Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, February 17, 2017

БАЛ ОД МАСКИ

ФАУСТ ОД МУРТИНО ПОТПИШАЛ! Своерачно го потпишал договорот. Го потпишал со крвта на загинатите бранители, од сегашните и минатите војни. На тој слуга, гласот му го дадоа триста и педесет илјади заблудени граѓани. Има и такви кои велат дека ѓаволот ги измамил, дека биле несвесни. Како и да е, после е..ње нема каење. Само, штетата што ја направи таа црпка е голема. ЌЕ ИМА ВОЈНА! НОВА ВОЈНА ЌЕ ИМА! ЦРПКООО, НИКОЈ НЕ САКА ВО ТВОЈАТА КОЖА ДА БИДЕ!

Сите куртони кои онанираат на своите профили дека Владо Јовановски исчезнал или се сокрил, да ги утешам дека уште денес ќе ме видат, а можеби и утре и задутре.. Многу куртони ве има, не сакам со секого поединечно да се расправам, имам поважни работи во животот. Особено не со еден икористен презерватив, самозамислен глумец и писател. Не е хигиенски!
Владо Јовановски, актер (статус на фејсбук профил)

„Телевизииве спаднаа на дебатни емисии за фејсбук статуси.“
Љубомир Чојлиски (коментар од фејсбук профил)


Растењето на тензијата која е произлезена од сеопштата општествена криза во нашата држава се одразува во сите пори на оваа наша кревка култура.
Културата, која се договорила за едно општество во далечната 1991 година, сега се наоѓа пред едно огледало, па некако, не можејќи да се увери дека одразот кој го гледа во истото, е оној истиот што е создаван цели 25 години, сега се става пред токму тој тест на препознавање.

За што станува збор.

Џокер


Веќе извесен период општествената криза која ја живееме, не само што е префрлена во интимниот живот, туку е префрлена и надвор од него, во т.н. world wide web domain. Како најлесно и најрасположливо средство за комуникација, web апликацијата Facebook стана поле на искажување на најинтимните пориви на секоја една единка од оваа наша култура.
Интересно, но надвор од овој web свет, како да сите тие интимни пориви се латентни, а избликнуваат токму во оној виртуелниот. Тежиштата се изменети.

Ваквите изблици, дури и се поставија под прашање, па почна да се тврди дека е непристојно и дегутантно да се говори на јавен простор, конкретно на телевизија, за мислења, тврдења и мисловни статуси искажани на конкретен web portal, од причини што на web portal секој може се да каже, а во надворешниот свет сепак има конкретни правила на однесување – одреден бонтон и етика.
Според тоа, излишно е да се осврнеме на конкретни примери, од причини што еден мал клик на Facebook ќе ни даде светло во истите. Треба да се осврнеме кон суштината.

Суштината овде е сосем обратна. Она што сме ние во надворешниот реален свет интимно, сме во виртуелниот, реално. Маската што ја носиме виртуелно, е онаа вистинската, нашето реално – ЈАС.
Проблемот овде лежи во прашањето со идентитетот и идентификацијата. Во овој случај идентитетот се остварува преку јазикот, а јазикот е аргумент на сликата на ЈАС.

Бидејќи човечкиот субјект е создаден преку стекнување на јазикот, (лажно)егото е претпоставка – во кое единката претпоставува его, како што облекува маска. Одвоен од „реалноста“ која што не може да биде реализирана, јазикот постанува инхерентно и неопходно симболички. Лакан, на пример, го појаснува тоа со цел да постигне социјална „личносност“ (персона), детето мора да се покори или да ја прифати неопходноста на Симболичкото. Ако јазикот е одвоен од реалноста, тогаш, субјектот придобива симболички јазик, тој/таа постанува симболизиран: јазикот зборува за субјектот. Со цел да биде изговорен, субјектот мора да претрпи загуба (или, како што ја дефинира Лакан „Забранетата Мајка“), за на тој начин да добие влез во општествениот поредок. Во тој момент се случува размена, базирана врз недостаток, поточно речено зделка, и егото, или субјектот не постои, односно не егзистира.
Во тој домен веќе настанува онаа „размена“ помеѓу личноста и маската. Маската ја зазема позицијата на вистинската личност.

Слично и со жолчните дебати во, сега веќе реалниот свет, а не во виртуелниот (Facebook), за природата и суштината на објавени статуси, нивната персона и културолошко значење. Моментот кога суштината за тие виртуелни дебати, не е говорена со иста желба за реализација и во надворешниот свет, односно како да интимниот однос со него е волево кастриран, тогаш јазикот ја зазема улогата на маска и го покрива односот со културата од надвор, туку се позиционира само кон оној дел од просторот, каде она што во реалноста е невозможно и забрането. Токму тогаш, веќе станува јасно дека симболиката на јазикот е да ја покаже маската, а истата ја зазема неговата улога и откривајќи го вистинскиот порив – интимата која е „забранета“ во надворешниот свет – реалноста; ergo, таа постанува реалноста.

Но, кога веќе го споменавме Лакан, тој дискутирал и тврдел дека „субјектот не постои“, тогаш, како треба да го сфатиме овој „неегзистирачки субјект“, за кој што тој толку многу пишувал? Односно, во корист на нашиов текст, прашањето треба да се постави на следниот начин, дали маската, или персоната позади маската е неегзистирачки субјект?, или дали маската, која е вистински одраз на персоната, на субјектот, во суштина е неегзистирачка – непостоечка?
Да погледнеме од друг агол.
Најпрво, субјектот не постои и допрва мора да зборуваме за него, или да прецизираме, се чини дека ако можеме, тогаш сме во состојба да говориме за субјектот (егото). Возможно е да се зборува за нешто за кое што не постои; да речеме, во нашата „реалност“ ние веќе зборуваме за нешта како на пример Бетмен, Лук Скајвокер, Дарт Вејдер, The Force, духови, вештерки, зомбиа, вампири, рептили и мрачни сили кои владеат со светот, странски служби и надворешни закани, па дури говориме и посведочуваме за состојби, кои ги перцепираме како објект, а кои сите овие се суштества и објекти кои се продукти на имагинацијата, и тие не постојат. На пример, ако сте пистател, сценарист или режисер кој пишува за вакви „суштества и објекти“, тогаш не-егзистирањето на Бетмен не ве вознемирува, но ако сте филозоф, расправајќи за објекти кои не се објекти, или ако не-постоечкото е вознемирувачко, особено кога, за разлика од примерот со писателот, вие сте принудени да се обратите на не-обратливото.
Значи, лесно е да кажеме дека: „па да глупаво е да се коментира и разговара за изразување на мислење на конкретен Facebook статус, па не гледам зошто тоа би се изнело во јавниот простор“, но многу покомплицирано е да се согледа дека во суштина токму таквата изјава е јавниот простор и е дел од она што се расправа на конкретен  Facebook или Twitter статус. Со други зборови, како ние со сила да го кастрираме односот кон она од кое што веќе сме дел, кон кое сме го подале нашиот субјективитет. Од една страна, го причинуваме не-обратливо, за од друга, сме принудени да се обратиме кон него, затоа што сепак имаме одредена субјективна (види погоре „мајчинска - матична“) врска кон истото. Нашата персона, не ни дозволува да се однесуваме амбивалентно, најпрво  да го прифаќаме, за потоа да се одрекуваме од „необратливото“. Во суштина, амбиваленцијата е дел од персоната, па како таква, таа има само симболичка (јазична – види погоре) врска, отколку суштинска.

Bane


Оттука, подвоениот субјект е на некој начин посредуван и може да биде разбран само ако биде посредуван преку дискурсот кој го чини, но ова посредство, кое претставува присилен настан, создава прикриена структура: - несвесното. Во смисла на Фројд, крајниот резултат на ваквата „фамилијарна романса“, значи дека детето е трауматизирано и примарната рана го расне кон несвесното, каде што се на кое што не треба ни да се помисли, е закопано. На пример, на Facebook, можете да напишете буквално се и сешто, никој да не ви обрати внимание, а и да ви обрати, зависно од контекстот, или од „реномето на јавна личност“ кое го имате стекнато, па со тек на време, и да се подзаборави траумата која изминала, причинета поради „лошото реноме“ стекнато со објавениот статус. По извесно време, дури и да се сети некој, да ги пронајде точните зборови кои сте ги напишале, вие веднаш можете да се искупите: „Јас тоа не сум го рекол. Добро и да сум го напишал, не сум го мислел така. Не се сеќавам на тоа. Зошто од позади грб ми импутирате зборови што не сум ги рекол така?“. Сега, во помодерната верзија на Facebook, дури има и нешто што се нарекува „времеплов“, па самата апликација ве води низ времето на вашиот профил, па ве навраќа на траумите кои сте ги рекле пред една, две, три или повеќе години. Секако, вие можете да изберете дали „горкото сеќавање“ ќе го објавите или не, или ќе дозволите самата апликација автоматски да ја реобјави на истата дата кога и пред, на пример пет години, била објавена.
Но, во оваа сирова состојба, расцепот создава поделба и поредок во кој што човечкото суштество може да функционира ако (оптествената – социјалната) рана не може да биде излечена, тогаш јазот мора да биде затворен. Помеѓу субјектот, кој не постои но мисли дека постои, и светот, кој постои, но не може да биде изразен и искажан, мора да постои Трет Поредок, кој што нам ни се обраќа како „хируршка сутура“ (конец за шиење). Замислете го ова шиење како едно поместување, или да речеме како една форма на повторно враќање кон општеството, она надворешното, а не виртуелното за кое говоревме до сега.
Значи, замислете сега одреден профил од Facebook (не велиме персона) да треба да го брани ставот т.е. мислењето (да се изразам Facebook-вски, статусот) искажан на таа социјална мрежа. Тој/таа, мора да го откине „конецот“ од таквата социјална „мрежа“, за да од истиот повторно ја сошие скинатата врска со надворешниот свет – реалното општество. Тој/таа сфаќа дека ќе влезе во конфликт ако се однесува амбивалентно, иако тоа во суштина го чини, но го чини само за да остане во контакт со она од кое претходно се откинал. Компромисот овде се чини дека лежи токму во разголување на траумата. За да причиниме повторно врска со општеството, мора да причиниме нова траума, па од истата да ја залечиме старата врска. Во суштина, и обата обиди се трауматски.
Така, оваа т.н. „сутура“, исто така го претставува и кинењето т.е. раздорот, кој што може да биде обновен, како што впрочем видовме, но по цена на трауматска лузна.

Да заклучиме, социјалните мрежи не можеме туку така лесно да ги отфрлиме од нашето општество. Тие се нашето општество во целина. Ова дотолку повеќе што е невозможно да ја избегнеме вистинитоста на нашето делување во нив, отколку во општеството во целина.
Амбивалентно е однесувањето при фактот кој постојано ни доаѓа пред очи кога ќе се случи некоја општа природна катастрофа, некаков траорен политички настан, масовно убиство, некаква ужасна општествена несреќа и слично, па веднаш сите на социјалните мрежи like-уваат или share-уваат информации за неподносливата и навистина ужасна трагедија и неправда. Но кога општеството од нас бара, т.е. кога нашата персона во општеството бара, од facebook профилот да делува во име на односот „општество – персона“, е тогаш нештата постануваат многу покомплицирани. Нашиот профил (маска) како да не сака да се откаже од една траума, за да се приклучи кон една друга, поопшта и посуштинска. Да не заборавиме, маската која ја носиме на facebook, twitter, linkedin, не е само бегство од општеството, побогу, па тоа Е дореализација на персоналитетот, на интимното наше во општеството. Ние, во суштина сме латентни чинители во општеството, особено во нашето македонско, и тоа во секоја негова пора, но овде, во социјалните мрежи латентноста преоѓа во акција. Според тоа, она што сме ние во суштина, тоа сме на социјалните мрежи, па е симптоматично да се отфрли статусната симболика на јазикот, дејствието на таа симболика, како и симболиката и веродостојноста на маската во нив.

Невозможно е така лесно да се откажеме од маската. Всушност, прашањето е дали воопшто и треба да се откажеме од неа, ако веќе воочивме дека таа е она што ние навистина сме?

Забраните кои вистинското општество нас ни ги налага, и поради кои истото ни поставува норми и правила на однесување, а за кои норми и правила на однесување, преку системот на власта, ние, по пат на избори даваме легитимитет за истите тие норми и правила бидат донесени во наше име, тогаш треба сериозно да се позанимаваме со вистинските желби на т.н. маски во социјалните мрежи. Она што се маските таму, тоа сме ние во општеството.
Ако за маската е амбивалентно однесувањето кон општеството, vis-a-vis социјалните мрежи, тогаш математиката за општеството е сосема обратна кога станува збор за персоните кои ги создава, а кои „ставаат маски на себе“. Општеството не може и не знае како да се справи со прашањето „што тоа навистина сака од себе и своите членови?“, исто онака како што персоната, потисната од општествените забрани и проблеми, наоѓа интимно прибежиште во социјалните мрежи за своето „што навистина сакам?“ Опасноста од отворената територија каде се манифестираат националната, верската, расната, етничката и сексуалната нетрпеливост и раздор, во суштина постои и во вистинското општество, но таму има нормативни бариери – овде се е дозволено.

Секако, ова не значи дека авторитарната татковска рака на општеството треба секој можен простор да го засени и подјарми со својата крутост, но сепак, треба добро да се погледне во амбивалентноста на субјектите во општеството. Треба да се погледне во јазикот со кој таа зборува, а и со јазикот преку кој говорат субјектите. Повеќе од очигледно е дека ако субјектот е поделен, тогаш во изборот на поделбата е и во самиот јазик, а тоа значи дека и јазикот, средството за општење е алиенирано само од себе.

Darth Vader - ставање на маската во изолирана комора


Но, има една голема придобивка во целата оваа мешаница, а тоа е актот, дејствието, на кастрација за комуницирање во општеството и пребегнување кон т.н. социјални мрежи. Процесот на пребегнување и наоѓање прибежиште во истите, е израз на нелагодноста кон културата т.е. општеството кое сме го создале. Во виртуелноста, можеш да бидеш се, да најдеш еквивалент. Преку таквото еквивалентно равенство на односи, практично се манифестира и незадоволството од надворешниот свет, кое ги еманципира единките на начин што на самото општество му е невозможно и тешко да ги направи.

Можеби, наместо да продолжиме со нашата кастрација од општеството, треба малку повеќе да се позанимаваме како да го кастрираме самото општество во доменот каде е постанато нееманципаторско. Во спротивно, одвратните желби и посакувања, надвор од него, ќе постанат наша реалност, а розевите сни, најлоши кошмари.


„Театар комедија у 24 у живо, значи умреф! J J J

                                Тања Ооае (статус на фејсбук профил)


„Тешко нас!“
                                Мариглен Демири, Левица (статус на фејсбук профил)

No comments:

Post a Comment