Lex est quod populus jubet atque constituit

Wednesday, September 26, 2018

Неуспехот на историјата и последниот Џедај - 1/4


...човечките битија ја чинат својата историја, но тие не ја прават ... под околности на нивен избор. ...
Карл Маркс


Пред да избрзаме со заклучокот дека паралелата помеѓу Фукујамистичкатапост-либерална апокалиптична разврска на историјата е евидентна и егземпларистички пресликана во Последниот Џедај на РајанЏонсон, најпрво да согледаме конкретни поенти околу содржината и структурата на истоимениот филм.

Ќе се обидеме да се осврнеме на клучниот проблем во филмот. Кога велиме „во филмот“ не мислиме овде на кинематографските аспекти, кои секако нам не ни се во фокус на интерес. Се мисли на конкретен проблем(и) кои самиот филм ги поставува во сопствената структурна форма, преку дилеми во ликовите, преку ликовите и содржината сама по себе. Според тоа, не ни е целта да го фукујамизираме делото, исто како што не ни е цел да дадеме крилја и ветер во грбот на Фукујама како мислител.

Дијалектиката, структурата и содржината кај овој филм ќе го даде одговорот на прашањето во насловот, и истовремено ќе даде осврт на резонантната сила што оваа тематика, како 30-годишен феномен, ги обликува и дава осврт на нашите животи и општества до ден денешен.

Започнуваме онаму каде што завршивме со текстот „За дискурсот во политичкото повторување“ – со разбивање на илузиите поврзани со повторувањето. Ако Епизода 7, ни говореше за проблемите со сеќавањето, митосот и повторувањето на овие политички дискурси, тогаш Епизода 8 брутално го расчистува теренот од таквите застарени емоции, кои длабоко оставиле трага во нашата соци-општествена свест.
Со други зборови, Епизода 7 е сконцентрирана на повторувањето на статус квото, додека Епизода 8 е дизајниран да ја поткопа и сруши философијата и практиката на очекувањата, како досаден и неуспешен рецидив.  

Низ призмата на наративот во оваа вселенска фантастична приказна, ќе се обидеме да ги согледаме два клучни настани т.е. појави во нашето општество, кои и тоа како имаат силно психолошко и општствено влијание врз свеста на поединците и заедницата, на ист начин на кој што режисерот Џонсон тоа успешно го отсликува.

Тие две појави се „Конечната спогодба со Р.Грција“ и практиката на „левичарењето“, односно дилемата „што навистина претставува прогресивна мисла во турбулентно и неизвесно време?“



***
Дел први - Неуспехот како движечка сила
Епизода 8 – Последниот Џедај, е филм за неминовното и суштественото во неуспехот.

Уште од самиот почеток на филмот, во првите неколку сцени, може да забележиме општ неуспех при целиот хаос настанат веднаш по крајот на епизода 7- Силата се буди. По уништувањето на базата Starkiller, Отпорот се регрупира во нивната база за да побегне од Првиот Ред. Во тоа не успева, па во нерамна борба нивната база е уништена, и скоро повеќе од половината од нивната флота.
За да биде неуспехот поголем, најголем дел од нивните најдобри пилоти погинуваат, веднаш после пировата победа против Првиот Ред, тие повторно се фатени, благодарение на хиперпогонски трагач.

Нема да навлегуваме овде во детали и ситничарски да ги пронаоѓаме сите т.н. „неуспеси“ на нашите херои, бидејќи ги има ѓаволски многу, туку ќе се обидеме да одговориме на неколку прашања.

Најпрво, што е тоа, што во овој филм е толку примамливо во неуспехот како таков?

Проблемот со ова прашање може да се одговори, ако нештата поврзани со „неуспехот“ се постават на рамниште на индивидуа. Зошто впрочем одредена индивидуа успева т.е. неуспева? Како мериме и осознаваме во што успеваме, односно не успеваме?
Како што рековме, уште во почетокот на Последниот Џедај, па се понатаму во филмот, брзо станува јасно дека овој филм не е заинтересиран за да не угости со едноставна делегирана фантазија за моќ и политика. Сите ликови, особено оние главните, се претставени како ранливи во нивната несовршености, така што секој од нив е претставен во нивен личен простор од прилично значајни карактерни маани и неадекватности. Тие маани и неадекватности се поврзани со нивните чинења, нечинења, посакувања и потреби.
Токму ова последното е одговорот на прашањето „за успехот – неуспехот“.


Тогаш, што која точно е разликата помеѓу чинење, односно, нечинење, т.е. посакување или потреба?

На пример, во кривичното право постои јасна дистинкција помеѓу она што претставува умисла и она што претставува небрежност (чл.13 и 14 од КЗ на РМ).
Со умисла е сторено кривично дело, ако сторителот бил свесен за делото што го причинил. Тој треба да го сака неговото извршување (да го посакува), да биде свесен дека поради неговото сторување или несторување може да настапи штетна последица и при тоа да се согласи истата да настапи. Небрежноста од друга страна пак е свесност за делото, за неговото сторување или несторување, дека постои можност од настанување на штетна последица, но индивидуата лекомислено смета дека може да делува да ја спречи, односно да не настапи, иако според околностите тој можел да постапи спротивно. Личноста, следствено на неговиот разум, би била должна и можела да биде свесна за таа можност – да спречи настапување на штетни последици.

Значи, умислата и небрежноста, не само од кривично-правен аспект, туку и онтолошки, е врзана со свеста, со рациото кое треба, условно речено, да пресуди помеѓу свесноста за чинењето, односно нечинењето, и несвесноста за последицата од евентуалното чинење, односно нечинење.

Во основа, личноста неговиот карактер, е еден експлозивен микс на конфронтирачките посакувања и потреби. При тој судир, таа е лишена од спознанието „што навистина посакува и што навистина и треба“.
Посакувањата се примарни, примордијални. На некој начин, тие се животинскиот инстинкт.
Од аспект на приказната на филмот, одреден лик најчесто ја започнува приказната кој неуморно ја брка својата желба/нагон. Тоа не значи дека тие со тоа го решаваат својот проблем во наративот на приказната, односно дека препознаваат што навистина им треба.  Според Џон Труби (Анатомијата на приказната), потребите на Херојот, се нешта кои тој/таа мора да ги оствари во себе самиот/самата со цел да има подобар живот.


Во Последниот Џедај, пилотот По Дамерон, бидејќи неговиот лик е најотворен, на пример, сака да победи во војната, без оглед на цената. Тој е несмасен и не ги согледува последиците од неговите чинења. Она што нему во суштина му треба е да постане одговорен лидер и да научи кога да се повлече од одредени акции пред истите да ги предизвика. 
Реј, на пример, од друга страна, е многу по покомплексна. Нејзиниот заплет има далеку покомплексни цели за остварување, како на пример да бара од Лук да и помогне, или да го натера Кајло Рен/Бен Соло да се преобрати. Но она што во суштина посакува и треба, на ниво на нејзиниот лик кој е во градење, е екстерна валидација. Таа сака да дознае дека нејзините родители се од некаква важност и дека се значајни луѓе, па следствено на тоа и таа е исто така.

На филмското платно, ликовите околу неа константно и велат дека таа не може да престане да ги бара родителите во се што ќе погледне, но во смисла на она што до сега го пишуваме овде во текстот, тоа во суштина е нејзиното посакување, желба односно нагон, а не нејзина вистинска потреба. Тоа е така бидејќи, во стуштина нештата кои што ги посакуваме, се нешта со кои што имаме проблем да им одолееме. Така, она што на Реј во суштина и треба, е да постане емотивно независна и сама да го издлаби својот идентитет како лик. 

Храбра фраерчина


Но стормтруперот бегалец, Фин, од трета страна, е лик чиј карактерски циклус е најмалку ценет. Интересно, но од аспект на пост-гледањето на филмот, голем дел од Фан базата на оваа франшиза најмногу очекуваше да ја започне приказната и истата да ја поведе. Видно од навистина големиот раздор меѓу оваа База на обожаватели на франшизата, сите очекуваа да започне како личноста која заврши во Епизода 7, па така и да започне во епизода 8, но во суштина тоа очекување се трансформираше дури на крајот од овој, за сега последен, 8-ми дел. Ова звучи по малку збунувачки, но во суштина тоа е така бидејќи Фин, дури и во епизода 7 е некомплетен како лик. Неговата желба да побегне од претходната афилијација, кај Првиот Ред, е само очекувана реакција само за Епизодата 7, па искушенијата на прашањето „а што потоа?“ останаа да лебдат.
Гледано од призма низ оригиналната трилогија на Војна на Ѕвездите, Фин и Хан Соло се комплетно различни карактерни особини – мудри и доблесни, но во своите први филмови тие имаат иста приказна. На ниту еден од нив, во нивните први филмови, не им е грижа за политиката во Галаксијата, туку се свртени само кон себе. Многу подоцна тие чинат некое несебично дело. Хан го спасува Лук, Фин, Реј итн.
На пример, на почетокот на Империјата го возвраќа ударот, Хан повеќе не е добар пријател, туку и лијален војник во борбата против Империјата. Па оттука и доаѓаат нашите очекувања, конкретно во Последниот Џедај, дека и Фин треба да се однесува на истиот начин. Но остроумноста на режисерот РајанЏонсон, се содржи во тоа дека пребеганиот стормтрупер Фин, сепак сеуште не го направил тој избор на припадност. Оттука, приказната на Фин, овде е негова емотивна и интелектуална радикализација во политичката битка во т.н. Отпор.

На крајот од „Силата се буди“, Фин делувал за да спаси пријател. Па така, на почетокот на овој 8-ми дел е негово посакување – да ја спаси Реј. Она што нему му треба, во суштина е да не биде загрижен само за својата безбедност – некаде да побегне што подалеку, туку за состојбата во Галаксијата во целина. Тој треба да постане Бунтовник. Така во суштина и Роуз Тико го ословува на почетокот од филмот. 

Коцкар


И најнакрај, Кајло Рен/Бен Соло.
Во овој филм овој лик го гледаме како прави одлуки кои ги екстернализирааат неговите внатрешни конфликти.

Појдовната точка на Кајло Рен/Бен Соло е воспоставена уште во самиот почеток на филмот. Сведоци сме како Сноук емотивно го манипулира, лишувајќи го од гладта да постане нов ДартВејдер, како и од емотивната турбуленција при убиството на неговиот татко – Хан Соло. Кајло се бори со внатрешниот конфликт, изгубен некаде помеѓу светлината и темницата, па ова е најеклакантно прикажано во овие два моменти. Најпрво, тука е примерот каде што тој има шанса да ја убие мајка си, Леа, која е лидер на Отпорот, но не се доведува во ситуација да го стори тоа. Втората ситуација е неговото емотивно патување преку конекција со Силата, помеѓу него и младата Реј. Во смисла пак на потребите и посакувањата пак на Реј, овој момент е одличен наратив за да се поврзат приказните помеѓу антагонистите и протагонистите во филмот – да има интеракција на начин каде што нема истата да биде чисто насилна. 
Најпрво, Кајло Рен, се обидува да и покаже на Реј дека тој е оној мрачен Сит кој посакува и се обидува да биде. Но тогаш се обидува да ја натера да го разбере, споделувајќи ја неговата верзија од приказната за предавството на Лук. За на крај, нивната емотивна врска да порасне посилна, тој е соочен со уште еден избор. Реј го повикува кон Светлината, и тој избира да посегне и да ја допре. Како одминува времето, на Кајло Рен му е пружена можност да ја прегрне Темнината, но постојано се колеба.

Така е и во климаксот меѓу Реј и Кајло Рен, пред да се сретнат со Сноук, каде Реј, и покрај негодувањата и укажувањата на Лук, па кога ќе отиде кај Кајло Рен, му кажува дека почувствувала конфликт во него. Ова ја започнува лавината од неуспеси кај обата ликови, за на крај нивното среќавање да заврши со кршење на легендарниот лајтсејбер на Лук т.е. Анакин Скајвокер.

Херој


Најпрво, дознаваме дека Реј не е единствената која ја согледала иднината, со што фрла сомнеж во она што очекуваме и посакуваме да го видиме. Потоа, Сноук открива дека тој бил оној што ги поврзал преку Силата, со надеж дека Реј ќе дојде кај него. Реј е во стапица. Потоа, Реј дејствува во очај, но очигледно не е рамна на Сноук. И на крај, овде, во сржта на неуспехот на овие наши два ликови, и во врвот на тензијата, Кајло Рен мора да го избере неговиот пат еднаш засекогаш. Па со кратко помрднување на прстите, ни е пружено подлабоко сфаќање на неговата вистинска природа. Така, двата карактери кои ја започнаа приказната како антагонисти, сега се протагонисти – сојузници.
Циклусот на Кајло Рен ја демонстрира емотивната моќ која што изборот може да ја има во ситуација кога одредена ситуација т.е. заплет континуирано ги втурнува ликовите/карактерите да се соочат со емотивна борба. Па така, штом го посведочил својот потенцијал за светлината, дотолку е запрепастувачки кога тој конечно ќе избере да постане негативец во приказната.

Прашањето е следно, дали од позиција на Кајло Рен, таквиот избор е разочарувачки или не, односно дали тоа е она што тој вистински го посакува т.е. она што пред неговите очи му треба?  

No comments:

Post a Comment