Lex est quod populus jubet atque constituit

Friday, August 18, 2017

Оправданоста на смртната казна – приказна за нужната смрт на смртта при крајна нужда - дел 1

.. но ако постои момент на милосрдие, пред смртоносната инјекција тие те мачкаат со алкохол, што е многу убаво.
(се трие на раката) ... Што правиш ебате?!
Па, не сакаме да се инфицираш во последен момент...“
                                                                  Робин Вилијамс, комичар (за смртната казна во Тексас)


„последно мачкање пред инјекција“


Кога зборуваме за казнувањето и системот на казни, најпрво треба да знаеме дека изречената казна, а и казната воопшто, има свое онтолошко и телеолошко значење, покрај нејзиното формално-правно и материјално-правно значење во системот на казненото право. Оттука, и нејзиниот, т.е. и нашиот, однос во контекст на смислата на казнувањето, како и казната per-se. Смислата на казнувањето не е само спречување од чинење на неправо, доколку тоа неправо е пропишано преку системот казнено-правни норми, туку и превоспитување на сторителот, како и воспитно да се влијае врз другите да не вршат исти или слични, или други дела, кои се спротивни на пишаниот законски текст.

Меѓутоа, кога говориме за поимот казна, не говориме за еден општ генерички поим, туку говориме само за еден составен дел од она што претставува заштитен елемент на едно општество кое преку правните норми, пропишува определени санкции за да спречи конкретно неправо. Значи, казната, иако сама по себе, од својата телеолошка и онтолошка смисла, е генерички поим, таа сепак е дел од еден далеку погломазен систем на санкции. На пример, не можеме да кажеме дека алтернативните мерки на осуда, претставуваат казнени мерки. Тоа не важи исто така и за мерките за безбедност или пак за усните опомени како вид на санкции.

Впрочем, токму во ова се согледа целесообразноста и суштественоста на казната како дел од правилата на однесување воспоставени од општеството. Од една страна, казната претставува еден составен сегмент на општеството, кое преку воспоставените норми, наложува што е право, а што е неправо, па како дел од апаратот за принуда, таа и не би постоела како таква. Додека пак од друга страна, целисходноста на казната е нејзината суштина. Казната е само механизам кој застанува позади последниот степен на заштита на субјективните права на титуларите, кои го активираат државниот принуден апарат, а се со цел да ги заштитат своите права од било каква узурпација.

Токму ваквата смисла на она што претставува казна, во делот од системот на санкции, е суштествена за разграничување на она што е дозволено, а што не во едно општество, но истовремено и колку таквата санкција го оправдува своето дејство. Целта и дејството на санкцијата, секако, се правопропорционални со степенот на вина на сторителот. Токму степенот на вина, како директен однос на сторителот кон причинетото дело, особено тежината на стореното дело, претставува битен елемент при одредување на истата. Без степенот на вина, не можат да бидат постигнати ниту целите на казнувањето, ниту видот на казната.

Од овие почетни претпоставки, можеме да се осврнеме и кон проблематиката на тоа „што претставува оправданост при постоење и изрекување на смртната казна“, но и на казната (видот на казната) воопшто.

Често, системот на казни, знае да биде потценет или преценет од страна на целокупниот правосуден систем. Гледано од аспект на правосудна номенклатура и хиерархија, тоа е така во сите негови фази, започнувајќи од предистражните постапки, па се до самиот крај на кривичната постапка. Олеснителните т.е. отежнителните околности често се преценуваат, т.е. се потценуваат, од сите чинители во тој процес, па често и смислата на казнувањето не ја исполнува својата примарна цел – превоспитување, ресоцијализација и реституција. Меѓутоа, кога веќе зборуваме за овие цели, треба да знаеме дека и самата улога на казнено-поправните институции е заборавена категорија, па се сведува на чиста формалност во кривично-правниот процес.

Меѓутоа, постои една бизарна смисла во психолошкиот елемент при казнувањето во казнено-правна и пенелошка смисла на зборот. Бизарноста не се однесува само на смртната казна per se, туку и на казнениот систем воопшто, кривично-правниот апарат за принуда кога е во ситуација во која тоа претставува нужно за спречување на општествено-штетни дејствија, и истите претставуваат основа и граница за определување на кривичните дела и пропишување на кривичните санкции. Од една страна, тоа е стравот од казната, кој de facto е наметнат, и кој и покрај искрената општествена тенденција за превоспитување, реституција и ресоцијализација на сторителот во општеството, тој страв е објективен. И како второ, проблемот со потфрлањето на споменатата општествена тенденција, кој е исто така реален и објективен, каде и покрај искрените намери, осуденикот станува повратник на кривичното дело, истоветно или слично.
Секако, обете ситуации се сосема оправдани, бидејќи тоа се реални општествени појави.

Најпростата произволна дефиниција за казната, која и не мора да е директно преземена од казненоправната и пенелошката проблематика, е дека тоа е вид на санкција која има за цел да го казни сторителот на некое дело кое е спротивно на конкретни пишани или непишани правила за поведение. Самиот овој однос, имплицира на одредена причина и последица, та според тоа, претставува еден реципроцитет кој сам по себе бара оправдување во не-делото, т.е. во делото.

Се поставува прашањето, како да ја оправдаме оправданоста, односно, во кое оправдување би лежела оправданоста од било какви преземени или непреземени мерки?
Етимолошки, зборот „оправдување“ подразбира акција на покажување на нешто да биде праведно, точно, право. Кога велиме „право“, не мислиме на пишаниот систем на правила, туку нешто кое е вистинито, потврдено како такво. Според тоа, оправданоста може и да се спори.

Бидејќи насловот имплицира на прерогатив на одредена акција која по својата содржина е мошне сурова, за цел нам ни е дадено да дадеме праведно, точно и вистинито образложение пред тврдењето. И впрочем, како што на почетокот рековме, во тоа се содржи и бизарниот елемент при казнувањето на суровост со суровост. При тоа, треба да имаме во предвид дека не секогаш т.е. не секое сторено кривично дело, дури и денес, по дефиниција е сурово, како би оправдано, или не, му се возврати со суровост.

Еве еден пример кој во најдиректна смисла ја објаснува таа бизарност.

Во балканската стрип култура, мошне познат е еден грчки стрип артист под псевдонимот Аркас. Никој не знае точно кој се крие под псевдонимот Arkas, но се шпекулира дека станува збор за поранешен политички затвореник, а сега новинар во грчкиот Катимерини, Антонис Евдемон. Други, пак шпекулираат, дека станува збор за незнаен грчки психијатар, кој е и универзитетски професор. Токму овој, Аркас, е познат по стрипот „Доживотен“, кој зборува за еден политички затвореник во времето на диктатурата на Мектаксас, осуден на казна затвор од 650 години, и кој, заедно со својот најдобар другар, стаорецот Мотекристо, ги поминува своите денови во изолација и хумор.
Во една сцена, еден од затворениците, треба да оди на стрелање, бидејќи му е изречена смртна казна, па кога ќе дојде пред стрелачкиот вод, офицерот кој раководи со изрекувањето на казната, го прашува, што му е последна желба. Тој вели дека сака да помине една ноќ со неговата сопруга. Офицерот му вели дека тоа не е возможно, ниту пак дека може да се слушне по телефон со неа. Офицерот се повлекува, дава наредба за пукање. Затвореникот се поти од страв, за на крај, целиот вод пред него да извикне „Априлилили!“.
Друга ситуација е кога на истиот тој затвореник му упаѓаат чуварите, заедно со поп за последна причест, во ќелијата, а тој уште спие, па ќе овој ќе им се изнавика: „Па добро, какви будали сте вие, не оставате човек во мир да се отспие пред да го стрелаат.“ Или, кога повторно е пред стрелачки вод, па телефонот ќе заѕвони, се јавува офицерот за стрелба ќе го праша стрелачкиот вод: „Да, имаат шунка, прашуваат дали сакате и сланина во пицата!“

Можеби нај бизарната шега е кога осуденикот се наоѓа пред стрелачкиот вод, па кога во моментот на пукање, телефонот ќе заѕвони, офицерот ќе се јави, а на прашање на затвореникот, кој се јавил, овој ќе рече:„Абе, глупости, телефонска анкета. Прашуваат дали си за или против смртната казна.“

„Будење пред изрекување и чекање на телефонска анкета - Аркас“


Има две клучни поенти во овој виц. Првата е психолошката, а втората правната. Психолошката шега во вицот е исчекувањето на осуденикот и вербата дека ќе преживее, и ноншалантното однесување на офицерот за извршување на смртната казна. Правната шега е практично нејзиното извршување – процедурата околу извршувањето на казната. Не е воопшто важно дали постои оправдан страв, каење, ниту пак како воопшто ликовите гледаат рационално кон прашањето „за или против“ смртната казна. Напротив, осуденикот гледа да спаси жива глава, независно дали тој утре ќе изврши можен поврат на дело, додека стрелачкиот вод, да го изврши стрелањето – оти тоа така треба.

Како би дошле до суштината која е содржена во овој заклучок, предлагам да дадеме еден краток осврт најпрво на казнената нормативна политика и практика.

Во нашиот правен систем, вклучувајќи го и оној од 1945 до 1991 година, смртната казна во системот на санкции, се јавува токму во повоениот период период, па се до осамостојувањето на Република Македонија. Во Кривичниот законик кој бил донесен во повоена Македонија (пречистен текст од 1959 година), смртната казна (чл.27) била предвидена да се извршува со стрелање, и истата не можела да се изрече на лице што во времето на извршувањето на кривичното дело било малолетно ниту на бремена жена. Лицето кое во време на извршувањето на кривичното дело не наполнило дваесет и една година, смртната казна може да му се изрече само за најтешки случаи на кривични дела против народот и државата, и оружените сили за кои е пропишана смртна казна. Смртната казна може со акт на амнестија или помилување (чл.29) да се замени и со строг затвор во траење од дваесет години, но може судот истото да го стори и доколку постојат оправдани причини за тоа.
Смртната казна била предвидена да се изрече за кривичните дела против народот и државата, против човечноста и меѓународното право, и против животот и телото, поконкретно за кривичното дело Убиство (чл.135 ст.2)

Според Кривичниот законик на СФРЈ од 1976, односно КЗ на СР Македонија од 1977 година, смртната казна била предвидена во кривичните дела против основите на социјалистичкото самоуправно општествено уредување и безбедноста на СФРЈ, како и во главата за кривични дела против животот и телото. Првата група се дела кои во себе содржат политичка природа т.е. се дела од политичко-правен карактер. Тие претставуваат прва и најелементарна форма на криминалитет. Овие дела се постојан придружник на класно поделеното општество, организирано во каква и да е државна форма. Објектот на заштита на овие дела се основите на социјалистичкото самоуправно општествено уредување, основите на општествено-економското уредување, општествено-политичкиот систем, слободите, правата и должностите на човекот и граѓанинот, уставноста и законитоста, заштитните и одбрамбените механизми, Националната слобода и независност, мирољубивата коегзистенција и активната меѓународна соработка, братството и единството и рамноправноста; и Безбедноста на СФРЈ. (Владо Камбовски – Кривично право – посебен дел, стр.21 студентски збор 1982г.)
По однос на пропишаните казни, изразена е поради посебната општествена опасност на делата, поголема строгост во пенализацијата. За разлика од наклонетоста кон пропишување на смртната казна, за овие дела во современото кривично право, оваа казна може да се изрече за основни облици на делата само во два случаи (Признавање на окупација и капитулација, чл.115/2 и Убиство од непријателски побуди спрема СФРЈ, чл.122); тука е пропишана алтернативно со казната затвор од најмалку десет години. Смртната казна е пропишана, алтернативно со казната завор од најмалку десет години, за најтешките форми на некои од овие дела. Со тоа е доследно реализирано уставното ограничување за примената на смртната казна, според кое, оваа казна може да се пропише и изрече само за најтешки случаи на тешки кривични дела. Во таа смисла, според чл.37 од КЗ на СФРЈ, за разлика од претходно цитираниот кривичен законик, оваа казна содржи битно и многу по концизно ограничување. Во ст.1 вели дека „смртната казна не може да се пропише како единствена главна казна за определено кривично дело“.
Смртната казна, пак, во кривичниот законик на СР Македонија од 1977 година е пропишана во Главата каде се наоѓаат кривичните дела против животот и телото, поточно во чл.37 – Убиство. Интересно, но овој член терминот на повеќето убиства извршени во стек судот треба да ги третира како посебни дела. Казната требало да ја изедначува без претходно утврдување на казните за секое дело одделно. Исто така, осудата за умислено убиство во поврат, треба да го содржи фактот на осудуваност за убиство (поранешната пресуда и квалификација на поранешното дело). Така, основа за изрекување на тука пропишаната казна, во овој случај смртната казна, односно казната строг затвор, е и осуда за убиство што е веќе бришана. Би требало да се земе дека и по однос на стекот и по однос на повратот доаѓаат предвид чл.37 ст.2 КЗ на СФРЈ, според која смртната казна може да се изрече само на најтешки случаи на тешки кривични дела. Обидот за убиство по претходна осуда за убиство не е таков најтежок случај. (Владо Камбовски – Кривично право – посебен дел, стр.149 студентски збор 1982г.)

„Стрелање“


Во новиот КЗ, оној од 1996 година, од осамостојувањето на Република Македонија, смртната казна како санкција во кривичното законодавство, не е предвидена.

Видно од погоре споменатото, може да се забележи дека во минатиот период, повеќе постоела тенденција за основана строгост по однос на конкретни кривични дела, отколку изрекување на максималистички казни. Значи, смртната казна повеќе делувала како метод на заплашување дека таква казна е возможна да се примени отколку воопшто да се примени. Не можеме конкретно да оцениме дали воопшто се работи за одреден хуманистички пристап во поглед на изрекувањето и извршувањето на санкциите, но ако се спореди КЗ од 1945/6 (со пречистен текст од 1959 година), во однос на оној од 1976/77, самата уставна рестриктивност на изрекување на смртната казна, во однос на изрекување на други казни, е евидентен доказ само по себе. Од друга страна, ако се земе општествено-правниот систем во тоа време, во целина, vis-a-vis казнено-правната политика, сосема е јасно дека она за што тогаш се сметало за „хуманистички пристап“ е во суштина зачувување на општествениот поредок, впишан и втемелен во уставните одредби. Впрочем од тие причини се и наведените кривични дела како примарни дела, и чиј објект на заштита претставува највисок дострел.
Тоа е особено видливо од статистичките податоци кои ни ги нуди Д-р Љупчо Арнаудовски и Виолета Чачева.

Во својата статистичко – аналитичка книга, „Примарниот криминалитет“, Др.Љупчо Арнаудовски, помеѓу другото ги разгледува и основните карактеристики на криминалната политика спрема примарните деликвенти. Примарните деликвенти, претставуваат онаа група на деликвенти, кои се лица кои за прв пат сториле конкретно кривично дело, односно сториле дела од примарен криминалитет. Најстрога казна, според тогашното законодавство, секако, претставувала смртната казна. Др.Арнаудовски, преку своите статистички податоци, утврдува и констатира дека оваа казна остава печат на едно револуционерно време, и само тогаш, кога се работи за примарни деликвенти. Најчесто е применувана непосредно по војната, во периодот, т.н. „пресметка со класниот непријател“. (стр.285 , Примарниот криминалитет – Др.Љупчо Арнаудовски (1978). Во 1946 година, таа учествува со 0,2%, и е на најминимално ниво од вкупниот процент на изречени санкции. Потоа постои тенденција на зголемување за следните две години до 0,3 %, за потоа и постепено да опаѓа. Тоа е така бидејќи ваквиот број на деликвенти драстично опаѓа, од една страна, но од друга, имајќи ја во предвид законската одредба каде е предвидено истата казна да се замени со казна строг затвор, односно, судот, ценејќи ги отежнителните и олеснителните околности, не прибегнува кон изрекување на овој вид на казна. Во тој контекст, оваа казна и воопшто не се јавува во овој вид на дела, како и кај други дела за кои е пропишана истата.
Структурно гледано (Примарниот криминалитет – Др.Љупчо Арнаудовски (1978), стр.271), смртната казна спаѓа редот на ретко применувани казни, со учество од 3,3% во однос на вкупната маса применети кривични санкции за дела од главата на дела против народот и државата. Во главата каде се предвидени кривични дела против животот и телото (глава 12), смртната казна во рамките на своето минимално учество во вкупната структура на применетите кривични санкции, има најчеста примена кај овие кривични дела, конкретно кај кривичното дело – Убиство, и тоа со 0,1%.

Интересна е практиката на оваа санкција кога станува збор за кривични дела сторени во повтор.
Според статистичките податоци кои ни се на располагање, интензитетот на повторот кај оние дела каде се изрекува смртната казна е поделен. Најпрво, треба да забележиме дека делата против народот и државата, оние од примарниот криминалитет, воопшто и не се содржани процентуално во делата од повтор, бидејќи ниту еден сторител не го повторил тоа дело. Секако, за овие дела, не е изречена смртна казна. Во Главата 12, каде се предвидени делата против животот и телото, повторниците се застапени со 19,4%, и најчести се тепачките, клеветите и навредите (стр.89, Повторот и повторниците – Др.Љупчо Арнаудовски и Виолета Чачева – 1979). Структурално гледано, по одделни кривични дела, најзначаен интензитет имаат кривичните дела лесна телесна повреда (чл.142) и навредата (чл.170). Тие покажуваат учество од 34,4% од вкупната маса на повторниците. Кривичните дела тешка телесна повреда, како и убиствата имаат сосема незначајно учество, од 1,0%. Ниското учество на најтешкото кривично дело – убиство, се должи на менување на социјалниот и општествениот однос кон практиката на „крвна одмазда“.
Меѓутоа, тука спаѓа и двократниот повтор, па вреди да се напомене дека од истата оваа глава, за истите дела, каде повторот е наголем, највисоко учество покажуваат двократните повторници, и тоа 77,2%, додека трократните со 15,0%.

Интересно, но кај повторниците, Арнаудивски и Чачева, забележуваат дека, смртната казна има две карактеристики. Прво, повторно, таа се јавувала само во периодот по војната, и тоа се применувала кај примарните деликвенти, отколку кај повторниците. Кај повторниците таа се јавува исклучително. Тоа е така, заклучуваат обајцата, бидејќи објективните општествени услови и односи, кои се поврзани со природата на криминалитетот, како и криминалитетот за таквите дела, и тежината кај секој вид криминалитет, е изменета. (Стр. 238 – Исто).

Имајќи ги овие податоци, интересен е ставот на дел од тогашната правна фела, која говорела во корист на смртната казна.
Проф.Др. Милан Милутиновиќ, во својата „Пенелогија“, не дава конкретна рационална причина зошто смртната казна треба да се практикува, кое е нејзиното место во казнено – правната номенклатура и во системот на санкции. Тој се обидува да го хуманизира нејзиното изрекување и извршување, со тоа што се повикува на ставот 2 од чл.37 од КЗ на СФРЈ, каде евидентно е забележана рестриктивност; „Рестриктивноста на оваа казна доаѓа до израз и кога станува збор за малолетничката популација, бремените женски лица, и младите полнолетници, извршители на кривични дела.“ (стр. 314) Така наречениот хуманистички пристап, во суштина е бирократска правна формулација, која ја користи, за да прикаже дека преку конкретните институти предвидени во кривичното процесно право на СФРЈ, овозможуваат и таа да се избегне. Како некои од нив, ги напоменува вонредните правни лекови, судењето во три степени, можноста за нејзина замена веднаш по нејзиното изрекување, со казна затвор во траење од дваесет години, можноста за помилување и слично; па дури откако тие услови ќе бидат исполнети, ако се утврди дека смртната казна, во меѓувреме не е укината или заменета со акт на амнестија, тогаш може да се пристапи кон нејзино извршување.
Токму овој став го става во одбрана, кога вели дека:„..постојат судски заблуди, кои се бележат во аналите на казнените политики во многу земји. Овие, и бројни други причини, служат како критика за оваа казна и за барање на нејзино укинување, кое е присутно во современата литература.(стр.314)“


Интересно, но овој негов став, во суштина е контрадикторен со самата судска пракса од тоа време, која е видно очигледна од статистичките податоци прикажани од Др.Арнаудовски и Чачева. Статистичките податоци од практиката покажуваат, судска практика, која не е сведена на гола бирократија при изрекување на оваа казна, туку примена и изрекување на санкција во корист на сторителот, отколку на негова штета, и тоа во случаи кога тоа било соодветно воочено. Оттаму и намалување на процентот на нејзиното извршување по однос на кривично дело, и по однос на поврат.

„Исчекување“


No comments:

Post a Comment