Lex est quod populus jubet atque constituit

Tuesday, July 11, 2017

За парламентаризмот во пратеничките групи 1/2



Во целата правно-политичка и општествена реалност во нашата Република (Res Publica) забележителен е фактот што константно не престанува да продуцира појави и процеси од таков тип, кои што сами по себе се феноменолошки уникатни. Секој еден настан, како феномен, продуцира нов, кој сам по себе го отфрла стариот во заборав, и доаѓа на негово место како стожер на новата општествена нарација.
Тешко е да се каже дали се тие феномени спонтано настанати, од причини што интеракцијата меѓу индивидуалните фактори кои ги креираат, практично е обусловена сама од себе, од нејзината природа. Од перспектива на гледач, тие и тоа како ни изгледаат сосема спонтано, па дури и без било каков ред – хаотични.

Како еден нов феномен во општествената реалност во нашата Res Publica, претставува формирањето на дури 10 пратенички групи од страна на една политичка партија во Собранието на Република Македонија.

Намерно нашата Држава ќе ја ословиме со оригинерниот Res Publica, и покрај нејзиниот помакедончен назив „Република“, од причини што сосема реално ги објаснува односите во неа, онакви какви што се и треба да бидат, а не какви што некој ги претставува дека се. Од друга страна, подолу во текстот ќе се обидеме накратко и да објасниме зошто значењето на Res Publica во овој наслов е особено важно, кога станува збор за формирање на пратенички групи во Собранието.

Формирањето на 10 парламентарни групи од една коалиција се случува за втор пат во историјата на законодавниот дом во нашата Res Publica. Во 2006 година, тогаш опозициската СДСМ, која беше во коалиција, формираше три пратенички групи. Партијата ДПМНЕ (без ВМРО, оти самиот назив е историски излишен – за тоа во некое следно излагање) ги определи и имињата на координаторите и нивните заменици додека составите на парламентарните групи, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги прочита во продолжението на пленарната седница од 06 јули. Имено, ДПМНЕ формирањето на десетте групи го заснова на членот 33 од Деловникот за работа на Собранието. Според наведениот член, една парламентарна група треба да има најмалку пет пратеници вклучувајќи го и координаторот и неговите двајца заменици.
Според пратеникот од оваа партија, Илија Димовски има за цел искористување на што повеќе процедурални говори, реплики и барања за паузи за време на седниците или при работата на собраниските комисии. Деловникот предвидува координаторот на пратеничката група да говори 15 минути и да се јави за процедурални забелешки од три минути.

Ваквото воспоставување на нејасни нови практики е нецелисходно, непотребно, неуставно и неделовнички. Тоа е така, бидејќи парламентаризмот не е ексклузивитет на група/групи пратеници, туку обврска и должност на цела една власт, која по содржина и суштина е претставничка. Таквата претставничка, парламентарна, власт извира од волјата на граѓаните, доверена на избори, преку дадените пратенички мандати, а не преку реципроцитетни и мегаломански мерки и т.н. нео-практики за користење на деловничките права.

Подолу во текстот, ќе се обидеме да ги разјасниме овие тврдења.

Уставот на Република Македонија, во чл.61 ст.2 е многу јасен, па вели: „Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и Деловникот“. Тоа значи дека законодавниот дом, како претставнички орган, за да може непречено да работи, мора да има некој свој внатрешен акт, кој недвосмислено ја уредува и зацврстува неговата улога во правниот и политичкиот систем на Res Publica. Овој акт, е од особено значење за Собранието, дури и има поголемо значење од Законите кои овој орган ги носи, бидејќи без Деловникот, не би било можно ниту носењето на законите.
Деловникот, извира од Уставот и од мандатите на пратениците, т.е. од самите пратеници, бидејќи, тој ја појаснува и допрецизира врската на граѓанинот со институциите, неговата волја за институции кои претставуваат општи добра за решавање на проблеми и прашања од јавен интерес. За таа цел, Уставот, мошне пластично и недвосмислено упатува дека организацијата и функционирањето на Собранието се регулира исклучиво со Уставот и Деловникот.
Од една страна, пратениците се претставници на граѓаните, кои ги избрале, а од друга страна, Собранието, како највисоко претставничко тело, е Уставна категорија која произлегува од изборната волја на граѓаните. Следствено на ова, имајќи ги во предвид минатите искуства, не може и не смее да се организира ниту да функционира Собранието со било каков друг акт, освен Уставот и Деловникот.
Во минатото, во 2009 година, Собранието, противуставно донесе Закон за Собранието на нашата Res Publica. Тоа е недозволиво да едно највисоко претставничко тело, сам на себе да си донесе Закон, со кој ќе се регулира и ќе си ја одредува положбата и функциите, а при тоа веќе тоа му е утврдено во Уставот.

Велика Британија, т.е. Англија, државата во која е постанат и извира модерниот парламентаризам, работата, организацијата, функционирањето и процедура во Парламентот може да биде поделена во четири главни дела. Првиот се однесува на практиката, која е општо позната, прифатена и воспоставена со вековите, и за која не треба формално да биде запишана. Втората се т.н. „Standing Orders – Воспоставени правила“, кои се правила под кои Парламентот ја врши својата работа и го регулира начинот на кој што Членовите се однесуваат и се организираат дебатите.
Третиот дел се однесува на процедурата и правилата во Домот на Комоните (Долниот дом) за појаснување и толкување на одредбите од истите правила, кои можат да се упатат до Претседавачот (Chair). Во Домот на Лордовите, процедурите ги подготвува самиот Дом, преку Комитетот за постапки, кој ги разгледува сите предлози за измени на постоечките налози.
И четвртиот дел се однесува на други процедури кои се контролирани и воспоставени од страна на Актите на Парламентот, кои ги покриваат прашањата како на пример, Полагање на заклетва или Презентирање на Законите пред Парламентот.

Уставното право на Велика Британија не познава конкретен пишан текст, како што е Деловник на Парламентот, со оглед да Велика Британија е држава со т.н. „непишан устав“. Изреката дека „Велика Британија е со непишан устав“ е честа во пошироката јавност, но тоа сепак и не е целосно точно. Според уставното право на Велика Британија, не е невозможно да постои непишан уставен текст, како што е случајот во САД, Германија, или на пример во нашата Res Publica. Но доколку поголем дел од таков вид на акти, со уставно-правна, според нив, статутарна содржина, се донесени од страна на конкретно претставничко тело, како што е Парламентот, тогаш, тие имаат правна сила еднаква на пишан Устав. Оттука, се вели дека Уставот на Велика Британија е „делумно напишан и целосно некодифициран.“

House of Commons


Во смисла на погоре кажаното, Британскиот Парламент, бидејќи истовремено тој е и дводомно претставничко тело (House of commons and House of Lords), својата положба и функции ги регулира со Parliament Acts. Овие Parliament Acts – Парламентарни акти, имаат пошироко и потесно го значење. Со потесното значење, тие се однесуваат на уредувањето внатрешно функционирање на Парламентот. Таков е на пример Парламентарниот акт од 1911 година, (http://www.legislation.gov.uk/ukpga/Geo5/1-2/13/contents ) во кој, ги регулира односите помеѓу двете куќи, Дома, во Парламентот, Домот на Лордовите и Домот на Комоните. Во него, потесно се уредуваат овластувањата на Домот на лордовите за паричните сметки, ограничувања на овластувањата, земање на збор, заштита на постојните права и привилегии на Долниот дом, времетраење на Парламентот и слично. Истите можат да се дополнуваат и изменуваат како што е на пример случајот со актот од 1949 година, кој го дополнува и изменува оној од 1911 година (http://www.legislation.gov.uk/ukpga/Geo6/12-13-14/103 ).
Во сличен контекст се Актите од 1737 и 1770. Во првиот, (http://www.legislation.gov.uk/apgb/Geo2/11/24 ) Парламентот го изменува и дополнува „Актот за спречување на Непријатностите кои можат да се случат од Привилегиите на Парламентот“ во тринаесет годишното владеење на Кралот Вилијам Трети, каде процесите против Должникот на Кралот нема повеќе да бидат предмет на привилегија (одлучување) во Парламентот, и дека таквите лица, следствено на тоа, нема да бидат лишени од слобода (уапсени).
Актот од 1770 година пак, (http://www.legislation.gov.uk/apgb/Geo3/10/50/introduction ), кој повторно се однесува на Привилегиите во Парламентот, говори за одговорноста на Претставниците во Британскиот Парламент.  Истиот допушта да сите судски постапки против Пер-от (членови на благородништвото во Горниот дом – Домот на Лордовите) и Членовите на Долниот дом, и нивните слуги, можат да се гонат и водат пред судовите за евиденција, капитал и адмиралитетот, и судовите кои имаат познавање од Брачно право.

Поширокото значење се однесува на основните правни акти што ги носи Британскиот парламент во Британскиот правен систем. Тие се законот за кривичната постапка, интелектуална сопственост, законот за здравство, и слични закони, кои што се нарекуваат и општи јавни акти.

Од ова може да се заклучи дека уставното право т.е. Уставот на Велика Британија, директно произлегува од функционирањето и практиките на Парламентот, кој пак, познава т.н. парламентарен суверенитет. Овој суверенитет произлегува од вековната борба да се ограничат овлстувањата и суверенитетот кој извира/л од Монархот. Меѓутоа, во последно време, поради големата моќ на Британскиот Парламент, истиот има донесено Закони со кои се ограничува парламентарниот суверенитет. Такви се на пример, Актот за влез на Велика Британија во EU од 1973 година, пренесување на одредени овластувања и моќи врз Шкотскиот и Велшкиот Парламент, како и одлуката за основање на Врховен суд на Обединетото Кралство во 2009, со која се одзеде функцијата на Домот на Лордовите да претставува конечен суд по жалби во Велика Британија. (http://www.legislation.gov.uk/uksi/2009/1603/contents/made ) (http://www.legislation.gov.uk/ssi/2009/323/contents/made )

Оттука, во смисла на парламентаризмот, може да се заклучи дека Деловникот за работа на Собранието на РМ, не е само деловник за работа per se, туку и стожер на парламентарниот суверенитет на Собранието како претставничко тело. Имено, според Уставот на нашата Res Publica, „суверенитетот произлегува и им припаѓа на граѓаните“, меѓутоа, учеството на граѓаните во остварување на Власта се демонстрира преку слободни, демократски и непосредни избори, по пат на избор на свои претставници во Власта. Според тоа, општата волја на граѓаните (volonte generale) за Власт, е само пренесување на својот суверенитет во претставниците во Собранието. Собранието е суверено само за себе, но не исклучиво во однос на другите. Суверенитетот произлегува од граѓаните, а следствено на тоа и е пренесен врз трите власти, како нивни директни претставници. Тоа значи дека нашата Res Publica, како Парламентарна демократија, суверенитетот на граѓаните го изразува преку Собранието, чие што функционирање и организација единствено произлегува од Уставот, како највисок акт и Деловникот, како системски, регулирачки и ограничувачки акт. Ниту еден друг пропис, акт, документ или пак едностран чин, не може да ја ограничи, зголеми, одземе, делегира или сегментизира функцијата и работата на Собранието и во него. Истовремено, ниту една друга власт не е суверена, ниту е подредена или надредена, оти меѓу нив постои врска на запирање и балансирање. Собранието е суверено само за себе, но не исклучиво во однос на другите. 

House of Lords

No comments:

Post a Comment