Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, September 21, 2018

Сакралноста на убиството, неговата етичка валидација и моралот како деградации - Прв дел




He covets. In fact, he covets being the very thing you are. It`s his nature to covet. How do we begin to covet, Clarice? Do we seek out things to covet?...
... We begin by coveting what we see every day. Don`t you feel eyes moving over you every day, Clarice, in chance encounters? I hardly see how you could not. And don`t your eyes move over things?
 Dr.Hannibal Lecter (The silence of the lambs – Thomas Harris)


Како што можете да забележите, во книгата на писателот Томас Харис, „Шепотот на јагнињата“, Докторот Ханибал Лектер ја потсетува младата детективка на ФБИ, Кларис Старлинг, за еден од најосновните нагони во човековата природа – копнежот (посакувањето). Тој, како што веќе прочитавте, и појаснува дека копнежот/посакувањето не е нешто со кое што веднаш се раѓаш, па точно знаеш што сакаш – дека си предодреден да копнееш по нешто; туку тоа го причинуваме преку загледување и споредување со нештата кои ги гледаме и доживуваме. Лектер сака да и долови на Старлинг дека е невозможно да го оттргнеш погледот од одредена ствар, состојба или чувство, без при тоа мозокот веднаш да ни ги размрда очите во немир; во ментална агитација.

Токму овие процеси ќе бидат тема на наша најнова расправа.

Изминатиов период, во екот на најсилната кампања во очи на претстојниот референдум од 30 септември, во јавноста произлегоа неколку интригантни изјави. Тие изјави беа дадени во различни временски интервали и тоа од личности од политичкиот живот кои со својата функција, позиција во општеството, статус и „реноме“. Овие нивни атрибути не се така безначајни, ако се земе во предвид фактот дека голем број на луѓе/граѓани од оваа држава гладно чекаат да го слушнат нивниот искажан збор. Да биде состојбата уште по интересна, граѓанинот ги поистоветува своите мисли, ставови и дела со оние искажани на својот, условно речено, идол.
Значи, нормалните рационалистичките капацитети на обичниот, кои секако не треба и не смеат да се потценат, се од условена природа. Тоа не значи дека тие не се независни во изнесување на своите ставови и мислења, на просто, тие индивидуалноста, на жалост, не е предикамент за изнесување на истите.
Но, впрочем, сите ние како битија, помалку или повеќе го чиниме тоа за да добиеме некаква валидација на оправданото колебање да се изнесе став или заземе страна. Во ситуација кога постои општо разногласие и мноштво на информации, за кои што и не е така едноставно да се потврди дали истите се точни или не, процесот на валидација е далеку по комплициран.

За што во суштина станува збор во нашиов проблем?

Двајца проминентни лидери, од кои едниот лидер на водечка политичка партија во Државата, а другиот сегашен пратеник, воен ветеран, и поранешен осуденик за воени злосторства во Хаг, а моментално обвинет за немилите настани од 27.04.2017 година, дадоа три контекстуално и структурно истоветни изјави за кои, барем за сега, немаме некаков показател дали имаат некаков ефект (макар минимален) пред очите и во ушите на нивните следбеници.
Како што забележувате, имиња овде нема да спомнуваме.
Тоа е така, од причини што ценам дека имињата на личностите, нивните политички партии и групи се тотално неважни за структурата на она што нивните дела, бидејќи сакралноста како и симболиката на истите придодаваат кон митологизацијата на нивните персони. Таквата митологизација е истовремено неодминлива и за едно номинативно и наративно поврзување со минатото, од кое што тие личности и партии, наводно, влечат корени. Името, како што ќе видиме, е повеќе атрибут на симболичката врска со чинот. Според тоа, многу поважно е тоа што тие го прават, манифестираат и говорат, отколку како се викаат.

На еден собир, на 02.09.2018 година, во Кичево, еден од двајцата споменати лидери, ќе го изјави следното:
Кој е (ХМ) да му кажува на народот што треба да прави, да се обидува да го замајува со скапи маркетиншки трикови и странски ПР советници. Кој ми го дал тоа право? ... На крај, не можам а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам – следете ме, ако се двоумам – поттурнете ме, ако ве предадам – убијте ме.
На друг собир, од 16.09.2018 година во Штип, истиот овој лидер ќе го изјави следното: Ми велат никогаш не треба лидерот и претседателот следбениците да го видат на колена. Но, јас имам еден одговор на тоа – ако лидерот не клекне пред луѓето кои ја следат каузата за Република Македонија и за независна Македонија, тогаш не ја заслужува нивната доверба, ... “ По овие зборови Тој тоа и ќе го направи, ќе клекне пред насобраната толпа.

Ритуално клекнување


Но како што оваа практика се засилува и добива на интензитет, тогаш последниот случај од следниов ги содржи и двата елементи од претходните два примери.
Вториот лидер, оној со поголем багаж зад себе, на 21.09.2018 година, на својот Фејсбук профил ќе го запише следното:
Јас, (ЈТ), член на навивачката група со славно име „Комити“ од нејзиното создавање, член на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација – Демократска Партија за Македонско Национално Единство (ВМРО-ДПМНЕ) од нејзиното создавање, бранител на Република Македонија за време на војната во 2001 година, што го платив со лична жртва одлежувајќи осум години во затвор по пресуда на Судот во Хаг (само и единствено поради тоа што сум го ризикувал сопствениот живот за да ја одбранам мојата, нашата татковина), обвинет што не сум го спречил македонскиот народ при неговиот влез во Собранието на 27. април 2017 година, татко на три деца и верен сопруг:
 – Се колнам во Бога, во верата и во својата татковина Македонија, дека безусловно ќе го почитувам и штитам македонскиот Устав, дека нема НИКОГАШ да гласам за негово менување и без приговор ќе ги извршувам заповедите на македонскиот народ, чиј народен избраник сум во македонскиот парламент. Во противен случај, нека бидам убиен од еден од моите собраќа Македонци со револверот или камата што овде ги целивам! Никогаш Северна, МАКЕДОНИЈА ВЕЧНА!
Оваа изјава, вториот лидер, ја напишал додека е во домашен притвор поради настаните од минатата година на 27.04., како што впрочем и самиот потврдува.

Прашањата се следни и директни, дали смртта овде е посакувана и каква симболика таа содржи?
Со други зборови, како ќе знаеме дека оваа испратена порака е веродостојно и во колкав интензитет примена од токму оној слушател кој и навистина ќе посегне по овој повик на т.н. обредна смрт?

Човек од 21 век во ритуална облека за наводно причинување „саможртва“


Во исклучително важен и чувствителен момент се објавени два исклучително перцептивни текста по ова прашање, но од причини кои ги разгледуваме сега во овој кус осврт, ценам дека е потребна малку подлабока опсервација.

Најпрво, кога го опсервираме овој проблем, треба да имаме на ум дека денес, самиот чин да повикуваш друг да ти го одземе твојот живот, веќе со една нога зачекорува во доменот на кривично-правната материја. Колку ваквата состојба навистина е израз на смислено кривично дело, тоа веќе е прашање за кое вреди да се расправа.
Овие акти на барање за сопствено убиство како израз на морална оправданост на чинот пред очите на другите, а негација на сопствениот недостаток да се задоволи потребата за етичност и морал на оној на кому му е пренесена одлуката да го изврши делото се навистина невообичаени, па дури и контрадикторни во казненото право. Замислете, како би биле вие казнети ако повикате некој Вас да Ве убие, заради некаква морално висока цел, и следствено на тоа, успеете, секако умислено правејќи го овој чин, да успеете да поттикнете некое лице кое ќе посегне по Вашиот живот, и ќе го заврши делото. Каква е при тоа психичката состојба на оној што повикува на таквиот чин? Дали тој го посакува тоа дело? Каква е при тоа па состојбата на оној што ќе се почувствува повикан да го стори тоа дело? Што значи да се почувствува повикан? Дали е свесен за делото што го чини? Дали ќе го доврши делото и до кој степен?

Како би навлегле во сржта на овој проблем, предлагам најпрво малку да го обработиме овој проблем од кривично правен аспект.

Нашето казнено право познава неколку институти, кои се поврзани со ваквото етичко и морално гласноговорништво. Тоа се институтите на помагање и поттикнување. Имено, чл. 24 од Кривичниот законик на РМ. Таму вели дека секој оној кој што на друг со умисла ќе му помогне во извршување на кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот. При тоа, како помагање се смета давањето совети, упатства како тоа да се изврши, ставање на средства за располагање на сторителот на извршување на делото, отстранување на определени пречки за извршување, ветување за прикривање на делото, средствата, трагите и слично.
Претходниот член пак, чл.23 го обработува „поттикнувањето“, кое пак од омисивен карактер е поразлично од помагањето. Помагањето, како што видовме, има одредена граница, а таа е степенот до каде помагачот може да биде расположив кон оној што е извршител. Истовремено, помагачот и не нужно е предодреден да го посакува сторувањето на делото. Значи во прашање е ставена умислата на оној чии средства се ставени на располагање. Кај поттикнувањето, од друга страна, степенот на умисла е драстично поголем. Имено, самиот став 1 појаснува дека „тој што со умисла ќе го поттикне да стори кривично дело ќе се казни како да го сторил самиот“. Тоа значи дека поттикнувачот има директен интерес во извршување на делото, тој го посакува делото да биде извршено, па неговиот удел е во т.н. трансценденција на напорот и нагонот тоа дело да се изврши кај друго лице. Ја пренесува својата волја, врз волјата на оној кој треба да биде извршител.
Овој процес на т.н. „трансценденталност“ е мошне комплексен. Имено, поттикнувачот влијае врз сторителот да се поистовети со посакувањето на делото, и истото да го изврши. Психичкиот однос помеѓу сторителот и оној кој што помага, и оној кој што поттикнува е различен. Помагачот само има парцијален удел во делото, кое што е во целост посакувано од сторителот. Помагачот дури и не мора да има волја да помогне, тој може да се колеба, а и да биде принуден на тоа, за што при ситуација на принуденост, тогаш го губи статусот на помагач. Истовремено, тој може да го сфати значењето на делото па доколку истото е завршено, да предизвика каење за делото што го сторил, што не е случај кај оној што го извршува. Поттикнувачот пак, умислено го посакува делото. Тој го планира, тој ги одмерува и проценува сите параметри за делото да се оствари. Неговиот волев напор се состои во психичката карактеристика да се оттргне од приматот на директен извршител. Тоа не значи дека тој не го посакува делото, напротив, тој би сторил се за истото да се оствари. Оттука и главната разлика на овие два иститути, обидот кај поттикнувањето е казнив додека кај помагањето тоа не е случај.
Ова е така бидејќи психичкиот однос, како што рековме, е различен. Помагачот секогаш е во позиција да се откаже од делото, кое секогаш би било предизвикано од друг.

Бидејќи во нашиов случај говориме за првото кривично дело од посебниот дел на кривичниот законик, од главата на кривичните дела против животот и телото, за почеток ќе ја дадеме законската дефиниција, која гласи:„Тој што друг ке лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години.“ Ова е основниот облик, сите други подоблици се квалифицирани. Тоа значи дека убиството може да биде извршено на подмолен или свиреп начин, при вршење на семејно насилство. Кога при лишување од живот на одредено лице, и со умисла ќе доведе во опасност и друго лице, кога истото е извршено поради користољубие, заради извршување или прикривање на друго дело, поради безобѕирна одмазда или од други ниски побуди. Ако тоа е извршено по порачка, итн. Овие квалификативи се особено строго санкционирани и тоа со најмалку 10 години казна затвор до доживотен затвор.
Не помалку интересно е и делото „убиство на миг“, кој можеби, во светло на нашава дискусија, некако ни се чини најблиску остварливо. Еве што вели чл.125 од КЗ на РМ по тоа прашање: „ Тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години.“ Значи лицето кое што го врши делото мора да е под силна раздразнетост со напад, или со тешко навредување, или како последица на семејно насилство. Сторителот овде, очигледно не го посакува делото, меѓутоа, тој е доведен во состојба на раздразливост каде што не може правилно да расудува и да ги контролира своите дразби и емоции кои се под силна психичка напрегнатост. Овде постојат неколку елементи. Најпрво тоа е елементот на состојбата на извршителот, значи дали тој е доволно пресметлив да го осознае значењето на делото. Имено, пресметливоста е основ за утврдување на степен на вина. Ако постои умисла кај сторителот, тогаш недвосмислено тој го посакува извршувањето на делото, го сфаќа неговото значење и се согласува со тоа, па тука не може да постои основ за раздразливост, ниту пак мерливост за таа психичка состојба. Прашањето е каква би била таа ситуација каде што одредено лице би било доведено во таква раздразлива состојба каде што тој мисли дека одредено дело во моментот е исправно, за потоа откако ќе се соочи со последиците да има траорно каење и непосакување на она што се случило. Со колкав интензитет би била таа ситуација каде што психичкиот набој на одредено лице би достигнал таков моментум каде што не може да се направи разлика помеѓу свест, разум, емоција или пак физичка сила?

Еве уште еден пример од нашето законодавство, за кој мислам дека исто така е прилично близок на темата проблемите со нашите Лидери за кои споменавме погоре. Тоа е делото „Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство“ по чл.128 од КЗ на РМ. Став 1 од ова дело вели дека:„Тој што друг ќе наведе на самоубиство или ќе му помогне во извршувањето на самоубиството и тоа ќе биде извршено, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.“ Интересен е ставот 4 кој пак вели:„Тој што сурово или нечовечно постапува со лице кое спрема него се наоѓа во однос на некоја подреденост или зависност, па тоа поради таквото постапување ќе изврши самоубиство кое може да се пропише на небрежност на сторителот, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.“Ставот пет објаснува дека и обидот е казнив, но се казнува поблаго.

Во врска со ставот четири, но и од претходното дело, да ја земеме следнава хипотетичка ситуација.
Да претпоставиме дека поради идеолошки причини, познати само на одредена група и структура, во овој случај политичка партија, става одреден член, кој е на висока позиција, во ситуација и однос на силна емотивна, физичка и психичка подреденост или зависност, па поради таквото постапување, кое за нив е идеолошки, морално и етички оправдано, го доведуваат истото тоа лице во ситуација да посегне по својот живот, или го доведуваат да бара да биде убиен поради морална и етичка возвишеност. И во обете ситуации делото се извршува. Во првата ситуација лицето – лидер, врши самоубиство, а во втората, некое лице, следбеник, емотивно понесен од некоја возвишена цел која е вербално манифестирана, тоа дело го извршува.
Се поставува прашањето дали овие ситуации се реално остварливи, и дали позади нив постои структурна организираност која го посакува нивното извршување заради некоја возвишена цел? Дали станува збор за возвишена цел или пак станува збор за класичен квалификатив – посакување на извршување на дело (умисла).

Хрватскиот кривичен законик, основното дело „убиство“ (нивен чл.90) го третира исто како и во нашето казнено законодавство. Квалификаторните облици имаат спуштен минимум, па наместо минимум 10 години, тој праг е спуштен на минимум 8 години казна затвор до доживотен затвор. Квалификаторните облици се идентични со нашето законодавство, па нив нема да ги расправаме. Затоа, мошне интересен е чл.92, или, повторно „убиство на миг“. Хрватскиот законодавец, иако битието на делото го опишува идентично како во нашето казнено право, границата на казнивност ја крева многу повисоко отколку нашиот кривичен законик. Имено, ако нашиот закон одредува максимум до пет години, овде хрватскиот законодавец ја кренал границата двојно – од една до десет години. Ова е така поради фактот кој претходно го говоревме, а тоа е границата помеѓу умислата и пресметливоста, односно степенот на раздразливост. Дали и до кој степен е возможно одреден човек да биде раздразлив за да посегне по туѓ живот и при тоа да го сфати значењето на делото, и за истото се покае?

Од друга страна пак, германскиот кривичен законик за ова дело (кај нив под чл.213) го класифицира како „убиство под олеснителни околности“. Битието на ова дело го поврзува со основното дело по чл.212 (убиство), па вели ако:„..е испровоциран до состојба на бес преку малтретирање, причинето нему од страна друг обвинет или од страна на роднина, или бил сериозно навреден од страна на жртвата и веднаш изгубил контрола и го извршил делото, или во случај на друг помалку сериозен случај...“ Казнивоста е слична со онаа кај хрватскиот КЗ, каде е пропишана максимална казна затвор до 10 години.

Овде е интересна ситуацијата како германскиот законодавец го третира тоа прашање, бидејќи, најпрво тој не го користи терминот „убиство на миг“, туку оди со една поопшта варијанта „убиство под олеснителни околности“, и ги објаснува кои се тие. Истовремено, забележителен е високиот праг на казнивост, и овде, чинам од истите причини како и во хрватскиот. Овде особено треба да се земе во предвид и конфликтното минато на германското општество кое причинило две светски војни, од кои Втората е причинета преку појавата на нацизмот како тоталитарна идеологија. Пост воена Германија се соочила со низа случаи каде што обичните граѓани, војници, па дури и офицери кои биле под команда на високо идеолошко индоктринирани претпоставени лица да вршат злостори кои до тогаш човештвото не ги забележало. Од тие причини, германското општество, свесно за историскиот, политичкиот и правниот багаж, прибегнало кон ваков пристап на делото, што кај нас е наречено, „убиство на миг“. Германскиот законодавец овде ги користи термините „испровоциран“, „бес“ наместо „доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост“. Терминот испровоциран, провокација, е многу по тесна за разлика од „доведување без своја вина“, затоа што дава можност вината да биде докажана, односно попрецизно да биде утврден степенот на вина, односно пресметливост. Исто така, терминот „бес“ е мошне впечатлив, оти повторно оди во прилог на утврдување на степен на вина. Раздразливоста оди во прилог на пресметливоста на сторителот на делото, додека бес, оди во прилог на умисла, како краен разултат на раздразливост. Германскиот законодавец овде веројатно сметал дека раздразливоста и не значи дека е нужна некој да изврши дело, оти таа, сама по себе може и да одврати сторителот од сторување на делото, сметајќи на неговата психа и емотивна состојба. Бесот е веќе финална состојба на раздразливост, каде што сторителот е вон контрола, па не е способен да ги контролира своите емоции, психа и да се доведе во ситуација на рационално расудување.

На слична линија, како што видовме е и Хрватскиот кривичен законик, ако нели се има во предвид и Хрватското неодамнешно минато изразено преку ужасните трауми од југословенската граѓанска војна.

Меѓутоа, соочени со двата примери од почетокот на овој текст, се поставува прашањето дали психолошката манифестација да се посакува сопствената смрт, е предуслов и индикатив за да се наведе некого да стори кривично дело, и истото да биде оправдано од морални и етички причини?
Да нема забуна овде, оној кој наведува некого т.е. поттикнува некого да стори кривично дело, макар и тоа било убиство (врз оној кој поттикнува), и истото биде извршено, само по себе е апсурдно и контрадикторно од причина што поттикнувачот никогаш не може да одговара за делото. Во таква ситуација, би одговарал исклучиво оној кој го извршил, а би одговарал поблаго во рамките степенот на вина. Би одговарал за убиство по чл.123, па зависно од начинот на сторување истото да биде во квалифициран облик, или за убиство на миг по чл.125 од КЗ на РМ. Од друга страна, овде пак не говориме за „наведување на самоубиство“ или пак помагање при извршување на истото, оти во нашава ситуација, за тоа не станува збор, или барем во најмала рака лицата кои сакаат да ја оправдаат својата смрт, наративно искажуваат одредена морална цена, која не е карактеристична за самото (не)дело самоубиство (чл.128).

Овде зборуваме за етичката возвишеност на поттикнувањето и извршувањето на делото одземање на живот, на оној кој повикува за одземање на својот живот, и неговата морална оправданост. Но она што е навистина интересно во целава ситуација е ритуалот позади целата оваа драма. Вербалното пренесување на такви пораки веќе не е обично искажување на конкретна порака или збор, туку има и едно трансцедентално дејство во самиот говор. Тоа трансцедентално дејство е практично пренос на доживувањата на оној кој што ги искажува, кон оние кои што слушаат. При тоа, од иманентно значење е тоа да не биде пренесено исклучиво како порака, туку како доживување и сочувствување за одредена тегоба или анксиозност која е нужна да се сподели. Споделувањето е особено важно да содржи во себе и волја за надворешно признавање на истото, во спротивно не би имало никаков ефект кон слушателот. На тој начин, пораката би била наполно сфатена од сите учесници и сочувствувањето, маката, тегобата односно анксиозноста би била споделена со сите подеднакво. Ваквиот начин на пренос, добива карактер на ритуал. Вербата во тој акт на пренесување на зборовите и мислите, практични ги пренесува и дејствата кои што се посакуваат сликовито и верно да се изразат. Тие дејствија добиваат еден востановен ред – ритуален.
Затоа и овој чин на во себе содржи трансцеденталност, оти ја надминува вербалната моќ на пораката, па самата порака добива карактер на акт – на нешто што е од исклучително значење безусловно да се направи. Говорот не е само вокалност, тој е опис на чинот кој треба и мора да се направи. Извршителот, во таа ситуација би бил instrumentum vocale – предмет/ствар која зборува. Стварта и говорот се во целост изедначени.
На овој начин, сиот тој ритуал, во суштина добива и една сакралност, бидејќи веќе ги надминува секојдневните вербални практики на искажување на став и говор, туку заземаат една обредна димензија. Тој обред, таа сакралност, практично го затвора кругот на слушатели, па на оние кои е насочена пораката, им придодава повисока етичка цел која што е морално подобна за нив исклучиво. Така се воспоставува нов морал, па при секое нивно застранување се гледа како на табу, односно забрана и осуда од толпата која што ги прифатила овие етички правила како морално подобни.
Делото треба и мора да биде такво и никакво поинаку. 



No comments:

Post a Comment