Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, November 27, 2012

„Red Lights“ – 2012 или, Скопје 2014 и национализмот vis a vis реалното со илузијата (прв дел)

Red Lights


Сигурни Вивер (Маргарет Матесон) и Килијан Марфи (Том Бакли), се меѓу ретките научници во светот кои што имаат за цел да ги разоткријат лажните „пророци“ меѓу луѓето, со натприродни, телепатски и телекинетички моќи. Др.Маргарет Матесон е професор и предавач по психологија на локалниот универзитет, каде на своите студенти им предава за разоткриените паранормални појави. Том Бакли е физичар и нејзин асистент.
Взаемната животна судбина, причинета од околностите што ги формирале нивните животи, тргнуваат во осаменичка мисија по „илузионистичките појави“, односно по разоткривање на трофејот меѓу „лажливците“, слепиот Сајмон Силвер (Роберт Де Ниро).
Како што вели Маргарет во филмот, на прашање од еден студент, „Како да воспоставите вистинска контрола врз ситуацијата, помеѓу измамникот и реципиентот?“ , а таа одговара, „Тоа не е воопшто тешко. Во слични случаеви, при специјална подготовка, ќе го сместиме медиумот позади ѕид и ќе поставиме две карти под неговите лакти. Тогаш, ако тој ги смени рацете за да ја помести масата, картите ќе паднат. Ако картите останат на свеото место, тогаш, само „пријателски настроен дух“ би ја поместил статичната табла“.
Во меѓувреме уште еден студент ја прашува Др.Матесон, „Тогаш, она што го велите е дека постоењето на било каква паранормална моќ е невозможна?“, на што Матесон одговара, „Она што го велам е дека по 30 годишно истражување на сите видови на феномени, со вистинските средства на вистинско место, до сега, не сум била сведок на ниту едно чудо.“
Во оваа вербална дискусија меѓу Др.Маргарет Метисон и студентите, суптилно се провлекува прашањето што значи да си верник, односно не-верник. Овде, секако, не се однесува на онаа пошироката буквална религиска смисла за релацијата верник –неверник, односно теист и атеист, туку се наметнува смислата за тоа што е она што кај нас предизвикува да ја положиме сопствената доверба (верба) во определен факт, за подоцна истиот тој факт да се издигне на ниво на вистина. Со други зборови, како знаеме што е реалност, а што илузија, при ситуација на утврдување, восприемање и осознавање на одредена вистина? Со мала игра на зборови, може да си дадеме слобода и да кажеме дека „вистинскиот верник секогаш е скептик“. Зошто?
Затоа што само атеист може да верува.
Одговорот на прашањето „зошто“ кон овие два искази може да се најде во аналогијата на закачените постери во работните соби на ликовите во „X-Files“ и „Red Lights“. Како што Фокс Молдер од  Досијеа-Х, така и Том Бакли во Црвени Светла, го држи постерот со НЛО надвиснато на планина, а под кој пишува слоган. Слоганот од постерот на Том Бакли е поразличен од оној на Фокс Молдер; наместо да пишува „Јас сакам да верувам“, стои „Јас сакам да разберам“.
Така, одговорот на прашњето „зошто“, поставено кон двата искази, е „затоа што вистинскиот верник (атеистот) цели да разбере!“
„Red Lights“ овде сосема пластично наметнува два методи како да се разоткрие целата таа збрка на зборови.  Имено, кога Др.Матесон со една студентка седат во автомобилот, на паркингот пред Градската Сала, студентката ја прашува Др.Матесон што бараат тука, на што истата одговара дека бараат „Црвени Светла“, односно „противречности на нештата кои не треба да бидат таму!“ На пример, следи фудбалски натпревар или концерт на хеви-метал група. Пред стадионот има навивачи, односно, пред халата има луѓе што слушаат хеви метал, па така и во двете групи се појавува човек што не припаѓа таму – продавач на бојлери.
И секако, објаснувањето за Окамовиот брич, што Др.Матесон го нуди во филмот, „Кога ќе слушнам топот од копито на земјата, не помислувам на еднорози. Помислувам на коњи.“ Тоа би значело дека, објаснување на било кој феномен треба да се прави со што е можно помалку претпоставки, при што се елиминираат оние претпоставки кои не влијаат на заклучоците на хиотезата или теоријата која е поставена. Оттука, Entia non sunt multiplicanda praeter necessittem – Ентитетите не смеат да се множат повеќе од потребното.
Или, најдобро би било ако се парафразира, па така слееди дека „Ако сите останати критериуми се еднакви, наједноставното решение е најдоброто.“
Она што е клучно во овој филм е потрагата на Том и Маргарет по вистината во лагата. Имено, и обајцата не делуваат како авантуристи, најмалку како безобзирни езотерици, туку како демистификатори. Демистификатори не само на лагата претставена како вистина, што дотогаш била на „чуден начин“ премолчена, туку и на самата наука – вистина, која, за да ги издржи баналните предизвици, мора да кокетира и балансира со мистиката, но не намерно, туку поради сопственото лутање при недостаток од вистински насочен сомнеж.  Се чини дека поради „оптичките помагала“ научната вистина не може да го види она што самата, веќе однапред си го одредила и дала (сцената во холот од универзитетот, каде Др.Матесон го разоткрива трикот на Др.Шакелтон). Заради тоа, како што вели Др.Матесон, постојат два типа на луѓе со специјална дарба. Оние кои што навистина мислат дека имаат некоја моќ, и оние другите, кои што мислат дека нема да ги разоткриеме. И двата типа на луѓе грешат.
Овој филм, сепак, е за реалноста и илузијата, vis a vis вистината и лагата како фактори меѓу нив.
Др.Маргарет Матесон, како професор по психологија повеќе делува како мисионер, отколку како редовен професор. Нејзината мисија, ако може така да се каже, не е некоја налудничава авантура, а уште помалку израз на желбата да се биде „супер-херој одмазник“ среде реалноста полна со натрапници.
Она што е мошне карактеристично за овој филм е тоа што меѓу трите лика, Маргарет, Том и Силвер, постои суштинска поврзаност. Маргарет и Том заедно се здружени во разоткривање на изманиците, а како главна награда за нивниот труд е Силвер. Друг момент во нивниот однос е фактот што обајцата делат иста судбина.
Маргарет е мајка чие дете на свои 4 години е парализирано поради несмасна детска игра, поради која веќе 20 години лежи во болница. При една телевизиска дебата со Силвер, со цел таа да го разоткрие измамникот позади светецот, Силвер ја злоупотребува тешката состојба на синот на Маргарет, велејќи дека го гледа неговиот дух во студиото, како стои на нејзиното раме. Др. Матесон во тие моменти е комплетно разоружана, па како што вели таа:„Ме натера да се сомневам во себе!“ Но овде, сомнежот, не се однесува на нешто што Маргарет не го знае за Силвер, но е предубедена и тврди дека го знае, туку сомнежот овде се однесува на здравиот разум. Имено, Маргарет знае дека Силвер е лажливец, а Силвер знае дека Маргарет знае за тоа. Овде манипулацијата дрско и пркоси на самата вистина т.е. во вербата и знаењето (не предубедувањето), па така сомнежот всушност е намерно насочен кон тезата „Маргарет знае дека Силвер знае дека Маргарет знае за неговата фалшливост!“
Минатото на Том е слично со она на Маргарет. Неговата мајка е тешко болна и е во агонија. Поради неподносливите болки што мајка му ги има, лекомислено се јавува и закажува сеанса кај локалниот „гатач“. Гатачот и вели дека не и е ништо туку, дека се работи за обична настинка, и само со поголема верба и повеќе чаеви болката ќе ја снема. По еден месец мајката на Том умира од метастазиран на рак во желудникот. Изреволтиран од своето искуство, Том тргнува во потрага по разоткривање на лажливците. Во патот кон потрагата ја сретнува Маргарет.
Но, овде има еден трик, кој режисерот ни го открива на крајот од филмот. Имено, се чини дека потрагата не се однесува во разоткривање на лажливците, во овој случај Силвер, а со оглед да тоа низ целиот филм е повеќе од евидентно, туку се однесува во потрагата по самопотврда на реалноста и вистинитоста на самата реалност што ни е претставена во филмот. Режисерот ни открива дека вистинското и единствено чудо, вистинската паранормална појава среде лажливиот свет е самиот Том, со оглед да тој е единствениот човек на планетата што ги има тие „натприродни моќи“. Том во текот на целиот филм знае дека постои нешто во него што константно бара самопотврда, но и истовремено се сомнева дали е тоа вистинито/реално или не. Тој бара да дознае дали Силвер знае дека Том знае оти Силвер е лажен/ манипулатор, но и истовремено, дали Силвер знае дека Том знае оти Силвер знае за вистинитото во Том. Токму тука лежи суштината на реалоста и на вистината, не во тезата дека тие се евидентни (самопотврдувачки), туку дека тие бараат да бидат евидентни.
Оттука, како во Декларацијата за (прогласување на) Независност на САД, напишана од Томас Џеферсон каде, „Ние ги држиме овие вистини како самопотврдувачки, дека сите луѓе се создадени еднакви, и дека тие се обдарени од својот Создател со одредени неотуѓиви права, и дека меѓу тие права се, правото на живот, слобода и потрага по среќа…“, па поради што, токму правната формулација дека тие вистини се самопотврдувачки денес се чини како недоволна. Според теоријата за природното право, правата на човекот и граѓанинот произлегуваат од природата на човекот, како слободно и рамноправно суштество. Човечкото суштество поседува одредени права со самиот факт што е човек. Затоа, слободите и правата се неотуѓиви и неприкосновени права, кои државната власт може само да ги штити, но не и да ги ограничува или укинува по сопствена волја. Теоријата за природното право ги поврзува човековите слободи и права со правдата како вредност без која не може да се живее.  Но, според теоријата за позитивното право, која денес во суштина преовладува, ги третира слободите и правата на чоевкот и граѓанинот како производ на државната власт. Истите стануваат екстензивна категорија, зад која се затскрива авторитарниот карактер на политичкиот систем. Субјективната државна волја честопати создава фиктивни права кои субјективно не можат да се остварат во практиката или кои ги дерогираат одредени, веќе постоечки права.
Оттука и нивната недоволност, која лежи во фактот што од моментот кога истите се востановени како фундамент за новата правна насока во развој на човековите слободи и права пред нешто повеќе од 200 години, до денес, истите безмилосно се кршеле и се кршат, при што се сведуваат на обични бланкетни формални нормативи. Причината за нивното прекршување е токму во потребата за тоа да бидат побарани, а не самопотврдени. Според тоа, човековите права и потребата од нив, не е самопотврдувачка, како што вели Декларацијата за Независност, односно преамбулата на Уставот на РМ, туку потребата да се бараат нови заради истите.
Анализирајќи го Том, може да се заклучи дека токму тој е главниот стожер во овој филм, Имајќи го пред себе триаголникот Том, Маргарет и Силвер, веќе е јасно дека за да ја објасни реалноста, на Том му се потребни и обајцата, Маргарет и Силвер. Маргарет, за да се држи цврсто до потрагата која ја започнал и да не ја изгуби рационалноста, а Солвер, за да ја осознае манипулацијата во реалното. Како што рековме претходно, се чини дека двоецот Том – Маргарет е свесен и знае за „скриеното“ во Том, но поради очигледни причини, најпрво поради взаемното прифаќање и премолчувње на тој факт, а најпосле поради самото разоткривање на Силвер, се тоа нам ни е пружено на крајот од филмот.
Така, на крајот од филмот, во писмо упатено до својот покоен ментор, Бакли го расветлува триаголникот, при што вели дека реализацијата во која тој наоѓа разбирање во одлуката да работи со Др.Матесон, и покрај можноста од поголем успех како физичар, беше резултат на несвесниот обид да се бараат други како него.  Ова откровение појаснува дека изборот е направен и покрај свесното негирање дека постојат паранормални активности (како што претходно ја опишавме причината поради која Том Бакли ја одбрал својата кариера – смртта на неговата мајка).

No comments:

Post a Comment