Lex est quod populus jubet atque constituit

Saturday, June 29, 2013

Спорот за името – Грција и Македонија; Cedant arma togae


Спорот за Името - Грција и Македонија

„Ќе биде трагично македонскиот национализам да стане карикатура на грчкиот…
Има потреба од современ македонски пристап кој ќе оди дури и подалеку од типичниот граѓански концепт, бидејќи и таму се јавија одредени проблеми – како што покажа искуството со францускиот модел…
Македонските организации во балканските држави треба сами да си го најдат патот во соработка со демократските граѓански движења во државите во кои живеат. Ова е нашето мото и наш основен принцип во нашето политичко делување.“
Павле Филипов Воскопулос
Пред пет години од денес, во 2008-та, во издание на Јавното претпријатие „Службен Весник на Република Македонија“, беше издадена книгата „Спорот за името – Грција и Македонија.“ Таа книга беше еден ентузијастички опус од фактографско-хронолошки карактер на група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје. Една година подоцна во мај 2009 излезе второто, англиско, дополнето издание, во сорабтока со издавачката куќа Матица Македонска.
Примарната идеја за ова дело, како зародиш се појави на предавањата по предметот „Политички систем“ во март 2002 година. Студентите кои тогаш први го започнаа овој „проект“ како примарна цел пред себе си го поставија прашањето за суштината на спорот, како и прашњето за тоа како истиот овој проблем да се надмине, без при тоа да се навлезе во „емоционалноста“ на и така кревката националистичка реторика на навреда и повредување на обете засегнати страни – Република Грција и Република Македонија.
Како почетна каписла која ја започна анализата на оваа група студенти за овој проблем, беше „Извештајот за Балканот бр.122 на Меѓународната Кризна Група (МКГ)“ од 10.12.2001 година, особено насловот „Името на Македонија: Зошто е важен спорот и како тој да се реши?“ Во меѓувреме беа изработени мноштво интервјуа со лица за кои студентите сметаа дека ќе придонесат кон разгледување на спорот од повеќе аспекти. Различното мислење и став, очигледно биле од иманентен карактер. Тука вреди да се вброи интервјуто со Едвард Џозеф, претставникот на МКГ за Македонија на 21.03.2002 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Од 2002 година, па се до ноември 2005-тата, во студентската 2005/2006 година, овој проект стагнирал, за повторно, една друга, нова генерација на студенти, го преземе проектот во свои раце, и тоа повторно, „судбински“, преку предавањата по предметите „Политички систем, Уставно право – применета програма и Споредбено уставно право“ кај проф. Д-р Светомир Шкариќ. Иронично, но причина за ова нивно вклучување беше предлогот на посредникот Метју Нимиц од ноември 2005 година. Во оваа група спаѓав и јас.
На почетокот, имајќи го предлогот пред себе, научниот товар и одличната идеја во веќе насобраниот материјал од првата (постара) генерација на студенти, а особено одржувајќи ги ентузијастичките дискусии, размената на идеи помеѓу нас студентите и несебичната и отворена соработка со професорите Д-р Светомир Шкариќ и проф.Д-р Татјана Петрушевска, за од сето тоа да произлезе заедничката идеја за овие две книги. Сите ние бевме повеќе од решени да дадеме едно ново светло кон овој правно-политички проблем.
Од една страна, бевме свесни дека, за да се пристапи кон него не беше доволно само да се разгледаат предлозите на посредникот Метју Нимиц, постапката за признавање и членство во ООН под привремената референца ПЈРМ (FYROM), резолуциите на ООН 817 и 845 од 1993 година, како и Привремената Спогодба од 13.09.1995 година. Секој беше поделен во одредена група и се обидуваше да влезе подлабоко кон суштината на проблемот, дали тоа било од економски, правен, политички, историски, социолошко-културолошки или философски аспект. За таа цел беа изработени поевќе анализи, есеи и интервјуа, а дополнително беа прибрани и селектирани документи, анализи и интервјуа од домашни и странски професори, научници, политичари, економисти и слично. Во тие анализи активно учество зедоа и дел од професорите и асистентите од Правниот факултет „Јуситинијан Први“ од Скопје.
Од друга страна, во тој период, се до самитот на НАТО во Букурешт – Романија на 2 и 3 април 2008 година, динамиката на спорот за името постана забрзана и тензична. Во тој период, од скоро три години, се смени власта во Република Македонија и во Република Грција. Република Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ, а се поизвесен беше и приемот во Северната Алијанса –НАТО, заедно со Република Албанија и Република Хрватска. На Самитот на НАТО во Букурешт, покана за полноправно членство добија само Албанија и Хрватска. Поради нерешениот спор пред ООН, Република Македонија не ја доби поканата. За тој период, а особено од крајот на 2007, па се до предворјето на Самитот во Букурешт, беа објавени три предлози од посредникот Метју Нимиц. Првиот беше оној од 9.11.2005 година, вториот од 19.02.2008, а третиот од 28.03.2008 година. Мора да се напомене дека во периодот од крајот на 2007 година, па се до објавувањето на последниот, трет предлог од 28.03.2008 г., во медиумите кај обете држави (Р.Грција и Р.Македонија), беа објавувани разни предлози и ставови за кои ниту се знаеше дали се официјални или не, и од кого точно се објавени. Дел од нив беа вербално или писмено дискутирани и објавувани од политичари, а дел и од самите медиуми. Беа вршени секакви анализи за тоа што по Букурешт, доколку не се добие членство и слично. Кај нас, можеби најинтересна беше онаа анализа, која се обиде да направи паралела меѓу „двата Букурешти“, оној од 1913 и оној што треба да настапи во 2008. Таквите паралели не престанаа и по Самитот. Интересно е да се напомене дека од денешна перспектива, токму пред некој ден академикот Блаже Ристовски, на прес конференција, повторно ја „чепна“ таа идеја, како обид да направи паралела со 100 годишнината на Букурешкиот договор од 1913 година.
Како и да е, тоа беше период на општ правно-политички комичен хаос.
Имајќи го в предвид овој „јазол“, сфативме дека многу малку можеме да помогнеме (да не речам воопшто) при изнаоѓањето решение на овој спор. Ова, дотолку повеќе што, нашиот интерес за овој проблем, како и структурирањето на целокупната литература и документација што дотогаш ја имавме собрано, предизвика да проектот заземе една обратна насока. Наместо изнаоѓање решение низ мноштвото општествени лавиринти, одлучивме да заземеме еден поинаков пристап – хронолошко-фактографска опсервација на насобраниот материјал. Се чинеше дека замрсениот јазол, понекогаш, е многу попродуктивно и попрагматично да се набљудува, пред да се перземе дејствието на „сечење со мечот“! Го одбравме нашиот пат – правничкиот, па оттука и геслото „Cedant arma togae“ – „Нека оружјата се пположат пред тогата“!
Во мај 2008 година, а благодарение на Јавното претпријатие Службен Весник, беше објавено првото издание на книгата „Спорот за името меѓу Грција и Македонија“, која како студентски проект беше одобрена од наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје со одлука бр.02-300/6 од 5.05.2008 година. Раководители на проектот проф.Д-р Светомир Шкариќ и проф. Д-р Татјана Петрушевска. Како редактори на книгата беа проф.Д-р Светомир Шкариќ, Димитар Апасиев (сега магистер по правни науки) и јас, Владимир Патчев, дипл. правник. Коавторни на книгата беа проф. Д-р Светомир Шкариќ, проф. Д-р Татјана Петрушевска, Ивана Анѓеловска, Димитар Апасиев, Марија Блажевска, Зорица Велковска, Емилија Димиќ, Драгана Кипријановска, Моника Костиќ, Вера Костовска, Владимир Наумовски, Владимир Патчев, Борче Размоски, Билјана Секуловска, Маја Симоновска, Ана Шајновска и Елизабета Спировска.
Една година подоцна, во април 2009 година, во соработка со издавачката куќа Матица Македонска, беше издадено и објавено второто, англиско, издание на „Спорот за името“, овој пат под наслов „The name issue – Greece and Macedonia“. Ова издание значително го подобри карактерот и содржината на првото, со тоа што одредени текстови беа корегирани и отфрлени поради практични причини (некои се повторуваа), а за таа цел се додадоа мноштво други оригинални правни документи од периодот по Самитот, како и неизбежниот „Поговор“ (Епилог) кој недостасуваше во првото издание. Токму во тој Епилог беше истакнат нашиот стремеж за еден поинаков пристап кон самиот проблем, како една увертира на сето наше залагање во овој проект. Тоа беше „Трансценд методот“ на Јохан Галтунг за трансфорамција и мирно решавање на конфликтите. Овој метод беше изворот на нашата опсервација и пристап кон проблемот на „Спорот со името“, а се со цел за негово трансформирање и помагање при разреувањето. Секако, како неодминлив дел кон овој пристап беше и нашата заложба и апел за соработка и контакт со нашите колеги студенти и професори од Грција. Впрочем токму тоа беше и истакнато на прес-конференцијата при објавување на книгата, а на која присуствуваше мошне доблесната телевизија од Атина, Грција, ТВ Алфа, и пред која дадовме кусо интервју од 15-тина минути.
Зачекоривме навистина неконвенционално и наивно – младешки! „Да бидеме реални – да го бараме невозможното!“
Од првото издание во 2008 година до денес изминаа точно пет години, а од второто четири.
Ќе се обидам да бидам краток, да не „судам“ никому, и да не бидам толку „проклето“ жижековистичко и фројдистичко настроен со критики кон крајот на ова наше јубиларно реминисцентно патешествие.
Што точно се измени и случи за сите овие пет (четири) години од издавањето на книгите? Дали нашите надежи се претворија во реалност или пак во ужасен кошмар? Дали реалноста ни плукна во лице?
Денес сме јуни 2013 година.
Република Грција, по тешките економски премрежја од економско-политичката криза што ја зафати од септември 2009 година, навидум полека се опоравува. Власта и таму се промени, и тоа неколку пати. Едни гласноговорници се заменија со други, „нови“. Во тие новите има и по некој „вечен студент“ за да ја забибери целата ситуација и да даде посебен „шмек“. Кај нив како да не може да се наслути некоја одлучност околу решавање на спорот. Се чини дека пасивноста и различноста во ставови некако да ја замаглуваат државната политика. Тука е Алексис Ципрас од „СИРИЗА“, чии што ставови, и ставови на членовите од неговата партија (инаку неколку години пред нивното стапување во коалиционата Влада, тие беа чести гости на трибини кај нас) се прилично меки и прагматични, за разлика од оние од партијата на Андонис Самарас од „Нова Демократија (Nea Demokratia)“, а особено од ултра-десничарите „Златна Зора (Hrisi Avgi)“.
Кај нас, во Р.Македонија, гласноговорниците од 2006 г. па до денес и не направија рокада на фотељите во извршната и законодавната власт, но затоа пак истите тие не почестија со „плодни изборни години“ (редовни и вонредни). Година ипол, по Самитот во Букурешт, започна „фамозниот“ проект „Скопје 2014“; за некого историско-општествен романтизам, за некого „антиквизација“, а за други национално и државно обединување. Доденес природата на овој проект, од ден на ден се променува, како и климата, но неговата суштина останува пасивна. Започна лустрирањето, а со него подоцна и тепачката во Собранието и надвор од него. Во меѓувреме се појавуваат и колоритните реклами на МРТВ, интересните полициски апсења и акции, патувањата на претставниците од ЕУ, Комесарот за проширување на Унијата, неизбежните „мексикански“, „индиски“  и „катарски“ туристи, секодјевните роуд-шоуа, а за сето тоа време, како најнова вест да произлезе дека зад сите тие дипломатски неуспеси причината била нашето „неединство“.
Секако, не смее да се заборави и поднесената „тужба“ пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, од 17.11.2008 година, поднесена од страна на Поранешната Југословенска Република Македонија, како Подносител, против Хеленската Република, како Одговарач. „Тужбата“ беше поднесена поради тоа што Хеленската Република ја прекршила Привремената Спогодба од 13.09.1995 година. На кратко само би сакал да забележам дека термините „ „подносител“ и „одговарач“ најприближно соодветствуваат со природата и карактерот на одлуката – пресуда, што на носи Меѓународниот суд на правдата. Слично и со зборовите „тужба“ и „пресуда“. Самата тужба во суштина се нарекува „application“, односно „апликација“ или „барање“, но не и „тужба“, поради тоа што во англискиот јазик, под „тужба“ се нарекува „lawsuit“, што е најпогоден еквивалент кон правната смисла во нашиот македонски правен речник. Во оваа смисла, терминот „апликација“ т.е. „барање“ соодветствува со правната природа и карактер на „пресудата“ на Меѓународниот суд на правдата. Имено, „изреката“ во пресудата, не е класичниот збор „пресуда“, па да би можела истата директно да ја преведе смислата на природата на тој правен акт, туку е зборот „remedy“, односно „remedies“, кој што значи „правно средство“ (не „правен лек“, затоа што па и овој термин во нашиот јазик има сосема друго значење). Во самиот текст, стои зборот „judgement“, и тоа неколку пати, но тој се користи во контекст на „одлука – одлучи“, а не во смисла на конечна одлука. Оттука, оваа „пресуда“, како посебен вид на правно средство, има повеќе декларативен и конститутивен карактер, но не и кондемнаторен. Така со истата само се потврдува одреден факт или дејствие. Но со оглед на оскудноста во македонскиот правен јазик, сепак терминот „пресуда“ останува како најадекватен. Пресудата беше донесена на 05.12.2011 година.
Како и да е, гледано од перспектива на нашиот публикуван проект, и сите случувања за изминативе пет години, може да се заклучи дека таа потрага по „реалното“ остана во рацете на неколкумина луѓе. Таа не им плукна в лице (барем не сеуште, оти денес воопшто не се знае ни дали ќе биде решен овој спор), но не затоа што околностите се променија или затоа што таа мала група на луѓе„ го бараше и го бара невозможното“, туку затоа што реалниот неконвенционален и наивен пристап остана на жалост да биде единствено нивен луксуз. Впрочем, обете книги т.е. целокупниот проект стана дел од колекцијата на Конгресната библиотека на САД, а пред домашната јавност (за кого и беше наменет овој проект) еден до два месеци по неговото објавување, беше однесен во заборав.
Слично како и со „пресудата“ од Хаг, денес луѓето како да не се сеќаваат, подобро речено, воопшто и не ги знаат „придобивките“ од т.н. пресуда. Од самото објавување на „пресудата“, истите тие што се пофалија за успехот, го ставија политичкото пред правното – мечот пред тогата. Таквото мислење како вербална реплика само се повторува, во духот дека „ете сепак нешто се презема кон решавање на Спорот!“ Народотод обете страни го прифати она: „Ние победивме, а Грција загуби, Грција мора и треба да ја почитува „пресудата!“, односно, „Не сте победиле, тоа нам ништо не ни значи, Вие сте тие што сте некооперативни!“, итн.
Во таа смисла и „нашиот луксуз“, понуден, но не согледан и неприфатен. Се чини дека е поважен „инстантот“ отколку реалната суштина.
За крај, со жалење можам да заклучам дека денес човекот попрво би прифатил „Cedant toga armae – Нека тогите се положат пред оружјето“,  како инстант израз за сексуално инфантилната онанија.
„…Кога некој човек долго време ја читал својата расправа, Диоген покажувајќи кон празниот крај од свиокот, рекол: „Само храбро мажи, гледам копно!…“
Диоген Лаертиј, за Диоген Киникот
Диоген Киникот


No comments:

Post a Comment