, доколку во секојдневниот живот не добијат „соодветна практика“. Па така, сите овие здруженија, во почетокот на април 2017 година се здружија во т.н. Македонски национален фронт, кој во својата „Повелба“, отворено повика дека членовите се „подготвени со сите расположливи ненасилни или насилни средства да ја браниме Татковината и да ја почитуваме јасно изразената волја на народот, како единствен носител на суверенитетот и државноста на земјата“. За тоа, на крајот во повелбата, заклучуваат дека истата „претставува општо прифатлива рамка за сите наши понатамошни активности и облици на дејствување, наша единствена и заедничка цел останува: одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и унитарниот карактер на Република Македонија, како заедничка Татковина заснована на почитување на основните човекови права и слободи“, па оттаму, „водејќи се од наведените определби, свечено изјавуваме и секолнеме дека по секоја цена ќе работиме на нивно остварување, а секое отстапување од Повелбата да се цени за национално предавство во Македонија“.

На сите овие национално – патриотски изблици и нивно правно практикување во јавно-правниот живот, т.е. во јавниот простор, треба многу внимателно да им се пристапи.

„Изроди и душмани“


Организациите, како што рековме, по својата законска форма се здруженија, но по својот однос како субјект во правниот промет во правниот живот во Република Македонија, имаат статус на правно лице.

Поимот на правно лице е мошне комплексен.

Во нашиот правен систем, поимот „правно лице“ нема строга дефиниција, но со оглед на неговата законска употребливост во различни закони, дава опис на различниот карактер на функции, обврски и одговорности кои ги има.
Генерално, под „правно лице“ се смета дека станува збор за збир на физички лица кои се здружиле врз основ на правни прописи да остварат свој заеднички интерес. Интересот, треба да е законски, што значи да е утврден според закон; признаен од државата, па како таков и не би бил против правен. Правното лице може да биде и збир на други правни лица, чиј имот е исто така здружен, како би оствариле со закон дозволени цели. Со тоа правниот поредок ги признава како субјекти на правото.

Постојат и други дефиниции, кои пак произлегуваат од јуриспруденцијата и правната практика, во светот воопшто. Така на пример, како по генерални дефиниции се дека правното лице е организација, како што е друштвото, трустот, фондација, кои што правото ги третира како лице кое е способно да се впушти во правниот промет, каде може да склучува договори и да биде тужено (http://www.yourdictionary.com/legal-entity#law ). Или, на пример според речникот Вебстер, правно лице (како што е корпорацијата или работничкиот синдикат) е лице кое според правото има права и обврски, како и капацитет и способност да тужи и да биде тужено.

Во зависност од тоа во која сфера од правниот живот се наоѓа овој вид на правен субјект во правниот поредок, такви атрибути му се придодаваат на истото. Со тоа, преку тие правни атрибути, му се наложуваат и конкретни права и обврски кои истото е должно да ги почитува и манифестира.
Во Законот за трговските друштва на РМ, чл.1 објаснува што тој уредува, па така, помеѓу другото, во алинеја 4, стои дека се регулира и „својството на правно лице на друштвото (правниот субјективитет)“. Тоа значи дека се регулира карактерот и својствата на истото во правниот живот (назив, цели, задачи, дејност и сл.). Во истиот закон пак, овие својства се објаснуваат за да се опишат неговите својства, со што тоа се занимава, па така бидејќи станува збор за Закон за трговски друштва, следствено на тоа, карактерот на тој тип на правни лица е дека станува збор „правни лица кои се формирани од страна на едно или повеќе лица вложуваат пари,ствари или права во имот што го користат за заедничко работење и заеднички ја делат добивката и загубата од работењето“(чл.19 ст.1). Оттаму, „трговското друштво како правно лице може да стекнува права и да презема обврски, да стекнува сопственост и други стварни права, да склучува договори и други правни работи, да тужи и да биде тужено пред суд, арбитража или друг избран суд и да учествува во други постапки. (чл.25 ст.1)“

Законот за сопственост и други стварни права, на пример, определува и дека правното лице има право и да бара да се впише некое стекнато имотно право (правото на сопственост) во јавна книга, кое пак ќе сте стекне со право на сопственост врз недвижност, со одлука на судот или на друг орган (чл.155 ст.1). Во ст.1 од истиот член ова право на правното лице е изедначено со она на физичкото лице. Значи, правните лица можат и да бидат сопственици на конкретен имот, дали тој е стекнат оригинарно, или деривативно. Во смисла на истиот закон, правните лица можат да бидат владетели (чл.171), односно да бидат владетели врз ствари (недвижни и подвижни) и врз права (види ЗСДСП, под „Владение“).

Во смисла пак на Законот за Облигациони односи, според чл.46 ст.1, правното лице може да склучува договори во правниот промет, во рамките на својата правна способност. Тоа значи дека правното лице има правна способност од моментот на неговото настанување (со упис во Централниот регистар на РМ), па од тој момент, почнуваат да течат неговите права и обврски утврдени со закон. Значи, склучувањето на договори е негово право и обврска, но само под услови предвидени со закон. Тоа значи дека правата и обврските, за разлика од физичките лица каде правата и обврските кои се во суштина правна способност, и кои не се условени од возраста, полот и другите својства на човекот, кај правното лице тоа претставува волја да се учествува во правниот промет, во зависност од неговата дејност, цели, задачи кои се утврдени според закон. Оттаму и правното лице ги црпи своите својства.
На пример, Народната банка на Република Македонија, е правно лице, и како такво има правна способност да настапува во правниот промет, особено кога склучува договори, покренува правни постапки и е предмет на истите, и кога стекнува, управува, чува и располага со својот недвижен и подвижен имот. (Закон за НБРМ чл.4)

Според тоа, својствата на правните лица пак произлегува од волјата на физичките лица за нивно настанување како недвосмислен акт на настанување (подоцна пишан) за целта заради кое тоа правно лице е настанато и треба да постои во правниот промет (неограничено или за одреден рок).
Врз основ на тоа и произлегува волјата и да се склучуваат договори во смисла на чл.46 ст.1 од погоре цитираниот закон, а во таа смисла, во смисла на Законот за облигациони односи, и да преземе одредени одговорности за причинета штета или слично (информативно види чл.158 од ЗО).

Во кривичниот законик на РМ, под терминот „правно лице“ се подразбира: Република Македонија, единиците на локалната самоуправа, политички партии, јавни претпријатија, трговски друштва, установи, здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации, спортски здруженија и други правни лица во областа на спортот, фондации, финансиски организации и други со закон одредени организации регистрирани како правни лица и други заедници и организации на кои им е признато својството на правно лице. Додека под странско правно лице се подразбира јавно претпријатие, установа, фонд, банка, трговско друштво или друг облик на организираност според законите на странска држава во вршење на стопански, финансиски, банкарски, трговски, услужни или други дејности, кое има седиште во друга држава, или претставништво во Република Македонија, или е основано како меѓународно друштво, фонд, банка или установа. (чл.122 ст.6 од КЗ на РМ)

Во чл.122 ст.7 е уредено значењето на терминот „одговорно лице во правното лице“, според кој, со оглед на неговата функција или врз посебно овластување во правното лице, му е доверен определен круг на работи што се однесуваат на извршување на законските прописи или на прописите донесени врз основа на закон или општ акт на правното лице во управувањето, користењето и располагањето со имот, раководењето со производниот или деловен потфат, некој друг стопански процес или надзорот над нив. Одговорно лице може да биде и службено лице во правното лице.

Здруженијата на граѓани, исто така, се правни лица.

„МПЗ Тодор Александров на гробот на Методи Патче - Кадино Село“


Правото на здружување на граѓаните е утврдено со Уставот на РМ и со Законот за здруженија на граѓани и фондации. Членот 20 од Уставот на РМ, на граѓаните им ја гарантира слободата на здружување поради остварување и заштита на нивните политички, социјални, економски, културни и други права. Тие можат да основаат здруженија на граѓани, и други форми на здружување, во нив можат да стапуваат, и слободно да истапуваат.
Во смисла на законот за здруженија на граѓани и фондации, граѓаните можат да основаат здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации, како израз на правото на слободно здружување. Преку нив тие ги остваруваат и заштитуваат правата и интересите утврдени со Устав и закон.

Меѓутоа, граѓаните, не можат да основаат организации, т.е. здруженија, доколку програмата и дејствувањето на истите е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на РМ, поттикнување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост (чл.20 ст.3 од Уставот на РМ и чл.4 ст.2 од Законот за здруженија на граѓани и фондации). Доколку презема активност кои се спротивни на Уставот или закон, и со кои се повредуваат слободите и правата на други лица (чл.4 ст.2 од ЗЗГФ).
Членот 20 од Уставот на РМ, во став 4 дури и забранува воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Таква полувоена организација беше формирана од страна на структури на Министерството за внатрешни работи во конфликтот во 2001, т.н. единица „Лавови“, која подоцна беше расформирана, но некаде кон средината на март 2017 година, таа повторно се појави (http://plusinfo.mk/vest/107897/zakana-so-lavovi-ili-so-kucinja-na-vojnata ). Паралелно со повторното појавување на оваа нелегална организација, се појави и некоја нова т.н. „Патриоти“ (http://plusinfo.mk/vest/107902/ekskluzivno-prva-fotografija-na-makedonskata-paravojska-patrioti).

Со ова, веќе доаѓаме до заклучокот дека и здруженијата, како правни лица, можат да подлежат, и подлежат, под кривична одговорност.
Овој заклучок произлегува токму од чл.122 ст.6 од Кривичниот законик. Меѓутоа, кога станува збор за кривичната одговорност, кај правните лица, нашиот законодавец тука е на поделено мислење, и покрај очигледниот факт дека ги признава како субјект кој е способен да врши кривични дела. Тој, се чини на моменти, истовремено ја прифаќа теоријата на реалноста за конкретни кривични дела, но за други, како да има нејасен третман, па се чини дека правното лице во таа ситуација има повеќе статус на „фикција, отколку на реалност.“ Теоријата на фикција, се однесува на фактот дека правните лица се законска фикција, бидејќи само физичките лица можат да бидат субјекти во правото, додека во втората, правното лице има деликвентна способност, бидејќи зазема важно учество во целокупниот живот, економски, политички итн. Таквите функции имаат огромно влијание и врз казненото право. Како што знаеме, феноменот на нови облици на криминалитет, како што се економскиот, финансискиот, организираниот, транснационалниот, тероризмот, и друг вид на криминалитет, се предизвик за денешната казнено – правна концепција.

Оттука и оваа втора теорија, теоријата на реалноста, тргнува од фактот дека правното лице има своја волја, која е автономна, и која е изразена преку стратегиите и одлуките на раководните лица. Преку ваквата волја, пак подразбира и т.н. деликвентна способност, што подразбира дека правното лице е способно за извршување на казнени дела.
Од овие две поставки практично и произлегува одговорноста на правното лице во нашиот КЗ, која е посредна и непосредна. При непосредната, вината е директна, а кај посредната, најпрво се утврдува вината кај физичкото лице, одговорно во правното лице, па потоа и на правното лице во целост.


Од таму и конкретните кривични дела, опишани во нашиот кривичен законик, кои предвидуваат и кривична одговорност за правните лица. 

„МПЗ Методија Патчев - Охрид“

No comments:

Post a Comment