Lex est quod populus jubet atque constituit

Thursday, September 27, 2018

Неуспехот на историјата и последниот Џедај - 3/4

Дел трети – Разврска: Соочување со траумата

Што тогаш содржи договорот? Кои се заблудите во однос на него? Кои се заблудите во однос на постапката?

Овде, сосема директно ќе ги одговориме сите овие прашања, без дополнителни и непотребни опширни објаснувања. Ќе се осврнеме само кон одредени поенти во спогодбата, кои сметаме дека се клучни за објаснување на сиот процес. Истовремено, ќе покажеме дека токму карактерот на спогодбата, односно нејзината структура и интегрален текст се извор на правото, но и дека како извор на правото, таа создава ново право, што е уште позначајно. Токму овие поенти не би биле можен ако не се погледне Преамбулата на спогодбата. Од нејзе извира спогодбата, таа е духот на спогодбата.

За почеток, како појдовна точка ќе го земеме следниот факт, кој се надевам дека ќе помогне во разобличување и соочување со траумата. 

Потпишувањето на Конечната спогодба со Република Грција, меѓу другото, содржи и една интересна симболика. Десет години пред да биде потпишана оваа Конечна спогодба, од 17 јуни 2018 година во Нивици/Псерадес, Преспа, во 2008 година беше за прв пат издадена книга со наслов „Спорот за името: Грција и Македонија“. Таа книга беше составена и предвидена како една хронологија од страна на група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во неа хронолошки, Спорот беше разгледуван од историски, културолошки, политички, економски и правен аспект. Беа собрани низа документи, разговори и беа пишани низа есеи. Првото издание, на македонски јазик беше објавено 2008 година, непосредно по фамозниот самит на НАТО во Букурешт, во издание на ЈП „Службен весник“. Рецензенти на истата беа Проф.Д-р Светомир Шкариќ, Димитар Апасиев, сега Асс.Д-р, и Владимир Патчев, сега дипломиран правник.

Мантри


Книгата доживеа и второ, англиско издание, во 2009 година. Бидејќи во првото издание недостасуваше епилог, како вид на обраќање – став на рецензентите, во англиското издание тоа и се направи. Првичната верзија на епилогот беше едно структурно анализирање на се што беше постигнато и претставено во книгата, заложбите и целите, како и заложба преку определен метод, трансценд методот на Јохан Галтунг, да се пристапи кон решавање на спорот. По кусо разговарање за содржината на епилогот, на иницијатива на, сега Асс.Д-р Димитар Апасиев, на крајот од самиот епилог беше вметната и заложбата да се пристапи и кон референдумско изјаснување на граѓаните доколку се дојде до конечно решение. Сите тројца рецензенти се сложија на таквиот предлог.
Еве како конечно гласи тој пасус, преведен од англиски:
Ако послабата страна во спорот (македонската) е притисната од посилната сила (Грција, НАТО и ЕУ), трансформацијата на конфликтот треба исто така да ги вклучи и граѓаните во Република Македонија (државен референдум на национално ниво).

Трансформацијата треба да биде спроведена на демократски начин, не преку насилство, како што во суштина било случај и при спорот меѓу Мелијанците и Атињаните во текот на Пелопонеската војна.

Денес, еден од коавторите и редактори го занемарува овој заеднички став, па очигледно предност дава на опортунизмот, за сметка на практичност и прагматичност.

***

Спогодбата е составена од Преамбула, три дела и Завршни одредби. Таа содржи 20 члена. Целосниот назив гласи „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година, и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните (Р.Грција и Р.Македонија)“.

Преамбулата се повикува на низа документи врз кои го гради текстот на Спогодбата. Во неа се користат зборови како: повикување, водење, придржување, нагласување, потврдување, целосно согласни, со желба, итн. Овие зборови и фрази, имаат за цел да појаснат процесот до кој е стигната Спогодбата, но истовремено и да ги појаснат и потврдат, најпрво заложбите на Спогодбата, а потоа и заштитните механизми и улога на истата.

Оттука, преамбулата има декларативен карактер.

Потпишување


Документи врз кои почива спогодбата се: Повелбата на Обединетите Нации, Завршниот докуент од Хелсинки од 1975 година,документот од Третата конференција на ООН за стандардизација на географските имиња од Атина 1977, Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, Привремената спогодба од 1995 година, релевантните акти на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и вредностите и начелата на Советот на Европа. 

Првиот документ што за нас е важен, претставува Повелбата на Обединетите Нации. Нема да се задржуваме околу овој документ во целост, туку во контекст на она што самата Спогодба имплицира. Спогодбата, во својата преамбула, јасно укажува дека се придржува кон Повелбата, но особено на оние одредби кои се однесуваат на обврската на државите во нивните меѓународни односи да се воздржуваат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на било која држава. Оваа констатација и став на спогодбата во преамбулата, особено е нотирано Делот 1 од Повлебата, каде што се опишани принципите и целите на ОН. Така, во чл.1 каде се објаснети целите, во ставот 2 стои дека:  една од целите на ООН е да одржува и воспоставува пријателски односи меѓу нациите базирани врз принципот на еднакви права и самоопределување на народите, и да преземе други мерки за зајакнување на универзалниот мир. Понатаму, во чл.2 ги објаснува принципите, па како прв принцип кој ја појаснува заложбата за делување на сите членови на ООН, е да им прецизира на сите членки дека Организацијата на обединети нации е организација базирана врз принципот на суверена еднаквост на сите нејзини членки. Ставот 3 пак појаснува дека сите земјји членки треба да ги решаваат своите спорови на начин кој што меѓународниот мир и безбедност, и правда, нема да бидат загрозени. 

Завршниот документ на ООН од Хелсинки 01 август 1975 година, го подвлекува, потврдува и гарантира правото на народите за самоопределување.
Што претставува тој т.н. принцип на самоопределување? Нема да навлегуваме овде во поширока историска анализа, туку само ќе го нотираме дека преку принципот на еднакви права и самоопределување на народите кој што е заштитен во Пивелбата, сите народи имаат право слободно да го определат, без надворешно влијание, нивниот политички статус и да го следат својот економски, социјален и културолошки развој, и дека секоја Држава има обврска да го почитува тоа право. Тоа, во потесна смисла значи слободен избор преку акт или изјава без надворешна принуда и определба на луѓето на одредена територијална единица за нивниот иден политички статус.

Ова е клучен принцип во модерното меѓународно право, кој како општо начело е сфатен кај сите како jus cogens правило, па преку природата на истото, кое е поврзано исклучиво со Обединетите нации, чиј што авторитет за интерпретирање на тоа право е нотиран и произлегува од Повелбата. Овој принцип, исто така го содржи и правото слободно да ја избере својата сувереност, под фер и еднакви можности. 
Делот осум од овој Завршен документ на ООН од Хелсинки го регулира тој принцип; на еднакви права и самоопределување на народите. Така, тој дел вели дека земјите кои го потпишуваат овој завршен договор ги обврзува да ги почитуваат еднаквите права на луѓето и нивните права на самоопределување, во согласност со целите и принципите на Повелбата на ООН како и со релевантните норми од меѓународното право, особено оние кои што се однесуваат на територијалниот интегритет на Државите. Така, сите народи имаат право, во потполна слобода, да го определат, кога и на кој начин сметаат, нивниот надворешен и внатрешен политички статус, без надворешно влијание, како и да го стремат својотполитички, економски, социјален и културолошки развој. Земјите членки, особено оние кои што се потписници на овој завршен документ, повторно го потврдуваат универзалното значење за ефективно изразување на овие права (самоопределување и еднакви права на народите) за развој на пријателски односи помеѓу себе и помеѓу сите Држави; тие исто така се присеќаваат и на важноста од елиминирање на секоја форма на прекршување на овој принцип.

Потписници на завршниот документ, покрај другите земји наведени во документот се и Република Грција, односно Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ). Како сукцесор од поранешна Југославија, и Република Македонија е потписник на овој завршен документ. 

Според Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина 1977 година од 17 август до 7 септември, македонскиот јазик е признаен во графата на јазици од светот. Во делот од овој документ кој е насловен „Национална стандардизација: кирилските и римските пишани системи во Југославија (извештај презентиран од Југославија)“, стои детален графикон на видот на пишаните системи во Југославија, а меѓу нив, покрај пишаните знаци од кирилско писмо на српски јазик, стојат и оние од македонскиот јазик, насловени како „стандардно кирилско писмо на македонскиот јазик“. Понатаму во тој дел од документот, стои дека, слично како кај другите кирилски писма, овде, кирилската азбука употребена за српско-хрватскиот јазик, се состои од 30 знаци и 30 звуци, за разлика од Кирилската азбука која се употребува во македонскиот јазик, се состои од 31 знак и 31 звук (стр.143-146 од документот).

Во прилог на овој документ, даден е почетен извештај на делегацијата од Југославија (стр.66), стои дека Државата сака да го потврди својот договор со погледите искажани од страна на неколку земји на првата Конференција на ООН во Женева по прашањето за стандардизација на географските имиња, т.е. дека стандардизацијата спаѓа во компентенциите на Државата во која сите тие одлики се објаснети. Според тоа, интернационалната стандардизација може да биде базирана само на база на националната стандардизација. Според нивното гледиште, пролемите со стандардизацијата треба да бидат третирани соодветно кон општите принципи и права на нациите и националностите слободно да го употребуваат својот јазик, писмо и правопис. Правото за употреба на географските имиња на својот јазик, писмо и правопис, со тоа е интегрален, нераскилнив и неодделив аспект на социо-политичките и економските права на членовите на сите нации и националности. Тие понатаму дополнуваат, дека според Југословенскиот Устав, СФРЈ е федерална Држава која што е составена од шест социјалистички републики: Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија. Исто така во рамките на Србија постојат две автономни покраини: Косово и Војводина. Следствено, сите членови од нациите и националностите го имаат правото да го употребуваат својот јазик, писмо и правопис, без оглед на нивната застапеност и територија на која што живеат. Во рамките на територијата на Југославија, јазиците на сите нации и националности се еднакви, како што се и нивните писма и правопис. 

Хералдики од 19 век во 21 век


Што се однесува пак до резолуциите 817 и 845 од 1993 година донесени од Советот за безбедност, се однесуваат на приемот на Република Македонија под привременото име (референца) „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (рез.817) и на изнаоѓање решение во разликите кои се настанати околу признавањето на Земјата, под нејзиното уставно име (рез.845). Во последната резолуција, Генереалниот Секретар на ООН, дури ги повикува странитеда ги продолжат нивните напори за доаѓање до брзо решение на преостанатите проблеми меѓу обете страни, а се тоа под негово покровителство. Како што може да се забележи, таквите напори продолжија, но во ниту еден случај не беа така брзи.

Благодарение на тие две резолуции, во 1995 година, на 13 септември, во ЊуЈорк, беше потпишана Привремената спогодба со која се приближуваат односите помеѓу двете земји засегнати со спорот. Најпрво, Првата страна ја признава Втората страна дека е суверена држава, под приремено име (референца) во ООН, а потоа, обете страни се согласни, во согласност со резолуцијата 845 од ООН, да продолжат со преговорите под покровителство на Генералниот Секретар на ООН, со цел да пристигнат до договор за разликите поврзани и опишани со таа резолуција и со резолуцијата од страна на Советот за Безбедност бр.817. Така, признавајќи ги разликите помеѓу нив, а особено кон чувствителноста на името на Втората страна (во ООН ПЈРМ), секоја од страните се обврзала да сите свои права бидат во согласност со спечифичните обврски кој ќе бидат преземени преку Привремената спогодба. Обврските се обострани, како на пример, една од нив е Првата страна да не ја попречува ниту пак да се меша во нормалната трговија и размена на Втората страна со трети страни. 
Значи, овој документ, практично е една појдовна рамка за да се дојде до некакво решение. Иако, како што може да се забележи од временска дистанца, таквото решение, многу долго се чекаше. Дури во 2011 година беше донесена и пресуда од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во врска со Привремената спогодба, каде што беа воочени низа на прекршувања на истата од страна на Првата страна – Р.Грција. Добро е овде да се напомене, дека посочената Пресуда има декларативен карактер, па така не е обврзувачка да наметне право на однесување врз друга држава, во овој случај Р.Грција, при непочитување на одредби од одреден договор (Привремената спогодба). Ако внимателно се прочита, таа нема кондемнаторен карактер, туку, само ги констатира наводите во тужбеното барање, дека тие навистина се прекршени. 

И за крај, она што нам особено не интересира, се вредностите и начелата на Советот на Европа. Овде при тоа нема да говориме за сите нив, туку ќе се осврнеме на конкретна конвенција донесена од страна на Советот на Европа прифатена во Виена на 9 октомври 1993 година, а потпишана во Стразбур на 1 февруари 1995 година. Документот е влезен во сила на 1 февруари 1998 година. Таа Рамковна конвенција се однесува за заштита на националните малцинства.
Уште во Преамбулата на овој документ, се истакува свеста за значењето на заштитата на националните малцинства во однос на стабилноста, демократската безбедност и мирот во Европа. Истовремено, се потенцира решеноста на државите членки на Советот на Европа да го заштитат, во рамките на нивните соодветни територии, постоењето на националните малцинства (ставовите 5 и 6 од Преамбулата). Понатаму, истакната е и потребата од креирање на услови што ќе им овозможат на членовите на малцинствата да го изразуваат, зачувуваат и развиваат својот етнички, лингвистички и верски идентитет.

Ставот 12 на Преамбулата, пак го вели следното: „... да обезбеди ефикасна заштита на националните малцинства и на правата и слободите на лицата кои припаѓаат на тие малцинства во рамките на владеењето на правото, почитувајќи ги територијалниот интегритет и националниот суверенитет на државите.
Во делот први, исто така, член 3.1 од Рамковната конвенција, е пружено да секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да биде или да не биде третиран како таков, а никаква штета не смее да произлезе од таквиот избор или од вршењето на правата поврзани со тој избор.
Сегашниот министер за надворешни работи на РМ, господинот Никола Димитров, веќе има издадено едно опсежно дело кое се однесува на анализа на Рамковната Конвенција. За нас, овде, помеѓу другото, е мошне интересен фактот дека Рамковната Конвенција, преку чл.18.1, државите, договорни страни од Рамковната конвенција, се поттикнати да склучуваат билатерални и мултилатерални договори за заштита на националните малцинства.
Дополнително, како што нотира Димитров, во членот 18.2, страните се охрабрени и поттикнати да преземат мерки, каде што тоа е релевантно, за да поттикнат прекугранична соработка. Во неговата анализа, исто така, Димитров појаснува дека терминот „национално малцинство“ е мошне комплексен, и дека како своевидна синтагма/кованица, е многу честа мешаницата кога станува збор со зборот „етнички“ со „национално“. Но, понатаму во неговата расправа, тој вели дека терминот „национално“ е поврзан со државјанството како врска помеѓу одредена држава, како политичка заедница, и поединецот, припадник на таа држава. Затоа, тој кога расправа за заблудите при недостиг на дефиниции кај поимот „национално малцинство“, ќе се запраша, дали можеби тој член од тоа малцинство, има државјанство на одредена држава, па следствено, атрибутот „национално“, во контекст на малцинствата, имплицира исклучување на лциата што тоа го немаат (државјанство на државата во која живеат од заштитата што државата се обврзала да ја обезбеди во согласност со Рамковната конвенција; види стр.41)? Во поглед на дилемата околу тоа што претставува „етничко“ со „национално“, Димитров појаснува дека, цитирам: „Комитетот на владините експерти на Советот на Европа во 1973 година, ја интерпретира синтагмата национално малцинство сметајќи дека во оваа категорија се вклучени сите етнички, верски и лингвистички малцинства.“ Во Декларацијата на ОН за правата на лицата кои припаѓаат на национални или етнички, верски и лингвистички малцинства, атрибутот „национални“ е приклучен кон одредниците што ги појаснивме. Нив исто така се наведени и во членот 27 од Пактот за стабилност.

Димитров, на крај, заклучува, дека и покрај тоа што етничкото и националното се дијаметрално различни категории, сепак, Рамковната конвенција, во членот 5.1 не ги исклучува едно од друго. Тоа од причини што, истата сака да го избегне нејасниот и несигурниот момент кога станува збор за утврдување на различни јурисдикции во поглед на признавање на државјанство, односно заштита на малцинства (национални или етнички), доколку таквите немаат државјанство од домицилната држава. 

Овие документи, вака разгледани, се основата и духот на Конечната спогодба од 17 јуни 2018 година. 



***

Зошто овие документи се од особено значење?


Најпрво, тука е фактот што без нив не би можеле да го објасниме членот 1.3 точка в, од Спогодбата, каде што е гарантиран македонскиот јазик, и тоа констатирајќи го преку документот на ОН од Третата конференција во Атина од 1977 година. Понатаму, тука е конфликтниот член 7 каде уште во самиот став 1 се врши јасна дистинкција на она што значи поимот „Македонија“ односно „македонски“, и дека истите се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство.
Имено, ако се земат во предвид сите документи погоре нотирани, особено оние основните, Повелбата на ООН и Завршниот документ, може да се заклучи дека проблемот не е придавката „Северна“ per se, туку самиот назив Македонија на одреден географски и територијален поим. Ако Повелбата на ООН, односно Завршниот документ од Хелсинки 1975 година, јасно го заштитува правото на самоопределување на народите, тогаш сосема е јасно дека признаениот факт дека поранешна Југославија како федерална држава, во која имала федерална единка „Македонија“, која што пак својата суверена волја ја изразила на 2 август 1944 година, по пат на самоопределување, а како самостојна, независна и суверена држава тоа право го изразила повторно на 8 септември 1991 година, тоа би значело дека името на државата е Македонија, сфатено во контекст на историските прилики и културното наследство кое произлегло од нив уште во далечната 1944 година. Само за потсетување, таа тенденција од 2 август 1944 година е всушност поттикната од Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, на 29 ноември 1943 година, каде во ставот 2 од Одлуката е нотирано дека:
За да се оствари принципот на сувереноста на народите на Југославија, за да ја претставува Југославија вистинска татковина на сите свои народи и дека никогаш повеќе нема да стане доминион на која било хегемонистичка клика, Југославија ќе обезбеди полна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односон на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.“ Во ставот 3 од истоимената Одлука, се признава Иницијативниот одбор на Земското антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија. Со оваа Одлука, практично се дал пат за примена и демонстрација на принципот на самоопределување на 2 август 1944 година.

Св.Прохор Пчињски


Ова, како што всушност видовме погоре, има уште поголема тежина добиено со Третата конференција во Атина каде што е признаен македонскиот јазик преку делегацијата од Југославија. Во нивното образложение, погоре приложено,  јасно и недвосмислено го објаснува диверзивитетот на националностите во федерацијата, нивните јазични и суверени специфики, кои се признаени како рамноправни.

Оттука, кога пристапуваме кон анализа на овие, навидум, спорни членови, практично доаѓаме до заклучок дека историскот и културолошкиот контекст под кој се признава името Македонија за втората страна (Република Македонија) е токму тој, дека постои држава под име „Македонија“, северно од границите на првата страна, Република Грција. Таа држава има различен јазик, култура, етничка припадност (македонска) и етнички диверзивитет, од оној од првата страна – Р.Грција. Ова, особено може да се потврди повторно преку членот 1.3 точка г, каде стои дека „термините Македонија и македонски го имаат значењето дадено во членот 7 од оваа Спогодба.“ Тоа директно го објаснува контекстот за употребата на името Македонија како име на нашата Држава, на начин на кој што предмалку го објаснивме. 

Во таа смисла треба да се сфати и потенцирањето на принципите на Советот на Европа, особено на Рамковната конвенција, оти во смисла пак на Конечната спогодба, во ниту еден случај не се одрекува од она што претставува национално малцинство на обете страни од домицилните држави. Напротив, тоа дури и се поттикнува во Конечната спогодба особено преку членот 12 во делот за Политичка и општествена соработка. На таков начин и треба да се гледа идното бришење на членот 49 од нашиот Устав, каде ќе се избрише „грижата за националните малцинства во други држави“, бидејќи таквата грижа сега, со Спогодбата, се препушта во доменот на меѓународното право. 

Според тоа, ако вака се погледне Конечната спогодба, бесмислени се сите оние тврдења дека нејзиното потпишување е противуставно и противзаконско, односно дека самата спогодба го рушела Уставот и уставниот поредок. 

Конечната спогодба, извира од Повелбата на Обединетите нации, од нејзините цели и принципи, од Завршниот документ, од резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност, односно од Привремената спогодба од 1995 година. Правото, кое што е jus cogens, и кое што произлегува од овие документи е над Уставот на Република Македонија и Уставот на Република Грција. Правно нерационално и невозможно е да се гледа Уставот и правото во една држава во светот, над меѓународното право, кое патем речено преку обврски од споменатите резолуции, е веќе прифатено, и веќе влезено во правниот поредок во Република Македонија и Република Грција. 
Постојат две причини за ова тврдење. Првата причина се одлуките на Уставниот суд на РМ од 1995, 1996 и 2008 година по однос на Привремената спогодба, и втората причина е Пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година. Во сите три решенија од Уставниот суд на РМ е наведено дека „Споредчлен 118 од Уставот меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.Судот сметал дека оценката за согласноста на меѓу-народен договор со Уставот ја врши Собранието на Република Македонија во постапката на ратификацијата на меѓународниот договор, кој после негово ратификување станува дел на внатрешниот правен поредок, а со тоа и директно извршлив. Уставниот суд тука потврдува нема мандат да се вклучува во такви прашања, како прво, и дека еднаш ратификуван договор во Собранието, тој веќе влегува во правниот поредок на Државата. 
Што се однесува до Пресудата од 2011, како што стои во неа, таа само утврдува дека Тужената страна (Р.Грција) ја прекршила спогодбата, но дека и покрај тоа став е на Судот, дека не е неопходно да се нареди на Тужената страна да се воздржи од секакво идно однесување од прекршување на Времената спогодба. Тоа е така, бидејќи, како што вели Судот:„...како општо правило Судот нема причина да претпостави дека државата чија постапка или однесување Судот ги прогласил за незаконски, ќе ја повтори таа постапка или однесување во иднина, бидејќи мора да се претпостави дека постои добра волја кај таа држава...“, како што стои во пресудата, (види дополнително Пловни и сродниправа (Костарика против Никарагва), Пресуда, Извештаина МСП 2009 година, стр. 267, став 150).

Значи, таа само потврдува на кој начин функционира меѓународното право, и дека, видно од Привремената спогодба, односно од резолуциите 817 и 845, Државите се обврзани, на добра волја, меѓу себе, а со посредство на ООН, да ги решаваат споровите помеѓу себе. 

Референдум 1991



Од сите овие причини, наведени погоре, Конечната Спогодба од 17 јуни 2018 година, ја влече својата правна сила и ги испишува одредбите кои значат решавање на долгогодишниот спор помеѓу двете држави. Тоа право, востановено и создадено во Конечната Спогодба, претставува jus cogens право, а начелото erga omnes, во смисла на Договорот, не важи исклучиво за примена на новото име кај Втората страна, туку тоа е обврска и на двете страни да се придржуваат кон она што е предвидено во Спогодбата. Впрочем, pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат).

No comments:

Post a Comment