Lex est quod populus jubet atque constituit

Saturday, September 28, 2013

Паркот на Жената Борец – За правното во јавниот интерес како креација на демократското фетиширање, крај

Во своето брилијантно дело „Демократија во Америка“, французинот Алексис де Токвил, пред повеќе од 150 години го анализирал американскиот општествен систем, иако негова примарна цел била да се изврши анализа на казнениот систем и казнено-поправните домови во САД. Како што навлегол подлабоко во американскиот систем, тој создал брилијантно дело од политичко-философски аспект во кое обработува теми за навиките и менталитетот на американскиот народ, демократијата, еднаквоста, власта, граѓанските асоцијации, идеите и чувствата на Американците и слично.
Токму во втората книга, Влијанието на чувствата на Американците, Токвил пошироко се осврнува на употребата, потребата и значењето при креирањето на јавните асоцијации во граѓанскиот живот на Американците. Тој ќе заклучи дека американците од сите возрасти, сите слоеви и диспозиции, константно формираат асоцијации, и тоа не само комерцијални и мануфактурни (производни) компании, туку истите ги формираат за да изградат цркви, да приредуваат забави, формираат семинари, печатат книги и слично; а на тој начин пак формираат болници, затвори и училишта.

Алексис де Токвил

Интересна е една згода што ја посведочил Токвил, а при која заклучил дека смислата за ваквото здружување е во нивната потреба за взаемна поддршка; „веднаш штом ќе се пронајдат еден со друг, тие се соединуваат.“ Додека истражувал, Токвил најпрво слушнал, а подоцна и го потврдил тој факт, дека над сто илјади луѓе се собрале во САД за јавно да искажат воздржаност од консумација на алкохолни ликери. Кога прв пат слушнал за веста, за него тоа повеќе претставувало како добра шега отколку како сериозен ангажман. На Токвил воопшто не му било јасно зошто овие темпераментни граѓани не можат да се задоволат со едноставно пиење вода покрај своите огништа, наместо алкохол.  Дури на крај, Токвил, сфатил дека тие сто илјади Американци, се здружиле за да промовираат воздржаност и умереност, бидејќи биле алармирани од прогресијата на пијанство околу нив.

Токвил, понатаму, имајќи в предвид дека ваквата манифестација на американскиот граѓанин е еден непосреден, симболичен израз на слобода, но и осознавајќи го чувството за можна злоупотреба на истата, се запрашал како е можно толку независни луѓе, кои заради причината на промовирање на некаков политички принцип или заради издигнување на определена индивидуа на чело на политичките збиднувања, или при взаемна политичка борба, констатно да не запаѓаат во злоупотреба на слободата? Но и покрај тоа, тој сепак, со една резигинираност заклучува дека „нацијата треба да ја знае цената на благословите и благодетите што ги купила.
За него, од сите политички ефекти создадени од рамноправноста на постојните услови, љубовта кон независноста (чувството на независност), е знак дека токму таа прва ќе удри  кон пасивните набљудувачи и ќе биде аларм за уплашените; а така, ниту може да се каже дека ваквото алармирање е целосно неоправдано, бидејќи, како што заклучува Токвил, сепак дури и анархијата, во овој случај, зазема поимпресивен аспект во демократските земји, отколку било каде на друго место. Впрочем, оваа комплетна независност, која тие (американците) константно ја уживаат  во однос на нивните рамноправни ближни, и во односите од приватниот живот, има за тенденција да ги причини да гледаат кон сиот авторитет со љубомора која забрзано им го сугерира чувството и убовта кон политчка слобода. И така, како што граѓаните немаат директно влијание еден над друг, се додека врховната моќ на нацијата, која што ги држела сите нив (граѓаните) во нивните однапред утврдени демократско-хиерархиски позиции, не пропадне, би се чинело дека безредието нужно мора веднаш да ја достигне својата теренска превласт, бидејќи секој човек веќе се повлекува во различна насока од онаа „пропишаната“, ткивото на ваквото општество мора нужно одеднаш да се урне.

Но, Токвил, и покрај се, бил убеден дека, при една ваква манифестација на независност, т.е. барање за еднаквост преку покажување на индивидуалност во здружувањето, сепак не носи кон анархија, односно дека анархијата е последниот „зол“ принцип од кој демократијата треба да се плаши. Принципот на еднаквост, според него, раѓа две тенденции: едната која ги води луѓето директно кон „независност“ и која што неочекувано може да ги доведе до анархија; и другата која ги спроведува кон подолгорочен, притаен, но посигурен пат кон ропство (нова форма на слугување и потчинетост).

Ќе дозволите мала дигресија, но токму на вакво „предупредување“ мисли и философот Славој Жижек, каде на едно интервју пред скоро три години, буквално го шокираше новинарот на BBC, кога објаснува дека во секојдневниот живот идеологијата зема се поголем замав, дури при нејзино перцепирање како не-идеологија, имплицира на тоа дека „теоријата брутално, мора да има приоритет!“. Водителот, потоа му се заблагодарува, на што Жижек вели:„ Ви благодарам, и ќе се видиме повторно, било во комунизам, било во пекол.

Колку и да е индивидуалноста т.е. желбата за еднаквост и тенденцијата за прикажување на демокртијата во вистинско светло, толку повеќе пред очи ни штрчи максимата дека има нешто нелогично во тој едноставен збор „демократија“, а со него и „јавениот интерес“.

Според Џовани Сартори, авторот на книгата „Компаративен уставен инженеринг“, демократијата не може просто да биде власт на народот, бидејќи тоа е само кратенка за целокупниот израз „власт на народот врз народот“. Сартори додава дека вистинската власт е власт која се извршува; значи, како може целиот народ, десетици – стотици илјади, дури и милиони луѓе да извршуваат власт над самите себе?

Дури, тоа повеќе звучи и на тенденцијата во 60-тите, во оние генерации на „Универзитетските револуции“ каде што се говорело дека „вистинската демократија е да се дадат што повеќе овластувања на се поголем број на луѓе, со се повеќе власт.

Токвил vis-a-vis Сартори, како што рековме, се чини дека предупредил на ваквата тенденција многу одамна: „Тенденцијата на демократијата за еднаквост е онаа која треба внимателно да се разгледа.“ Треба да се поттикнат луѓето да се здружуваат и асоцираат, да бараат што повеќе да бидат дел од јавниот живот, да го креираат, озаконуваат, јавно и на дело да го прикажат суверенитетот што произлегува од граѓанинот, но и дека токму таквата тенденција е онаа која води кон законска потчинетост. Масата бара озаконување и признавање на права и слободи, бара истите да бидат инкорпорирани во законски одредени обврски и права, во вид на нормативни овластувања; масата е власта, па оттука и демократијата како „власт на народот врз народот“.  Во таа трка и борба за поголеми права, за ексклузивно учество во „јавниот живот“, политичката пресметка е неминовна и нужна, па така старото уставно правило на „морална моќ на мнозинството“, кое е основано врз принципот дека „интересите на мнозинството треба да бидат насочени кон оние на малцинството.“ Меѓутоа, како што понатаму велат Токвил и Сартори, токму оваа логика носи проблеми. 

Штрумфови


И токму тука лежи суштината во проблемот со полово-инфертираното скулптурирање на „паркот на жената борец“, фасадирањето на ГТЦ, сечата на паркот пред Хотел Бристол и низа други проблеми од фамозниот проект „Скопје 2014“. Власта на народот е таа која што врз народот наметнува став дека „тоа е она што на народот му треба и му е неопходно“, затоа што ние сме народот (дел од него), и тоа е наша волја и желба. Ваквиот израз на моќ во суштина е сепак дадена власт т.е. овластување на голема маса на луѓе – „вистинска демократија“. Тоа е она корумпираното со оглед да веднаш како контра-тенденцијата се појави групата што собира потписи за заштита на постојната фасада на ГТЦ,како еден друг аспект за заштита на она т.н. јавно. Проблемот е што тие не се вклопуваат во философијата за „власт на народот врз народот!“ Нивната тенденција не е во согласнот со законската и философска логика на народот и јавното т.е. populus et publicum.; со други зборови, оние кои што за изминативе години произлегоа од народот ја и протуркаа народната идеја за барокно фасадирање и полово-инвертирано скулптурирање ја наметнаа идејата дека „ние дојдовме од народот, работиме за народот – ние сме народот!“. Секако критиката овде е допуштена, но таа не е толку меродавна, законот и правото се тие што овде валидни, а токму тие ја допуштаат и озаконуваат ваквата „народна власт“ – „Сѐ се работи врз основ на закон и ништо не смее да биде над законот!“; па така и критиката суштински мора и треба да произлегува оттаму.

Законот како да има добиено човечки наративи, па повеќе наликува како Византиски цар со титула augustus princeps senates imperator basileus romaion, и никогаш не греши!

Слично како Французите во времето на старата монархија, кои имале максима дека кралот никогаш не може да згреши, а ако згрешел, вината паѓала на неговите советници. Ваквиот став причинил да покорноста биде премногу лесна, и допуштила интересна амбивалентна појава – истовремено субјектот да се жали и негодува за неправедноста на законот, и истовремено без да престане да го љуби и велича законодавецот.
Секогаш мора да има некој авторитет, како олицетворение на супрематијата на прекорот на возвишениот татко, во чија волја народот има доверба да ги исправи сите сочинети неправди и им ги скрати тешките маките. Нешто како модерна комбинација на Исус спасителот Божји, кој ќе избави од грев и тешки маки, но истовремено ќе биде праведен и строг кога тоа е потребно.

Ова е тенденцијата од која што се плашел Токвил, а на која што предупредуваат денес Жижек и Сартори.

На таков принцип е примерот од чл.20 од Уставот на Р.Македонија, каде на граѓаните им се гарантира слободата на здружување и заштита на нивните политички, социјални, културни и други права и уверувања, додека истовремено, преку величење на овој принцип се доведува во прашање претходно споменатата народна власт!

Уставот и законот се светиња.

Така, во духот на нашава правна тема, во Законот за здруженија на граѓани и фондации од 2010 година, во чл.73, под организации кои вршат дејности од јавен интерес (сетете се претходно на Законот за локална самоуправа, Законот за градот Скопје и општините на градот Скопје) се организации чија дејност се однесува на спроведување на проекти и програми на централно и/или локално ниво, самостојно или во соработка со органите на државната управа и органите на општините, општините на градот Скопје и градот Скопје. Додека, во чл.74, како дел од дејностите од јавен интерес спаѓаат и развој на демократијата, граѓанското општество и човековите права, како и развој на етиката и моралот.
Токму ваквите законски тенденции се како меч со две острици. Од една страна, ја имаме државната власт, која како народен избраник и добар и милостлив татко и застапник на волјата на мнозинството, застанува зад законот првдајќи го неговиот легалитет и легитимитет. Додека од друга страна, постои малцинска група, чија волја бара да биде признаена, сомневајќи се во легалноста на во законот што го наметнува добриот татко

Со други зборови, власта на народот – демократијата, е озаконета до највисок степен, и во нашава ситуација предизвикала тенденциите на „демократијата“ за протуркување на овластувањата на голема маса на луѓе како дел од власта (иако тие во суштина само фиктивно се дел од неа), кон смисла на унифицирана волја на мнозинството, претставува врв на формалистичко-законодавната логика, која не само што носи опиеност и слепа покорност кон законот, туку и законски креира форма на „лажно прост негативизам“, кој не ги согледува расположивите алтернативи. 

Демократска инверзија

Нашиот Устав во чл.70 ст.3 забранува насилно уривање на уставниот поредок.

Сетете се само на настаните на плоштадот Македонија во 2009 година каде малата група на студенти по архитектура беше физички потисната од илјадна група разгневени граѓани. Кој тоа овде го штитеше јавниот интерес?

Но нештата овде се променија – улогите се променија. Четири години подоцна, групата што сега го брани ГТЦ закаснето се јавува во функција на повторен креатор на реакција и толкување јавната волја, која во 2009-та го искритикува и бараше заштита она автентичното во законскиот принцип за заштита на јавниот интерес, а забораваме дека токму нивната закаснетост во суштина допушти да илјадната разгневена толпа веќе во 2009 година надвладеа во заштита на овој интерес. Сега, токму тие илјадни викачи од 2009-та законски и оправдано молчат пред овие стотина анти-фасадери, кои тогаш беа неоправдано пасивни за сметка на ќотекот што малцинството тогаш го доби. Ваквата лажна простота е врв на законскиот наратив за јавниот интерес и претставува негова најголема инфантилно-инвертирана фетишна перверзија. Амбивалентноста меѓу негодувањето и апсолутниот возвишен татко како во примерот од времето со францускиот народ од апсолутистичката монархија, се чини сеуште ги има своите корени.

Сартори ќе запише: „...Вкупниот резултат на лажната простота, комбинацијата на инфантилна демократија и суров негативизам, значи дека спориот часовник на политиката добива многу удари со стап, но нема јасен совет за тоа како да биде поправен или изменет на подобро.“

Ваквата лажна простота, меѓу другото, е и најголем показател за корумпираност на демократијата. Кога говориме за корумпираност, мислиме на тоа дека ваквите политики (опишани претходно) ја корумпираат демократијата. Така, корупцијата санува корупција само кога службата станува јавна служба (изршувана од избрани функционери и/или граѓански службеници на државата) што им овозможува на граѓаните да ја добиваат бесплатно, ќе рече Макс Вебер. Но при една ваква ситуација често народот, потајно, тлее со недоверба и разочарување кои доведуваат до апатија, до откажување од политиката. Ваквото откажување од политиката кое од 1991 година кај нас, па до денес зема сѐ поголем замав, воопшто не е пасивно туку е активно партиципирано и одмазничко.
Сетете се на новите момци што кај нас се на власт од 2006 година. Тоа се истите тие момци кои апатично и разочарано, но одмазнички тлееја во периодот од 1991 до 2006 година. Во нивните редови дури има и играчи кои биле политички активни во тој период, па од некое разочарување се повлекле, за денес повторно да проникнат. И секако, додека апатичниот ја креира политиката премногу лесна, активно одмазнички настроениот граѓанин ја прави премногу тешка. Не треба да гаиме никакви илузии, ваквата тенденција е актуелна до ден денес и истата е со забрзано темпо. Таа секојдневно го креира јавното мислење и го застапува јавниот интерес.

Навистина е тешко да се дефинира јавниот интерес, со оглед да овој термин седи на две столици, философскиот и правниот. Додека оној правниот секогаш бил дел од сферата на „jus publicum“, оној философскиот тенденциозно се впикувал кон формализмот на „jus publicum“, барајќи само моментално законско признавање на новонастанатите потреби. Денес тој претставува апстракцијата наречена „волја на граѓанинот“, која бара заштита на еднакво апстракните слободи, интереси, обврски и права од сферата на јавното, но и приватното право, а во смисла на активен граѓанин (или група – организирано) и заштита на истите тие права, во дејности од локално и/или централно значење, од органите на државната власт или/и од локалните власти, кои дејности, права и обврски се утврдени со закон.

Во тој контекст, а имајќи го в предвид нашето излагање, „Паркот на Жената Борец  - Фетишот во националниот митос како врв на сексуално инфантилната инверзија“, каде непрепознавањето на потребите на сопственото либидо (повторното голтање на запалената фројдова цигара – заменетиот повторен фетиш), кое веќе создало сопствена нарација и ја задоволила својата нагонска содржина, а сега непрепознавајќи и непризнавајќи го истото, инфантилно го навраќаме кон фетишна сексуално-инвертирана онанија, а која доведува до психо-патолошки кризи, заклучивме дека таквата настроеност веќе почнува да создава сериозни проблеми.

Тенденцијата во инвертираноста на објектот во „Паркот на жената борец“ ја задира и тенденцијата за патолошко пореметување на „интересот“ во сферата на „јавното“. Јавното во себе по дифолт го подразбира интересот, затоа што тој во својата суштина, како што видовме, произлегува од граѓаните. Но, овде, постои и една инвертираност во смисла на интересот. Објектот не е само физичката претстава на Паркот Жена, неговата сексуално полова промена, туку овде станува збор за волјата, желбата, која е претставена како законски израз на граѓанскиот субјективитет на целиот народ. Овде станува збор за демократската волја на власта на народот за народот, со исклучок на тоа што наместо зборот „над“, е ставен зборот „за“. Како што споменавме погоре, токму ваквите идеолошки т.е. не-идеолошки кованици предизвикуваат проблеми. Секако, треба да ни биде јасно дека не постои чиста идеологија, но исто така и не постои тотална дезидеологизација (нешто за што се надевам дека во понатамошните расправи ќе обрнеме поголемо внимание). Како што вели Жижек, „Теоријата, брутално мора да има приоритет.“ Но не заради потребите на идеологијата, во смисла да самата теорија да биде перцепирана како идеолошка, односно да произлегува од идеологијата за идеологијата, туку сосема спротивното, да од теоријата произлезе идејна смисла.

Токму ова била клучната дилема на Токвил, кога споменува дека анархијата не е злото од кое треба демократијата да се плаши, туку самата потчинетост на демократијата за нејзино институционализирање и взаконување, кое води до ропство. Перверзијата лежи во фактот дека денес се добива впечаток дека љубовта кон демократијата, еднаквоста, слободата и независноста (наративи на кои Токвил предупредил) како да претставуваат сексуален чин со непосакуваниот партнер, претставен како посакуван и вистински, и неопходен за креирање на колективното чувство за единство, слобода и демократичност при манифестирање на нагонот за задоволување на истите. И секако, овде не се работи за никакви права, тие се параван за нагонот, законска рамка за идентификување на субјективната волја, позади онаа на колективот. Тука лежи и духот во максимата „Да се даде поголемо овластување на се поголем луѓе“. Мајката нема еден татко – маж, туку има повеќе, тоа се нејзините синови, а „вистинскиот татко“ е таму некаде, оној отфрлениот и убиениот, како што Ѕевс, го убива Хронос и ги ослободува браќата Посејдон и Хад, за вечно да владеат со народот. Односно, како еврејскиот народ симболично го убива Мојсеј (т.е. Тут Мозес – види подетално во Фројдовата „Мојсеј и Монотеизам), за потоа преку Исус да го овоплоти божјото во широките народни маси, искупувајќи ги од причинетиот грев.

Сосема слично е и во Паркот на жената борец, каде „македонските синови“ се овоплотени во нарацијата за возвишениот „македонски татко“ (кој патем речено сеуште е непознат иако неговото својство на „вечен лидер“ и „апсолут“ идеолошки провејува; тој не е Александар, иако постои таква тенденција, туку од него е земен само архетип за целосната идеолошка структура на овој имагинарен лик) пред кого треба да се искупиме за причинетиот грев, што ете, со текот на времето сме ја запоставиле, па дури и отфрлиле неговата природа.

Секако, во време на психо-политичка апатија, и одмаздата е слатка, па единствен начин како би се задоволил нагонот е преку наоѓање содржина во минати нарации, кои ќе го задоволат единствено веќе задоволеното како симбол на, условно речено, насилно заборавеното, кое претставува привиден објект, но не и вистински. Ваквото фикциско онанирање не е само инстант задоволство, туку комплетна замена за објектот, при што истиот се нуди како чувство на идентификација за колективот со остатокот од заедницата, а неговата природа е инвертирана.

И токму тоа е она грдото во јавниот интерес. Неговата правна рамка е философски заменета и претставена на ниво на закон кој се „обожува“. Токму заради тоа и обете страни, поддржувачите на фасадизацијата и оние против, не можат да ја согледаат суштината на проблемот. Исто како нашите добри пријатели Византијците; Западот никогаш не успеал да го разбере и разреши проблемот на иконоборството, со оглед на различната идејна природа на Источната и Западната црква: „...иконите се корисни, не треба да бидат предмет на култ, т.е. не смеат да се уништуваат, додека пак, ни да се почитуваат...“ И обете страни создаваат фетиш од законот. Првите за да го протуркаат својот нагон како израз на волја на колективот, додека вторите прку заштита на веќе задоволениот нагон, како недефинирана колективна волја. 

Демократскиот тотем, колективна манифестација на јавниот интерс - персонифицирана волја на возвишениот народен татко (Сцена од ТВ серијата „Ханибал“)


Оттука и негуодното не е јавниот интерес, per se, туку она грдото и исплукано чувство на надменост да се претставиме како дел од нешто, над нешто (објект/субјект), вешто криеме, со него си поигруваме и сето тоа во име на нашата перверзна и корумпирана замисла за „јавното“ во нашиот интерес, но никогаш обратното.

Се чини дека Токвил бил во право за предупредувањата, па може слободно да заклучиме дека ние веќе робуваме на законите. Во меѓувреме, апатијата, како симптом, е составен дел од заболениот организам.

За крај ќе се вратиме на самиот почеток.

Земјотресот во Скопје од 26.07.1963 година, во 05 часот и 17 минути, уништи речиси 80% од градот. Во него околу 1070 луѓе ги загубија животите, илјадници повредени останаа без покрив над главата и илјадници други беа раселени. Но Скопје се изгради и крена од амбисот, во неговата борба да заживее слободно, изградено од македонската, југословенската и светската солидарност.

Денес, нам ни е потребна нова катастрофа повеќе од било кога.



„...Ако луѓето имаат за цел да останат цивилизирани или да постанат такви, уметноста на асоцирањето мора да расне и да се унапредува во ист сооднос во кој еднаквоста на условите е зголемена. …

Алексис де Токвил – „Democracy in America

No comments:

Post a Comment