Lex est quod populus jubet atque constituit

Monday, June 24, 2013

НЕУГОДНОТО ВО БЕДАТА НА МАКЕДОНСКАТА ИНТЕЛЕГЕНЦИЈА – Тоталитарната отсутност и синтетичкиот морал во „Човекот од челик“

„No matter how violent, every action I take is for the grater good of my people“ –Генералот Зод

General Zod


Како знаеме кој морал е подобен да биде впишан во определена правна норма? Поточно речено, како знаеме дали во една Уставна (законска) одредба, од која произлегува систематиката на правни правила и норми, го одразува вистинскиот морал во едно општество т.е. во една единка – граѓанинот?

Следејќи ја правничката логика сосем станува јасно дека врз основа на принципите на непосредна демократија најефективен облик претставува референдумот како принцип на непосредно одлучување на граѓаните за определени прашања. Кај претставничката демократија пак, како посреден облик на остварување на суверенитетот, се јавува како резултат на два фактори и тоа прво, појавата на подерната држава и второ, сложеноста на функциите на власта за чие вршење не се способни сите граѓани, ниту пак сите гражани имаат слободно време постојано да учествуваат во процесот на вршењето на власта. Поради тоа граѓаните го даваат својот „мандат“ на одреден збир на индивидуи, повторно од редот на народот, да ја врши власта (public service). За таа цел, токму граѓаните избираат претставници во одредени тела како би можеле истите да бидат претставувани. Такви тела се на пример Собранието (Парламентот) на РМ, Советите на единиците на Локалната самоуправа и други. Сосем е јасно дека врз принципот на посредна демократија, народните избраници, во овој случај парламентарците во Законодавниот дом, се опние што се „должни“ да бидат творци на законите (leges) во државата. Избрани по пат на непосредни редовни или вонредни избори, во време на својот мандат, во рамките на работата на Собранието и Законодавно-правните комисии ги разгледуваат предлозите за донесување на закони, поднесени од определени пратенички групи, групи на граѓани или од извршната власт (владата). Законите, откога ќе бидат изгласани во Парламентот, стапуваат во сила по изминат рок од нивното објавување во Јавното гласило - Службениот весник. Оној закон што е во спротивност на Уставниот поредок на државата, може да биде предмет на разгледување пред Уставниот Суд. Уставниот поредок , односно Уставот во материјална смисла е збир од правила или норми со кои се регулираат основите на општеството, државното и правното уредување во одредена земја, при што не е битна неговата форма (пишана или непишана). Токму тие правила или норми кои ги регулираат основите на општеството мора да имаат некаква формална завршница, а таа формалност претставува уставот во формална смисла на зборот, кој е пишан т.е. кодификуван документ со најсилно правно дејство (Светомир Шкариќ – Споредбено и Македонско уставно право).

Фердинанд Ласал ќе запише:„Вистинскиот Устав на една земја егзистира само во реалните фактички односи на силите кои постојат во неа.“ Оттука, Уставните прашања се согледуваат како прашања на моќ на силата во одредено општество, а не како правно прашање.
Белградскиот професор по уставно право, Јован Ѓорѓевиќ, ќе запише:„Уставот е реален поредок заснован врз соодветните општествени и политички односи на силите, во функција на одредена сопственичка структура на општеството.“
Уставите, според социолошките мерила, може да бидат, реални, фиктивни, реално-програмски, програмско-декларативни, стабилни и кршливи устави дејство (Светомир Шкариќ – Споредбено и Македонско уставно право). На пример, Сталиновиот устав од 1936 година бил фиктивен, со оглед да нормите содржани во него не ја одразувале вистинската сосотојба и волја во практиката т.е. реалноста на Сталиновиот режим била замаскирана зад постојната стварност.
Нашиот Устав од 1991 година по својата содржина и правна природа има тенденција да биде стабилен устав, со оглед да е донесен на начин предвиден во претходниот устав (од 1974 година Устав на СРМ), додека пак Уставот на НРМ од 1946 е реален, а пак од 1974 е реално-програмски.

Оттука, може да се каже дека уставниот поредок го сочинува моралот (општествениот и правниот), кој како динамично непишано правило за поведение барал и бара да биде признат и запишан од повисок авторитет.

Но тука постои еден дискурс, за кој чинам дека „вечно“ ги вади на површина сите гомненици што се појавуваат во зоната меѓу моралот и законот. Секако, непишаниот морал и тоа како влијае врз креирање на правниот поредок, но токму нивната динамика и тенденција да бараат „признавање“, нагонот на единката или групата да го доведе во прашање постојното правило, секогаш доведувало до колизија меѓу стравот и недоразбирањето.

Ќе појасниме со неколку примери.
Во чл. 19 од Уставот на РМ, предвидена е слободата на вероисповеста, државата е одвоена од сите верски заедници и религиозни групи, додека пак верските заедници и религиозни групи можат да формираат верски училишта и други установи и институции во постапка утврдена со закон. Од друга страна, се воведува веронаука во училиштата.
Уставот гарантира дека животот и телото на човекот се неприкосновени (чл 10 од Уставот на РМ), т.е. дека на единката му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и на угледот (чл. 25 од Уставот на РМ), т.е. дека единката и семејството одлучува за сопствениот живот и за слободнхото одлучување при раѓање деца, додека пак од друга странапостои масовна државна кампања против абортусот и за формирање на семејства со повеќе деца.
Во Уставот на РМ исто така е загарантирана пресумпцијата на невиност (чл.13 и 14 од Уставот на РМ), додека од друга страна, државата формира вонсудска комисија која има за цел да ги „лустрира“ екс-кодошите. Таа комисија законски поставена како „вонсудски“, полу-управен“ орган расправа за тоа дали некој вршејќи ја службената должност, за период од 1944 до денот на стапување во сила на донесениот закон за таа комисија, истата ја злоупотребил (врз основа на чл.353 од КЗ на РМ), врз основа на начелото на пресумпција на невиност и ретроактивно дејство на законските одредби.
Во 2009 година донесен е Закон за Собрание и покрај тоа што во Уставот на РМ, децидно се пропишани функциите, должностите и надлежностите на Собранието на РМ, како и начинот за работа на ова Законодавно тело кои се предвидени исклучиво со донесување на Деловник за работа на Собранието. На 24.12.2012 година се случи тепачка во Собранието, а надвор од него и вербален судир на две поголеми групи активисти на двете најголеми политички партии во државата.
Се чини дека ниту моралот, ниту законот, не се способни да излезат на крај со овој проблем. Овде не станува збор за тоа уставно-правна мисла е во колизија или во согласност со волјата на законодавецот, односно, дали „групата“ што го штити Уставот е во право и обратно, туку како нивната волја ќе ја издигне сопствената моќ да ја преброди „недовербата“ на моќта во динамичниот морал, за една волја (на првата или втората група) надвладее и како ќе се соочи со последиците што би ги предизвикала.

Ниче, во својата „Волја за моќ“ вели:
„Оној кој што размислува за тоа на кој начин човекот може да се воздигне до најголемата моќ и слава, пред се треба да сфати дека ќе мора да се стави себе си надвор од моралот: затоа што моралот, во суштина, се стреми да го постигне токму спротивното – да го запре и да го уништи славниот развиток каде и да се има појавено.“
Понатаму тој вели: „Слободата на животните во стадото раѓа сосема сличен морал како и слабоста на декадентниот: тие се разбираат меѓу себе, тие се здружуваат... Државата не е доволно блиска, ниту доверлива; таа не успева да „раководи со совеста“.“

Во новиот филм за Супермен „Man of Steel“ (Човек од челик), една од негативците и командант во армијата бунтовници на генералот Зод, Фаора, при борба со Земјиниот полковник Нејтан Харди ќе каже: „Вие имате чувство за моралност, ние не. А тоа нам ни дава еволуциска предност. И ако на нешто не учи историјата, тоа е дека еволуцијата секогаш победува. Добра смрт е награда сама по себе.“
Во првиот дуел таа не успева да го убие полковникот – се вмешува Кал-Ел, но во вториот обид, полковникот е тој што еволуциски успева во таа намера, убивајќи се себе и Фаора, судрувајќи го својот авион во вселенскиот брод над Метрополис.

Која е логиката позади сево ова?

Да почнеме од почеток.
Филмот започнува на планетата Криптон, чие јадро се распаѓа поради константото црпење на ресурси. Советот на планетата, од една страна, се противи на идејата на Џор – Ел (Расел Кроу), дека црпењето на ресурси од јадрото ќе доведе до имплозија на планетата, а подоцна и на самата идеја да се напушти Криптон и насели друга планета за тераформирање. Џор –Ел обидувајќи се да вроди влијание и надеж пред Советот им укажува на фактот дека е родено првото дете по природен пат, неговиот син Кал-Ел (за Зод окарактеризирано како „ерес“)-„What if a child dreamed of becoming something other than what society had intended? What if a child aspired to something greater?. Размножувањето на Криптон е строго по вештачки пат, каде што во огромни површини со вода, постојат биолошки комори во вид на дрва каде што растат фетуси кои постепено се снабдени со ДНК материјал од Кодексот (череп од прапоредокот на Криптонците).
Во меѓувреме, еден генерал, одметник од Криптон, спротивно на интересите и одлуките на Советот, започнува вооружен бунт (револуција) кој доведува до граѓанска војна. Влегувајќи во салата каде што се наоѓа Советот, нарекувајќи ги игнорантни будали убива дел од членовите од советот, со закана дека ќе го земе Кодексот за да организира егзодус  на преживеаните од Криптон. Тој го поддржува Џор-Ел во неговите минати напори и предупредувања за ефектите од црпењето ресурси од планетарното јадро, па бара од него да му се придружи како „истомисленик“ во неговата намера за егзодус.
Џор-Ел одбива, па во таа збрка, тој успева да го украде Кодексот, прекршувајќи ги правилата и желбите на Советот и Зод. Знајеќи дека Зод го сака Кодексот за себе, Џор – Ел врши уште една неправда (подоцна окарактеризирана како уште еден „ерес“), целата ДНК на Кодексот ја префрла во телото на неговиот новороден син. Во меѓуверме Зод доаѓа да го земе Кодексот од Џор-Ел, дознавајќи за „првата ерес“ на Џор-Ел (природно родениот Кал-Ел), и во нерамна борба го убива Џор. Во истиот момент сопругата на Џор, Лара Лор-Ван, го испраќа својот син со вселенската капсула, на веќе избраната локација – планетата Земја.
Контрареволуцијата го заробува Зод, заедно со неговите колаборационисти и го казнуваат на вечен прогон во „Фантомската област“.

Она што е клучно во оваа почетна позиција во филмот, иако навидум хаотична и во распаѓање, е отфрлањето на „моралот“ т.е. општите правила кои постојат како средство за одржување на постојното Криптонско општество. Советот со недоверба и страв гледа на Џор-Ел, додека овој во страв од пропаст, ја користи навидум „расклиманата доверба“ и го краде Кодексот. Зод, од друга страна, ја бара довербата од Џор – Ел за да го победи стравот на Криптон и поведе егзодус. Никој не го добива она што го сака за да ги оправда акциите што ги презема, па така Криптон го нема, Зод е во прогонство, а единствено бебето Кал-Ел лута кон празниот космос кон планетата Земја. Ниче забележува дека:„Кога ќе се отфрли моралноста на формулата – Не смееш да лажеш, смислата за вистината мора да се легитимира пред некој друг форум, како средство за самоодржување, како волја за моќ!“ Оттука, самото почитување на вистината – реалноста е последица на една илузија; „Се е лажно, се е дозволено!“
Според тоа, овде не се работи за една пинг-понг игра на барање на лажното во вистината т.е. „вистинитоста на лажното во моралот“, туку повеќе како симболичко разоткривање на „болното“ – „срамното“ позади моралното и озаконетото. Така, лажното во суштина се моралното, озаконетото и вистинитото, а срамното е токму она што истиве го поставуваат како забрането.
Имено, „светото“, според латинскиот „sacer“, не значи само „свето“ –„посветено“, туку и она што е и срамно и одвратно (auri sacre famas). Овде, волјата на моралот и законот, не е само нешто што не смее да се допре, нешто што мора многу да се почитува, туку и нешто од кое човекот се ужаснува затоа што искажува болно одрекување од нагонот. Во констелација на филмот, откажување од нагонот за преживување.

Токму овој сегмент го следи и остатокот на филмот „Man of Steel“ во целост. 
Kal-El

Младиот Кал-Ел, сега со Земско име Кларк Кент, во текот на своето раснење и детство констатно е доведуван до работ на физички морални искушенија. Тој како дете сеуште не знае што се случува со него, со неговото тело, неговите сетила, неговите сфаќања за истите, моралната подобност на неговите постапки, како и неговото вистински потекло.
Може да се рече дека во овој, се до откривање на неговото потекло (средбата во замрзнатиот 18 000-ден Криптонски истражувачки брод со холограмот на неговиот татко Џор-Ел), младиот Кал-Ел претставува тотално отсутно битие, кое конфузно лута по фројдовата шема на ИД, его и супер-его. Неконтролираната прогресија на неговите сетила и инстинкти го прават пред другите да изгледа како изрод и чудак, се додека истите инстинктивно не ги стави на тест. Оној момент кога ќе го спаси училишниот автобус со своите соученици од пропаѓање во надојдената река, тој не само што почнува рационално  и морално да го преиспитува своето либидо (ИД), туку веќе почнува да се соочува со конфликтот што го предизвикува супер-егото. Таа инстанца, која критикува, забранува, па дури и на моменти го издигнува на ниво на „Бог- спасител“, е дел инхибиторните сили од надворешниот свет, предизвикува да егото на Кал-Ел се спротивставува.
Земскиот татко на Кал-Ел, Џонатан Кент (Кевин Костнер) за оваа постапка го советува малиот Кал: „Мора да ја чуваш оваа твоја особина како тајна“, на што малиот Кал го прашува, „Што требаше да сторам, требаше ли да ги оставам да умрат?“, на што Џонатан му одговара: „Можеби...“ Од друга страна, спасените деца, особено нивните родители, го гледаат како „Божјо чудо!“ За да биде целиот овој дијалог пофантастичен, Џонатан Кент дури му вели на малиот Кал, „Луѓето се плашат од она што не го разбираат“. Имено, Џонатан заштитнички во оваа ситуацина не само што му ја предочува „болната вистина“ на малиот Кал, дека тој никогаш нема да биде разбран, туку и му предочува дека не треба воопшто да има морална дилема дали Кал-Ел треба да ја покаже својата „различност“; според Џонатан, Кал-Ел треба да се откаже од таа морална дилема. Токму овде најјасно се гледа перверзната инверзија на „светото“ и „одвратното“ преку смислата на забранетото во моралот и законот. Сигмунд Фројд во својата „Мојсеј и Монотеизмот“ ќе запише: „Тука е авторитетот на таткото, во суштина авторитет на деспотски татко, кој се заканува дека со својата сила ќе казни – оној кој од детето бара да се одрече од својот нагон, и кој за него одлучува што му е допуштено, а што забрането.“
Имено, животот на човекот секако дека е неприкосновен и заштитен со уставни норми и врз основа на закон, а секако истите почиваат врз одредени морални општествени непишани норми. Ова, дотолку повеќе што, самата морална основа за поимање на „светото“ во животот на човекот, како објект на заштита, нужно „еволуциски“ барало да биде заштитено со повисока норма; правна норма (Устав и закон). Така, „одвратното“ овде не е излагањето на опасност и неукажувањето помош како чин на морална дилема (КЗ на РМ по чл. 133 и 135), туку самиот закон т.е. морал.
Самото супер-его т.е. авторитетот на татковата волја, во овој случај Џонатан Кент, го спречува веќе израснатиот Кал-Ел, да го спаси од надоаѓачкото торнадо, само за да не ја открие својата вистинска природа. Како паралела на овој момент, при крајот на филмот, Кал-Ел, во борба со неговиот сонародник ген.Зод, наоѓајќи се во иста морална дилема, одлучува да му го скрши вратот на Зод пред плашливата група на стуткани Земјани, додека овој со својот ласерски вид им се заканува дека ќе ги убие, ако Кал-Ел не се предаде. При двата чина на пропуштање, Кал-Ел крикнува од болка, како израз на една симболичка претстава дека најпрво го убил својот земски татко (супер-его, прва морална норма), најблиското нешто што во моментот на растење за него претставувала татковска волја; и второ го убива Зод, најблиското нешто до она што за него би претставувало враќање на потиснатото (Криптонскиот татко Џор-Ел), а со што истовремено и ја убива последната врска со неговото вистинско „Јас“ – последниот жив Криптонец (уште едно супер-его). Со тоа, Кал-Ел е практично соучесник во „природниот“ геноцид врз неговиот народ. Кал – Ел е тотално и отсутно сам.
                                                                                                                                                      
Иста ваква морална дилема пред која се наоѓа Кал-Ел, Супермен, е опишана во стрипот на Френк Милер „Бетмен-Темниот витез се враќа“, каде што тој е „галениче“ на американскиот претседател Роналд Реган (супер-его) и американските интереси на островот Корто Малтезе. Супермен таму буквално збришува цела копнена, воздушна и поморска армија на Советите, и убива илјадници луѓе, а сето тоа по наредба на американскиот претседател („Don’t you worry my fellow Americans, we have God on our side.. Or the next best thing!“). Од истиот тој авторитет, Супермен дури е наведен да го убие Бетмен (Брус Вејн), поранешниот член на веќе расфомираната Лига на Правдата на Америка (Justice League of America), само затоа што на тој авторитет не му се допаѓа како Бетмен се справува со она со кое што авторитетите не се способни да се справат.
Слична дилема постои и кога приказната за Супермен презема „Советска“ конотација, каде што Кал-Ел како бебе е најден во СССР, и таму е издигнат на ранг на „Син на СССР“, односно „Црвен Син“. Тој и таму е принуден да се бори против Советската верзија на Бетмен, која како темна страна, се бори против корумпираноста во Советскиот режим.
Red Son - Црвен Син

Во сите овие ситуации, Кал-Ел (Супермен), не само што го прекршува сопствениот морал и закон, т.е. оној на заедницата, туку секогаш постои еден однос на недоверба на Кал во акциите што треба да ги превземе од неговиот „нарачетел“ и во акциите што „нарачателот“ му ги доверува на Кал да ги изврши. Така, Зод не верува дека Кал-Ел ќе му го даде Кодексот, претседателот Реган, во стрипот со негодување и умилкување бара од него да го ликвидира Бетмен, а Бетмен, поради веќе загубената доверба, го послужува Кал-Ел со добар ќотек.

На крајот од филмот, на крајот од „натпреварот меѓу афектот и надмоќта на еден афект над интелектот (Ниче)“, Кал-Ел соборува беспилотно летало на САД, фаќајќи го во „нелегални активности“. Надлежниот генерал тогаш со страв и негодување го прашува Кал-Ел „за чии интереси работи т.е. дали можат САД да сметаат и бидат сигурни во неговата лојалност?“, на што овој одговара:„Генерале, израснав во Канзас; поамериканец не можам да бидам. Но јас, како и вие знаеме дека не можете да го тргнете костимот од мене, па затоа ќе има нови правила овде, мои правила, од сега па натаму.“ И повторно, уште една пресметка меѓу моралната изопаченост и на довербата.
Според тоа, овде целта не е „човештвото“, туку натчовекот. Тоа значи да се има ненаситна желба да се изнесе моќта на површина; или за примена, за уоптреба на моќта како творечки нагон. Како што запишал Ниче:„Не се работи за тоа човекот да предначи, туку се работи за способноста на човекот да оди самиот за себе, да може да биде поинаков.

Една ваква паралела може да се најде во Фројдовата „Мојсеј и Монотеизмот“, каде се пружаат мошне интересни осврти за појавата на монотеизмот, Мојсеј законодавецот, гревот и проклетството на Еврејскиот народ за таткоубиството и Христовата жртва. „Јудаизмот бил религија на таткото; Христијанството постанало религија на синот. Стариот Бог-Татко се повлекол позади Христос; Христос, синот, дошол на неговото место токму онака како што во прастари времиња секој син го посакувал татковото место...Ако Мојсеј бил првиот месија (оној што ги донел законите, тогаш Христос е негов супститут и наследник.
Мојсеј Законодавецот

Нели Џор-Ел е таткото (појавуван како компјутерски холограм) кој бара од синот, Кал-Ел, да ја оправда смртта од раката на незадоволниот Зод, и да потане посакуванта надеж за „Новиот Криптон“? Нели Зод посегна по животот на Кал-Ел со оглед да ја откри „втората ерес“, дека Кал-Ел е Кодексот (Новиот синтетички Криптонец)?, па мораше да го убие, за да го продолжи животот на Криптонците? Нели Кал-Ел , и покрај тоа што начелно остана единствениот Криптонец во филмот, тој во суштина постана идентитетски отсутен – синтетички супер-човек и синтетички Криптонец? И најнакрај, нели токму Генералот Зод е онаа движечка сила која што бара да се оттргне трулото од Криптон, замени и започне со ново, и која што бара да се урне „синтетичкото“ во Кал-Ел?
На ова Фројд додава: „Меѓутоа, сигурно од пресудно значење будењето на заборавената мнемичка трага на рецентниот реален настан кој се повторува. Таквото повторување било убиството на Мојсеј и, покасно, наводното правно убиство на Христос, така да тие настани стапуваат во прв план како причини. Изгледа дека генезата на монотеизмот не би можела да се лиши од тие збиднувања. Со други зборови: „Она што во песната треба бесмртно да живее, во животот мора да пропадне.
Христос - праведно убиениот

Оттука, во нашава ситуација, Кал-Ел е ликот што треба да ја најде својата улога меѓу дискрусот да како идеал бесмртно живее, а реално да пропадне. Моментално, тој не е ниту „заштитник на човештвото“ – идеал за натчовек, ниту „посакуваната надеж“ на татковата волја (Џор-Ел). Тој сеуште е отсутен лик кој го наметнал својот синтетички авторитет. Потребен е акт на провокација што ќе ја разниша неговата „идеолошка“ неодреденост и ќе ја постави неговата тоталност на тест – да бира на која столица ќе седне!

Токму ова е центарот на збиднувањата и лајт мотив што се очекува за следниот „Man of steel“. Токму ова е центарот на збиднувањата и лајт мотив што треба да настапи во македонската правно-општествена мисла од 1991 година до денес. Истите треба нужно да се променат и да раскрстат со тоталитарната отсутност и синтетичката законска примена.

Ним им треба генерал Зод или Лекс Лутор за нужно да пропаднат, а луѓето сепак дури и на тој чин ќе гледаат со страв кон она што би настапило по пропаста, а кое нема да го разберат.

No comments:

Post a Comment