Lex est quod populus jubet atque constituit

Sunday, December 9, 2012

„Red Lights“ – 2012 или, Скопје 2014 и национализмот vis a vis реалното со илузијата (втор дел)

Hysteria

Трајановиот столб - детаљ при покорувањето на Дакија

Како знаеме кој е лажливецот – манипулаторот, односно што е реално, а што илузија во секојдневието, гледано од призма на филмот „Red Lights“?
Во светло на горното прашње, а со цел да се разгледаат и разјаснат Црвените светла од секојдневниот живот, ќе се послужиме со следниот пример.
Минатата година во продажба излезе книгата „Скриениот симболизам на проектот Скопје 2014“ од имагинарниот „голем Магистер Филон“, каде неговата потрага ги „разоткрива“ окултното и митолошкото во идолатријата на проектот, позади кој стојат тајните друштва уште од времето на Александар Велики. Во контекст на ова, Анастас Вангели во својата „Античка Сегашност“, ќе запише дека: „За митот да функционира и да биде прифатен од одредена јавност, освен митотвори, тој треба да има и свои застапници и адвокати, особено во повисоките рангови на политичката и академска елита. Оваа категорија на луѓе го поддржува митот не само преку промовирање на неговата содржина, туку и преку потенцирање на потребата од неговото постоење – отприлика, нивниот дискурс „нам ни треба овој мит“. При тоа, една запоставена компонента на јавната дебата е академската неутралност и особено потрагата по факти (заб. Видно од филмот „Red Lights“ таков лик е Др.Шакелтон), па во одредена мера, колку и да звучи излитено – историската вистина.“
Жижек, во својата „Како да го читате Лакан“, на тоа ќе даде интересен заклучок: „ Има некоја вистина во играта на зборови помеѓу „хистерија“ и „(х)историја“: симболичкиот идентитет на субјектот секогаш е историски детерминиран и зависи од конкретниот идеолошки контекст. Овде станува збор за она што Луј Алтисер го нарече „идеолошка интерпелација“: симболичкиот идентитет што ни е доделен е резултат на начините на коишто владеачката идеологија нè „интерпелира“ – како граѓани, демократи, христијани. Хистеријата се јавува кога субјектот ќе почне да го испитува својот симболички идентитет или кога ќе почне во однос на него да се чувствува неугодно: „Велиш дека ме сакаш – што е тоа во мене што ме прави таква? Што тоа гледаш во мене што те тера така да ме посакуваш?“
Овде, евидентноста  на реалното/вистината не е во потрагата т.е. лоцирањето на митот/манипулацијата заради самиот мит (дека нешто невидливо го движи – паранормално), туку дека самата евидентност е постаната празна и манипулативна доколку не постои сомнежи заради нејзино разоткривање. Оттука и Жижековото трагање по вистинитоста меѓу зборовите „хистерија“ и „(х)историја“. И обата ја имаат својата релевантност со оглед да хистеријата како симптом има своја патолошка историја, а историјата е патолошки хистерична.
Со други зборови, не е доволно да видам дека јаболкото паднало од гранката на земја, треба да знам „зошто“!
Се чини дека пред шлаканицата на реалноста секогаш закаснуваме, па така наместо една, истовремено добиваме повеќе. За тоа мошне илустративен пример претставува „прокетот Скопје 2014“.
На почетокот и речиси никој да не расправаше за тоа дали и зошто воопшто ќе се гради таков грандиозен проект, за подоцна да излезат група на студенти од архитектонскиот факултет, кои се побунија против градењето на црква на градскот плоштад (првенствено тие не знаеја за целокупноста на проектот). Интересно е да се каже дека за сметка на самиот проект, студентите мораа да го „окркаат“ подебелиот стап (покрај тоа што беа истепани на плоштад), заработија прекршочни пријави, а подоцна и беа окарактеризирани од пошироката верска и останата заедница како политички обоени и верско неподобни. За целата збрка да биде уште поголема, на плоштадот до денес не никна црква (сеуште се прибираат парични средства – Премиерот на РМ, заедно со поглаварато на МПЦ, со здружени сили се обидуваат да соберат доволен фонд на парични средства, најчесто преку донации, за да се изгради објектот), но затоа никна се друго освен најавуваниот верски објект. Иронијата е дотолку поголема што самите критики „против“ проектот не само што спласнаа, туку денес веќе речиси ги нема, па секоја критика е излишна и контра-продуктивна. Се чини дека единствена критика е намерата за истите градниозни градби се срушат т.е. релоцираат.
Овој пример, кај нас, претставува врв на интелектуалниот дискурс што се случува веќе подолго време. Овој дискурс е огледало на тоа каква е нашата перцепција на реалноста и нејзината трансформација и разбирање.
Гледајќи го овој проблем, постојат три точки околу кои треба да се обрне подетално внимание. Тие се реакцијата, манипулацијата и акцијата. Овој триаголник е од непсихолошка природа. Како и во „Red Lights“, неговата основна цел е да ги осветли односите меѓу двигателите во него.
Имено, преземањето акција во никој случај не е само обичен свесен – несвесен акт, тоа е и волево настапување кон одредена цел.
Во светло на оваа теза, Стивен Пинкер (The stuff of thaught – Language as a window into human nature), ќе запише дека при искажаните зборови и мисли, метафоризирани, се толку широко распространети во еден јазик, така што е навистина тешко да се позиционира изразувањето на апстрактните идеи метафорично. Дотолку повеќе, што, како што вели Пинкер, токму таквата метафора, т.е. можноста да се доведе  во прашање судбината на институцијата претседател на САД (како што вели тој:„Лажењето е прекршок на ниво на импичмент за еден претседател, особено кога станува збор за casus belli, односно оправдување на ужасна војна“.) само поради одреден искажан/напишан глагол.
Да земеме за пример, ситуација помеѓу импликативен возач на автомобил и сообраќаец. Возачот знае дека сообраќаецот ќе ја примети импликацијата/подметнувањето, и ќе го препознае намерното планирано подметнување, и тој истовремено знае дека сообраќаецот знае дека сообраќаецот нема да прими мито, само заради фактот дека двосмисленоста на зборовите не би имале шанса за докажување на вината кај возачот дури и при разумен сомнеж.
Во нашава ситуација, се чини, дека при ваква импликативна подмитливост, сообраќаецот во недоглед би ја барал возачката дозвола од возачот се до моментот на лоша проценка (од обете страни). „Red Lights“, како што рековме претходно, мошне илустративно го објаснува овој однос преку врската Др.Матесон и Сајмон Силвер, каде што вториот очигледно успева да предизвика разумен сомнеж.
Оттука, ако се земе односот од нашето секојдневие, поконкретно „Проектот Скопје 2014“, се чини дека акцијата на преземање на проектот во себе ја носи смислата за возможност од манипулација. Со други зборови, Нарачателот знаел дека одредена група на граѓани (да ги наречеме манипуланти) знаат дека нарачателот знае за можната манипулација. Но како што велат, alea iachta est, па Нарачателот со своите дела свесно ја поттикнал истата, као што Др.Матесон свесно го поттикнала Силвер „да го види“ наводниот дух на нејзиниот син како стои на нејзиното раме. Разумниот сомнеж овде не е сосоти во фактот дали одлуката за „Скопје 2014“ е правилна, туку во добивањето кредибилитет на манипулацијата како дел од реално направениот избор.
Како што би рекол Чико Маркс во филмот „Duck Soup“ од 1933, кога ќе се најде во небрано пред аргументите на девојката: „Ќе им веруваш на твоите очи или на моите зборови?“
Но, најмногу во заблуда се оние кои не допуштаат да бидат измамени од симболичката фикција, оние кои продолжуваат да им веруваат на сопствените очи. Она што циникот кој им верува исклучиво на своите очи не го забележува е дејството на симболичката фикција, начинот на кој таа фикција ја структурира нашата стварност. Сајмон Силвер пред толпата следбеници се прикажува дека е слеп, иако никој навистина не знае, се до крајот на филмот, дека тој во суштина може да гледа. Вистинските слепци не се следбениците на Силвер, затоа што тие не знаат дека тој е слеп, туку во онаа група на научници предводени од Др.Шакелтон, кои продолжуваат да им веруваат на сопствените очи, т.е. во измамамата што им е понудена.
Несомнено, во целава ситуацијата, Реакционерството е она што штрчи во овој триаголник. Би било погрешно да се каже дека Реакцијата е осакатена, со оглед на фактот што таа сеуште не го направила својот чекор кон Манипулацијата, па потоа кон Нарачателот. Како за споредба, Том Бакли е движечката сила во „Red Lights“. На прекорот од Др.Матесон да не се конфронтира со Силвер, со оглед да Силер е опасен, Том истовремено го сфаќа значењето на прекорот, но и на волјата за конфронтација. Причината за тоа е откриена, повторно, на крајот од филмот, Том знае дека позади Силвер не постои ништо реално освен илузијата што ја претставува за реална, па така неговата самопотврда на дговорот на прашањето „Зошто да се идентификувам со она што го бараш од мене?“, следи одговор, „Мене не ми треба твојата претстава за реалност, ја знам вистинската реалност!“ Во филмот „Red Lights“ Том доста пластично го објаснува тој однос преку реторичкото прашање „Зошто се одрекувате/негирате од себе си?“
Во својата „Како да го читате Лакан“, Жижек ќе запише: „Кога креирам лажна слика на себе која ме олицетворува во некоја виртуелна заедница во која учествувам (на пример, при сексуалните игри, срамежливиот маж често избира неговиот лик во виртуелниот свет да биде привлечна промискуитетна жена), емоциите што ги чувствувам и симулирам како дел од својот компјутеризиран лик не се просто лажни: иако моето вистинско себство (она што сметам дека тоа е) не ги чувствува, тие сепак во некоја смисла се вистински.“
Оттука, масата што би требало да го означи поимот „Реакција“ е заглавена во сопствената реалности при прифаќање на Манипулацијата како вистинска. Реакцијата не е оформена, бидејќи масата лута помеѓу тезите „нам ни треба ова“ и сомничавото несигурно „не знам, можеби, но што можам јас со тоа“, за на крај се парцијализира или во група која е закрчена во статус-кво ситуација, или во група на потполно прифаќање на Манипулацијата.
Во истата книга, Жижек додава: „Парадоксално е што токму фактот дека сум свесен дека, во кибернетичкиот простор, се движам во рамките на фикцијата ми овозможува да го изразам своето вистинско себство – тоа е она што Лакан, меѓу другото, го подразбира кога тврди дека „вистината има структура на фикција“. Тој фикционален статус на вистината воедно ни допушта накусо да опишеме што е она лажното во телевизиските reality програми: животот кој таму го затекнуваме вистински е како и декофеинизираното кафе. Накусо, иако тие програми се „навистински“, луѓето и понатаму во нив глумат – тие едноставно се глумат самите себе.“
Со други зборови, вистинскиот Реакционер (Револуционер) ги прифаќа за свои спротивностите на љубовта и омразата, како либидна сублимација меѓу нагонот за создавање и уништување. Чувството на очај предизвикано од скратеното, или поточно речено одземеното, право да се манифестира таквиот нагон на либидото, се чини дека сеуште не го достигнало сопственото дно кај нашите Реакционери.
Тие, во овој случај, се како жената во примерот со Чико Маркс – збунети пред фактот, дали да им веруваат на сопствените очи или на зборовите од Нарачателот/Манипулантот дека очите лажат!
Вистински Реакционери сеуште нема, оти денес веќе секој верува на сопствените очи. Потребно е малку црвена светлина од Аловиот Бајрак, и целата ситуација ќе се помати.
Француската револуција - детаљ


Bane






No comments:

Post a Comment