Lex est quod populus jubet atque constituit

Thursday, September 27, 2018

Неуспехот на историјата и последниот Џедај - 4/4


Дел четврти – рекапитулација: Како понатаму?

Има една критична сцена во Последниот Џедај која ни е претставена од три различни перспективи.

Лук Скајвокер лаже за она што се случило, помеѓу него и Кајло Рен (тогаш Бен Соло). Верзијата на Кајло Рен за настаните, и третата ситуација, тоа е што ние претпоставуваме што навистина се случило – нашиот аспект на вистината како гледач.

Овие ликови не можат да се согласат на основните факти за тоа што навистина се случило. Постои сличен проблем и помеѓу луѓето кои го гледале овој филм, се согласуваат со него, и оние кои го гледале, но не се согласуваат како да гледале два различни филма, па оттаму и го мразат. И навистина е чудно како уметноста го предизвикува тоа чувство. 

Различна перцепција


На иста линија на чувства, вокабулар и интерпретација се и таборите во Македонија и Грција по однос на Конечната спогодба.

Како детерминираме за нешто дека е добро извршено; изведено? Како гледачите формираат мислење за конкретно дело (филм)? Како избираат што да вреднуваат и приоретизираат, и кога ги прават таквите избори?

Американскиот професор по литература и теории, Стенли Фиш, од Универзитетот во Илиноис-Чикаго, во својот текст „Интерпретирајќи го вериорумот“ од 1976 воведува една теорија, т.н. „Теорија за одговор на читачот“. Според неа, ние не можеме да бидеме сигурни во целост за тоа што одреден текст навистина зборува, затоа што се што рационално го обмислуваме, е резултат на нашите самостојни интерпретации. Меѓутоа, најголема критика против оваа теорија е дека ако велиме дека секоја една персона, човек, која чита одреден текст е валидна, тогаш е невозможно да се има било каква расправа не само за уметност, туку и за било што. 
На пример, ние можеме да кажеме дека Илијадата на Хомер е еп за човековата анксиозност предизвикана од инвазија на некоја измислена вонземна цивилизација, или што и да ни се гледа произволно логично. Затоа што, според оваа теорија, што и да извлечеш од текстот, сликата или филмот, тоа е текстот, сликата или филмот. Луѓето обично немаат целосно уникатно индивидуално читање на одреден текст. Ние често запаѓаме во табори со други луѓе кои што дошле до сличниот заклучок.
Меѓутоа, прашањето е како тие дошле до таквиот заклучок? И како тој заклучок може да биде споредлив со оној на другите? 

Да речеме дека таа група која што се поистоветува со одредено мислење, се нарекува интерпретативна група. Таа група, под претпоставка, е предодредена да дојде до истите заклучоци како и други, за одреден текст, употребувајќи ги сличните аналитички методи за да го проанализира и изгради став. Меѓутоа, таа т.н. предодреденост мора да има одредена основа. Основата лежи во навиките, културата, средината на живеење и слично. Така, она што оваа теорија го нарекува „предодреденост“, всушност е една емулзија на особини, кои ја градат структурата на личноста, па како таква, нејзе и е многу полесно да најде содружник и соговорник во другиот по иста тема. 

Фан групите во универзумот на Војна на Ѕвездите е многу силна инерпретативна заедница со екстремни и специфични пропишани критериуми за тоа што значи добар филм и, најважно, што навистина значи „добар филм Војна на Ѕвездите“. Па ако се погледне Последниот Џедај низ призма на овие критериуми, тогаш овој филм има извршено непростлив грев – непочитување и недостоинствен однос спрема името на франшизата „Star Wars“. А во суштина она за што навистина се противат е фактот, како што велат тие овој филм го заеба јадрото на фантазијата во Star Wars.
Така, кога Лук Скајвокер вели:„Што си мислиш? Дека ќе излезам со ласерскиот меч и ќе се соочам целиот Прв Ред?“; на тоа, добар дел од фан групите велат „ДА! Тоа е она што навистина го сакаме! Тоа е единствената причина заради која го гледаме филмот овде!

Според тоа, онаа сцена каде што Лук и Бен, па во извесна смисла и Реј, како непосреден слушател на верзиите од приказната „што се случило меѓу нив?“, не го одразува она релативизирачкото – се согласуваме дека не се согласуваме, туку, ја објаснува причината зошто Лук пристапил кон својата верзија од приказната како што пристапил, а и Бен исто така. И обајцата своите емоции, стравови, желби и гнев го изразиле во еден критичен момент каде што нивните две волји се судриле до толкав степен каде што конфликтот бил неизбежен. Од тие причини, на крај, под притисок на младата Реј, Лук ја кажува комплетната вистина, а со тоа се демистифицира себе како лик, односно и слабостите на Бен во понатамошниот дел од филмот. 

Ова, последното, е клучно за разбирање на сите засегнати страни при суштинска анализа на ефектите предизвикани од историскиот контекст на Спорот за името, и Конечната спогодба како негова консеквенца.

Но до тој моментум, има уште една сцена од филмот, која што ќе не доближи до самиот крај на нашата подолга расправа. Токму тој моментум е јадрото на ликот на Лук Скајвокер во последниот филм.

Дознавање

***
Како изнаоѓаме храброст да се бориме кога се што сме постигнале ни стои пред укинување? Во филмот, како што Галаксијата повторно потпаднала под сенката на Темната страна, така и тој, Лук, потпаднал под искушението да стори зло – да го убие својот внук, Бен Соло.
Овие нешта се циклични во универзумот на Војна на Ѕвездите. Секогаш кога играта е наместена, Лук сака надвор од неа, и тоа многу пати до сега овие филмови го покажале. И на крај, во овој филм, тој повторно се враќа, па со тој чин ја надминува единствената сила во галаксијата што не успеал да ја освои, неговите стравови, вина и анксиозност – себе си.

Во последниот филм не може ниту да се замисли подобра сцена од онаа каде што тој, незнаејќи гледачот дека е во форма на проекција, минува низ темната пештера, газејќи по оган и излегувајќи пред бистрината и светлината на денот, да се соочи со грешките од своето минато. 

Во оригиналната трилогија, има една сцена која што ја забетонира фиксацијата на една цела генерација следачи на оваа франшиза кон ликот на Лук Скајвокер. Тоа е онаа со зајдисонцето на планетата Татуин. 

Смрт


Кинематографски речено, ние во таа сцена гледаме преку кадар од лево кон десно, што во тој јазик ја претставува идејата за гледајќи напред, кон иднината. Лук во таа сцена гледа смрт. Тој ни ја претставува запуштената и празна планета, каде ништо не може да расте, освен Лук, кој само што осознал дека е закрчен на истата уште една година. Тој го гледа зајдисонцето. Она што е останато барем мала светлина надеж која тој ја има за светлата иднина, полека си заминува. Тоа е брилијантен и трогателен мал момент, преку кој митосот на Војна на Ѕвездите, Последниот Џедај го наследува, за да создаде моментум со подеднаква силина.

Раѓање


Тој сега е на врв од планина, сценографија и пејсаж симболични за просветленост, кои се во контраст со неговата поранешна невиност. Неговиот поглед во кадарот е од десно кон лево, гледајќи назад кон значењето на неговиот живот. Што точно гледа сега? Повторно раѓање. Во еден момент, она што би требало да претставува еден вид на халуцинација, тој ги гледа двете сонца од Татуин, неговата планета, навраќајки се кон тоа сеќавање од минатото, но наместо тие да заоѓаат, сега тие изгреваат. И во тој момент, Лук наоѓа мир и причина, преку која во филмот, помеѓу другото, се изразува повторното раѓање на Бунтовништвото. И во тие неколку сцени, не тој лично, туку сликата за него, фактот дека тој е жива легенда, целнтралното олицетворение на приказната за Војна на Ѕвездите, што го сопира злото кое галопира.

Со ова, филмот ги негира и поместува сите наши очекувања за добивање катарза од насилство во моментот кога ние мислиме дека посакуваме задоволство од истото, а во суштина тоа не ни треба. 

Соочување


Од тие причини, минатото, историјата, барем онака како што до сега го претставивме, нужно мора симболички да умре. Сеќавањето за истото е само механизам преку кој мора и треба да се преброди таа траума која што ги натрупала проблемите настанати од истото. Репродукцијата на (не)интерпретација на минатите искуства, кои сме ги отфрлиле како ѓубре, односно емотивна реинтерпретација на истите, не носи ништо друго освен неуспех.

Тој неуспех не следи уште од 1991 година. Време е да погледнеме во очи на тој неуспех, да го признаеме како таков – дека 27 години истиот е граден, и надминувајќи ја траумата што истиот ја предизвикал, да се отпочне нова нарација за новите генерации необременети со трауми од минатото.


Од тука извира политичката сила и латјмотивот на Конечната спогодба од Нивици/Pserades, во Преспа, потпишана на 17 јуни 2018 година.



„...Остави го минатото да умре. Убиј го, ако треба. Тоа е единствениот начин за да постанеш она што треба да бидеш.“
Kylo Ren, Star Wars – Episode VIII: The Last Jedi

No comments:

Post a Comment