Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, December 31, 2019

The Mandalorian (еп.8 Искупување) предвесник на The Rise of Skywalker: Носталгија, смрт, идентитет


Во последната епизода од серијата „Мандалориецот“ има една сцена каде што го разголува главниот лик – Мандалориецот. Тоа е сцената кога дружината на Мандалориецот е заробена во веќе разурнатата кантина на планетата Неваро и се наоѓа под опсада од страна на Империјалните одметници предводени од Моф Гидеон.

За да влијае врз нивниот морал, Гидеон ги напаѓа од внатре – идентитетски. За сите присутни во разурнатата кантина симболички го вади „прљавиот веш“. Екс-специјалецот на сега веќе поранешните „Бунтовници“, Кара Дјун, се дознава дека е од Алдеран, планетата разурната од првата Ѕвезда на Смртта. Карга бил деградиран и обесчестен магистрат-судија. Но, за Мандалориецот, го слушаме неговото вистинско име, Дин Џарин, и го дознаваме вистинскиот идентитет. Дин Џарин дури и не е Мандалориец, туку е спасен од Мандалоријци во време на Војната на Клоновите, прифатен и одгледан како таков. Да се биде Мандалориец не е припадност кон одреден народ, каста, или род, тоа е воспитување.

Педро Паскал


Во континуитет на таа сцена, империјалниот одметник Гидеон го напаѓа упориштето на Мандалориецот, со цел да го земе Детето, и во тој напад Мандалориецот е тешко повреден. Ако не го извади шлемот (маската) тој ќе умре. Свесен за таа состојба, Мандалориецот им наредува на неговите придружници да го земат Детето со себе и да го остават сам да доживее херојска смрт бранејќи го нивниот излез. Меѓутоа, еден од нив, дроидот IG-11 останува покрај него и се спротивставува на наредбата, бидејќи, според него наредбата е нелогична.
Најпрво, ако не го извади шлемот и не му дозволи да го оперира, Мандалориецот ќе умре. Потоа, IG-11 е дроид кој нема свест, туку само програма, па кодот на Мандалор не важи за него.
Сфаќајќи ја баналноста на неговата непромислена одлука, Мандалориецот – Дин Џарин, се согласува на предлогот од дроидот IG-11. На овој начин персоната во Мандалориецот е демистифицирана и делегитимирана. Тој е лишен од својата претпоставена персона и го гледаме за прв пат кој е, каков е, што претставува, ја гледаме неговата вистинска маска. Таа маска (неговиот вистински лик) е со насобран гнев, закрвавена глава и исплашен израз на ликот.

Реката Styx и IG-11


Кога завршува краткиот оперативен зафат од Дроидот, Дин Џарин повторно ја презема ратифицираната припадност кон воспитувањето – Мандалориец.

Кон крајот на епизодата, Мандалориецот сфаќа дека е врзан со Детето иако нивната судбина во определена точка од нивните животи неминовно ќе биде раскината. За да го сфати тоа, Мандалориецот мора да помине низ реката од лава во подземјето и излезе кон новата светлина од тунелот, која и не е баш нова, туку пуст и осветлен релјеф. Тука режисерот и Креаторот на оваа серија навистина симболички ја претставуваат оваа тензична сцена, па има доста симболика со старо-грчкиот митос на подземјето, пеколната река Стикс, бродарот Карон (овде претставен како комбинација на делови од дроид) и жртвата која треба да ја принесат (IG-11) за да поминат низ пеколот, од другата страна, кон светлината.

Сега, иднината, т.е. новиот бран (Детето) е на сигурно и во очекување на новиот наратив што треба да следи. Сепак, опасноста дебне, империјалниот одметник Гидеон е жив.

Разговор среде новата зора

***
Носталгијата значи смрт.

Кога зборуваме за минатото, секогаш зборауваме за нешто кое што го нема – неприсутно. Меморијата за тоа значи забележување и запишување на тие минати настани. Носталгијата сама по себе подразбира навраќање кон нешто минато, кое и не мора да значи дека е мртво, но ритуализирањето, трансцеденталноста на самата суштина околу носталгијата подразбира соочување со минати искуства, желби и стравови. 
Минатото е секогаш трауматско, ние сме тие кои придодаваме романтицизам за да го ублажиме ефектот што траумата го предизвикала. Романтизирањето и обожувањето на нешто изминато (мртво) секогаш доведува до заблуда за вистинските факти. Соочувањето со траумата го демистифицира тој ефект.

Среде справувањето со носталгичното минато примарен проблем претставува пропагандното лудило без кое не може да опстои носталгијата која ја коруптирала стварноста. Тоа лудило го повикува времето, и најчесто се повикува како да е заборавено или премолчено. Ваквата ненадмината траума го приморува субјектот неконтролирано да придодава константни наративи кон истата, интерпретирајќи ги како жртви кон кои има „историска“ одговорност. При ваква ситуација, од страв, кукавичлук, но најчесто и од лицемерие, сите стануваат фанатици.
Така, патот кон помирувањето при овој однос започнува преку соочување со минатото, со траумите кои тоа ги предизвикало и предизвикува. 

Потрага и соочување


Во таа смисла, носталгијата е трансгенерациска и наследна. Таа непомирливо го продолжува животот на траумата и како неконзизтентно предание го труе вокабуларниот и културниот простор на генерациите кои доаѓаат.
Таа е како војна, конфликт – една духовна и ментална противречност која што ги растргнува емоциите. Има намера да те натера дека минатото не е засекогаш оставено и дека не е само минато, туку дека тоа претставува некое сениште со човечко, хумано лице кое се потсмева и заведува. Оттука, таа т.н. „војна“ (помеѓу/на Ѕвездите) се чини дека никогаш и не завршила. Една генерација ја пренесува приказната на друга, па таа друга генерација, придодава свои сфаќања и наратив во приказната, и ја предава на трета. Тоа предавање (предание) најчесто е исфилувано и не ја содржи реалната слика, туку содржински е збир на сфаќања, гледишта и субјективни толкувања, отколку фактицизирање на вистинитоста на вистнската – реална приказна.
Со други зборови, детето произлезено од „Војната на Ѕвездите“ рано учи дека токму таа „војна“ не дозволува целосно да се избега од неа. Траумата и носталгијата не дозволуваат да се одигра ритуалот на крајот на војната – преговорите за мир, помирувањето меѓу тие што дотогаш стоеле на спротивставените страни. Тие го замрзнуваат воениот конфлит и го третираат како политички. Го истиснуваат паметењето, предизвикуваат траума и политизираат. Секоја од засегнатите страни е затворена во сопственото сфаќање за паметењето, за траумата. Сите оние чувства кои се случиле во минатото и биле реални/вистински, сега се само еден призрак во прераскажувањето.

***
Животот е паметење.

Реј не памети кои се нејзините родители. Кајло Рен не сака да памети дека е Бен Соло. Реј и покрај очигледниот идентитет, таа во Епизода 9 сѐ уште се бори со трауматското минато, кое очигледно е дел од нејзиниот идентитет. Таа се бори да се соочи со заборавеното минато.
Бен Соло, од друга страна, крпејќи ја својата маска, симболички ја прифаќа персоната на Врховен водач Кајло Рен како дефинитивна. Она што тој свесно го прикрива е вистинското лице на Бен Соло – дека Бен е вистинскиот натрапник тука, а не Кајло Рен. Бен делува како Кајло Рен многу повеќе кога е без залепениот шлем, отколку кога го носи него. Шлемот служи за да го прикрие сето тоа.
Ако Бен Соло/Кало Рен (без маската) претходно беше решителен да го остави минатото да умре, дури и по цена да го убие, сега самиот тој го „закрпува“ минатото, за да го покрие минатото. Се чини дека постои конфликт и во двата главни лика, па и покрај дефинитивната одлука во претходниот филм кај обајцата, лузната од минатото (траумата) сѐ уште создава дополнителни проблеми.  

Таа траума е потисната и за обајцата станува автодеструктивна; не само за нив, туку и за луѓето околу нив.

Сложувалка

Нивните идентитетски проблеми се дотолку поголеми кога на сцена „воскреснува“ Императорот Палпатин. Иако на прв поглед бесцелно ставен во последниот филм, неговата улога и не е така бесцелна. Симболички, бегањето од минатото, практично го враќа минатото на голема врата. Автодеструктивноста на потиснатите трауми само ги влече кон сигурна смрт и обата ликови, нешто што на самиот крај на филмот и се случува.
Но, кога дури и ваквите сомнителни идентитети се под закана, единствен начин за да се спаси самиот концепт кој треба да ги сфати конфликтите во идентитетите, е истите да се жртвуваат. Бен Соло т.е. Кајло Рен го прави тоа во два наврати. Првиот пат е кога се одрекува од претпоставениот идентитет – Кајло Рен, фрлајќи го светлосниот меч во бурното море на една од месечините на Ендор, а вториот пат е кога и го дава својот живот на Реј, за таа да преживее и ја продолжи приказната.

И Реј чекори по истата патека.

Откако дознава дека е Палпатин, па речиси и прифаќа да седне на тронот на Смртта, но се спротивставува во нееднаква борба против „воскреснатиот“ Император, таа успева да го убие, но по цена на својот живот исто така. Нејзиниот несигурен и лабилен идентитет умира заедно со Палпатин. Жртвувајќи се Бен Соло како би ја спасил Реј, сега таа на самиот крај исто така уште еднаш се одрекува од „себството“. Најпрво таа ги закопува светлосните мачеви на близнаците на Анакин – Лук и Леа, во домот на фамилијата Ларс на Татуин.
Да не заборавиме Скајвокер никогаш и немале вистински дом, преку кој би се идентификувале и би го докажале своето потекло и припадност, а со тоа и идентитет.
На тој начин Реј симболички го закопува и ги смирува духовите од минатото, за потоа да го преземе името Скајвокер, како ратификација за чинот, и истовремено го запалува новиот, жолт, светлосен меч, преку кој пак симболички се отцепува од успокоеното минато, преземајќи симбол за нова, идна, идентификација.

Призрак

***
Со епизодата 8 (Искупување) од Мандалориецот и Издигнувањето на Скајвокер симболично дојде крајот на Војната на Ѕвездите.
Мандалориецот, сериите на Лукасфилм кои во иднина ќе следат (за Касијан Андор од „Одметник Еден“ и Оби Ван Кеноби), а се дел од веќе познатиот универзум, ќе ја користат само тематиката, но во суштина само ќе бидат идентитетски експеримент. Дополнително, тие ќе расчистат со сѐ она што нам ни е познато од досегашниот Star Wars универзум.
Тоа ќе се случи на ист начин на кој што Мандалориецот го третира овој Универзум – преполнет со артефакти кои се убави за гледање, но не за реинтерпретирање.

Тоа е вистинското искупување што треба да им се случи на фановите, но и на самата франшиза, ако се има желба таа да опстане, прерасне и издигне над се она што е оставено во минатото.

Епизода 9 – Издигнувањето на Скајвокер не е препознатлив ниту совршен филм, ниту пак е филм кој е храбар и креативен да излезе надвор од рамките кои се претходно воспоставени. Последниот Џедај даде огромен придонес и простор токму тоа да се причини, излегувајќи од матрицата на повторливост, предвидливост и посакувано размислување. За жал, со Епизода 9 тоа не е случај. Во сево ова најголема „заслуга“ имаат и фановите на овие филмови кои придонесоа тонот на приказната да стане онаков каков што е. Треба да се ракоплеска со погребен тон и оддаде почит за нивната фанатична егоцентричност. 

Со други зборови, Издигнувањето на Скајвокер/The Rise of Skywalker е капитулација на франшизата пред фановите, оние најверните, најзакоравените, и оние најрасплаканите и најнесфатените егоцентрици. Тие добија секојдневна статија на Вукипедија, на која што можат да и се радуваат, или да ја плукаат. 

Меѓутоа, како и да е, Издигнувањето на Скајвокер е доволно храбар и креативен филм колку што самиот си дозволува за да ги смири духовите од минатото, ги закопа траумата и носталгијата и да ја заврши сагата еднаш засекогаш.

Тронот на траумата од минатото

Последниот дел е филм за зачувување, меморирање и опстанок на Star Wars како таква. Тој е филм кој не се обидува да придонесе кон некое покомплексно сфаќање на нарацијата што ја нуди (нешто што беше случај со Епизода 8-Последниот Џедај), туку само фактографски изнесува приказна врз приказна, за да ги спои во една рамка сите претходни осум филмови во една наративна целина. Преполн е со заплети, кои не ги решава туку само ги нафрла како настани за да можат вечно да бидат запомнети дека некогаш постоеле. The Rise of Skywalker се занимава со причината и последицата, и со ништо повеќе. Режисерот Абрамс секако има удел во ваквиот одраз на овој филм, бидејќи ако се гледа овој филм како целина, дури се добива впечаток дека Абрамс не знае како да раскаже приказна, па затоа само нафрла заплети. Но, за тоа во некој следен текст. 

Оттука, тој има за цел да ги задоволи најлуцидните и највлажните соништа на фановите со тоа што им го дава токму она што го посакувале – трепкачки снимки, брзи кадри, џедајски моќи и носталгија по нешто што тие го замислиле, а никогаш и го немало. Истовремено таа носталгија им ја одзема најелегантно, но најбрутално на самиот крај на филмот.

Како конфликтен филм, за Епизода 9 сето ова претставува негов најголем недостаток, колку што е и најсилен аргумент за неговото опстојување и единствено логично завршување на Сагата започната во далечната 1977 година.

Нова надеж


No comments:

Post a Comment