Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, September 21, 2018

Сакралноста на убиството, неговата етичка валидација и моралот како деградации - Втор дел


Сакралноста на убиството како дело и ритуалните наративи не се така непозната категорија.

Вилијам Шекспир во својот „Јулиј Цезар“ мошне сликовито ја припрема сцената за колективното забивање на нож во персоната Јулиј Цезар. Заговорот против Цезар веќе бил испланиран, коцката паднала на Маркус Јуниј Брутус. Дури и локацијата била избрана да има определено значење. Цезар бил убиен близу Театарот на Помпеј (Големиот), во време на Мартовските Иди. Мартовските Иди, односно, Idus Martii, Idus Martiae, бил период во една календарска година во Стариот Рим, кога се одржувале фестивали во чест и слава на богот на војната Марс. Иди т.е. Idus бил периодот на месецот во 13 и 15. Тој термин се користел за тој период кај месеците март, мај, јули и октомври, додека останатите месеци во годината, се славел на тринаесетти. Значи, имало одредена симболика изборот токму на ова место. Според Плутарх, Цезар бил предупреден дека нешто лошо му се спрема и тоа не подоцна од Мартовските Иди. Па кога дошол Цезар пред Театарот на Помпеј, кога веќе биле Мартовските Иди, Цезар одважено се подбивал „Ха! Мартовските Иди дојдоа!“, но она што навистина дошло потоа е неговото убиство. Шекспир прилично сликовито ја доловува драмата што се случила во 44-та година пр.н.е., па кога дошол и Брутус да го зарие последниот удар, близу статуата на Помпеј, Цезар се свртел покривајќи си го лицето, па го погледнал Брутус, и му рекол: „Et tu, Brutus? –Тогаш Цезаре, падни!“ Не можеме со сигурност да дадеме анализа дали Цезар го посакувал ова дело, и дали го знаел пред тоа да се случи. Тоа е оставено на слобода на драматуршката интерпретација на оваа трагедија.
Многу е неизвесно што точно сакал Шекспир да каже со тоа последното „Тогаш Цезаре, падни!“, дали сакал да го долови стравот на Цезар кој веќе бил мртов, или сакал да ја долови согласноста на Цезар со самиот чин? После смртта на Цезар, токму омразениот Гај Јулиј, постанал маченик, па благодарение на неговиот посинок, Октавијан, неговото презиме постанало номинатив за титула во стариот Рим – Цезар. Всушност, токму тоа и сакал да го долови Шекспир, дека сакралноста на одреден акт не лежи само во неговото припремање, туку и во согласноста додека тој акт се извршува. А како што рековме, согласноста е обострана. Од извиците кои Касус, Каска и Цина ги извикувале: „Слобода, тиранинот е мртов!“ , останала само митологизацијата и ритуалот кој овие страни во суштина го започнале, Цезар се потхранил со тоа, а подоцна други го спровеле на дело.
Цезар бил забоден истовремено и последователно од 60 луѓе, негови противници, вклучувајќи го и Брутус. Шекспир, како и историчарот Касиус Дио, го карактеризираат убиството на Цезар како принесување на религиска жртва при верски обред.

Убиството на Цезар


Слична драма за која што Шекспир посведочил е трагедијата за римскиот генерал Гај Марциј Кориолан. Оваа трагедија е Шекспирово ремек дело во кое што го ремодификува значењето на „античкиот херој“ и го трансформира, трансцедентира и демистифицира поимот „херој“ во „анти-херој“. Суштината на овој херој – Кориолан, лежи во фактот дека токму тој бил оној кој што имал се, но загубил се. Загубил не затоа што жртвувал, туку затоа што пркосел спротивно на очекувањата на толпата. Така, на крај, кога Кориолан веќе бил свесен за последиците на својот пркос, тој немал друга можност освен онаа да се соочи со Офидиј Тул, генералот на Волсканите. Самиот чин го прифатил како неопходен, не заради себе, туку заради политичко олеснување од конфликтното бреме кое што тој самиот го создал. Така, кога Офидиј при меѓусебната борба му пркоси и го омаловажува Кориолан нарекувајќи го „момче“, на што Гај Марциј му одговара: „Cut me to pieces, Volsces men and lads, Stain all your edges on me. Boy! False hound! If you have writ your annals true, tis there, that like an eagle in a dovecote, I fluttered your Volscians in Corioles. Alone I did it. Boy?“ По ова последно пркосење од Кориолан, Офидиј наредува неговите гардисти да го убијат Гај Марциј, слично како бодењето на Цезар. Сите тие едногласно извикуваат: „Нека умре заради тоа! Убиј! Убиј! Убиј! Убиј!“. Кориолан умира.
Овде, Шекспир, многу по луцидно ни го претставува ритуалот околу „убивањето“. Ако Цезар се согласил со актот откако го видел Брутус во очи, а веќе бил неколку пати избоден со смртни рани, тогаш за Гај Марциј Кориолан ситуацијата е обратна. Тој се согласил на последиците пред тие да настапат. Знаејќи каков ќе биде исходот, свесен за неминовноста на целата сцена околу него, тој го посакувал делото што го причинил, ги навел гардистите на Офидиј, и Офидиј самиот, и се втурнал во сигурна смрт. Самото посакување на Кориолан овде е окарактеризирано, повторно, како еден ритуал, но ритуал со кој се завршува една ера, без јасна перспектива за прашањето „а што понатаму?“, што не е случај во Цезаровата сцена.

Убиството на Гај Марциј Кориолан


Слична сцена е и во крволочната трагедија за Тит Андроник, каде благородникот Тит Андроник, големец од Рим, поранешен римски генерал кој ги предводел римските трупи пред ордите на Готите. Соочен со семејна трагедија предизвикана од крволочните синови на кралицата на Готите, Тамора, во која му ги убиваат три од неговите четири сина, и ја обесчестуваат неговата млада ќерка Лавинија, силувајќи ја и отсекувајќи и го јазикот, тој кова завера како да ја убие Тамора, сега сопруга на римскиот Император Сатурниј. На крајот од трагедијата, тој ги убива двата сина, и од нивното месо прави ручек на кој ќе ги повика Императорот и Тамора.
На ручекот, тој од тага, пред нив двајцата, ја открива својата трагедија и своите вистински намери, па најпрво ја убива својата ќерка, а потоа им го открива ритуалот во својот ручек, и ја убива Тамора. Императорот Сатурниј од бес го убива Тит Андроник. Последниот син на Андроник, Маркус го убива Императорот, осветувајќи си ја фамилијата.
Зошто толкава церемонија и толкаво крвопролевање?
Кога на вечерата, Тит ги повикал Тамора и Сатурниј, за да ги убие, најпрво ја повикува својата ќерка Лавинија, му поставува една дилема на Сатурниј, прашувајќи го:
.. resolve me this:
Was it well done of rash Virginius
To slay his daughter with his own right hand,
Because she was enforced, stained and deflow’r’d?
Императорот Сатурниј му одговара потврдно и објаснува дека не е морално девојката да ја преживува својата приказна во срам, и додека таа животвори во присуство да ја преживува својата тага.
На тоа, Тит Андроник вели:
A reason mighty, strong, and effectual,
A pattern, precedent, and lively warrant,
For me, most wretched, to perform the like.
Die, die, Lavinia, and thy shame with thee,
And with thy shame thy father’s sorrow die!
[He kills her]
Андроник потоа објаснува зошто ја поштедил од нејзиниот срам и татковата тага. Тамора го повикува Андроник да ги доведе нејзните синови за да ја кажат вистината, дали тие ја силувале младата Лавинија и и го отсекле јазикот, Андроник вели:
Why, there they are, both baked in this pie,
Whereof their mother daintily hath fed,
Eating the flesh that she herself hath bred.
‘Tis true, ‘tis true; witness my knife’s sharp point.
He stabs the Empress.
Низ овие редови, Тит верува дека искупувањето не е можно преку ритуал. Смртта сама по себе не е доволна, оти без причинската смрт не е смрт сама по себе. Срамот, тагата, обесчестувањето според Тит се душевна смрт, но и етичка и морална консеквенца кај физичката смрт. 
Оттука, ритуалното во вечерата не е смртта per se, туку одвратноста на животот кој сее смрт. Смртта е само консеквенца, како принесена жртва во тој ритуал. Не случајно на Тамора и објаснува зошто ги испекол во пита нејзините синови; како што таа драго ги хранела, а јадејќи го месото што таа го одгледала. Тит и го објаснува циклусот на етичката и морална деградација во животот, која мора да биде крунисана обред.

Гозбата на Тит Андроник


Тотално спротивна е ситуацијата пак во Мекбет.
Таму обредот почнува како натприродна појава, како претскажување – суеверие. Се сретнуваат три вештерки, па додека трае ужасната битка пред полето, проследена со невреме, се договараат да се сретнат со Мекбет, воениот намесник, а подоцна и Крал на Шкотска.
„... when the battle’s lost and won.
… there to meet with Macbeth…
Fair is foul, and foul is fair;
Hover through the fog and filthy air. …
Подоцна тие се среќаваат со него и му претскажуваат дека ќе биде Крал на Шкотска. Понесен од таквото претскажување Мекбет навистина ќе поверува дека тоа ќе се случи, па со Леди Мекбет, неговата сопруга, коваат завера како да го убијат Кралот, Данкан, за да нема никој друг соперник кој би можел да стане крал на негово место.
Секако, оваа Шекспирова драма го одобрува успешното бунтовништво против монархот-тиранин; но исто така дава до знаење дека на Кралот Мекбет треба да се гледа како на исклучителен случај. Во трагедијата, кон Мекбет се поврзува натприродно зло поврзано со неприродна корупција, додека неговите пријатели се систематски поврзани со натприродна доблест за враќање на „природниот“ поредок. Мекбет е неприроден, предавник кон она што треба да се смета за морално природно, преку убиството на Данкан, кој што е негов монарх-владетел, негов роднина, негов гостин и добротвор. Леди Мекбет, во тој контекст, се побунила против овие природни врски во повеќе наврати. Првиот, е преку одрекување од „млекото на човечката милост“ во нејзиниот сопруг; друго е преку преземање команда кога тој се колеба дали да го изврши убиството; и уште еднаш со одрекување на својата женствена природа, преку оваа, т.н. вештерска конјурација:
                                              Come, you spirits
That tend on mortal thoughts, unsex me here,
And fill me, from the crowd to the toe, top-full
Of direst cruelty: make thick my blood,…
…Shake my fell purpose, not keep peace between
Th’effect it. Come to my woman’s breasts,
And take my milk for gall,…
…Wherever in your sightless substances
You wait on nature’s mischief. Come, thick night,
And pall thee in the dunnest smoke of Hell…
За оние злодела на Мекбет, поттикнати од неговата сопруга, драмата ги претставува не само како прекршувања на конвенционалниот морал, туку и на религиозните заповеди, и секако, самиот состав на природата. Интересно, но оние читачи кои се симпатично наклонети кон традиционалното Христијанство, и традиционално размислување за божествен поредок на нештата, кон Мекбет би гледале како на темелно логична драма. Додека оние скептичните, оваа трагедија ќе им се чини дека претставува елаборирана мистификација на моралот. Под мистификација, овде подразбираме фалсификување на реторичката поврзаност на моралот со натприродното. Истовремено пак, ако таа личност притежнува кон поконзервативни сфаќања, поврзувањето на добрата монархија со божествената корист, би било карактеристика која што го заобиколува вообичаеното суспендирање на неверувањето.
Со други зборови, суспендирањето на верувањето би било прекршување на воспоставениот морал, па оттука таквиот акт ќе се смета за неприроден. Она што пред очите на Мекбет се смета за неморално, не е верувањето т.е. неверувањето per se, туку суспендирање на сиот тој однос. Оттаму, верувањето, неприродно, или не, во очите на другите, е дел од тој систем кој го одржува моралот, оној на Мекбет, и оној на неговите противници.

Мекбет пред трите вештерки


Но, што ако токму овој однос, сакралноста за сочувување и заштита од суспендирање на истиот е мистификацијата по која бараме?

Никогаш не сме на чисто со етиката која произлегува од моралот. Во „Темниот Витез“ на режисерот Кристофер Нолан, има една сцена која потполно го разобличува овој однос. Сочувувањето и заштитата на овие парадоксални мистификации се лајтмотив во сцената каде што во полициската станица на комесарот Џејмс Гордон се среќаваат Бетмен и Џокерот.
Очигледно дека Џокерот ја исценирал целата ситуација, само за да го навлече Бетмен онаму каде што сака, и морално да го разбие одвнатре. Му предочува дека не се чувствува разочарано од него, како се соочил со замките кои ги поставил за него – дозволил пет невини луѓе да умрат, а за сметка на тоа, вината да падне на младиот и полетен обвинител Харви Дент.
Нештата се веќе променети засекогаш, бидејќи моралното тежиште кое што постоело пред појавата на Џокерот, сега веќе го нема – поставени се нови мерила за тоа што претставува етика и морал. Од таа појдовна точка, убиството како акт, веќе нема цена, а со тоа ниту морално оправдување за негово причинување, односно спречување, како општествена мерка.
Бетмен тука е со помисла дека Џокерот, за да го постигне тоа, сака да го убие Бетмен, но Џокерот тогаш му ги открива сите карти – тој не ја посакува неговата смрт, иако тоа може во секој момент да го направи. Бетмен го комплетира Џокерот.
Џокерот му појаснува на Бетмен дека неговиот морал, етика и правила се само една чиста механика во која што Бетмен непотребно верува, а во суштина и обајцата, Џокерот и Бетмен, од страна на „цивилизираните луѓе“ се гледани како изопаченост, како лепра. Оној момент кога нема да бидат потребни, ќе ги отфрлат, како ѓубре. Практично Џокерот му ја кажува цената на моралот – дека тој нема цена.
Џокерот појаснува дека, нивниот морал, нивните правила, ќе бидат фрлени во бездна при прв знак на неволја. Тие се добри онолку колку што светот им дозволува да бидат.
Тој не е чудовиште, туку само е понапред во трката.
Бетмен го грабнува, па со насилство сака да изнуди информации за тоа каде Џокерот ги заробил Обвинителот Дент и неговата помошничка Рејчел. На тоа, Џокерот му одговара: „Убивањето е исто така избор.“ Џокерот потоа му дава лажни информации, а Бетмен потфрла да ги спаси обајцата.

дуел на моралот


Што можеме да заклучиме овде?

Во вакви тензични моменти, кога се зголемува притисокот врз гласачот за од сите страни посакуван исход на претстојниот референдум на 30 септември, изјавите на обата лидери споменати погоре во текстот имаат своја сакрална тежина. Тие веќе имаат создадено простор каде што овие етички изблици на новосоздадено морално расудување веќе се сфаќаат во контекстот во кој се пренесува. Истовремено, под закрила на принципите на социјална правда и еднаквост, несвесно неконтролирано се дава поголем ветар на оние кои што овој сакрамент произлезе од долготрајно градениот религиски култ.
Не би знаеле со сигурност дали навистина се можни нови кривични дела, сторени од поттикнување, како што во суштина и беше она од 27.04.2017. Таа претпоставка би била подеднаква на незрела шпеклулација, но барем дел од кривичните дела од Кривичниот законик од Глава XXVIII „Дела против Државата“, оставаат простор за толкување. Дополнително, тие дела, како и оние на 27.04.2017 година ќе бидат сфатени како исконски морален чин, поттикнат од должноста да се одбрани сакралноста на ритуалниот обред кој за себе веќе креирал етички правила. Моралноста за тие дела веќе одамна бара екстерна валидација. Таквата валидација е нужен фактор за да се дооформи и дозаштити санктитетот на чинот. За сега, овие јавни настапи се неможни да се суспендираат, оти веќе се длабоко навлезени во моралната политичка и општествена сфера. Суспендирањето на обата сакрални табори, оној кој го поддржува референдумското изјаснување, и оној кој сака да го бојкотира, ќе настапат откако ќе заврши изјаснувањето, на 30 септември 2018 година. Но тогаш треба да се суспендира и овој дихотомен нерационален однос кој постојано создава санктитет околу клучни општествени прашања, наместо рационализација и трансформација на проблемот.

Од тие причини е нужна разврска на 30 септември, не разврска како што посакуваат засегнатите табори, туку разврска која ќе го стопира овој неврзан повторлив процес на копнеж по сакралност и негова морална митологизација. Тоа е суштината на референдумското прашање, односно во прифаќањето на додавката „Северна“ со се сите атрибути, заштитни, облигаторни и обврзувачки механизми кои Спогодбата ги носи – отсекување од сакралноста. Од тие причини и толкав отпор кон ова прашање.
Од тие причини е важно да постои јасна, недвосмислена и објективна правна разврска и за настаните од 27.04.2017 година, оти во спротивно, таквиот копнеж за етички пристап и морално валидизирање на нагонот за убиство ќе остане во рамките на возможното и остварливото. Ова не треба да биде сфатено како едно своевидно заплашување, туку како состојба во која реалните односи, копнежи и потреби не обликуваат сите нас, а и нашите животи.
Затоа, е потребно и во образложението на пресудата во врска со настаните од април минатата година, да биде детално објаснет мотивот за причинување на овие дела како би се разбила моралната основа за сакнтитет на овие т.н. обреди.

За крај, ќе наведеме уште два интересни примери, едниот од литературата, а ќе завршиме кратко со друг пример од филмската уметност.

За кратко, повторно ќе се обратиме на Томас Харис, кој во својата прва книга за опасниот доктор, Ханибал Лектер, „Црвениот Змеј“, на крајот од истата не води во една случка од американското минато од Граѓанската војна. Веќе опоравениот детектив, Вил Греам, го посетува местото Шилох (на хебрејски – „Место на мир“), каде во 1862 година се случила најодвратната битка во Граѓанската војна во САД. Тоа место, до ден денешен е вткаено во американската историска потсвест како место кое е проколнато и кое прогонува, поради ужасите кои се случиле. Гледајќи на празното поле, па навраќајќи се длабоко во себе кон оној примарен животински нагон, Греам заклучува дека не постои такво нешто како милост, бидејќи ние ја создаваме, исто како што не постои ниту убиство, бидејќи ние го создаваме и само нам ни е важно. Така, заклучува Греам, Шилох, не прогонува, туку луѓето прогонуваат, а на Шилох воопшто и не му е важно.

Вториот пример, е оној од поновата поп култура, од последниот филм Војна на Ѕвездите – Последниот Џедај каде што главниот лик, Лук Скајвокер, ја согледал тежината на прогонувањето, на цикличноста на таа деструктивна сакралност, па наместо да дозволи минатото да не боде и потсетува како рана од свиреп бодеж, тој одлучува за неочекуваното – „I came here to die. Its time for the Jedi to end.

Токму ова ќе биде лајтмотив за нашата следна расправа.

Време е за смрт



Драг Вил,
Еве сме, ти и јас, скапуваме во нашите болници. Ти ги имаш твоите болки, а јас сум без моите книги – учениот Д-р Чилтон се погрижил за тоа.
Живееме во примитивно време – нели, Вил? – Ниту дивјачко, ниту пак мудро. Нереализираноста е негова клетва. Секое рационално општество или би ме убило, или би ми ги вратило книгите.
Ти посакувам брзо закрепнување и се надевам дека нема да бидеш многу грд.
Мислам на тебе често.
Ханибал Лектер
          Др. Ханибал Лектер (Црвениот Змеј – Томас Харис)

No comments:

Post a Comment