Lex est quod populus jubet atque constituit

Sunday, July 16, 2017

За парламентаризмот во пратеничките групи 2/2

Суверенитетот произлегува од граѓаните, а следствено на тоа и е пренесен врз трите власти, како нивни директни претставници. На тие претставници им е даден мандат за да вршат јавна работа (Res Publica), па оттука и се претставници, а не застапници, бидејќи треба да се грижат за јавните добра, за потребите на граѓаните со тоа што во целост ќе ги спроведуваат надлежностите и функциите на Собранието.

Во оваа смисла треба да се толкува и волјата за создавање на пратенички групи во Собранието, од страна на избраните претставници.

Деловникот за работа во Собранието во чл.33 предвидува дека во Собранието можат да се основаат пратенички групи. Според истиот, пратеничка група ја сочинува најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една или повеќе политички партии, додека пратеникот може да биде член само на една пратеничка група.
Став 7 од истиот член за промената на составот на пратеничката група, на координаторот и на неговиот заменик, се известува претседателот на Собранието, кој за тоа ги известува пратениците.

27.04.2017


Од овде, може да се види дека Деловникот изрично не дава можност на формирање на повеќе пратенички групи кои произлегуваат од една политичка партија, или повеќе политички партии кои се во коалиција.
Кога се толкува Деловникот, треба да се толкува директно, онака како што пишува, а не буквално, бидејќи во спротивно разноликоста и релативноста на толкувањето може да постане сериозен проблем. Не може, и не смее индивидуалната волја за толкување на одреден Акт, кој што е внатрешен Устав на Собранието, во поглед на неговото функционирање и организација, да биде извор на индивидуални желби. Пратениците, дали индивидуално, или колективно, здружени во пратеничка група, или како дел од работно тело во Собранието, ја претставуваат општата волја на граѓаните. Тоа е така бидејќи од нив извира нивниот мандат, а не обратно, од волјата на политичките партии внатре во Собранието.
Волјата за јавниот интерес е поголема отколку интересот кој произлегува од политичкото организирање, внатре во Собранието.

Според тоа, Законодавецот, кога го носел Деловникот за работа бил мошне конкретен и концизен по тоа прашање. Така, кога Деловникот вели дека „пратеничка група ја сочинува најмалку пет пратеника кои припаѓаат на една политичка партија“ се мисли дека од една политичка партија може да се формира само една пратеничка група од најмалку 5 члена. Истото важи доколку прашањето се однесува на повеќе политички партии, здружени во коалиција.

Сосема друго е прашањето ако се формираат т.н. „фракции“ внатре во Собранието, па истите да бидат продукт на т.н. „партиска дисциплина“ која подлежи под авторитетот на партиското водство. Како и во Англија, т.е. Велика Британија, слични мерки се познати и кај нас. Во Велика Британија, на пример, партиска дисциплина претставуваат партиски камшици во Парламентот (whip) („Споредбено и македонско уставно право“- Светомир Шкариќ стр.441).
Кај нас, тоа може да се случи доколку се повреди партиската дисциплина, па да се применат мерки од типот на повлекување на пратеникот од работните тела, исклучување од партијата, или, во смисла на насловот, исклучување од пратеничката група (исто, стр,607). Во таа смисла, никој не го спречува пратеникот, да фомира пратеничка група, доколку истиот смета и има минимум 5 поддржувачи, а која група, ќе застане позади интересите кои таа група ги застапува и е независна од онаа Партиската, од која излегле.
Тоа значи дека тие пратеници, т.е. пратеник, може да бидат и независни, а можат и да се присоединат кон друга политичка партија, доколку од таа имаат исти ставови и гледишта.

Ова значи дека пратениците во Собранието имаат слободен мандат.

Слободниот мандат, во оваа смисла, е ранлива категорија кога се гледа од аспект на Пратеничката група, односно од мандатот на пратеникот, како индивидуа.
Мандатот на пратеникот, не е врзан за гласовите на гласачите од неговата изборна единица, независно дали тој е избран по пропорционален, или мнозински модел. Тоа значи дека не може да биде отповикан неговиот мандат. Пратеничкиот мандат може само да биде одземен или може да му престане по лична иницијатива (чл.56 од Деловникот). Доколку пратеникот поднесе оставка,  која ја поднесува лично на седница на Собранието и може да ја образложи, па без претрес Собранието истата ја констатира и мандатот му престанува. Таков беше случајот кога пратеникот Никола Тодоров, поранешниот Министер за здравство, неколку недели по конституирањето на Собранието, ја поднесе својата оставка на седница пред Собранието.
Друга беше ситуацијата каде по изборите во 2014 година, тогашната опозиција одлучи да ги врати мандатите на граѓаните. Во тој период, поради сомнеж дека изборите во 2014 година се наместени, непризнавајќи го изборниот резултат, тие ги вратија мандатите пред Државната изборна комисија (http://mrt.com.mk/node/8628 ). Враќањето на мандатите беше причинето така што документите за признаени мандати од Државната изборна комисија беа вратени токму таму. Тоа е така бидејќи, Собранието само ги верификува мандатите, но не ги врачува.
Сосема поинаква ситуација е кога на 30 јуни, пратеникот Никола Груевски, поранешниот премиер на нашата Res Publica, до Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетски прашања поднел известување дека сака да се откаже од пратеничкиот имунитет. Тоа го причинил со цел да се откаже, како гест на добра волја, поради постапките кои се водат против него од страна на Специјалното обвинителство.  
Во оваа ситуација, не станува збор за пратенички мандат, туку за имунитет, што претставува една комплетно друга правна категорија. Имунитетот подразбира дека пратеникот е слободен во дејствување и има правна сигурност при вршење на неговата функција, и не претставува негова привилегија, бидејќи може да му биде одземен. Тој не може да се повика на кривична одговорност поради искажано мислење, ниту пак да биде лишен од слобода или да се поведе кривична постапка против него без одобрение на Собранието. Во таа смисла, Деловникот (чл.53) мошне јасно кажува дека само по барање за притвор на соодветен орган, поднесено до Претседателот на Собранието, може да се започне постапка, во Собранието за одземање на имунитет на пратеник, кој е фатен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години (чл.64 ст.3 од Уставот). Претседателот на собранието, барањето веднаш го дава на надлежната комисија за деловнички и мандатно-имунитетски прашања, која пак во рок од два дена, го разгледува и го подготвува за претрес на наредната Собраниска седница. Така, откажувањето од имунитетот, не постои како термин, ниту пак како такво може да се смета како израз на лична „добра“ волја.
Значи една е ситуацијата на она што претставува мандат, од она што претставува имунитет. Мандатот, се чини дека е поширок термин од оној на имунитетот, иако имунитетот произлегува од мандатот, но не како привилегија, туку како заштита на мандатот.

27.04.2017


Во иста насока треба да се гледа и формирањето на пратенички групи. Тие не се израз на лична „добра“ волја за формирање на истите, ниту пак се израз на воспоставување на нови стандарди на делување во Собранието. Тоа не е ниту пак прагматичен пристап преку кој може да се искористи деловничкото право со можност за поголемо учество во дискусијата.
Според тоа, формирањето на пратеничките групи, се подразбира дека е должност и обврска на пратениците, но истовремено тоа не е и самоволие на пратениците, па врз основ на тоа самоволие, да манипулираат од позиција на мандат. Таа должност и обврска произлегува од Уставот и од Деловникот, бидејќи му помага на Собранието во неговото функционирање и организација, а и претставува најлесен начин на здружување на пратениците за остварување на интересите внатре во Собранието.
Мандатот на пратеникот, неговата функција, му го овозможува тоа, но при тоа, мандатот е неделив, не може да се сегментизира и не претставува ексклузивитет. Формирањето на пратенички групи, не може да биде гледан како ексклузивитет на индивидуалната волја на пратениците од една политичка партија, т.е. од повеќе политички партии (коалиција) за формирање на повеќе пратенички групи.

И тука не можеме да бараме одговорност од членовите на тие пратенички групи. Не може да се бара ниту морална, ниту политичка одговорност, оти тоа е поврзано со слободниот мандат, како што опишавме погоре, а слободниот мандат на пратеникот е лишен од такви карактеристики. Ако пратеникот ги застапува интересите на избирачкото тело од каде доаѓа, тој може само декларативно да се однесува дека е претставник на народот, граѓаните, иако тоа воопшто и не мора да го причинува. Суштински, тој е само должен да биде активен во остварувањето на надлежностите на Собранието, за кои, тој не понесува конкретна одговорност додека трае пратеничкиот мандат. 
Како што ќе запише проф.Шкариќ:„ Правните должности на пратеникот се редуцирани на минимум, како и должностите на човекот и граѓанинот. Тој е должен да присуствува на седниците на Собранието, да го почитува парламентарниот ред и да ја чува тајната која му е доверена. “, и ништо повеќе од тоа.

Меѓутоа, постои само еден начин преку кој може да се отстрани ваквата пречка, да се отстрани самоволието на пратениците.
Претседателот на Собранието, покрај тоа што е должен да се грижи за редот на седницата, тој е должен и да овозможи нормално функционирање на Собранието. Член 67 ст.2 од Уставот вели дека, претседателот на Собранието го претставува Собранието, се грижи за примена на деловникот на собранието и врши други работи утврдени со уставот и со деловникот на Собранието. Така, врз основ на Деловникот, почитување на парламентарниот ред е должност на пратеникот, а истовремено е должен и да го почитува редот на седницата. За било каква повреда на редот на седницата, претседателот, може да го опомене, и да му го одземе зборот на пратеникот, или да го отстрани од седницата.
Апсурдно, но се чини дека противуставниот „Закон за Собрание“ сега му е на располагање на новиот претседател на Собранието – Талат Џафери. Прашањето е следно, дали тој ќе се одважи да се однесува како „полицаец“, како неговиот претходник, па да ги „камшикува“ неистомислениците, или ќе го примени, за да ги воспита оние кои што имплицираат и подметнуваат намерни блокади на работата на Собранието.

Како и да е, нему не му е потребен овој противуставен закон. Доволни му се Уставот и Деловникот.

Значи, ако целта на овие неделовнички десет пратенички групи е да се „искористи деловничкото право со можност за поголемо учество во дискусијата“, тогаш самото тоа е во спротивност со водењето на седниците, и директно влијае врз редот на собранието. Оттука, Претседателот, може, а како би го заштитил Собранието како институција, со оглед да тој го претставува Собранието и е т.н. „прв пратеник“, тој може да ги повикува пратениците од политичката партија/коалиција која формирала мноштво од пратенички групи, дека го нарушуваат редот и текот на седниците на собранието. Со тоа го кршат деловникот, па може и да им одзема збор, да не им дава збор на координаторите, и да ги повика да го почитуваат деловникот со што ќе формираат една пратеничка група.

27.04.2017


Но, тоа, за сега, иако навидум изгледа веројатно, тоа сепак не е возможно, од причини што Деловникот, онаков каков што е денес, со постојните измени, е направен да овозможува бескрајни дискусии и реплики, па така и решението кое е понудено погоре, се чини бесцелно.  Треба да се пристапи кон две решенија. Првото се однесува на Деловникот како внатрешен акт на Собранието. Тој може да се измени, бидејќи видно е контрадикторен. Не може од една страна во деловникот изрично да стои дека се формира една пратеничка група од страна на една или повеќе политички партии, а при тоа да е изменет така што дозволува бескрајни дискусии, па за сметка на тоа, како можност за искористување на „што повеќе дискусии“, да се формираат повеќе пратенички групи, спротивно на истиот. Исто така може да се донесе сосема нов деловник за работа.

Второто решение е малку покомплицирано, но секако оди во прилог на се она што го говориме до сега.

Имено, парламентаризмот произлегува од собранието, од начинот на кој што тоа функционира. Парламентаризмот, т.е. функционирањето на Собранието, е првиот степен на тестирање на Уставот, неговото дишење. Со оглед на тоа дека Претседателот на Собранието е тој кој што се грижи за нормалното функционирање, тој ги има на располагање сите механизми, а со тоа и директно да го примени Уставот и Деловникот – да ги оживотвори. Духот на Уставот, како и духот на Деловникот се повисоки од формалистичкото применување и толкување на одредбите од Деловникот. Примената на Уставот преку работата на Собранието, преку неговите функции и надлежности, самата негова организација преку Деловникот, е од највисок јавен интерес. Тој е дури и повисок од формирањето на постојните и привремените тела внатре во Собранието (анкетните комисии), кои треба да го заштитат, и расправаат за теми од јавниот интерес.
Ако на Собранието не му се овозможи директно да го примени духот на Парламентаризмот, тогаш ниту Деловникот, а ниту Уставот, можат да излезат на помош. Практиката на избор на Претседател на Собранието од 27.04.2017 година треба да влезе во живот секогаш кога тоа е потребно и неопходно за парламентаризмот да добие во живост, бидејќи највисок степен на јавен интерес. Тоа е и суштината на парламентаризмот, да воведе живост во норми од Уставот и Деловникот, кои се само водилки на Законодавниот дом.

Со други зборови, Претседателот на Собранието, воопшто не треба да се двоуми, туку треба ги забрани овие десет пратенички групи, со тоа што ќе ги одбие списоците на пратеничките групи, потпишани од координаторите. Тој треба да им укаже на пратениците од опозицијата да бидат попрагматични, оти нивното делување е спротивно на Уставот на нашата Res Publica. Нивното делување не го кочи Собранието како една од трите власти во Републиката, туку го кочи практикувањето на парламентаризмот, неговото животворење и потребата од претставување на волјата и потребите на граѓаните, како јавен интерес, директно во практика.


Во спротивно, времетраењето на овој пратенички состав, и нивните мандати, видно од сегашната ситуација, е од краток рок, а со тоа и идејата за парламентаризам во нашата т.н. Res Publica. 

Res Publica

No comments:

Post a Comment